Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Со својот пример, родителите ги поучуваат децата да покажуваат љубов

СПРАВУВАЊЕ СО ПРОБЛЕМИТЕ

Да се стекнат исправни морални вредности

Да се стекнат исправни морални вредности

Група тинејџери биле обвинети дека извршиле сексуален напад врз друг тинејџер додека биле на училишна екскурзија. Сите учеле во истото угледно приватно училиште во Канада. Во врска со ова, новинарот Ленард Стерн го напишал следново во еден канадски весник: „Тоа што некој млад човек е интелигентен, образован и богат не е никаква гаранција дека нема да прави лоши работи“ (Ottawa Citizen).

Стерн додал: „Од родителите првенствено се очекува да им всадат морални вредности на своите деца. За жал, реалноста е дека на повеќето им е поважно децата да имаат високи оценки и да најдат добра работа за да бидат богати“.

Образованието навистина е многу важно. Сепак, дури и најдоброто световно образование не може да ни помогне да се бориме против погрешните желби и лошите особини. Тогаш, кое е тоа знаење што може да ни помогне да стекнеме исправни морални вредности?

ЗНАЕЊЕ ШТО НЀ ПРАВИ ПОДОБРИ ЛИЧНОСТИ

Библијата е како огледало. Кога ја читаме, уште појасно ги гледаме нашите ограничувања и слабости (Јаков 1:23-25). Но, освен што ни помага да се видиме, таа ни помага и да ги направиме потребните промени — да развиеме особини кои придонесуваат да живееме во мир и слога со другите. Некои од нив се добротата, љубезноста, стрпливоста, самосовладувањето и љубовта. Библијата вели дека љубовта совршено нѐ поврзува (Колошаните 3:14). Зошто оваа особина е посебна? Забележи што вели Библијата за неа.

  • „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е завидлива, не се фали, не се возвишува, не се однесува непристојно, не ја бара својата корист, не се раздразнува, не го памти злото. Не ѝ се радува на неправдата, а ѝ се радува на вистината. Сѐ поднесува... сѐ трпи. Љубовта никогаш не престанува“ (1. Коринќаните 13:4-8).

  • „Љубовта не му прави зло на ближниот“ (Римјаните 13:10).

  • „Пред сѐ, горливо сакајте се еден со друг, зашто љубовта покрива мноштво гревови“ (1. Петрово 4:8).

Како се чувствуваш кога си опкружен со луѓе што те сакаат? Сигурно се чувствуваш безбедно, спокојно и опуштено. Знаеш дека ти го мислат најдоброто и дека никогаш нема намерно да те повредат.

Љубовта исто така може да нѐ поттикне да правиме жртви, па дури и да го смениме начинот на живот ако тоа им користи на другите. На пример, кога станал дедо, еден човек кој ќе го наречеме Џорџ многу сакал да поминува време со своето внуче. Но, имало еден проблем. Џорџ бил тежок пушач, а зет му не сакал тој да пуши во близина на бебето. Што направил овој дедо? Иако пушел цели 50 години, се откажал од таа штетна навика заради своето внуче. Љубовта навистина има огромна моќ!

Библијата ни помага да развиеме многу убави особини, како што се добротата, љубезноста и особено љубовта

Љубовта е особина што се учи. Родителите имаат важна улога во овој поглед. Тие треба да ги научат своите деца како да покажуваат љубов. На кој начин го прават тоа? Така што ги хранат и ги штитат, и се грижат за нив кога ќе се разболат или ќе се повредат. Добрите родители разговараат со своите деца и ги поучуваат. Додека ги воспитуваат, тие им помагаат да сфатат што е исправно а што погрешно. Освен тоа, добрите родители ги поучуваат децата со својот пример.

За жал, некои родители не ги исполнуваат своите одговорности. Дали ова значи дека нивните деца никогаш нема да станат добри луѓе? Воопшто не! Дури и голем број постари лица, меѓу кои има и такви што растеле во проблематични семејства, успеале да направат огромни промени во животот, и да станат грижливи и одговорни личности. Во следната статија ќе видиме како дури и некои што другите ги сметале за безнадежен случај успеале да се сменат од корен.