Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ БИБЛИЈАТА НАВИСТИНА Е ОД БОГ?

Библијата — точна во секој поглед

Библијата — точна во секој поглед

Научно точна

ИАКО Библијата не е научна книга, она што го кажува за природниот свет е сосема точно. Да видиме некои примери од метеорологијата и генетиката.

МЕТЕОРОЛОГИЈА — СОЗДАВАЊЕТО НА ДОЖДОТ

МЕТЕОРОЛОГИЈА

Библијата вели: „[Бог] ги црпи капките вода во висините, па тие се цедат одозгора како дожд и како негова магла, и тогаш облаците капат, се излеваат“ (Јов 36:27, 28).

На овој начин, во Библијата се опишани трите главни фази на кружниот тек на водата. Бог, кој е извор на сончевата енергија, „ги црпи капките вода во висините“ преку 1) испарување. Потоа, преку 2) кондензација, водената пареа формира облаци од кои настануваат 3) врнежи. Дури и денес, метеоролозите не ги разбираат во потполност сите детали поврзани со дождот. Во Библијата е запишано едно интересно, реторичко прашање: „Кој може да ги разбере посланите облаци?“ (Јов 36:29). Сепак, Творецот добро знае како се одвива дождовниот циклус и се погрижил писателот точно да го запише ова во Библијата, и тоа долго време пред луѓето да можат научно да го објаснат овој процес.

ГЕНЕТИКА — РАЗВОЈОТ НА ЧОВЕЧКИОТ ЕМБРИОН

ГЕНЕТИКА

Цар Давид, еден од писателите на Библијата, му рекол на Бог: „Твоите очи ме видоа додека бев зародок, во твојата книга сите негови делови беа запишани“ (Псалм 139:16). Во поетски стил, Давид зборувал за тоа дека ембрионот се развива според упатствата што веќе биле запишани во „книга“, односно според веќе утврден план. Кога Давид го запишал ова? Пред околу 3.000 години!

Основните принципи на генетиката биле откриени дури во средината на 19 век од страна на австрискиот ботаничар Грегор Мендел. А дури во април 2003 год. истражувачите завршиле со секвенционирање на човечкиот геном, кој ги содржи сите генетски информации потребни за развојот на едно човечко тело. Информациите во нашите гени се прецизно подредени, слично на еден речник во кој зборовите се подредени по азбучен ред. На темел на овие информации, различните делови на ембрионот — како што се мозокот, срцето, белите дробови и екстремитетите — се развиваат по прецизен редослед и во вистинско време. Сосема е на место тоа што многу научници го нарекуваат геномот „книга на животот“. Како можел библискиот писател Давид да се изрази толку точно? Тој понизно рекол: „Јеховиниот дух зборуваше преку мене, Божјата реч беше на мојот јазик“ * (2. Самоилова 23:2).

Точно ја предвидува иднината

НАВИСТИНА е тешко, дури и невозможно, некој однапред да одреди кога, како и до која мера едно царство или еден град ќе доживее пад или подем. Сепак, во Библијата биле запишани детални пророштва во врска со уништувањето на моќни царства и градови. Да разгледаме само два примера.

ПАДОТ И УНИШТУВАЊЕТО НА ВАВИЛОН

Древниот град Вавилон бил средиште на една моќна империја која со векови имала силно влијание во западна Азија. Во еден период од историјата, Вавилон бил најголемиот град во светот. И покрај тоа, околу 200 години однапред, Бог го водел библискиот писател Исаија да прорече дека еден освојувач по име Кир ќе го порази Вавилон, и овој град засекогаш ќе остане ненаселен (Исаија 13:17-20; 44:27, 28; 45:1, 2). Дали тоа навистина се случило?

ИСТОРИЈА

Една вечер во октомври 539 год. пр.н.е., Кир Велики го освоил Вавилон. Со текот на времето, каналите кои служеле за наводнување на плодната почва околу градот се затнале поради немарноста на луѓето. Се вели дека до 200 год. од н.е. овој град бил потполно напуштен. А денес, од Вавилон се останати само куп урнатини. Токму како што било проречено во Библијата, Вавилон бил потполно запустен (Еремија 50:13).

Како можел библискиот писател да знае што ќе се случи во иднина? Библијата вели: „Објава против Вавилон, која ја виде во видение Исаија, синот на Амос“ (Исаија 13:1). Значи, Бог му открил што ќе се случи со Вавилон.

ГРАДОТ НИНЕВИЈА — „БЕЗВОДЕН КАКО ПУСТИНА“

Ниневија, главниот град на Асирското царство, бил вистинско архитектонско чудо. Во него се простирале широки улици, јавни градини, храмови и огромни палати. Сепак, пророкот Софонија претскажал дека овој величествен град ќе се „претвори во пустош“ и ќе стане „безводен како пустина“ (Софонија 2:13-15).

Во седмиот век пр.н.е., Вавилонците и Медијците ја нападнале Ниневија и потполно ја уништиле. Според еден извор, овој поразен град „бил во заборав цели 2.500 години“. Едно време, луѓето се сомневале дали градот Ниневија воопшто некогаш постоел. Дури во средината на 19 век археолозите ги пронашле урнатините од овој град. Денес, и она малку што е останато од Ниневија се распаѓа и е мета на вандализам. Од таа причина, Фондот за светско наследство предупредува: „Остатоците од древниот град Ниневија повторно може да исчезнат“.

Како можел Софонија однапред да знае што ќе се случи со Ниневија? Тој рекол дека му дошла „Јеховината реч“ (Софонија 1:1).

Библијата дава одговор на најважните прашања

БИБЛИЈАТА дава одговор на најважните прашања во врска со животот. Да разгледаме неколку примери.

ЗОШТО ИМА ТОЛКУ ЗЛО И СТРАДАЊА ВО СВЕТОТ?

Библијата често ги спомнува злото и страдањата. Еве што вели таа во врска со нив:

  1. „Човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9).

    Неспособните и расипани владетели му нанеле неописливо страдање на народот.

  2. „Времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого“ (Проповедник 9:11).

    Непредвидените настани, како што се тешките болести, несреќите и природните катастрофи, може да го погодат секого, на секое место и во секое време.

  3. „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта“ (Римјаните 5:12).

    Во почетокот, кога биле создадени првите луѓе, не постоеле несовршеност и смрт. Гревот влегол во светот кога тие намерно не го послушале својот Творец.

Освен што објаснува зошто луѓето страдаат, Библијата ветува дека Бог ќе го отстрани сето зло и „ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:3, 4).

ШТО СЕ СЛУЧУВА КОГА ЧОВЕК ЌЕ УМРЕ?

Библијата објаснува дека мртвите не се свесни за ништо и дека се потполно неактивни. Во Проповедник 9:5 пишува: „Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо“. Кога човек ќе умре, „пропаѓаат неговите мисли“ (Псалм 146:4). При смртта потполно престанува активноста на мозокот, како и функцијата на сите сетилни органи. Според тоа, кога некој ќе умре, не може ниту да чувствува, ниту да размислува, ниту да прави што и да е друго.

Меѓутоа, во Библијата не се зборува само за состојбата на мртвите. Во неа е дадено ветување дека тие повторно ќе станат така што ќе воскреснат (Осија 13:14; Јован 11:11-14).

КОЈА Е СМИСЛАТА НА ЖИВОТОТ?

Според Библијата, првите маж и жена ги создал Јехова Бог (1. Мојсеева 1:27). Затоа првиот човек, Адам, е наречен „син на Бог“ (Лука 3:38). Луѓето биле создадени со одредена цел — да изградат пријателство со својот небесен Татко и да имаат среќен и исполнет живот вечно на Земјата. Поради тоа, секој човек има духовни потреби, односно природна желба да учи за Бог. Во Библијата пишува: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3).

Библијата исто така вели: „Среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (Лука 11:28). Освен што ни помага да дознаеме нешто повеќе за Бог, Библијата ни помага да бидеме среќни и ни дава надеж за подобра иднина.

Запознај го авторот на Библијата

ОТКАКО ги разгледале доказите, милиони луѓе од целиот свет дошле до заклучок дека Библијата не е само едно историско книжевно дело. Тие се увериле дека таа е Божја Реч, односно дека во неа се наоѓа пораката од Бог за луѓето. Од Библијата можеш да видиш дека Бог сака да го запознаеш и да станеш негов пријател. Таа ветува: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8).

Ако ја истражуваш Библијата, ќе откриеш нешто многу вредно. Што е тоа? Па, исто како што читањето на една книга ти помага да сфатиш како размислува нејзиниот автор, така и читањето на Библијата ќе ти помогне да дознаеш како размислува и како се чувствува нејзиниот автор, Бог. Замисли, можеш да дознаеш какви чувства има Творецот на сѐ што постои! Освен тоа, од Библијата можеш да дознаеш:

Сакаш ли да дознаеш нешто повеќе? Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат во тоа. Можеш бесплатно да ја проучуваш Библијата со нив. Така ќе станеш поблизок со самиот автор на Библијата, Јехова Бог.

Во овие статии видовме само неколку докази дека Библијата е книга од Бог. Нешто повеќе можеш да прочиташ во поглавје 2 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци. Можеш да ја најдеш на www.pr418.com/mk.

Можеш и да го гледаш видеоклипот Кој е Автор на Библијата?, достапен на www.pr418.com/mk.

Оди на ИЗДАНИЈА > ВИДЕОТЕКА

^ пас. 10 Во Библијата, за Бог се користи и неговото лично име, Јехова или Јахве (Осија 12:5).