ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ШТО СЕ КРИЕ ЗАД НАТПРИРОДНОТО?
Љубопитност за натприродното
„Вампири, врколаци и зомбија — вашето време заврши. Сега се на ред истерувањето духови и опседнатоста од демони“ (Волстрит Џурнал).
МЛАДИ и стари волшебници, заводливи вештерки и привлечни вампири — тоа се само некои од натприродните ликови со кои се преполни денешните книги, филмови и видеоигри. Зошто се толку популарни? *
„Во последните неколку децении, драстично се зголеми бројот на луѓе што веруваат во духови — од секој десетти на секој трети Американец“, пишува професорот по социологија Клод Фишер. „Се смета дека бројот на млади Американци кои контактирале со гатач и кои веруваат во духови и во куќи опседнати со духови е двојно поголем во однос на постарите Американци.“
Воопшто не е за изненадување тоа што повторно стануваат популарни приказните за лоши духови кои опседнуваат луѓе. „Благодарение на приказните за зомбија, врколаци и вампири кои беа актуелни изминатата деценија, приказните за луѓе опседнати од демони денес повторно заживеаја“, напишал Мајкл Калиа во Волстрит Џурнал.
Според еден извештај, „во духови веруваат 25-50 отсто од луѓето низ целиот свет. Освен тоа, духовите се многу застапени во литературните дела на повеќето култури“. А според едно истражување спроведено во САД од страна на професорите по социологија Кристофер Бејдер и Карсон Менкен, „неверојатни 70-80 отсто од Американците цврсто веруваат во постоењето на барем еден вид натприродни појави“.
Дали интересот за спиритизам и натприродни сили е само обична, безопасна забава?
^ пас. 4 Според еден речник, „натприродно“ е она што „не може да се објасни на природен начин, што е надвор од природните закони“ (Дигитален речник на македонскиот јазик).