Бог ги благословува оние што му се верни
Угледајте се на оние што поради својата вера и стрпливост го наследуваат она што е ветено (ЕВР. 6:12)
1, 2. Со каков предизвик се соочиле Јефтај и неговата ќерка?
ЌЕРКАТА на Јефтај радосно истрчала да го пресретне татка си. Бидејќи сѐ дотогаш загрижено го чекала да се врати од битката, била пресреќна што го гледа жив и здрав! Од радост што извојувал голема победа, таа го пречекала играјќи и удирајќи на дајре. Затоа, сигурно многу се изненадила кога татко ѝ си ја раскинал облеката и извикал: „Леле, ќерко моја! Навистина ме фрли во тага“. А потоа ѝ кажал дека му ветил на Јехова нешто што засекогаш ќе го промени нејзиниот живот. Поради неговото ветување, таа никогаш немало да се омажи и да има деца. Но, како реагирала ќерка му? Наместо да се лути и да приговара, таа го охрабрила да си го одржи ветувањето. Нејзините зборови откриваат дека имала силна вера и дека во срцето немала ни ронка сомнеж дека сѐ што бара Јехова е за нејзино добро (Суд. 11:34-37). Татко ѝ многу се гордеел со неа бидејќи знаел дека и Јехова ќе биде среќен што спремно ја поддржала неговата одлука.
2 Јефтај и неговата ќерка имале потполна доверба во начинот на кој постапува Јехова. Тие му останале верни дури и кога им било тешко. Бидејќи сакале да бидат блиски со него, биле спремни на секаква жртва.
3. Зошто примерот на Јефтај и неговата ќерка може да ни помогне денес?
3 Не е секогаш лесно да му останеме верни на Јехова. Треба силно да се бориме за верата (Јуда 3). Примерот на Јефтај и неговата ќерка може да ни помогне во тоа. Да разгледаме со кои проблеми се соочиле, и како успеале да му останат верни на Бог.
ВЕРНИ И ПОКРАЈ ВЛИЈАНИЕТО ОД СВЕТОТ
4, 5. а) Што им заповедал Јехова на Израелците кога влегле во Ветената земја? б) Според Псалм 106, што им се случило на Израелците затоа што му биле непослушни на Бог?
4 Секој ден, Јефтај и неговата ќерка ги гледале последиците од непослушноста на Израелците. Речиси 300 години пред тоа, кога влегле во Ветената земја, Јехова им заповедал да ги погубат сите кои им служеле на лажни богови, но тие не го послушале (5. Мој. 7:1-4). Многу Израелци почнале да го прават она што го правеле Ханаанците, кои им се клањале на идоли и вршеле неморал. (Прочитај Псалм 106:34-39.)
5 Бидејќи Израелците биле непослушни, Јехова не ги штител од нивните непријатели (Суд. 2:1-3, 11-15; Пс. 106:40-43). Во тоа тешко време, на семејствата кои го сакале Бог сигурно не им било лесно да му останат верни. Сепак, Библијата вели дека имало поединци кои верно му служеле на Јехова. Некои од нив се Јефтај и неговата ќерка, како и Елкана, Ана и Самоил. Тие биле решени да го радуваат Јехова (1. Сам. 1:20-28; 2:26).
6. Од кои лоши влијанија мора да се чуваме денес?
6 И во нашево време луѓето размислуваат и постапуваат како Ханаанците. Тие се преокупирани со секс, пари и насилство. Но, Јехова ни дава јасни предупредувања. Тој сака да нѐ заштити исто како што сакал да ги заштити Израелците од таквите лоши влијанија. Дали ќе извлечеме поука од нивните грешки? (1. Кор. 10:6-11). Дали даваме сѐ од себе за да не размислуваме како луѓето од светот? (Рим. 12:2).
ВЕРНИ И ПОКРАЈ РАЗОЧАРУВАЊАТА
7. а) Што доживеал Јефтај од сопствениот народ? б) Како реагирал Јефтај?
7 Во времето на Јефтај, Израелците биле угнетувани од Филистејците и од Амонците затоа што му биле непослушни на Јехова (Суд. 10:7, 8). Освен со непријателите, Јефтај имал проблеми со своите браќа и со водачите на Израел. Бидејќи му биле љубоморни и го мразеле, неговите полубраќа го истерале од земјата која законски му припаѓала (Суд. 11:1-3). Но, Јефтај не дозволил нивното сурово однесување да влијае врз неговиот став. Од каде знаеме? Кога народните старешини дошле кај него да го молат за помош, тој им излегол во пресрет (Суд. 11:4-11). Што веројатно го поттикнало на тоа?
8, 9. а) Кои начела од Мојсеевиот закон можеби му помогнале на Јефтај? б) Што му било најважно на Јефтај?
8 Освен што бил храбар воин, Јефтај многу добро го познавал Мојсеевиот закон, како и историјата на израелскиот народ. Затоа му било многу јасно што е исправно, а што погрешно во Божји очи (Суд. 11:12-27). Начелата кои ги содржел Законот влијаеле врз неговото размислување и го обликувале неговото срце. Јефтај знаел дека Јехова не сака неговите слуги да држат лутина туку дека очекува од нив да си покажуваат љубов. Освен тоа, од Законот научил дека треба спремно да им помага на другите, дури и на оние што го мразат. (Прочитај 2. Мојсеева 23:5; 3. Мојсеева 19:17, 18.)
9 Веројатно му помогнал и примерот на некои верни Божји слуги од минатото, како што бил Јосиф. Јефтај сигурно знаел дека Јосиф покажал милост кон своите браќа иако тие го мразеле (1. Мој. 37:4; 45:4, 5). Ако размислувал за неговиот пример, тоа веројатно му помогнало да постапи како што сакал Бог. Иако бил повреден од начинот на кој неговите браќа постапиле со него, тоа не го спречило да му служи на Јехова и на неговиот народ (Суд. 11:9). Најважно од сѐ му било да му остане верен на својот Бог и да се бори за да го одбрани неговото име. Затоа Јехова го благословил и него и израелскиот народ (Евр. 11:32, 33).
10. Како библиските начела можат да ни помогнат да постапуваме христијански?
10 Дали ќе извлечеме поука од примерот на Јефтај? Што ќе правиме ако некој соверник нѐ разочара или не се однесува убаво со нас? Дали ќе престанеме да му служиме на Јехова затоа што имаме повредени чувства? Дали ќе престанеме да одиме на состаноци или да се дружиме со браќата во собранието? Никогаш да не дозволиме да ни се случи такво нешто! Напротив, да го следиме примерот на Јефтај, и да размислуваме за библиските начела. Така ќе успееме да ги пребродиме тешките ситуации и да бидеме добар пример за другите (Рим. 12:20, 21; Кол. 3:13).
ДОБРОВОЛНИТЕ ЖРТВИ СЕ ДОКАЗ ЗА НАШАТА ВЕРА
11, 12. Каков завет дал Јефтај, и што сакал да каже со тоа?
11 Јефтај знаел дека без Божја помош не може да ги ослободи Израелците од Амонците. Затоа му ветил на Јехова дека, ако му помогне да ги победи непријателите, ќе му го даде како „жртва паленица“ првиот што ќе излезе од неговиот дом кога ќе се врати од битката (Суд. 11:30, 31). Што сакал да каже со тоа?
12 Бидејќи на Јехова му е одвратна самата помисла да се жртвуваат луѓе, јасно е дека Јефтај немал никаква намера да направи такво нешто (5. Мој. 18:9, 10). Според Мојсеевиот закон, жртвата паленица била посебен дар што некој целосно му го посветувал на Јехова. Значи, Јефтај сакал да каже дека првиот што ќе му излезе во пресрет ќе биде „жртва паленица“ за Бог во таа смисла што ќе му служи во светиот шатор до крајот на својот живот. Јехова го послушал и му помогнал да извојува голема победа над непријателите (Суд. 11:32, 33). Но, како Јефтај го исполнил своето ветување?
13, 14. Што откриваат за верата на Јефтај неговите зборови запишани во Судиите 11:35?
13 Сети се на настанот кој беше опишан во почетокот на статијата. Кога Јефтај се вратил од битката, првиот кој излегол да го пречека била неговата сакана ќерка — единственото дете што го имал! Дали бил спремен да му ја даде на Јехова сопствената ќерка за да му служи во светиот шатор до крајот на животот?
14 Повторно, начелата во Божјиот закон сигурно му помогнале на Јефтај да донесе исправна одлука. Можеби се сетил на зборовите од 2. Мојсеева 23:19 каде што на Божјиот народ му е заповедано да му го дава најдоброто на Јехова. Во Законот исто така стоело дека, штом некој ќе му се заветува на Јехова, не смее „да го прекрши својот збор“, туку треба да направи сѐ што ветил (4. Мој. 30:2). Слично на Ана, која веројатно живеела во негово време, Јефтај морал да си го одржи ветувањето, иако му било јасно што ќе значи тоа за него и за неговата ќерка. Бидејќи ќе служела во светиот шатор, таа ќе останела без деца. Со други зборови, ќе немало кој да го наследи името и земјата на татко ѝ (Суд. 11:34). И покрај тоа, Јефтај рекол: „Му се заветував на Јехова и не можам да го одречам она што го заветував“ (Суд. 11:35). Јехова ја прифатил таа огромна жртва и го благословил. Дали и ти ќе си бил верен како Јефтај?
15. Каков завет дале повеќето од нас, и на кој начин може да му останеме верни на Бог?
15 Кога му го заветувавме својот живот на Јехова, ние му ветивме дека ќе ја вршиме неговата волја без оглед на сѐ. Знаевме дека нема секогаш да биде лесно да го одржиме тоа ветување. Нашата самопожртвуваност е особено ставена на испит кога од нас се очекува да правиме нешто што не сакаме. Сепак, ако ги совладаме нашите чувства и ако спремно го послушаме Бог, покажуваме дека си стоиме на зборот. Без оглед колку големи жртви правиме, Јеховиниот благослов е секогаш поголем (Мал. 3:10).
16. Како реагирала ќерката на Јефтај кога чула за заветот на татко ѝ? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
16 И на ќерка му на Јефтај сигурно не ѝ било лесно да ги прифати последиците од заветот што го дал татко ѝ. Тој завет бил поинаков од заветот на Ана, која му го дала на Јехова својот син Самоил да служи како назареец (1. Сам. 1:11). Назарејците смееле да стапат во брак и да имаат семејство. Но, Јефтај ја дал својата ќерка како „жртва паленица“, што значело дека никогаш нема да се омажи и да стане мајка (Суд. 11:37-40). Замисли си! Таа веројатно можела да се омажи за најугледниот човек во земјата бидејќи татко ѝ бил водач на Израел. Но, наместо тоа, требало понизно да служи во светиот шатор. Таа покажала дека службата за Јехова ѝ е најважна од сѐ, кога му рекла на својот татко: „Постапи со мене според својот завет“ (Суд. 11:36). Ќерката на Јефтај ја жртвувала својата нормална желба за сопруг и за деца со цел да му служи на Јехова. Како можеме и ние да покажеме слична самопожртвуваност?
17. а) Како може да се угледаме на верата на Јефтај и на неговата ќерка? б) Како Евреите 6:10-12 те поттикнуваат да покажуваш самопожртвуваност?
17 Илјадници млади христијани, и мажи и жени, спремно се жртвуваат така што — барем некое време — не стапуваат во брак или одлучуваат да немаат деца. Зошто? Затоа што сакаат да му служат на Јехова во поголема мера. Освен тоа, голем број постари браќа и сестри го жртвуваат времето што би можеле да го поминуваат со своите деца и внуци за да се посветат на службата за Јехова. Некои од нив учествуваат во градежни проекти или одат на Школата за полновремени објавители за потоа да се преселат во собрание каде што има поголема потреба. Други ја зголемуваат својата служба во месеците околу Спомен-свеченоста. Јехова никогаш нема да ги заборави жртвите што овие верни лица со љубов ги прават за него. (Прочитај Евреите 6:10-12.) А како е со тебе? Дали си спремен да правиш жртви за да му служиш уште поцелосно на Јехова?
ШТО НАУЧИВМЕ?
18, 19. Што научивме од библискиот извештај за Јефтај и за неговата ќерка, и како може да се угледаме на нив?
18 Што му помогнало на Јефтај да се справи со многуте предизвици во животот? Тој дозволил Јехова да го води кога донесувал одлуки. Не допуштил луѓето да влијаат лошо врз него. Јефтај му останал верен на Јехова дури и кога другите го разочарувале. Бог го благословил и него и неговата ќерка за жртвите кои спремно ги правеле, и ги користел на посебен начин за да му служат на Неговиот народ. Дури и кога другите не постапувале исправно, Јефтај и ќерка му никогаш не му свртеле грб на Јехова.
19 Библијата нѐ поттикнува да се угледаме на „оние што поради својата вера и стрпливост го наследуваат она што е ветено“ (Евр. 6:12). Затоа, да го следиме примерот на Јефтај и на неговата ќерка, и никогаш да не заборавиме дека Јехова ќе нѐ благослови ако му останеме верни.