Уште еден доказ
Постојат ли археолошки докази кои ја потврдуваат точноста на Библијата? Во едно списание од 2014 год. беше поставено прашањето: „Колку луѓе спомнати во Хебрејскиот дел на Библијата се потврдени со археолошки докази?“ (Biblical Archaeology Review). Одговорот беше: „Најмалку 50!“ Една личност што не се наоѓа на списокот во тоа списание е Татанај. Кој бил тој? Да видиме што вели Библијата за него.
Во еден период од историјата, Ерусалим бил дел од огромното Персиско Царство. Овој град се наоѓал на територијата што Персијците ја нарекувале „од онаа страна на Реката“, односно западно од реката Еуфрат. По освојувањето на Вавилон, Персијците ги ослободиле еврејските заробеници и им дале налог одново да го изградат храмот на Јехова во Ерусалим (Езра 1:1-4). Меѓутоа, непријателите на Евреите биле против изградбата на храмот и ги обвиниле дека со тоа креваат бунт против Персија (Езра 4:4-16). За време на владеењето на Дариј I (522-486 год. пр.н.е.), еден персиски службеник по име Татанај отишол во Ерусалим за да ја испита работата. Библијата го нарекува „управител од онаа страна на Реката“ (Езра 5:3-7).
Во една семејна архива, меѓу другото биле пронајдени и неколку артефакти со клинесто писмо кои го содржат името Татанај. Еден од нив е меница која датира од 20-тата година од владеењето на Дариј I (502 год. пр.н.е.) и во која се спомнува еден член на тоа семејство во поврзаност со Татанај. Сведокот на договорот е наречен слуга на „Татанај, управителот од онаа страна на Реката“ — истиот Татанај кој се спомнува во библиската книга Езра.
Каква улога имал Татанај? Во 535 год. пр.н.е., Кир Велики го поделил подрачјето над кое владеел на покраини. Една од нив го добила името „Вавилон и од онаа страна на Реката“. Оваа покраина подоцна била поделена на две, од кои едната била наречена „од онаа страна на Реката“. Во неа спаѓале Келесирија, Феникија, Самарија и Јуда, и веројатно била управувана од Дамаск. Татанај управувал со овој регион од околу 520 до 502 год. пр.н.е.
Откако отишол во Ерусалим да го испита обвинението дека Евреите спремаат бунт, Татанај го известил Дариј дека тие тврдат дека имаат налог од Кир повторно да го изградат храмот на Јехова. Истрагата спроведена во царската архива покажала дека тоа е точно (Езра 5:6, 7, 11-13; 6:1-3). Така Татанај добил наредба да не презема ништо против изградбата (Езра 6:6, 7, 13).
Реално кажано, Татанај, кој бил „управител од онаа страна на Реката“, нема некоја клучна улога во историјата. Сепак, вреди да се забележи дека Библијата го спомнува со точниот назив на титулата што ја имал. Тоа е само уште еден доказ дека археологијата одново и одново ја потврдува историската точност на Библијата.