Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | МЛАДИ

Како да ги поднесеш промените

Како да ги поднесеш промените

ПРЕДИЗВИК

  • Поради работата на татко ти ќе мора да живеете на друго место.

  • Твојот најдобар пријател ќе се отсели во друга земја.

  • Твојата постара сестра ќе си замине од дома бидејќи ќе се мажи.

Како би реагирал ти на ваквите промени?

Едно дрво што може да се витка кога има ветер веројатно ќе ја издржи бурата. Слично на тоа, и ти можеш да научиш да се приспособуваш на промените врз кои немаш влијание. Пред да кажеме како би можел да го сториш тоа, да видиме што треба да знаеш во врска со промените.

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Промените се неизбежни. Библијата кажува еден факт: „Непредвидените настани го снаоѓаат секого“ (Проповедник 9:11). Порано или подоцна, и ти ќе мора да се соочиш со овој факт. Се разбира, она што ни се случува неочекувано не е секогаш лошо. Освен тоа, некои промени што во почетокот ни изгледаат лоши на крај може да бидат за наше добро. Сепак, повеќето луѓе се навикнати на одредена рутина, па затоа тешко ги доживуваат промените — било добри било лоши.

Промените може да бидат особено стресни за тинејџерите. Зошто? Алекс * објаснува: „Бидејќи веќе доживуваш внатрешни промени, надворешните промени само го зголемуваат стресот“.

Еве уште една причина: Кога возрасните ќе се соочат со некоја промена, тие можат да го искористат своето животно искуство и да се сетат како се снашле во слична ситуација порано. Но, помладите немаат такво животно искуство.

Можеш да научиш да се приспособуваш на промените. Ако си приспособлив, полесно ќе се подигнеш после некој пад и полесно ќе се навикнеш на промената. Оној што е приспособлив не само што ќе издржи во новите околности туку и ќе пронајде нова можност во она што навидум изгледа како препрека. Кај тинејџерите што се приспособливи, помали се шансите да почнат да употребуваат дрога или алкохол кога се под притисок.

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Прифати ја реалноста. Без сомнение, би сакал да имаш целосна контрола врз твојот живот, но тоа не е можно. Пријателите ќе се селат и ќе стапуваат во брак, твоите браќа и сестри ќе пораснат и ќе си отидат од дома, а твоето семејство можеби ќе мора да се пресели и ќе се разделиш од пријателите и од сѐ што ти е познато. Наместо да дозволиш да те обземат негативни чувства, прифати ја реалноста. (Библиско начело: Проповедник 7:10.)

Гледај напред. Постојано да мислиш на минатото е исто како да возиш автомобил гледајќи само во ретровизорот. Добро е да погледнуваш во него одвреме-навреме, но најмногу треба да гледаш напред, во патот. Истото важи и кога минуваш низ промени. Обиди се да гледаш напред, кон иднината (Изреки 4:25). На пример, која цел би можел да си ја поставиш за следниот месец, или за следните шест месеци?

Концентрирај се на позитивните работи. „Колку ќе успееш да се приспособиш најмногу зависи од твојот став“, вели една девојка по име Лора. „Најди го позитивното во новите околности.“ Можеш ли да најдеш барем една предност што е резултат на промената? (Библиско начело: Проповедник 6:9.)

Една девојка по име Викторија вели дека, додека била тинејџерка, сите нејзини блиски пријатели се отселиле. „Се чувствував толку осамено. Посакував сѐ да си беше како порано“, вели таа. „Ама кога ќе се вратам на тоа време гледам дека промената, всушност, ми помогнала да созреам. Сфаќам дека, за да пораснеш, мора да поминеш низ промени. Тие ми отворија врата за нови пријателства.“ (Библиско начело: Изреки 27:10.)

Постојано да мислиш на минатото е исто како да возиш автомобил гледајќи само во ретровизорот

Прави нешто за другите. Библијата вели: „Не грижете се само за себе туку и за другите“ (Филипјаните 2:4). Добар противудар во борбата со твојот предизвик е да им помагаш на другите да се справат со нивните предизвици. Ана (17) вели: „Како што растев, почнав да сфаќам дека секогаш кога ќе помогнев некому што минуваше низ слична ситуација — или низ полоша — се чувствував многу исполнето!“

^ пас. 11 Некои имиња во оваа статија се сменети.