Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРОБЛЕМИ

Закани за нашата безбедност

Закани за нашата безбедност

„Оваа генерација располага со врвни технолошки, научни и финансиски ресурси... За жал, тоа веројатно е и првата генерација што го довела светот до работ на [политичка, економска и еколошка] катастрофа“ (Глобален извештај за ризици за 2018 год., Светски економски форум).

ЗОШТО МНОГУ ЛУЃЕ КОИ ЈА СЛЕДАТ СОСТОЈБАТА ВО СВЕТОТ СЕ ЗАГРИЖЕНИ ЗА ИДНИНАТА НА ЧОВЕШТВОТО И НА ЗЕМЈАТА? ДА РАЗГЛЕДАМЕ САМО НЕКОИ ОД ПРОБЛЕМИТЕ СО КОИ СЕ СООЧУВАМЕ.

  • КОМПЈУТЕРСКИ КРИМИНАЛ: Според еден австралиски весник, Интернетот станува сѐ поопасно место. Тој е рај за педофили, за луѓе што сакаат да ги малтретираат и провоцираат другите и за хакери што крадат или уништуваат информации. „Кражбата на идентитетот е еден од најбрзо растечките видови криминал во светот... Интернетот им дава можност на луѓето да покажат некои од своите најлоши особини, како што се злобата и немилосрдноста“ (The Australian).

  • ФИНАНСИСКА НЕЕДНАКВОСТ: Според еден неодамнешен извештај на британската невладина организација „Оксфам“, осумте најбогати луѓе во светот поседуваат богатство чија вредност е еднаква на вкупниот имот што го поседува посиромашната половина од светското население. Во овој извештај стои: „Поради неправедната економска распределба, богатството се слева во рацете на богатата елита на сметка на најсиромашните во општеството, од кои повеќето се жени“. Некои стравуваат дека сѐ поголемата нееднаквост може да предизвика социјални немири.

  • ВОЈНИ И ПРОГОН: Во еден извештај за 2018 год. на Агенцијата за бегалци на ОН се вели: „Никогаш порано немало толку многу раселени лица“. Повеќе од 68 милиони луѓе морале да ги остават своите домови, главно поради војни или прогон. „Речиси на секои две секунди, едно лице е принудено да го напушти својот дом“, стои во овој извештај.

  • ЗАГАДУВАЊЕ НА ОКОЛИНАТА: Во Глобалниот извештај за ризици за 2018 год. пишува: „Сѐ повеќе видови растенија и животни се на работ на масовно истребување, а загадувањето на воздухот и на морињата претставува сѐ поголема закана за здравјето на луѓето“. Освен тоа, во многу земји има драстичен пад на бројот на инсектите. Бидејќи тие ги опрашуваат растенијата, научниците предупредуваат дека на Земјата ѝ се заканува „еколошки Армагедон“. И коралите се во опасност од изумирање. Научниците сметаат дека во последните 30 години изумреле околу половина од коралните гребени во светот.

Дали можеме да ги направиме потребните промени за нашиот свет да стане побезбедно и посигурно место за живеење? Некои сметаат дека тоа би било возможно ако бидеме поинформирани, односно ако стекнеме поголемо знаење. Но, кое е тоа знаење што може навистина да го промени начинот на кој луѓето размислуваат и постапуваат? Овие прашања ќе бидат разгледани во следната статија.