Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТИЕ СЕ СПРАВИЛЕ СО СВОЈОТ ПРОБЛЕМ

Што им помогнало на Рикардо и Андрес

Што им помогнало на Рикардо и Андрес

Библијата има огромна моќ да им го смени животот на луѓето. Она што им се случило на Рикардо и на Андрес го потврдува ова.

РИКАРДО: Кога имав 15 години, станав член на една банда. Под влијание на моите нови пријатели, си поставив цел да одлежам 10 години затвор! Ова можеби звучи неразумно но, во моето место, луѓето им се восхитуваа на оние што биле в затвор. И јас сакав да ме ценат и да ме почитуваат.

Испробав сѐ што е поврзано со таквиот лош начин на живот — дрога, неморал и насилство. Една ноќ учествував во вооружена престрелка. Мислев дека ќе ме убијат, но се извлеков без гребнатинка. По таа случка, почнав да размислувам посериозно за тоа што ќе правам со животот, и решив да се променам. Но, како? Каде можев да најдам помош?

Повеќето мои роднини не можеа да кренат глава од проблеми и не беа среќни. Сепак, ова не беше случај со семејството на еден мој вујко. Знаев дека тие се добри луѓе и дека живеат според библиските начела. Всушност, од нив имав слушнато дека Бог се вика Јехова. Затоа, кратко по престрелката, му се помолив на Јехова. Му се обратив по име и го преколнував да ми помогне. Се запрепастив кога уште следниот ден еден Јеховин сведок ми тропна на врата! Тој почна да ја проучува Библијата со мене.

Наскоро се соочив со голем проблем. Моите поранешни пријатели често ми се јавуваа и ме викаа да излегувам со нив. Ги одбивав иако не ми беше лесно. Бев решен да продолжам да ја проучувам Библијата, и многу се радувам што го сторив тоа! Животот потполно ми се смени и сега сум вистински среќен.

Се сеќавам како еднаш во молитва му кажав на Бог дека порано сакав да одлежам 10 години затвор како член на банда за да ја стекнам почитта на другите. А потоа го замолив да ми овозможи да му служам полновремено најмалку 10 години, и така да им помагам на другите исто како што ми беше помогнато и мене. Бог ми одговори на таа молитва. Веќе 17 години поминувам голем дел од моето време поучувајќи ги луѓето за Библијата. И, никогаш не завршив в затвор!

Но, мнозина од моето старо друштво се на издржување на долгогодишни затворски казни. Некои веќе се мртви. Кога размислувам за минатото, многу сум им благодарен на моите роднини кои се Јеховини сведоци. Тие беа спремни да живеат според библиските мерила и да бидат поинакви од другите. Ги почитувам многу повеќе отколку што некогаш сум почитувал кој и да било член на бандата. Но, пред сѐ, благодарен сум му на Бог за тоа што ми го покажа најдобриот начин на живот.

АНДРЕС: Се родив и пораснав во една сиромашна населба каде што дрогата, изнудувањето пари, убиствата и проституцијата беа нераздвоен дел од секојдневието. Татко ми беше алкохоличар и зависник од кокаин. Тој и мајка ми нон-стоп се караа и се тепаа.

Уште како мал почнав да се опивам и да земам дрога. Најголем дел од времето бев на улица. Крадев, а потоа ги продавав украдените работи. Кога потпораснав, татко ми се обиде да се зближи со мене но, за жал, на погрешен начин. Ме подучи да шверцувам дрога и други забранети производи во земјата и потоа да ги препродавам. За кратко време спечалив многу пари. Но, еден ден ми дојде полиција на врата. Ме уапсија и подоцна бев осуден на пет години затвор поради обид за убиство.

Едно утро на затворскиот разглас беше прочитано известување со кое затворениците беа поканети на библиска дискусија која ја организираа Јеховините сведоци. Решив да појдам за да видам за што се работи. Бидејќи она што го слушнав ми беше логично, почнав да ја проучувам Библијата. Јеховините сведоци не ги разводнуваа библиските учења, туку јасно ми ги посочија високите Божји мерила.

Набрзо сфатив дека ќе ми треба помош за да ги направам потребните промени, особено кога некои од затворениците на кои не им се допаѓаше она што го правев почнаа да ми се закануваат. Затоа го молев Јехова да ми даде сила и мудрост, и тој ми помогна. Не само што не попуштив на нивните закани туку и собрав смелост да им сведочам на другите затвореници за Библијата.

Кога дојде време да бидам пуштен на слобода, толку се плашев како ќе се снајдам надвор што посакував да останам уште малку во затворот! Некои од затворениците ми мавтаа додека заминував. Неколкумина, кои се радуваа за мене, ми рекоа: „Ајде, учителче, оди си дома“.

Се плашам и да помислам каков ќе ми беше животот ако не му дозволев на Бог да ме поучи. Многу, многу сум му благодарен на Бог што ме сака и што не ме сметаше за безнадежен случај. *

^ Други примери што покажуваат колкава моќ има Библијата да им го смени животот на луѓето можеш да најдеш на jw.org/mk. Во делот БИБЛИОТЕКА, побарај ја рубриката „Библијата менува животи“.