Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ВЛАДА КОЈА ЌЕ ГИ РЕШИ ПРОБЛЕМИТЕ

„На мирот... ќе му нема крај“

„На мирот... ќе му нема крај“

Обединетите нации ги поттикнуваат сите луѓе да бидат „граѓани на светот“ така што меѓусебно ќе соработуваат, ќе ги почитуваат човековите права и ќе се трудат да ја зачуваат животната средина. Зошто? Затоа што, како што напишал Махер Насер во списанието UN Chronicle, „климатските промени, организираниот криминал, сѐ поголемиот јаз меѓу одредени групи луѓе, нерешените конфликти, масовното раселување, глобалниот тероризам, заразните болести и други слични закани влијаат врз сите луѓе и не знаат за граници“.

Други отишле дури и чекор подалеку со тоа што се залагале за создавање на една светска влада. Меѓу нив бил италијанскиот филозоф, поет и државник Данте Алигиери (1265-1321), како и физичарот Алберт Ајнштајн (1879-1955). Данте сметал дека не може да има траен мир во свет во кој постојат политички поделби. Цитирајќи го Исус Христос, тој рекол: „Секое царство кое во себе е разделено, ќе пропадне“ (Лука 11:17).

Кратко по Втората светска војна, во која беа фрлени две атомски бомби, Алберт Ајнштајн напишал отворено писмо до Генералното собрание на ОН. Тој рекол: „Обединетите нации мораат во најбрз можен рок да ги овозможат потребните услови за меѓународна безбедност така што ќе ги положат темелите за една вистинска светска влада“.

Дали можеме да бидеме сигурни дека меѓу политичарите кои би биле дел од една таква моќна влада никогаш нема да има такви што ќе бидат корумпирани, неспособни и што ќе го угнетуваат народот? Од каде знаеме дека нема да развијат такви лоши особини како што било случај и со многумина досега? Овие прашања нѐ потсетуваат на зборовите на лорд Актон, кој рекол: „Власта расипува, а апсолутната власт апсолутно расипува“.

Сепак, факт е дека луѓето мора да бидат обединети ако сакаат да живеат во мир и слога. Но, како може да се оствари таа цел? Дали воопшто може да се постигне такво нешто? Библијата дава потврден одговор. Таа цел може да се оствари и ќе биде остварена. Но, сигурно нема да ја постигне некоја светска влада која ќе се состои од корумпирани политичари. Напротив, тоа ќе го направи една влада чиј основач е Бог. Всушност, преку неа, тој ќе завладее со сите свои созданија бидејќи има апсолутно право на тоа. За каква влада станува збор? Библијата ја нарекува „Божјето царство“ (Лука 4:43).

„ДА ДОЈДЕ ЦАРСТВОТО ТВОЕ“

Исус Христос го имал Божјето Царство на ум кога во молитвата Оченаш рекол: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја... на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Божјето Царство ќе се погрижи на Земјата да се врши Божјата волја, а не волјата на себични луѓе кои се алчни за власт.

Ова Царство е наречено и небесно Царство (Матеј 5:3). Зошто? Иако ќе владее над Земјата, тоа нема да владее од Земјата, туку од небото. Размисли што значи ова. Таа влада нема да бара и нема да има потреба од никаква материјална или финансиска поддршка. Тоа ќе биде вистинско олеснување за сите нејзини поданици на Земјата!

Самиот назив, Божје Царство, покажува дека станува збор за влада која има Цар. Тој Цар е Исус Христос, кој ја добил својата власт од Бог. Во врска со Исус, Библијата вели:

  • „Власта му е на рамото... Неговата власт ќе се шири надалеку и не ќе има крај на мирот“ (Исаија 9:6, 7, Превод на д-р Д. Х. Константинов).

  • „Нему му беа предадени власта, честа и царството за да му служат сите народи, племиња и јазици. Неговата власт... никогаш нема да помине“ (Даниел 7:14).

  • „Царската власт над светот сега му припаѓа на нашиот Господар [Бог] и на неговиот Христос“ (Откровение 11:15).

Во склад со она што го кажал Исус во молитвата Оченаш, Божјето Царство во потполност ќе ја изврши Божјата волја на Земјата. Под власта на ова Царство, сите луѓе ќе научат како да се грижат за планетата, која ќе биде обновена и ќе врие од живот.

Што е најважно од сѐ, кога ќе владее Божјето Царство, сите негови поданици ќе бидат поучени за исти мерила. Тие ќе живеат сложно, и меѓу нив нема да има никакви поделби. Во Исаија 11:9 пишува: „Повеќе нема да се прави зло и нема да се пустоши... зашто земјата ќе биде полна со знаење за Јехова, како што морето е полно со вода“.

Жителите на Земјата ќе станат вистински мирољубиви „граѓани на светот“ — токму она што Обединетите нации се обидуваат да го постигнат денес. Во Псалм 37:11 се вели: „[Тие] ќе уживаат во изобилен мир“. Со текот на времето, зборовите „криминал“, „загадување“, „сиромаштија“ и „војна“ ќе потонат во заборав. Но, кога ќе се случи тоа? Кога и како Божјето Царство ќе завладее над целата Земја? И што може да значи тоа за тебе лично? Одговорот ќе го добиеме во следната статија.