Што треба да правиш за да живееш во новиот свет?
Од претходните статии дознавме дека Бог ќе му стави крај на ова безбожно човечко општество заедно со сите негови проблеми. Зошто можеме да бидеме уверени во ова? Бидејќи во Божјата Реч, Библијата, е дадено следново ветување:
„Светот поминува“ (1. ЈОВАНОВО 2:17).
Можеме да бидеме сигурни дека ќе има преживеани бидејќи во истиот библиски стих е ветено и следново:
„Оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш”.
Според тоа, ако сакаме да преживееме, треба да постапуваме во склад со Божјата волја. А за да откриеме која е Божјата волја, прво мора да го запознаеме Бог.
ДОБРО ЗАПОЗНАЈ ГО БОГ ЗА ДА ГО ПРЕЖИВЕЕШ КРАЈОТ
Исус рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог“ (Јован 17:3). За да го преживееме крајот и за да живееме вечно, треба добро да го запознаеме Бог. Во тоа е вклучено повеќе отколку само да веруваме дека Бог постои или да знаеме неколку факти за него. Треба да бидеме пријатели со него. Ако сакаме нашето пријателство со некого да биде цврсто, треба да минуваме време со тоа лице. Истото може да се каже и за нашето пријателство со Бог. Да разгледаме неколку важни вистини од Библијата кои може да ни помогнат да станеме пријатели со Бог и да останеме блиски со него.
ЧИТАЈ ЈА БОЖЈАТА РЕЧ, БИБЛИЈАТА, СЕКОЈ ДЕН
За да останеме живи, ние мора редовно да јадеме. Но, Исус рекол: „Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (Матеј 4:4).
Денес Божјите зборови ги наоѓаме на страниците од Библијата. Додека ја проучуваш таа света книга ќе дознаеш што направил Бог за луѓето во минатото, што прави сега и што ќе направи во иднина.
МОЛИ ГО БОГ ЗА ПОМОШ
Што можеш да направиш ако сакаш да му бидеш послушен на Бог, но не ти е лесно да престанеш со некои работи за кои тој вели дека се погрешни? Во тој случај, ќе ти биде од голема корист ако добро го запознаеш Бог.
Размисли за една жена, што ќе ја наречеме Сузана, која порано водела неморален начин на живот. Кога почнала да ја проучува Библијата, дознала за Божјата заповед: „Бегајте од блуд“, односно од сексуален неморал (1. Коринќаните 6:18). Сузана го молела Бог да ѝ даде сила да престане со овој лош начин на живот, и успеала во тоа. Но, таа сѐ уште мора да се бори со искушенија. Сузана вели: „Кога ќе ми дојдат неморални мисли, отворено зборувам со Јехова во молитва, бидејќи знам дека не можам сама да се борам со ова. Молитвата многу ми помогна да станам блиска со Јехова“. Исто како Сузана, милиони луѓе учат за Бог и го запознаваат. Тој им ја дава потребната сила за да направат промени и да почнат да живеат на начин со кој ќе го радуваат (Филипјаните 4:13).
Колку подобро ќе го запознаваш Бог толку повеќе тој ќе те запознава тебе како свој скапоцен пријател (Галатите 4:9; Псалм 25:14). Така ќе можеш да го преживееш крајот на овој свет и да живееш во Божјиот нов свет. Но, каков ќе биде тој нов свет? Одговорот ќе го дознаеш во следната статија.
a Јехова е името на Бог кое го дознаваме од Библијата.