Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали христијаните треба да му оддаваат почит на Бог во светилишта?

Дали христијаните треба да му оддаваат почит на Бог во светилишта?

СЕКОЈА година, повеќе од шест милиони луѓе патуваат до една кедрова шума на полуостровот Шима во Јапонија. Таму се наоѓа Големото светилиште Исе, каде што околу две илјади години се обожава шинтоистичката божица на Сонцето, Аматерасу Омиками. Верниците најпрво ритуално се прочистуваат така што си ги мијат рацете и устата. Потоа застануваат пред салата за обожавање наречена хаиден и ритуално се поклонуваат, плескаат со рацете и ѝ се молат на божицата. * Шинтоизмот дозволува неговите следбеници да бидат припадници и на друга религија. Затоа во ова шинтоистичко светилиште доаѓаат и будисти, христијани и припадници на други религии.

Многу од големите религии имаат свои светилишта * кои ги посетуваат неброени милиони луѓе. Во земјите во кои повеќето луѓе се изјаснуваат како христијани има многу цркви и места посветени на Исус, Марија и на други светци. На други места светилишта се местата каде што се чуваат реликвии или, пак, местата за кои луѓето сметаат дека таму се случиле некои библиски настани или „чуда“ од поново време. Многу луѓе одат во светилишта затоа што мислат дека таму е поголема веројатноста да бидат услишени нивните молитви. А за некои, светилиштата се крајната цел на долгиот аџилак со кој сакаат да ја покажат својата длабока почит кон Бог.

Посетители во Големото светилиште Исе (Јапонија) и во Грото Масабјел (Лурд, Франција)

Дали навистина е поголема веројатноста молитвите да бидат услишени ако се кажани од такви места? Дали аџилакот е доказ за нечија вера во Бог? Што е уште поважно, треба ли христијаните да му оддаваат почит на Бог во светилишта? Одговорите на овие прашања не само што ќе ни покажат како треба да гледаме на светилиштата туку и ќе ни откријат како Бог сака да му оддаваме почит.

ДА СЕ ОДДАВА ПОЧИТ „СО ДУХ И СО ВИСТИНА“

Што сакал да каже Исус кога рекол дека треба да му оддаваме почит на Бог „со дух и со вистина“?

Како гледа Бог на светилиштата може да дознаеме од разговорот што Исус го водел со една Самарјанка. Исус минувал низ Самарија и застанал малку да се одмори крај еден бунар близу градот Сихар. Таму започнал разговор со една жена која дошла да нацрпи вода. Во текот на разговорот, жената спомнала една голема разлика помеѓу религијата на Евреите и Самарјаните. Таа рекла: „Нашите прататковци му се клањаа на Бог на оваа планина, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба човек да му се клања на Бог“ (Јован 4:5-9, 20).

Жената зборувала за планината Гаризим, која се наоѓала на околу 50 километри северно од Ерусалим. На таа планина едно време Самарјаните имале храм каде што ги славеле празниците како, на пример, Пасхата. Но, Исус не сакал да зборува за разликите поради кои Евреите и Самарјаните се мразеле, туку рекол: „Верувај ми, жено, доаѓа часот кога на Таткото нема да му се клањаат ниту на оваа планина, ниту во Ерусалим“ (Јован 4:21). Било незамисливо такво нешто да каже еден Евреин! Но, зошто Исус рекол дека Бог немало да се обожава дури ни во храмот во Ерусалим?

Тој продолжил: „Доаѓа часот, и сега е тука, кога вистинските поклоници ќе му оддаваат почит на Таткото со дух и со вистина, зашто Таткото бара такви да го почитуваат“ (Јован 4:23). Величествениот храм во Ерусалим со векови бил најважното место на кое Евреите го обожавале Бог. Во него оделе трипати годишно за да му принесат жртви на својот Бог, Јехова (2. Мојсеева 23:14-17). Но, Исус рекол дека сето тоа ќе се смени и дека „вистинските поклоници“ ќе му оддаваат почит на Бог „со дух и со вистина“.

Храмот на Евреите бил видлив објект кој се наоѓал на определено географско место. Но, духот и вистината не се материјални работи, ниту можат да се ограничат во некој физички простор. Според тоа, Исус сакал да каже дека христијаните што ќе го почитуваат Бог на исправен начин нема да мора да го прават тоа во некој материјален објект или на некоја конкретна локација, без разлика дали тоа е планината Гаризим, храмот во Ерусалим или кое и да е друго место.

Во разговорот со Самарјанката, Исус рекол и дека „часот“ за ваквата промена „доаѓа“. Тој час дошол кога Исус го дал својот живот како жртва за човештвото и со тоа му ставил крај на верскиот систем на Евреите кој се темелел на законот на Мојсеј (Римјаните 10:4). Но, Исус исто така рекол и дека „часот... сега е тука“. Зошто го рекол тоа? Затоа што тој, во улога на Месија, веќе собирал ученици кои ќе биле послушни на заповедта што ја кажал веднаш потоа: „Бог е Дух, и оние што го почитуваат мора да му оддаваат почит со дух и со вистина“ (Јован 4:24). Што значи да се почитува Бог со дух и со вистина?

Кога Исус рекол дека Бог треба да се почитува со дух, не сакал да каже дека треба да покажуваме почит на премногу енергичен начин или со претерана воодушевеност. Тој сакал да каже дека треба да нѐ води Божјиот свет дух со чија помош, меѓу другото, можеме да ја разбереме Библијата (1. Коринќаните 2:9-12). А зборот „вистина“ се однесува на исправното разбирање на библиските учења. Според тоа, не мора да бидеме на некое посебно место за да покажеме вистинска почит кон Бог. Најважно е да го почитуваме во склад со вистината од Библијата и во склад со водството од светиот дух.

КАКО ТРЕБА ХРИСТИЈАНИТЕ ДА ГЛЕДААТ НА СВЕТИЛИШТАТА

Тогаш, каков став треба да имаат христијаните за аџилакот и за светилиштата? Исус рекол дека на Бог треба да му оддаваме почит со дух и со вистина. Според тоа, за нашиот небесен Татко нема големо значење местото од кое ќе му покажеме почит. Освен тоа, од Библијата дознаваме што мисли Бог за употребата на религиозни предмети во негова чест. Во неа тој рекол: „Бегајте од идолопоклонство“ и „Чувајте се од идоли“ (1. Коринќаните 10:14; 1. Јованово 5:21). Од тие причини, еден вистински христијанин не би му оддавал почит на Бог од некое место само затоа што луѓето го сметаат за свето, ниту од место каде што се обожаваат идоли.

Сепак, тоа не значи дека Библијата забранува да имаме посебно место каде што ќе се молиме, ќе проучуваме или длабоко ќе размислуваме. Всушност, местата за собирање што се уредни и достоинствени се одлично место каде што може да се учи за Бог и да се дискутира за духовни работи. Не е погрешно ниту да градиме споменици како, на пример, надгробна плоча за некој што ни починал. Тоа би било само еден знак на сеќавање или почит кон умрениот. Но, ако таквите места ги сметаме за свети и таму ставаме кипови или реликвии, би постапиле потполно спротивно на она што го рекол Исус.

Според тоа, не мора да одиш во светилиште за Бог да ги чуе твоите молитви. Ниту, пак, треба да одиш на аџилак за Бог да е задоволен од тебе или да ти даде посебен благослов. Библијата ни кажува дека Јехова Бог, „Господарот на небото и на земјата, не живее во храмови направени со раце“. Но, ова не значи дека Бог не сака да биде близок со нас. Тој „не е далеку од никого од нас“ и затоа може да бидеме уверени дека ќе ги чуе нашите молитви без разлика од кое место ќе му ги упатиме (Дела 17:24-27).

^ пас. 2 Ритуалите може да се разликуваат од едно до друго светилиште.

^ пас. 3 Види ја рамката „ Што е светилиште?