Твојата иднина е во твои раце!
ДАЛИ ИМАШ НЕКАКВО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ ТВОЈАТА ИДНИНА? Некои луѓе веруваат во судбина. Тие мислат дека иднината им е предодредена и дека не зависи од одлуките што ги донесуваат. Кога не успеваат да остварат некои од своите цели, мислат дека така требало да биде. Тие велат: „Не било пишано!“
Други се разочарани кога не гледаат излез од проблемите во овој суров и неправеден свет во кој живееме. Можеби се обидуваат да си го подобрат животот, но поради работи како што се војните, криминалот, природните катастрофи и болестите нивните планови не успеваат. Тие си велат: „Зошто воопшто да се мачам?“
Точно е дека околностите во животот можат во голема мера да влијаат врз твоите планови (Проповедник 9:11). Сепак, ти си тој што има влијание врз тоа дали ќе живееш вечно. Всушност, Библијата вели дека твојата иднина зависи од одлуките што ги носиш. Да видиме што пишува во неа.
Пред древните Израелци да влезат во Ветената земја, Мојсеј, кој им бил водач, под водство на Бог им рекол: „Пред вас ставам живот и смрт, благослов и проклетство. Затоа избери го животот за да останеш жив, ти и твоето потомство, така што ќе го сакаш Јехова, својот Бог, ќе го слушаш неговиот глас и ќе се држиш за него“ (5. Мојсеева 30:15, 19, 20).
„Пред вас ставам живот и смрт, благослов и проклетство. Затоа избери го животот“ (5. Мојсеева 30:19)
Бог ги избавил Израелците од ропството во Египет и им дал можност да живеат во Ветената земја каде што ќе имале среќен и исполнет живот. Но, овие благослови немало да си дојдат сами по себе. За да ги добиеле, тие требало да изберат живот. Како можеле да го направат тоа? Така што ќе го сакале Бог, ќе го слушале неговиот глас и ќе се држеле за него.
И ти стоиш пред сличен избор. Она што ќе го избереш ќе влијае врз твојата иднина. Ако избереш да го сакаш Бог, да го слушаш неговиот глас и да се држиш за него, ќе избереш живот — вечен живот во рајот на Земјата. Но, што вклучува секоја од овие работи?
САКАЈ ГО БОГ
Љубовта е главната особина на Бог. Под водство на светиот дух, апостол Јован напишал: „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Од таа причина, кога го прашале која е најголемата заповед, Исус рекол: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“ (Матеј 22:37). Нашето пријателство со Јехова Бог треба да се темели на љубов, а не на страв или на слепа послушност. Но, зошто треба да го сакаме Бог?
Љубовта што Јехова ја има кон луѓето може да се спореди со љубовта што родителите ја чувствуваат кон своите деца. Иако се несовршени, добрите родители ги поучуваат, ги охрабруваат, ги поддржуваат и ги укоруваат своите деца затоа што сакаат тие да бидат среќни и да успеат во животот. Што очекуваат родителите за возврат? Тие очекуваат децата да ги сакаат и да ги земат присрце поуките што им ги дале за нивно добро. Зарем не е разумно тоа што и нашиот небесен Татко очекува од нас да му покажуваме љубов и благодарност за сето она што го направил за нас?
СЛУШАЈ ГО НЕГОВИОТ ГЛАС
На изворните јазици на кои била напишана Библијата, зборот „слушај“ честопати ја пренесува идејата да се биде „послушен“. На пример, кога ќе му речеме на некое дете: „Слушај ги родителите“, всушност, сакаме да му кажеме да им биде послушно. Слично на тоа, да го слушаме гласот на Бог значи да дознаеме што очекува од нас и да му бидеме послушни. Бидејќи не можеме дословно да го слушаме гласот на Бог, го слушаме така што ја читаме неговата Реч, Библијата, и го применуваме она што го учиме (1. Јованово 5:3).
За да покаже колку е важно да го слушаме Божјиот глас, Исус во една прилика рекол: „Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (Матеј 4:4). Точно е дека физичката храна е важна за нас. Но, многу е поважно да учиме за Бог. Зошто? Мудриот цар Соломон напишал: „Мудроста е заштита, а и парите се заштита. Но предноста на знаењето и на мудроста е во тоа што тие им го чуваат животот на оние што ги имаат“ (Проповедник 7:12). Знаењето и мудроста од Бог можат уште денес да нѐ заштитат, а и да ни помогнат да направиме мудар избор кој во иднина ќе ни овозможи да живееме засекогаш.
ДРЖИ СЕ ЗА НЕГО
Во претходната статија спомнавме една споредба на Исус во која тој рекол: „Тесна е вратата и тесен е патот што води во живот, и малцина го наоѓаат“ (Матеј 7:13, 14). Доколку одиме по тој пат и сакаме да стигнеме до целта — вечниот живот — сигурно би ни користело тоа што ќе имаме еден искусен водич до нас. Затоа, имаме добра причина да останеме близу до Бог (Псалм 16:8). Како можеме да го направиме тоа?
Секој ден има многу работи кои мора да ги направиме и уште повеќе работи кои би сакале да ги направиме. Овие работи можат толку многу да ни го одземат времето и вниманието што ќе имаме многу малку време или воопшто нема да имаме време да размислуваме за тоа што сака Бог да правиме. Токму затоа Библијата нѐ предупредува: „Добро внимавајте како живеете — не како немудри, туку како мудри. Откупувајте си време, зашто деновите се зли“ (Ефешаните 5:15, 16). Ќе останеме близу до Бог ако пријателството со него го ставиме на прво место во животот (Матеј 6:33).
ИЗБОРОТ Е ТВОЈ
Иако не можеш да го смениш твоето минато, можеш да направиш нешто за ти и твоите најблиски да имате убава иднина. Од Библијата дознаваме дека нашиот небесен Татко, Јехова Бог, многу нѐ сака. Исто така, во неа е запишано што очекува тој од нас. Забележи што рекол пророкот Михеј:
„Тој ти кажа, земен човеку, што е добро. Бара ли Јехова, твојот Бог, од тебе нешто друго, освен да постапуваш праведно, да ја сакаш добротата и скромно да одиш со него?“ (Михеј 6:8).
Јехова Бог те повикува да бидеш близок со него и да добиеш вечен живот. Ќе ја прифатиш ли оваа покана? Изборот е твој!