Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто треба да одиме на состаноци?

Зошто треба да одиме на состаноци?

Тие се посветија на заедничките собири (ДЕЛА 2:42, Радосна Вест)

ПЕСНИ: 20, 119

1-3. а) Што покажува дека на христијаните отсекогаш им било многу важно да се состануваат со соверниците? (Види ја сликата погоре.) б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

КОГА Корина имала 17 години, мајка ѝ била уапсена и испратена во далечен работен логор. Подоцна и Корина била протерана во Сибир, илјадници километри од дома. Таму морала да работи на еден селски имот, каде што била третирана како робинка. Понекогаш, кога било мраз ладно, таа била принудена да работи на отворено, иако немала доволно топла облека. И покрај ваквите тешки услови, Корина и една друга сестра биле цврсто решени да направат сѐ што можат за да појдат на состанок.

2 Таа објаснува: „Една вечер заминавме од имотот и пешачевме до железничката станица која беше оддалечена 25 километри. Возот тргна во два часот наутро, и се возевме цели шест часа. Откако слеговме, моравме да пешачиме уште 10 километри до местото каде што се одржуваше состанокот“. Корина била пресреќна што успеале да стигнат таму. Таа рекла: „На состанокот го проучувавме списанието Стражарска кула и пеевме теократски песни. Тоа многу нѐ охрабри и ни ја зајакна верата“. Иако овие две сестри се вратиле дури три дена подоцна, надзорникот на имотот не ни забележал дека ги нема.

3 Јеховините слуги отсекогаш се радувале што можат да се состануваат и меѓусебно да се дружат. На пример, првите христијани сакале да се собираат за да го слават Јехова и да учат за него (Дела 2:42). Без сомнение, и ти имаш желба редовно да одиш на состаноците. Но, тоа понекогаш не е лесно. Всушност, сите христијани одвреме-навреме наидуваат на пречки. Можеби мора да поминуваме многу време на работа, имаме многу обврски или постојано се чувствуваме уморни. Ако ова е случај и со нас, што ќе нѐ мотивира да даваме сѐ од себе за да присуствуваме на состаноците? [1] Како можеме да ги поттикнеме оние со кои проучуваме и другите да сфатат колку е важно да бидат редовни на нашите состаноци? Во оваа статија ќе видиме 1) зошто ни користат состаноците, 2) како нашето присуство влијае врз другите и 3) како се чувствува Јехова кога одиме на состанок. [2]

СОСТАНОЦИТЕ СЕ КОРИСНИ ЗА НАС

4. Како состаноците ни помагаат да учиме за Јехова?

4 На состаноците добиваме поуки. На секој состанок учиме нешто за нашиот Бог. На пример, на Собраниското проучување на Библијата повеќето собранија неодамна ја разгледуваа книгата Приближи му се на Јехова. Ова проучување на Божјите особини, како и коментарите што од срце ги даваа браќата, сигурно ни ја разгоре љубовта кон нашиот небесен Татко. На состаноците учиме уште повеќе и за Божјата Реч. Во ова особено ни помагаат говорите, приказите и самото читање на Библијата (Неем. 8:8). Освен тоа, откриваме и многу духовни бисери кога го проучуваме материјалот за седмичното читање на Библијата, и кога слушаме што научиле другите од него.

5. Како состаноците ти помогнале да го применуваш она што го учиш од Библијата и подобро да ја вршиш службата?

5 Состаноците ни помагаат да сфатиме како практично да го применуваме она што го учиме од Библијата (1. Сол. 4:9, 10). На пример, дали некоја статија од Стражарска кула која се обработувала на состанок те поттикнала да ги преиспиташ своите цели, да му простиш на некој соверник или да ги подобриш своите молитви? На состанокот што го имаме во текот на седмицата учиме како да ја проповедаме добрата вест и како да им помагаме на другите да ја разберат библиската вистина (Мат. 28:19, 20).

6. На кој начин состаноците ни влеваат храброст и сила?

6 Состаноците нѐ охрабруваат. Светот на Сатана нѐ става под силен емоционален и психички притисок, и се обидува да ни ја ослаби верата. Но, нашите состаноци ни влеваат храброст и сила да продолжиме да му служиме на Јехова. (Прочитај Дела 15:30-32.) Таму честопати разгледуваме како се исполниле некои библиски пророштва. Тоа ни помага уште повеќе да се увериме дека ќе се исполни и сето она што Јехова го ветува за иднината. Нашите браќа и сестри нѐ охрабруваат не само кога имаат учество во програмата туку и кога даваат коментари и кога од срце го фалат Јехова во песна (1. Кор. 14:26). Освен тоа, од разговорите што ги водиме со нив пред и по состанокот се чувствуваме освежено затоа што имаме многу пријатели кои вистински нѐ сакаат (1. Кор. 16:17, 18).

7. Зошто е многу важно да присуствуваме на состаноците?

7 На состаноците добиваме помош од Божјиот свет дух. Исус го користи светиот дух за да ги води собранијата. Тој рекол: „Кој има уво, нека чуе што им вели духот на собранијата“ (Отк. 2:7). Светиот дух може да нѐ поттикне да се спротивставиме на искушенијата и смело да проповедаме. Може да ни помогне и да донесуваме мудри одлуки. Затоа мора да даваме сѐ од себе за да одиме на состаноците, каде што добиваме помош од Божјиот свет дух.

НА СОСТАНОЦИТЕ ИМ ПОМАГАМЕ НА ДРУГИТЕ

8. Како можеме да ги охрабриме нашите соверници на состаноците? (Види ја и рамката „Секогаш се чувствува подобро по состанокот“.)

8 На состаноците имаме можност да им покажеме на браќата и сестрите дека ги сакаме. Знаеме дека некои од нив се борат со тешки проблеми. Ништо чудно што апостол Павле нѐ поттикнал „да размислуваме еден за друг“! (Евр. 10:24, 25). Со тоа што одиме на состаноците, им покажуваме на нашите браќа дека се достојни за нашето време и внимание. Тие можат јасно да видат дека сме заинтересирани за нив. Освен тоа, ги зајакнуваме кога даваме коментари и кога пееме од срце (Кол. 3:16).

9, 10. а) Како зборовите на Исус запишани во Јован 10:16 ни помагаат да сфатиме зошто е важно да се состануваме со нашите браќа? б) Како нашето редовно присуство на состаноците може да им помогне на оние што се отфрлени од најблиските поради вистината?

9 Состаноците го зајакнуваат нашето единство. (Прочитај Јован 10:16.) Исус се споредил себеси со пастир, а своите ученици со стадо овци. Размисли за следново: ако две овци се на некој рид, други две се во долината, а една е на некое трето место, дали може да се каже дека тие пет овци сочинуваат едно стадо? Не, затоа што овците во едно стадо обично се заедно и одат по својот пастир. Слично на ова, не можеме да го следиме нашиот Пастир ако намерно се двоиме од стадото. За да бидеме „едно стадо со еден пастир“, ние мора да одиме на состаноците.

10 Состаноците придонесуваат да бидеме обединети како едно семејство (Пс. 133:1). Некои во собранието биле отфрлени од најблиските како, на пример, од родителите или од родените браќа и сестри. Но, Исус ветил дека ќе им даде духовно семејство кое ќе ги сака и ќе се грижи за нив (Мар. 10:29, 30). Ако редовно одиш на состаноците, би можел да му станеш татко, мајка, брат или сестра на некој таков соверник. Зарем тоа не е силна причина да правиш сѐ што можеш за да присуствуваш на секој состанок?

ГО РАДУВАМЕ ЈЕХОВА

11. Како состаноците ни помагаат да му го дадеме на Јехова она што го заслужува?

11 На состаноците му го даваме на Јехова она што го заслужува. Бидејќи е наш Творец, треба да му благодариме, да го фалиме и да му оддаваме чест. (Прочитај Откровение 7:12.) Ова можеме да го правиме кога му се молиме, му пееме и зборуваме за него на состаноците. Ние навистина имаме прекрасна можност секоја седмица да го славиме Јехова!

12. Што чувствува Јехова кога ја слушаме неговата заповед да одиме на состаноци?

12 Бидејќи нѐ создал, Јехова заслужува да му бидеме послушни. Тој ни заповедал да не ги пропуштаме нашите состаноци, особено во ова време на крајот. Јехова многу се радува кога спремно ја слушаме оваа заповед (1. Јов. 3:22). Тој го забележува и го цени трудот што го вложуваме за да присуствуваме на состаноците (Евр. 6:10).

13, 14. Како состаноците ни помагаат уште повеќе да се зближиме со Јехова и со Исус?

13 Кога одиме на состаноци, му покажуваме на Јехова дека сакаме да бидеме уште поблиски со него и со неговиот Син. Таму ја проучуваме Библијата и учиме како Јехова сака да живееме (Иса. 30:20, 21). Дури и кога некој што не му служи ќе дојде на состанок, на крајот може да рече: „Навистина, Бог е меѓу вас!“ (1. Кор. 14:23-25). Бидејќи Јехова ги води состаноците преку својот свет дух, сите поуки што се изнесуваат на програмата се од Него. Затоа може да се каже дека таму го слушаме гласот на Бог, и ја чувствуваме неговата љубов и грижа. На тој начин стануваме уште поблиски со него.

14 Исус, кој е Глава на собранието, рекол: „Каде што двајца или тројца се собрани во мое име, таму сум и јас меѓу нив“ (Мат. 18:20). Библијата исто така вели дека Христос „оди меѓу“ собранијата (Отк. 1:20 — 2:1). Ова јасно покажува дека лично Јехова и Исус нѐ зајакнуваат на состаноците. Што мислиш, како се чувствува Бог кога гледа дека даваш сѐ од себе за да се зближиш со него и со неговиот Син?

15. Како со своето присуство на состаноците му покажуваме на Јехова дека сакаме да му бидеме послушни?

15 Кога одиме на состаноците, му покажуваме на Јехова дека сме му послушни како на Севишен Владетел. Иако ни заповеда да одиме на состаноци, Бог не нѐ присилува да го правиме тоа (Иса. 43:23). Затоа, кога сме му послушни, му покажуваме дека го сакаме од срце и дека го поддржуваме неговото право да владее (Рим. 6:17). На пример, можеби нашиот работодавач очекува да работиме толку многу што не можеме да бидеме редовни на состаноците. Или, пак, можеби властите се закануваат дека секој што ќе оди на состанок ќе мора да плати глоба, да оди во затвор или да биде уште построго казнет. А понекогаш едноставно сакаме да правиме нешто друго наместо да одиме на состанок. Во секоја од овие ситуации, мора сами да одлучиме како ќе постапиме (Дела 5:29). Сепак, кога ќе решиме да го послушаме Јехова, тој многу се радува (Изр. 27:11).

ПРОДОЛЖИ ДА СЕ ДРУЖИШ СО БРАЌАТА НА СОСТАНОЦИТЕ

16, 17. а) Од каде знаеме дека состаноците им биле многу важни на првите христијани? б) Што чувствувал брат Џорџ Гангас за состаноците?

16 По Педесетница 33 год. од н.е., христијаните продолжиле редовно да се собираат за да го слават Јехова. Библијата вели: „Тие се посветија на учењето на апостолите, на заедничките собири“ (Дела 2:42, Радосна Вест). Првите христијани не престанале да се состануваат и покрај тоа што биле прогонувани од римските власти и од еврејските верски водачи. Иако не било лесно, правеле сѐ што е во нивна моќ за и понатаму да се собираат заедно.

17 И денес Јеховините слуги се многу благодарни за состаноците. Џорџ Гангас, кој служел како член на Водечкото тело повеќе од 22 години, изјавил: „За мене состанувањето со браќата е извор на голема радост и охрабрување. Секогаш кога е можно, сакам да дојдам меѓу првите во салата и да си заминам меѓу последните. Срцето ми се прелева од радост кога разговарам со моите браќа и сестри. Кога сум заедно со нив, имам чувство како да сум дома со моето семејство, во духовен рај“. Состаноците навистина му биле една од најскапоцените работи во животот.

18. Што чувствуваш за нашите состаноци, и што си решен да правиш?

18 Дали и ти имаш слични чувства за состаноците на кои го славиме Јехова? Ако да, продолжи да даваш сѐ од себе за да бидеш таму со твоите браќа, дури и кога тоа не е лесно. Покажи му на Јехова дека се чувствуваш исто како цар Давид, кој рекол: „Јехова, го сакам домот во кој живееш ти“ (Пс. 26:8).

^ [1] (пасус 3) Некои наши браќа и сестри не можат да одат редовно на состаноци затоа што немаат контрола над своите околности. На пример, некои од нив се тешко болни. Тие можат да бидат уверени дека Јехова ги разбира, и дека го цени сето она што го прават за да го слават. Старешините можат да им помогнат да ги слушаат состаноците, можеби така што ќе ги поврзат преку телефон или ќе ја снимаат програмата за нив.

^ [2] (пасус 3) Види ја рамката „Зошто одиме на состаноци“.