КАКО ДА СЕ ПРЕКИНЕ КРУГОТ НА ОМРАЗАТА
3 | Искорени ја омразата од мислите
Библиско учење:
„Преобразете се така што ќе го обновите својот ум, за да утврдите која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено“ (РИМЈАНИТЕ 12:2).
Што значи ова:
На Бог му е важно како размислуваме (Еремија 17:10). Точно е дека треба да внимаваме на своите зборови и постапки, но тоа не е доволно. Омразата почнува во умот и срцето. Затоа, мора да ја отстраниме и најмалата трага на омраза од нашите мисли и срце. Само така ќе успееме да го смениме начинот на размислување и да го прекинеме кругот на омразата.
Како може ова да ти помогне:
Искрено преиспитај се каков став и какви чувства имаш кон другите, особено кон оние од друга раса и националност. Прашај се: „Какво мислење имам за нив? Дали моето мислење се темели на личното искуство што сум го имал со нив? Или, пак, се темели на предрасуди?“ Избегнувај социјални медиуми, филмови или забава во која има омраза и насилство.
Божјата Реч може да ни помогне да ја искорениме омразата од умот и срцето
Не е секогаш лесно да бидеме објективни кога ги преиспитуваме нашите мисли и чувства. Но Божјата Реч „може да ги процени мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:12). Затоа, проучувај ја Библијата. Види што вели таа, а како размислуваш ти. Потоа, труди се да размислуваш во склад со она за што поучува Библијата. Божјата Реч има моќ да го искорени „она што е цврсто утврдено“ во нашиот ум и срце, па дури и омразата (2. Коринќаните 10:4, 5).