Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА

Аристотел

Аристотел

АРИСТОТЕЛ, кој живеел пред повеќе од 2.300 години, дал значаен придонес на полето на науката и филозофијата. Неговите идеи, литературни дела и откритија со години го задржале интересот на луѓето и биле нашироко преведувани и проучувани. Џејмс Меклаклан, професор по историја, напишал дека „гледиштата на Аристотел во врска со природата силно влијаеле врз мислењето на Европејците во период од речиси 2.000 години“. Некои гледишта на Аристотел извршиле влијание дури и врз учењата на католиците, протестантите и на муслиманите.

Човек со широк спектар на интереси

Аристотел пишувал за уметноста, астрономијата, биологијата, етиката, јазикот, правото, логиката, магнетизмот, метафизиката, движењето, задоволството, поезијата, политиката, филозофијата и ораторството, како и за душата, за која сметал дека е смртна. Сепак, најмногу се истакнал преку неговите дела на полето на биологијата и логиката.

За да го објаснат светот што нѐ опкружува, древните грчки филозофи се потпирале на својата способност за набљудување, изведување заклучоци и логика. Тие биле уверени дека, ако внимателно размислуваат за нешто за кое сметаат дека е очигледна вистина, на крајот ќе дојдат до точни заклучоци.

Водени од таа филозофија, тие навистина донеле некои точни заклучоци како, на пример, дека во вселената постои утврден ред. Но, моќта на набљудување се сведува само на сетилата, и тоа ограничување однело во погрешен правец многу брилијантни умови, меѓу кои и Аристотел. На пример, во тоа време се сметало за непобитна вистина дека планетите и ѕвездите кружат околу Земјата. Во една книга пишува: „Се чинело дека и разумот и искуството можат да го потврдат грчкото гледиште дека Земјата е центар на вселената“ (The Closing of the Western Mind).

Тој погрешен заклучок немало да остави големи последици доколку се задржал само во научните кругови. За жал, бил прифатен од католичката црква, и тоа како апсолутна вистина.

Католицизмот и идеите на Аристотел

Во средновековна „христијанска“ Европа, некои учења на Аристотел добиле статус на догма, односно општоприфатена вистина. Римокатоличките теолози, а особено Тома Аквински (околу 1224-1274 год. од н.е.), ги припоиле идеите на Аристотел кон учењата на Црквата. На пример, заклучокот на Аристотел дека Земјата лежи неподвижно во центарот на вселената станал католичка догма. Ова учење го присвоиле и протестантските водачи како, на пример, Калвин и Лутер, кои тврделе дека е библиско. (Види ја рамката „ Буквално ја толкувале Библијата“.)

Некои учења на Аристотел добиле статус на општоприфатена вистина

„На некои полиња на размислување, меѓу учењата на Аристотел и католичките учења практично не постоела разлика“, рекол писателот Чарлс Фримен. Затоа се вели дека Аквински, во извесна смисла, го „покрстил“ Аристотел во католичката вера. Сепак, вистината е дека „Аквински се преобратил во аристотелизам“, напишал Фримен. А може слободно да додадеме дека, до некоја мера, истото го направила и црквата. Како резултат на тоа, италијанскиот астроном и математичар Галилео, кој на темел на своите набљудувања се осмелил да изнесе докази дека Земјата се врти околу Сонцето, бил изведен пред инквизицијата и присилен да се откаже од своето гледиште. * Иронично е што Аристотел сметал дека научните сознанија подлежат на напредок и на постојана ревизија. Штета што Црквата не го прифатила и ова негово гледиште!

^ пас. 11 Нешто повеќе за „Судирот на Галилео со црквата“, има во Разбудете се! од 22 април 2003.