Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како треба да се молиме за Бог да нѐ чуе?

Како треба да се молиме за Бог да нѐ чуе?

Јехова Бог „ги слуша молитвите“ (Псалм 65:2). Може да му се молиме кога и да било и каде и да било, наглас или во себе. Јехова сака да му се обраќаме со „Татко“, и тој навистина е најдобриот Татко што постои (Матеј 6:9). Бидејќи нѐ сака, тој ни кажал како треба да се молиме за да нѐ чуе.

МОЛИ МУ СЕ НА ЈЕХОВА БОГ ВО ИМЕТО НА ИСУС

„Што и да побарате од Таткото, ќе ви даде во мое име“ (Јован 16:23).

Од овие зборови јасно се гледа дека Јехова сака да му се молиме во името на Исус Христос, а не преку слики, светци, ангели или нашите починати предци. Кога се молиме преку Исус, покажуваме дека сфаќаме што сѐ направил тој за нас. „Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене“, рекол Исус (Јован 14:6).

ЗБОРУВАЈ ОД СРЦЕ

„Излевајте го срцето пред него!“ (Псалм 62:8).

Кога му се молиме на Јехова, со него треба да зборуваме како со еден добар татко. Наместо да читаме од книга или да кажуваме зборови научени напамет, треба да зборуваме со почит и од срце.

МОЛИ СЕ ВО СКЛАД СО БОЖЈАТА ВОЛЈА

„Што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јованово 5:14).

Во Библијата, Јехова Бог ни кажува што ќе направи тој за нас, но и што очекува ние да правиме за него. За да ги чуе нашите молитви, треба да се молиме „во склад со неговата волја“. А неговата волја ќе ја дознаеме ако ја проучуваме Библијата. Тогаш тој со задоволство ќе ги слуша нашите молитви.

ЗА ШТО МОЖЕ ДА СЕ МОЛИМЕ?

Моли се за своите потреби. Може да го молиме Бог за нашите секојдневни потреби — храна, облека и покрив над глава. Исто така може да се молиме и за мудрост за да донесуваме добри одлуки и за сила за да се носиме со проблемите. Бог може да го молиме и да ни дава вера, да ни ги простува гревовите и да ни помага (Лука 11:3, 4, 13; Јаков 1:5, 17).

Моли се за другите. Кога родителите гледаат дека нивните деца се сакаат, многу се радосни. И Јехова сака неговите деца на Земјата да се грижат еден за друг. На место е да се молиме за нашиот сопружник, нашите деца, нашите роднини и нашите пријатели. „Молете се еден за друг“, напишал библискиот писател Јаков (Јаков 5:16).

Покажувај благодарност. За нашиот Творец, во Библијата пишува: „Правеше добро, ви даваше дожд од небото и плодоносни времиња и ги полнеше вашите срца со храна и веселост“ (Дела 14:17). Ако размислуваме за сето она што Бог го прави за нас, ќе бидеме поттикнати да му благодариме во молитва. Се разбира, нашата благодарност треба да му ја покажеме и со нашиот начин на живот (Колошаните 3:15).

БИДИ СТРПЛИВ И ПРОДОЛЖИ ДА СЕ МОЛИШ

Понекогаш, можеби ќе се разочараме ако не добиеме веднаш одговор на некоја наша молитва. Дали во такви моменти треба да заклучиме дека Бог не е заинтересиран за нас? Воопшто не! Да разгледаме неколку примери кои истакнуваат дека можеби едноставно ќе треба да продолжиме да се молиме.

Стив, кој е спомнат во воведната статија, признава: „Да не беше молитвата, ќе живеев без надеж и во очај“. Што го поттикнало Стив да си го смени ставот? Почнал да ја проучува Библијата и сфатил колку е важно да не престане да се моли. „Редовно му благодарам на Бог за сета љубов и поддршка што ги добив од пријателите. Никогаш не сум бил посреќен“, вели Стив.

До каков заклучок дошла Џени која сметала дека не е достојна Бог да ѝ ги чуе молитвите? Таа вели: „Кога се почувствував најлошо во животот, го преколнував Бог да ми помогне да сфатам зошто се чувствувам толку безвредно“. Како ѝ помогнало тоа? „Тоа што му се молев на Бог ми помогна да се видам себеси со негови очи, да сфатам дека, дури и ако моето срце ме осудува за нешто, тој не ме осудува. Молитвата ми помогна да не кревам раце од себе, да продолжам со животот.“ Што сфатила Џени? „Молитвата ми помогна да го гледам Јехова како мој Бог, Татко и Пријател кој ме сака и се грижи за мене, кој секогаш ќе биде тука за мене сѐ додека се трудам да ја вршам неговата волја.“

„Јехова не можеше да ми даде подобар одговор на моите молитви“, вели Изабел за својот син Џерард кој е радосен и покрај неговиот хендикеп

Да го разгледаме и искуството на Изабел. Кога забременила, докторот ѝ кажал дека детето ќе се роди со тежок хендикеп. Била скршена. Некои дури и ја советувале да абортира. „Мислев дека ќе умрам од болка.“ Што направила? „Многу го молев Бог за помош“, вели таа. Нејзиниот син Џерард навистина се родил со хендикеп. Дали Изабел смета дека Бог ѝ одговорил на молитвите? Да! На кој начин? Таа вели: „Мојот син сега има 14 години и е многу радосен и покрај својот хендикеп. Тој ми е најголемиот благослов од Јехова. Јехова не можеше да ми даде подобар одговор на моите молитви“.

Овие искрени изјави потсетуваат на зборовите на псалмистот кој рекол: „О Јехова, ти сигурно ќе ги сослушаш молбите на кротките. Ќе го подготвиш нивното срце“ (Псалм 10:17). Колку силни причини да продолжиме да се молиме!

Во Библијата се запишани многу молитви на Исус. Најпознатата од нив ја кажал кога ги поучил своите ученици како да се молат. Што може да научиме од неа?