Дали ќе му дојде крај на овој свет?
Можеби знаеш дека Библијата зборува за крајот на светот (1. Јованово 2:17). Дали тоа значи дека ќе му дојде крајот на човечкиот род? Дали планетата Земја ќе стане потполно пуста без живот на неа или ќе биде сосема уништена?
БИБЛИСКИОТ ОДГОВОР НА ОВИЕ ДВЕ ПРАШАЊА Е „НЕ“!
На што нема да му дојде крај?
НА ЧОВЕЧКИОТ РОД
Што вели Библијата: Бог „не ја создаде [Земјата] залудно, туку ја обликува за да биде населена“ (ИСАИЈА 45:18).
НА ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА
Што вели Библијата: „Едно поколение заминува, друго доаѓа, а земјата останува засекогаш“ (ПРОПОВЕДНИК 1:4).
ШТО ЗНАЧИ ОВА: Според Библијата, Земјата никогаш нема да биде уништена и секогаш ќе биде населена. Тогаш, во која смисла ќе дојде крајот на светот?
РАЗМИСЛИ: Крајот што му претстои на овој свет, Библијата го споредува со она што се случило во времето на Ное. Тогаш на Земјата имало многу насилство (1. Мојсеева 6:13). Меѓутоа, Ное бил праведен и затоа Бог ги сочувал него и неговото семејство, а злобните луѓе ги уништил со потоп. Осврнувајќи се на тој настан, Библијата вели: „Тогашниот свет беше уништен кога беше потопен со вода“ (2. Петрово 3:6). Со тоа му бил ставен крај на тогашниот свет. А што било уништено во потопот? Злобните луѓе, а не планетата Земја. Според тоа, кога Библијата зборува за крајот на светот, тоа не значи дека ќе биде уништена нашата планета, туку дека ќе им биде ставен крај на злобните луѓе и на општеството што тие го создале.
На што ќе му дојде крај?
НА ПРОБЛЕМИТЕ И НА ЗЛОБНИТЕ ЛУЃЕ
Што вели Библијата: „Уште малку, и злиот ќе го снема. Ќе го побараш на местото негово, а него ќе го нема. А кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (ПСАЛМ 37:10, 11).
ШТО ЗНАЧИ ОВА: Потопот од времето на Ное не го отстранил сето зло еднаш засекогаш. После Потопот, злобните луѓе повторно им го загорчувале животот на другите. Но, наскоро Бог ќе им стави крај на злобните. Псалмистот рекол: „Злиот ќе го снема“. Бог ќе му стави крај на злото преку своето Царство — влада која ќе владее од небото над луѓето што му се послушни на Бог.
РАЗМИСЛИ: Дали светските водачи ќе го прифатат владеењето на Божјето Царство? Од Библијата дознаваме дека тоа нема да се случи. Тие ќе му се спротивстават на Божјето Царство, што ќе биде многу неразумно од нивна страна (Псалм 2:2). Каков ќе биде резултатот од тоа? Божјето Царство ќе ги замени сите човечки влади, „а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44). Но, зошто треба да му биде ставен крај на човечкото владеење?
Човечкото владеење МОРА ДА ЗАВРШИ
Што вели Библијата: „Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (ЕРЕМИЈА 10:23).
ШТО ЗНАЧИ ОВА: Луѓето не се создадени да владеат над други луѓе и затоа не се способни да ги решаваат нивните проблеми.
РАЗМИСЛИ: Во една енциклопедија пишува дека, по сѐ изгледа, поединечните влади не се способни „да ги решат глобалните проблеми како што се сиромаштијата, гладот, болестите, природните катастрофи, војните и насилството“. Освен тоа, во неа пишува: „Некои сметаат дека трајно решение на тие проблеми би можело да се постигне единствено ако со целото човештво управува само една влада“ (Britannica Academic). Меѓутоа, дури и ако сите човечки влади се обединат, со светот сѐ уште ќе владеат несовршени луѓе кои не можат да ги решат проблемите што ги спомнавме. Божјето Царство е единствената влада која има моќ еднаш засекогаш да ги реши сите проблеми во светот.
Значи, според Библијата, добрите луѓе не треба да се плашат од крајот на овој злобен свет. Напротив, треба да се радуваат бидејќи овој стар свет кој се распаѓа ќе биде заменет со Божјиот прекрасен нов свет!
Кога ќе се случи тоа? Библискиот одговор ќе го добиеме во следната статија.