СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | МЛАДИ
Во потрага по адреналин — вреди ли ризикот?
ПРЕДИЗВИК
„Ќе влезев во тунел и ќе стоев внатре додека возот минуваше со огромна брзина. Кога ќе почувствував адреналин, сите мои проблеми исчезнуваа“ (Леон). *
„Кога скокав во вода од многу високи карпи, за момент чувствував потполна слобода. Обично уживав во тоа, но понекогаш ме фаќаше страв“ (Лариса).
Слично на Леон и Лариса, многу млади чувствуваат голема возбуда кога одат до крај на своите можности — честопати правејќи нешто многу опасно. Дали понекогаш и ти посакуваш да пробаш такво нешто? Ако да, тогаш оваа статија може да ти биде корисна.
ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ
Би можел да станеш зависен од адреналин. Иако можеби ќе почувствуваш силна возбуда, би можел брзо да се заситиш и да почнеш да копнееш по уште поголема возбуда. Марко, кој влегувал во тунели за возови исто како Леон, вели: „Тоа е како затворен круг. Еден момент си среќен, а следниот ти треба нова возбуда“.
Џастин, кој возел ролери со голема брзина држејќи се за автомобили, вели: „Ме обземаше толку голема возбуда што сакав да го правам тоа одново и одново. Сакав луѓето да ми се восхитуваат, но на крај завршив во болница“.
Поради притисокот од другите би можел да го игнорираш разумот. Еден млад човек по име Марвин вели: „Другарите ме убедуваа да се качувам по една висока зграда без опрема. Тие ми велеа: ’Ајде, сигурно ќе успееш‘. Ми беше многу страв. Се тресев додека се качував по ѕидот“. Лариса, која ја спомнавме претходно, вели: „Го правев тоа што го правеа сите други. Едноставно се поведував по нив“.
Некои индиректно им вршат притисок на другите така што на Интернет ги прикажуваат во позитивно светло зависниците од адреналин и ги минимизираат ризиците. Некои такви клипови стануваат екстра популарни за кратко време, со што зависниците од адреналин добиваат внимание и признание.
На пример, на некои популарни клипови е прикажан паркур — вештина која вклучува надминување на разни препреки (како ѕидови, куќи и скали) со трчање, качување и скокање, и тоа со голема брзина и прецизност и без никаква
заштитна опрема. Кога гледаат вакви клипови, некои би можеле да дојдат до два погрешни заклучоци — дека нема големи опасности и дека сите го прават тоа. Кој е резултатот? Можеби и ти ќе посакаш да пробаш некои работи што би можеле да ти го доведат животот во опасност.Има подобри и побезбедни начини да си ги испиташ способностите. Библијата вели дека телесното вежбање е корисно (1. Тимотеј 4:8). Сепак, таа нѐ поттикнува „да живееме разборито“ (Тит 2:12). Како би можеле да го правиме тоа?
ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ
Одмери ги ризиците. Библијата вели: „Секој умен дејствува промислено, а безумникот се фали со својата лудост“ (Изреки 13:16, Превод на д-р Д. Х. Константинов). Пред да направиш нешто, размисли за можните ризици. Прашај се: Дали поради оваа активност би можел да си го изгубам животот или да останам инвалид? (Библиско начело: Изреки 14:15.)
Одбери пријатели кои го ценат животот. Вистинските пријатели нема да те наведуваат да се впушташ во ризици или да те убедуваат да правиш нешто што не сакаш. Лариса вели: „Добрите пријатели ми помогнаа помудро да одбирам во какви активности ќе учествувам. Кога го сменив друштвото, ми се смени и животот“. (Библиско начело: Изреки 13:20.)
Прашај се: Дали поради оваа активност би можел да си го изгубам животот или да останам инвалид?
Користи ги своите вештини без да си го ризикуваш животот. Дел од созревањето е „да си поставиш вредности и ограничувања според кои ќе живееш“, како што стои во една книга (Adolescent Risk Behaviors). Своите вештини и способности можеш да ги испиташ на безбеден начин, така што ќе бидеш внимателен и ќе користиш заштитна опрема.
Стекни самопочит. Луѓето ќе те почитуваат во зависност од тоа како ги решаваш проблемите во животот, а не колку ризични работи си спремен да направиш. Лариса вели: „Скокањето од карпи беше само почеток. Следеа и многу други работи со кои можев да си го уништам животот. Ќе поминев многу подобро ако знаев да кажам ’не‘“.
Заклучок: Наместо да се впушташ во непотребни ризици само заради возбуда, биди разборит и носи мудри одлуки во поглед на рекреацијата. (Библиско начело: Изреки 15:24.)
^ пас. 4 Некои имиња во оваа статија се сменети.