Прошири го кругот на пријатели
Коренот на проблемот
Ако ги избегнуваме луѓето од групите за кои имаме негативно мислење, нашите предрасуди само уште повеќе ќе се продлабочат. А ако се дружиме само со луѓе кои се како нас, тогаш може да почнеме да си мислиме дека начинот на кој ние размислуваме и се однесуваме, и нашите ставови се најдобри.
Библиско начело
„Широко отворете ги своите срца“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 6:13).
Што учиме од ова? Кога зборуваме за нашето срце, честопати мислиме на нашите чувства. Ако ни се мили само луѓето што се слични на нас, во нашето срце ќе нема место за другите. За да не дојде до тоа, мора свесно да се трудиме да се спријателуваме со оние што се поинакви од нас.
Како ќе ни помогне тоа што ќе го прошириме кругот на пријатели
Кога ќе ги запознаеме другите подобро, ќе ни стане појасно зошто ги прават работите поинаку од нас. И тогаш не се концентрираме на разликите, туку стануваме поблиски со нив. Почнуваме повеќе да ги цениме и да имаме поголемо разбирање за нив.
Да го разгледаме примерот на Назаре која порано имала предрасуди кон мигрантите. Таа објаснува што ѝ помогнало: „Кога почнав да се дружам и да работам со нив, видов дека нема ни трошка вистина во она што другите го кажуваа за нив. Кога ќе се спријателиш со луѓе од поинаква култура, сфаќаш дека не можеш да ги ставиш сите во ист кош. Почнуваш да ги гледаш како поединци и да ги сакаш и да ги цениш како поединци“.
Што можеш да направиш
Барај прилики да поразговараш со луѓе кои се од друга земја, од друга етничка група или луѓе кои зборуваат друг јазик. Што би можел да направиш? Еве неколку предлози:
-
Замоли ги да ти раскажат нешто за себе.
-
Покани ги да јадете заедно.
-
Слушај додека ти раскажуваат за нив и дознај кои работи им се важни во животот.
Ако се потрудиш да разбереш низ што сѐ поминале и како тоа ги обликувало како личности, можеби ќе почнеш да гледаш позитивно и на другите што припаѓаат на таа група.