Менталното здравје на удар
„Постојано чувствувам одредена мера анксиозност, дури и кога нема никаква причина за тоа.“
„Кога се чувствувам многу добро, тоа почнува да ме загрижува бидејќи знам дека по напливот на силна среќа ќе потонам во длабока тага.“
„Се трудам да мислам само на денешниот ден, но понекогаш ме обземаат грижи поврзани и со наредните денови.“
Овие изјави се од луѓе кои страдаат од некакво ментално нарушување. Дали ти некогаш си се чувствувал вака? Дали некој твој близок се бори со ваков проблем?
Биди уверен дека не си сам. Многумина денес се соочуваат со последиците од некое ментално нарушување, без разлика дали тие самите го имаат или некој од нивните блиски.
Без сомнение, живееме во „особено тешки времиња“ кои ни предизвикуваат многу проблеми (2. Тимотеј 3:1). Според едно истражување, отприлика секој осми човек во светот се бори со некое ментално нарушување. Поради пандемијата со КОВИД-19, во 2020 год., бројот на оние што страдаат од анксиозност се зголеми за 26 отсто во споредба со 2019 год., а бројот на оние што страдаат од тешка депресија се зголеми за 28 отсто.
Иако е важно да знаеме колку луѓе страдаат од вакви нарушувања, сепак уште поважно е да знаеме што може ние и нашите блиски да правиме за да се чувствуваме колку што е можно подобро.
Што е ментално здравје?
Доброто ментално здравје се дефинира како состојба во која едно лице се чувствува добро и може да функционира добро. Освен тоа, лицето може да се справи со секојдневниот стрес, да работи продуктивно и да се чувствува задоволно од животот.
Менталното нарушување...
-
НЕ Е резултат на лична слабост.
-
Е здравствен проблем кој значително влијае на начинот на кој лицето се чувствува, размислува и се однесува.
-
Честопати му отежнува на лицето да воспостави нормални односи со другите и да се носи со секојдневните проблеми.
-
Не разликува возраст, култура, раса, религија, степен на образование или економска состојба.
Каде да се најде помош за проблемите со менталното здравје
Понекогаш, некое лице одненадеж може да почне да се однесува поинаку, да спие премногу или недоволно, да јаде многу повеќе или помалку од претходно, или да почне да се чувствува премногу вознемирено или тажно. Во тој случај, на лицето можеби ќе му биде потребна медицинска помош за да може да разбере која е причината за проблемот и како може да се реши. Но, каде може да се побара помош?
Најмудриот човек кој некогаш живеел, Исус Христос, рекол: „На здравите не им треба лекар, туку на болните“ (Матеј 9:12). Кај оние лица што се борат со здравствени проблеми, а кои добиваат соодветна стручна помош и примаат лекарства може значително да се намалат симптомите и тоа може да им помогне да водат продуктивен и исполнет живот. Доколку симптомите се сериозни и траат подолго време, мудро е лицето да не одложува и веднаш да побара стручна помош. a
Иако не е медицински прирачник, Библијата содржи корисни совети за нашето ментално здравје. Срдечно те покануваме да ги разгледаш следните статии во кои се зборува за тоа како Библијата може да ни помогне да се справиме со менталните нарушувања.
a Стражарска кула не се залага за некој посебен начин на лекување. Секое лице треба внимателно да одмери какви можности му се нудат пред да донесе лична одлука.