Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

1. Како да ги избегнеш проблемите

1. Како да ги избегнеш проблемите

Библијата тврди дека таа е книга од Бог и дека е корисна „за поучување, за укорување, за поправање“ (2. Тимотеј 3:16). Дали ова е точно? Да разгледаме како библиската мудрост им помогнала на некои луѓе да избегнат тешки проблеми пред тие длабоко да се вкоренат во нивниот живот.

ПРЕКУМЕРНО ПИЕЊЕ

Делфина, која ја спомнавме во претходната статија, почнала премногу да пие поради грижите и немирот што го чувствувала. Библијата не го осудува умереното користење на алкохол. Сепак, таа вели: „Не биди меѓу оние што се опиваат со вино“ (Изреки 23:20). Злоупотребата на алкохол е поврзана со сериозни здравствени проблеми, нарушени односи, како и милиони случаи на предвремена смрт секоја година. Многу од овие работи може да се избегнат ако луѓето ги следат мудрите совети од Библијата.

Тоа го сторила Делфина. Таа вели: „Сфатив дека алкохолот не беше решение за моите грижи. Го применив библискиот совет од Филипјаните 4:6, 7, каде што пишува: ’Не бидете загрижени за ништо, туку... изнесете му ги своите барања на Бог‘. Навечер, кога ќе ми надојдеа немирни мисли и ќе ме обземеа грижи, му се молев на Јехова. Му ги искажував сите чувства, вклучувајќи и колку сум лута, повредена и во очај, и го молев да ми помогне да најдам начин да бидам попозитивна. А наутро се трудев да не се навраќам на тие мисли. Тоа што имав навика да се молам ми помогна да се концентрирам на она што го имам, а не на она што го изгубив. Решив никогаш повеќе да не пијам алкохол. По никоја цена не сакав да го изгубам мирот што го најдов“.

СЕКСУАЛЕН НЕМОРАЛ

Ретко што друго предизвикува толку голема душевна болка и страдање како сексуалниот неморал. Библиските совети и начела можат да ни помогнат да ги избегнеме таквите проблеми бидејќи нѐ предупредуваат за работи што водат до неморал, на пример флертување и порнографија. Еден дечко по име Самоил вели: „Толку ми беше лесно да флертувам. Понекогаш некоја девојка не ми беше привлечна, ама кога ќе видев дека ѝ се допаѓам, ми беше интересно да флертувам со неа“. Самоил толку често бил обвинуван дека флертува, дури и кога немал такви намери, што решил намерно да го прави тоа. Но, совеста го измачувала. Сега тој вели: „Тоа е штетна навика бидејќи те прави себичен“.

Самоил прочитал една статија за млади објавена на интернет-страницата jw.org. Тој размислувал за стихот од Изреки 20:11, кој гласи: „И детето се познава по она што го прави, дали е неговото дело чисто и исправно“. Како му помогнале овие зборови? Самоил сфатил дека тоа што флертува не е ни чисто ни исправно. Тој вели: „Оној што флертува стекнува особини што се непожелни за еден брачен другар. Почнав да размислувам како би се чувствувала мојата идна сопруга ако види дека флертувам со друга жена. Тогаш сфатив дека флертувањето не е безопасна навика. Ако ти доаѓа природно, не значи дека е исправно“. Самоил се променил. Тоа што повеќе не флертува го штити да не направи неморал.

Антонио бил во уште поголема опасност да направи неморал — тој бил зависник од порнографија. Иако ја сакал својата сопруга, одново и одново ѝ се препуштал на таа навика. Антонио вели дека му помогнало тоа што размислувал за библискиот стих 1. Петрово 5:8. Таму пишува: „Бидете трезвени, бдејте! Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта“. Антонио вели: „Во овој свет насекаде има порнографски материјали. А тие можат длабоко да ти се врежат во умот. Тој стих ми помогна да размислам за тоа кој стои зад таквите искушенија. Морав да научам автоматски да ги поврзувам тие валкани работи со оној од кого потекнуваат, Ѓаволот. Сега знам дека само Јехова може да ми помогне да бидам претпазлив и да се борам против тие напади на мојот ум, срце и брак“. Антонио ја добил потребната помош, и најпосле успеал да ја победи својата лоша навика. Тоа, пак, му помага да избегне и посериозни проблеми.

Навистина, Библијата содржи практични совети кои можат да ни помогнат да избегнеме големи проблеми. Но, што ако некои проблеми се вкорениле и никако да се решат? Да видиме како Божјата Реч ни помага да ги решиме.

Практичните совети од Библијата ни помагаат да избегнеме некои проблеми