Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ИНТЕРВЈУ | ЈАН-ДЕ ХСУ

Ембриолог зборува за својата вера

Ембриолог зборува за својата вера

ПРОФЕСОР д-р Јан-Де Хсу работи на Државниот универзитет за наука и технологија во покраината Пингтунг (Тајван) и е директор на одделот за ембриологија. Порано верувал во еволуција, но неговите истражувања го довеле до поинаков заклучок. Тој за Разбудете се! објасни како дошло до тоа.

Кажете ни нешто за Вашето минато.

Роден сум во 1966 год. и пораснав во Тајван. Религијата на моите родители беше нешто помеѓу таоизам и будизам. Ги обожававме предците и се молевме пред кипови, но не верувавме дека постои некој што создал сѐ.

Зошто студиравте биологија?

Уште како дете многу се грижев за домашните миленичиња, и сакав да научам како да им помагам и на животните и на луѓето што страдаат. Извесен период студирав ветеринарна медицина, а потоа почнав да студирам ембриологија затоа што сметав дека таа гранка на биологијата ќе ми помогне да дознаам повеќе за потеклото на животот.

Порано верувавте во еволуција. Ќе ни кажете зошто?

На факултет, професорите тврдеа дека доказите укажуваат на еволуција. Јас им верував.

Зошто почнавте да ја читате Библијата?

Од две причини. Како прво, сметав дека од толку многу богови што луѓето ги обожаваат, некој мора да е најголем. Се прашував кој е тој бог. Како второ, знаев дека Библијата е ценета книга. Затоа сакав да научам нешто повеќе за неа.

Кога почнав да студирам на Католичкиот универзитет во Лувен (Белгија) во 1992 год., отидов во една католичка црква и го замолив свештеникот да ми помогне да ја разберам Библијата, но тој ме одби.

Тогаш, како дојдовте до одговорот на своите прашања?

Две години потоа, додека сѐ уште бев во Белгија и вршев некои научни истражувања, запознав една госпоѓа од Полска по име Рут, која беше Јеховин сведок. Таа научила кинески јазик за да им помага на студентите што сакаа да дознаат повеќе за Бог. Бидејќи претходно се молев за тоа, ми беше многу драго што ја сретнав.

Рут ми покажа дека Библијата не е научна книга, но сепак е во склад со науката. На пример, библискиот писател Давид во молитва му рекол на Бог: „Твоите очи ме видоа додека бев зародок, во твојата книга сите негови делови беа запишани — и деновите кога настануваа — кога уште немаше ниту еден“ (Псалм 139:16). Давид се изразил со поетски зборови, но она што го кажал, во суштина, е точно! Уште пред да почнат да се оформуваат деловите на телото, веќе постојат упатства за нивниот развој. Точноста на Библијата ми помогна да се уверам дека таа е книга од Бог. Со текот на времето, сфатив и дека постои само еден вистински Бог, кој се вика Јехова. 1

Што Ве увери дека Бог го создал животот?

Целта на научните истражувања е да дојдат до вистината, а не да потврдат однапред создадени мислења. Моите истражувања околу развојот на ембрионот водеа до тоа да си го сменам гледиштето, односно да сфатам дека животот е создаден. На пример, инженерите прават производни ленти на кои различни делови од нешто се вклопуваат по точно одреден редослед и на точно одреден начин. Развојот на ембрионите функционира на сличен начин, но далеку посложено.

И сѐ започнува од само една оплодена клетка?

Да. Таа микроскопска клетка потоа се дели на две, со што започнува процесот на клеточна делба. Во почетокот, бројот на клетките се удвојува на секои 12 до 24 часа. Во раните фази на процесот се формираат матични клетки. 2 Од матичните клетки може да се создадат околу 200 видови клетки потребни за да се оформи едно бебе, како што се крвните, коскените, нервните и другите видови клетки.

Моите истражувања околу развојот на ембрионот ми помогнаа да сфатам дека животот е создаден

Секоја клетка мора да се создаде по точно одреден редослед и на точно определено место. Најпрво клетките се групираат во ткива, а потоа од ткивата се создаваат органите и екстремитетите. Еден инженер не би можел ни да помисли да напише упатства за еден таков процес! Сепак, упатствата за развојот на ембрионот се запишани во нашата ДНК на извонреден начин. Тоа е толку прекрасно што сум уверен дека животот е дело на Бог.

Зошто станавте Јеховин сведок?

Најкратко кажано, поради љубовта. Исус Христос рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:35). Во таквата љубов нема место за пристрасност. Врз неа не влијаат националноста, културата или бојата на кожата. Помеѓу Јеховините сведоци видов и почувствував токму таква љубов.

^ 2. Поради својата христијанска совест, проф. д-р Јан-Де Хсу не работи со човечки ембрионални матични клетки.