Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како ќе и биде ставен крај на смртта?

Како ќе и биде ставен крај на смртта?

ИАКО поради непослушноста на нашите прародители, Адам и Ева, сите луѓе се грешни и умираат, Бог не ја променил својата намера со човештвото. Тој го потврдува ова на многу места во својата Реч, Библијата.

  • „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29).

  • „Ќе ја уништи смртта засекогаш и Севишниот Господар Јехова ќе ги избрише солзите од секое лице“ (Исаија 25:8).

  • „Како последен непријател ќе биде уништена смртта“ (1. Коринќаните 15:26).

  • „Смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:4).

Како Бог ќе ја уништи смртта? Библијата јасно вели дека праведниците ќе живеат засекогаш. Но, исто така вели дека „нема праведен човек на земјата, кој прави само добро“ (Проповедник 7:20). Дали ова значи дека Бог ќе ги погази своите мерила за да можат несовршени и грешни луѓе да живеат засекогаш? Тоа би било незамисливо! Бог никогаш нема да направи такво нешто бидејќи тој „не може да лаже“ (Тит 1:2). Тогаш, како ќе ја исполни прекрасната намера што ја имал кога ги создал луѓето?

БОГ „ЌЕ ЈА УНИШТИ СМРТТА ЗАСЕКОГАШ“ (ИСАИЈА 25:8)

ОТКУПНИНАТА — ЛЕК ЗА СМРТТА

Јехова Бог направил нешто посебно за да ги ослободи луѓето од смртта — платил откупнина за нив. Откупнина е износ кој се плаќа за да се надомести некоја штета или за да се задоволи правдата. Бидејќи сите луѓе се грешни и осудени на смрт, Библијата отворено кажува: „Никој не може да го откупи братот, и не може да му даде на Бог откуп за него (откупнината за нивната душа е толку висока што останува неплатена довека)“ (Псалм 49:7, 8).

Кога еден несовршен човек ќе умре, тој едноставно ја плаќа казната за своите гревови. Со својата смрт не може да се откупи себеси ниту, пак, да плати за гревовите на другите (Римјаните 6:7). Било потребно некој совршен и безгрешен човек да го даде својот живот и на тој начин да плати, не за своите, туку за нашите гревови (Евреите 10:1-4).

Бог се погрижил за тоа. Тој го испратил од небото својот Син, Исус, за да се роди на Земјата како совршен, безгрешен човек (1. Петрово 2:22). Исус рекол дека дошол „да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Марко 10:45). Со тоа што умрел, тој платил за да ги поништи нашите гревови и за да нѐ ослободи од смртта (Јован 3:16).

КОГА ЌЕ Ѝ БИДЕ СТАВЕН КРАЈ НА СМРТТА?

Денес живееме во „особено тешки времиња“. Тоа е јасен доказ дека пред наши очи се исполнува пророштвото за „последните денови“ на овој свет (2. Тимотеј 3:1). Последните денови ќе завршат со „денот на судот“ кога ќе бидат уништени безбожниците (2. Петрово 3:3, 7). Но, оние што го сакаат Бог ќе го преживеат тоа уништување и ќе можат да имаат „вечен живот“ (Матеј 25:46).

Исус дошол „да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Марко 10:45)

На милиони други ќе им биде дадена можност да живеат вечно откако ќе бидат воскреснати. Во една прилика, кога бил во градот Наин, Исус го воскреснал синот на една вдовица затоа што му паднало жал за неа (Лука 7:11-15). А апостол Павле рекол: „Имам надеж... дека Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15). Со тоа што ни дал ваква сигурна надеж, Јехова ја покажал својата огромна љубов кон луѓето.

Милијарди луѓе ќе имаат можност да живеат засекогаш. Библијата вели: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Пс 37:29). Тие ќе бидат пресреќни кога ќе го доживеат исполнувањето на следниве утешни зборови кои ги запишал апостол Павле пред околу 2.000 години: „Смрт, каде е твојата победа? Смрт, каде е твоето осило?“ (1. Коринќаните 15:55). Конечно ќе му биде ставен крај на овој страшен непријател на луѓето!