Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Како да се заштитиш од заразни болести

Како да се заштитиш од заразни болести

Секој ден, твоето тело се бори со нечујни, невидливи непријатели кои можат да бидат смртоносни. Овие надворешни непријатели, во кои спаѓаат разни бактерии, вируси и паразити, претставуваат закана за твоето здравје. * Најверојатно воопшто не си свесен за битката што се води во твоето тело, затоа што твојот имунолошки систем ги отфрла или ги уништува повеќето од овие непријатели уште пред да се појават какви и да било симптоми. Но, понекогаш штетните микроорганизми ја добиваат битката. Тогаш ќе треба да го зајакнеш својот одбранбен систем со лекови или со некој друг третман.

Во текот на неколку илјади години, луѓето не знаеле речиси ништо за опасностите што со себе ги носат микроскопските или другите мали штетни организми. Но, во 19 век, научниците ја потврдиле поврзаноста на бактериите со заразните болести, што многу помогнало во борбата против нив. Медицинските истражувања што биле направени оттогаш наваму ја отстраниле или значително ја намалиле заканата од некои заразни болести како, на пример, вариолата и детската парализа. Меѓутоа, од неодамна, некои други заразни болести како, на пример, жолтата треска и денгата, повторно се појавиле. Што довело до тоа? Да наведеме неколку фактори:

  • Секоја година, милиони луѓе патуваат од едниот до другиот крај на Земјата, честопати носејќи со себе разни причинители на заразни болести. Според едно медицинско списание, „буквално сите смртоносни зарази“ можат да се пренесат преку луѓето кои патуваат од земја во земја (Clinical Infectious Diseases).

  • Некои бактерии станале отпорни на антибиотици. „Светот влегува во пост-антибиотска ера, во која обичните инфекции... повторно можат да бидат смртоносни“, наведува Светската здравствена организација.

  • Граѓанските немири и сиромаштијата честопати ги отежнуваат напорите на властите да го држат под контрола ширењето на заразни болести.

  • Многу луѓе не знаат како да се заштитат од заразните болести.

И покрај тоа што ваквата состојба е загрижувачка, можеш многу да направиш за да се заштитиш и себеси и твоето семејство од заразни болести. Во следната статија ќе видиш дека, дури и ако живееш во земја во развој, постојат едноставни, но ефикасни мерки што можеш да ги преземеш.

^ пас. 3 Повеќето микроорганизми не предизвикуваат болест. Во овие неколку статии се зборува за микроорганизмите и другите причинители на зарази кои се опасни за твоето здравје.