Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

КАКО ДА СЕ СПРАВИШ СО СТРЕСОТ

Што е стрес?

Што е стрес?

Стрес е реакција на телото на некоја тешка ситуација. Мозокот предизвикува да се лачи голема количина хормони кои стигнуваат до сите делови од телото. Поради тоа, срцето почнува забрзано да чука, се зголемува крвниот притисок, се забрзува дишењето и мускулите се напнуваат. Пред да станеш свесен што ти се случува, твоето тело е спремно за акција. Кога стресната ситуација ќе помине, телото повеќе не е во „фаза на аларм“ и се враќа во нормала.

ДОБАР И ЛОШ СТРЕС

Стресот е природна реакција на телото која ти помага да се подготвиш за тешки или опасни ситуации. Оваа реакција почнува во мозокот. Добриот стрес ти помага брзо да реагираш. Одредена количина стрес може и да ти помогне да си ги оствариш целите или да постигнеш подобар успех, можеби на некој тест, на интервју за вработување или на некој спортски настан.

Но, преголемиот, долготрајниот или хроничниот стрес може да ти наштети. Кога твоето тело е често или постојано во „фаза на аларм“, тоа може лошо да влијае врз твојата физичка, емоционална и ментална состојба. Може да се смени и твоето однесување, во што спаѓа и начинот на кој постапуваш со другите. Исто така, хроничниот стрес може да води до зависност од разни супстанции, како и до други нездрави навики. Тој може да води дури и до депресија, синдром на прегорување и самоубиствени мисли.

Стресот не влијае врз сите на ист начин. Сепак, тој може да предизвика голем број болести и да влијае врз речиси секој дел од телото.