ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЧЕТИРИТЕ ЈАВАЧИ НА АПОКАЛИПСАТА
Што претставуваат четирите јавачи?
На прв поглед, четирите јавачи можеби изгледаат мистериозно и страшно. Сепак, Библијата и некои настани од поново време ни помагаат да откриеме што точно означува секој од овие јавачи. Иако тие најавиле големи катастрофи на Земјата, нивниот галоп може да значи добри вести за тебе и за твоето семејство. Во која смисла? Пред да одговориме на ова прашање, да видиме што претставуваат четирите јавачи.
ЈАВАЧОТ НА БЕЛИОТ КОЊ
Видението започнува со следниов опис: „Гледај — бел коњ и на него јавач кој имаше лак. И му беше дадена круна, па излезе победувајќи и тргна во конечна победа“ (Откровение 6:2).
Кој го јава белиот коњ? Тоа ни го открива библиската книга Откровение, во која овој јавач е наречен и „Реч Божја“ (Откровение 19:11-13). Оваа титула — Речта — му припаѓа на Исус Христос бидејќи тој е Божји гласник (Јован 1:1, 14). Освен тоа, Исус е наречен и „Цар над царевите и Господар над господарите“ и е опишан како „Верен и Вистинит“ (Откровение 19:11, 16). Според ова, тој има власт како цар и воин и никогаш не ја злоупотребува својата моќ. Сепак, се наметнуваат некои прашања.
Кој му дал власт на Исус да тргне во победа? (Откровение 6:2). Пророкот Даниел имал видение во кое Месијата, опишан како „син човечки“, ги добил „власта, честа и царството“ од „Прадревниот“ — самиот Јехова Бог * (Даниел 7:13, 14). Значи, Семоќниот Бог му дал на Исус право и моќ да владее и да изврши осуда. А белиот коњ е соодветен симбол за праведната војна која ќе ја поведе Божјиот Син, бидејќи Библијата честопати ја користи белата боја како симбол за праведност (Откровение 3:4; 7:9, 13, 14).
Кога започнале јавачите со својот поход? Првиот јавач, Исус, почнал да јава кога ја добил круната, односно кога бил поставен за Цар (Откровение 6:2). Дали тоа се случило веднаш откако умрел и воскреснал на небото? Не. Библијата открива дека тогаш започнал еден период во кој Исус требало да чека (Евреите 10:12, 13). Исус им кажал на своите следбеници по што можат да препознаат кога ќе заврши тој период и кога ќе почне да владее како Цар на небото. Тој рекол дека, кога ќе почне да владее, условите во светот нагло ќе се влошат и ќе има војни, глад и епидемии (Матеј 24:3, 7; Лука 21:10, 11). Кратко откако избувнала Првата светска војна во 1914 год., станало јасно дека човештвото влегува во нова ера — во еден тежок период за Земјата кој Библијата го нарекува „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1-5).
Но, со оглед на тоа што Исус станал Цар во 1914 год., зошто условите во светот почнале да се влошуваат, наместо да одат на подобро? Затоа што тогаш Исус почнал да владее на небото, а не на Земјата. Тогаш на небото избила војна во која Царот Исус, наречен Михаел, ги исфрлил Сатана и демоните оттаму (Откровение 12:7-9, 12). Бидејќи оттогаш Сатана е ограничен да дејствува само на Земјата и деновите му се избројани, тој е полн со гнев. Но, наскоро Бог ќе ја изврши пресудата над Сатана и ќе му стави крај на неговото влијание на Земјата (Матеј 6:10). Сега, да видиме како останатите тројца јавачи потврдуваат дека навистина живееме во „последните денови“. За разлика од првиот јавач, кој претставува конкретна личност, со останатите тројца јавачи се претставени условите во светот кои владеат денес.
ЈАВАЧОТ НА КОЊОТ СО ПЛАМЕНА БОЈА
„И излезе друг коњ со пламена боја. На неговиот јавач му беше дадено да го одземе мирот од земјата за луѓето да се убиваат едни со други. И му беше даден голем меч“ (Откровение 6:4).
Овој јавач ги претставува војните. Како што гледаме од стихот, тој го одзел мирот од целата Земја, а не само од неколку држави. Во 1914 год., за првпат во човечката историја избувнала војна во светски размери. Кратко потоа, следела и Втората светска војна, која била уште поразорна. Според некои проценки, бројот на загинати во војните и вооружените конфликти од 1914 год. па наваму е поголем од 100 милиони! Освен тоа, многу други лица се здобиле со тешки повреди.
А каква е состојбата со војните денес? Се чини дека за првпат во историјата луѓето имаат моќ да го збришат целиот човечки род од лицето на Земјата. Дури и организациите што се сметаат за мировни, како што се Обединетите нации, не успеваат да го запрат јавачот на црвениот коњ.
ЈАВАЧОТ НА ЦРНИОТ КОЊ
„Гледај — црн коњ и на него јавач кој имаше терезија во раката. И чув како еден глас среде четирите суштества вели: ‚Мера пченица за денариј и три мери јачмен за денариј. А маслото и виното троши ги штедливо‘“ (Откровение 6:5, 6).
Овој јавач го претставува гладот. Во овие стихови се спомнува таков недостиг на храна што една мера пченица (700 грама) чинела еден денариј — сума што во првиот век изнесувала цела дневница! (Матеј 20:2). Исто толку чинеле и три мери јачмен (2,1 килограми), житарица која се сметала за помалку вредна од пченицата. Тоа било многу скапо за да може да се прехрани едно големо семејство. Луѓето требало да ги штедат дури и основните намирници, соодветно претставени со маслиново масло и вино — едни од главните прехранбени производи во тоа време.
Дали од 1914 год. наваму може да се забележат докази за походот на јавачот на црниот коњ? И тоа како! Во текот на 20 век, од глад умреле околу 70 милиони луѓе. Според еден извештај се проценува дека „во периодот од 2012 до 2014 год. хронично неисхранети биле 805 милиони лица — отприлика секој деветти човек на планетата“. Друг извор вели: „Секоја година гладот убива повеќе луѓе отколку СИДА-та, маларијата и туберкулозата заедно“. И покрај многуте искрени напори да им се обезбеди храна на гладните, никој и ништо не може да го запре јавачот на црниот коњ.
ЈАВАЧОТ НА БЛЕДИОТ КОЊ
„Гледај — блед коњ и на него јавач, чие име беше Смрт, а по него одеше гробот. И им беше дадена власт над четвртина од земјата, да убиваат со меч и со глад и со помор и со земни ѕверови“ (Откровение 6:8).
Четвртиот јавач ја претставува смртта како последица на заразните болести и други причини. Кратко по 1914 год., шпанскиот грип покосил десетици милиони луѓе. Се претпоставува дека во тоа време се заразиле околу 500 милиони лица, што било отприлика секој трет човек во светот!
Но, шпанскиот грип бил само почеток. Експертите проценуваат дека во текот на 20 век од големи сипаници животот го изгубиле над 300 милиони луѓе. И покрај напредната медицина, денес сѐ уште умираат милиони лица поради СИДА, туберкулоза и маларија.
Сеедно дали причината е војна, глад или болест, последиците се исти — загуба на човечки животи. Без да понуди никаква надеж, Гробот ненаситно ги собира жртвите.
ДОБРИТЕ ВРЕМИЊА СЕ ПРЕД НАС!
Тешките времиња во кои живееме сега, наскоро ќе завршат. Не заборавај, Исус тргнал во победа во 1914 год., кога го исфрлил Сатана од небото, но сѐ уште не ја завршил победата (Откровение 6:2; 12:9, 12). Наскоро, за време на Армагедон, Исус ќе ги отстрани Сатана и сите што се на негова страна (Откровение 20:1-3). Исус не само што ќе му стави крај на походот на останатите тројца јавачи туку и ќе ја поправи сета штета од нивното јавање. На кој начин? Еве што ветува Библијата:
Наместо војна, ќе завладее мир. Јехова „ги прекинува војните до крајот на земјата. Го крши лакот, го здробува копјето“ (Псалм 46:9). А добрите и кротки луѓе „ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11).
Наместо глад, ќе има изобилство храна. „На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:16).
Ќе нема болести и смрт. Сите ќе бидат потполно здрави и ќе можат да живеат вечно. Бог „ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:4).
Кога Исус живеел на Земјата, покажал каков ќе биде животот во иднина под негова власт. Тој го застапувал мирот, со чудо нахранил илјадници луѓе, ги лекувал болните, па дури и воскреснувал мртви (Матеј 12:15; 14:19-21; 26:52; Јован 11:43, 44).
На Јеховините сведоци ќе им биде драго да ти покажат од Библијата како да се подготвиш за времето кога ќе заврши походот на јавачите на апокалипсата. Дали би сакал да дознаеш нешто повеќе околу тоа?