Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Биди како Јехова, Богот кој ги охрабрува другите

Биди како Јехова, Богот кој ги охрабрува другите

Нека е благословен Богот кој нѐ теши во секоја наша неволја (2. КОР. 1:3, 4)

ПЕСНИ: 7, 3

1. Какво охрабрување дал Јехова кога Адам и Ева се побуниле?

ЈЕХОВА е Бог кој ги охрабрува другите. Тоа го прави уште од времето кога луѓето направиле грев и станале несовршени. Всушност, веднаш откако Адам и Ева се побуниле против Бог, тој дал едно пророштво кое требало да им влее храброст и надеж на луѓето кои ќе го разбереле во иднина. Според ова пророштво, кое е запишано во 1. Мојсеева 3:15, Сатана Ѓаволот и сите негови зли дела ќе бидат уништени (1. Јов. 3:8; Отк. 12:9).

ЈЕХОВА ГИ ХРАБРЕЛ СВОИТЕ СЛУГИ ВО МИНАТОТО

2. Како Јехова го охрабрил Ное?

2 Размисли за тоа како Јехова го охрабрил својот слуга Ное. Луѓето кои живееле во негово време биле насилни и неморални, а само тој и неговото семејство му служеле на Јехова. Тоа можело да го обесхрабри Ное (1. Мој. 6:4, 5, 11; Јуда 6). Но Јехова му ја дал храброста што му била потребна за да може да продолжи да му служи и да постапува исправно (1. Мој. 6:9). Како? Му рекол дека ќе го уништи тој злобен свет, и му објаснил што треба да прави за да си го спаси семејството (1. Мој. 6:13-18). Така Ное лично се уверил дека Јехова е Бог кој ги охрабрува другите.

3. Како Јехова го охрабрил Исус Навин? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

3 Подоцна, Јехова го охрабрил својот слуга Исус Навин, кој добил многу тешка задача. Тој требало да го воведе Божјиот народ во Ветената земја и да ги победи моќните народи кои живееле таму. Јехова знаел дека Исус Навин има основана причина да биде исплашен, и затоа му рекол на Мојсеј: „Постави го Исус Навин за водач, охрабри го и зајакни го, зашто тој ќе премине онаму на чело на овој народ и тој ќе им ја предаде во наследство земјата што ќе ја видиш“ (5. Мој. 3:28). Пред Исус Навин да тргне во поход, Јехова го охрабрил со зборовите: „Ти заповедам уште еднаш: биди храбар и силен! Не бој се и не плаши се, зашто со тебе е Јехова, твојот Бог, каде и да појдеш!“ (Ис. Нав. 1:1, 9). Тоа навистина било големо охрабрување!

4, 5. а) Како Јехова ги охрабрил своите слуги во минатото? б) Како Јехова го охрабрил својот Син?

4 Јехова ги храбрел своите слуги и како група. На пример, тој знаел дека на Евреите ќе им треба охрабрување кога ќе бидат во ропство во Вавилон. Затоа ги утешил преку следново пророштво: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе! Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог! Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам. Ќе те потпрам со мојата праведна десница“ (Иса. 41:10). Истото уверување важело и за првите христијани, а важи и за нас денес. (Прочитај 2. Коринќаните 1:3, 4.)

5 Јехова го охрабрил и својот Син. Откако се крстил, Исус чул глас од небото: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја!“ (Мат. 3:17). Тие зборови сигурно многу го храбреле Исус додека ја извршувал својата служба на Земјата.

ИСУС ГИ ОХРАБРУВАЛ ДРУГИТЕ

6. Како нѐ охрабрува Исусовата споредба за талантите?

6 Исус го следел примерот на својот Татко така што ги храбрел другите за да му останат верни на Бог. Тоа се гледа од споредбата за талантите, во која господарот го пофалил секој верен слуга со зборовите: „Одлично, добар и верен робу! Беше верен во малку и затоа ќе те поставам над многу. Радувај се со својот господар“ (Мат. 25:21, 23). Овие зборови сигурно им влеале храброст на неговите ученици и им помогнале да продолжат верно да му служат на Бог.

7. Како Исус бил извор на охрабрување за своите апостоли, и како особено го охрабрил Петар?

7 Исус секогаш ги охрабрувал своите апостоли, иако понекогаш го разочарувале. Тие честопати се расправале кој од нив е најголем, но Исус стрпливо ги поучувал да бидат понизни и да им служат на другите, а не да се однесуваат како господари (Лука 22:24-26). Размисли за Петар. Тој неколку пати го разочарал Исус (Мат. 16:21-23; 26:31-35, 75). Но Исус никогаш не го отфрлил, туку го охрабрувал, па дури и му дал задача да ги зајакне своите браќа (Јован 21:16).

КАКО НЕКОИ БОЖЈИ СЛУГИ ГИ ХРАБРЕЛЕ ДРУГИТЕ

8. Како Езекија ги охрабрил воените заповедници и жителите на Ерусалим?

8 Јеховините слуги знаеле дека треба да ги охрабруваат другите уште пред Исус да дојде на Земјата и да им остави пример во тој поглед. Размисли за Езекија. Кога Асирците планирале да го нападнат Ерусалим, тој ги собрал воените заповедници и народот за да ги охрабри. Кој бил резултатот? Тие биле зајакнати и положиле доверба во неговите зборови. (Прочитај 2. Летописи 32:6-8.)

9. Што учиме од Јов во врска со охрабрувањето?

9 Можеме многу да научиме за охрабрувањето и од примерот на Јов. Иако и самиот имал потреба од утеха, тој ги поучил другите што значи да охрабриш некого. На тројцата „мачни тешители“ им кажал дека, кога би бил на нивно место, тој со своите зборови би ги зајакнал и би им помогнал да се чувствуваат подобро (Јов 16:1-5). На крајот, Јов добил охрабрување од Елиу и лично од Јехова (Јов 33:24, 25; 36:1, 11; 42:7, 10).

10, 11. а) Зошто на ќерката на Јефтај ѝ било потребно охрабрување? б) Кој денес заслужува да добие охрабрување како ќерката на Јефтај?

10 И ќерката на судијата Јефтај имала потреба од охрабрување. Татко ѝ требало да се бори со Амонците. Тој му ветил на Јехова дека, ако му помогне да победи во битката, првиот што ќе го пречека кога ќе се врати дома, ќе го испрати да служи во светиот шатор. Израелците победиле во битката. И, кој го пречекал Јефтај? Токму неговата мила ќерка, неговото единствено дете. Срцето на Јефтај било скршено. Сепак, тој си го одржал ветувањето и ја испратил ќерка си да служи во светиот шатор до крајот на својот живот (Суд. 11:30-35).

11 Иако на Јефтај му било тешко, на ќерка му сигурно ѝ било многу потешко. Меѓутоа, таа спремно го сторила она што го ветил татко ѝ (Суд. 11:36, 37). Тоа значи дека се откажала од правото да стапи во брак, да има деца и да ја зачува семејната лоза. Ако некому му требало утеха и охрабрување, тоа била ќерката на Јефтај. Библијата вели: „Оттогаш стана обичај во Израел секоја година, четири дена во годината, ќерките на Израел да одат да ја пофалат ќерката на Галадецот Јефтај“ (Суд. 11:39, 40). Нејзиниот пример нѐ потсетува на денешните Божји слуги кои одлучиле да не стапуваат во брак за да можат да прават повеќе во службата за Јехова. Зарем и тие не заслужуваат да ги пофалуваме и охрабруваме? (1. Кор. 7:32-35).

АПОСТОЛИТЕ ГИ ОХРАБРУВАЛЕ БРАЌАТА

12, 13. Како Петар ги зајакнувал браќата?

12 Ноќта пред својата смрт, Исус му кажал на апостол Петар: „Симоне, Симоне, еве, Сатана побара да ве просее како пченица. Но јас сесрдно се молев за тебе, твојата вера да не ослаби. А ти, штом ќе се вратиш, зајакни ги своите браќа!“ (Лука 22:31, 32).

Библиските книги што ги напишале апостолите ги охрабрувале христијаните во првиот век, а нѐ охрабруваат и нас денес (Види во пасуси 12-17)

13 Петар бил еден од столбовите на христијанското собрание во првиот век (Гал. 2:9). Тој ги охрабрил браќата со храброста што ја покажал на Педесетница, а и потоа. При крајот на својата долгогодишна служба, тој им го напишал следново на браќата: „Ви пишувам накратко за да ве охрабрам и со увереност да ви посведочам дека ова е вистинската Божја незаслужена доброта. Во неа стојте!“ (1. Пет. 5:12). Писмата на Петар биле извор на охрабрување за христијаните во негово време. Тоа охрабрување особено ни треба нам денес додека чекаме да се исполнат Јеховините ветувања (2. Пет. 3:13).

14, 15. Како нѐ охрабруваат библиските книги што ги напишал апостол Јован?

14 Апостол Јован исто така бил еден од столбовите на христијанското собрание во првиот век. Тој напишал едно возбудливо евангелие за службата на Исус. Оваа библиска книга со векови ги охрабрувала христијаните, а нѐ храбри и нас денес. На пример, само во извештајот на Јован се наоѓа изјавата на Исус дека неговите вистински ученици ќе се препознаваат по љубовта. (Прочитај Јован 13:34, 35.)

15 Трите писма што ги напишал Јован исто така содржат скапоцени библиски вистини. Кога сме обесхрабрени поради нашите грешки, зарем не сме утешени кога ќе прочитаме дека откупната жртва на Исус „нѐ исчистува од секаков грев“? (1. Јов. 1:7). А ако нашето срце упорно нѐ осудува, зарем не сме трогнати кога ќе прочитаме дека „Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ“? (1. Јов. 3:20). Освен тоа, само Јован напишал дека „Бог е љубов“ (1. Јов. 4:8, 16). А во своето второ и трето писмо, тој ги пофалил христијаните кои „живеат според вистината“ (2. Јов. 4; 3. Јов. 3, 4).

16, 17. Како апостол Павле ги охрабрувал првите христијани?

16 Апостол Павле дал прекрасен пример со тоа што ги охрабрувал соверниците. Кратко по смртта на Исус, повеќето апостоли останале во Ерусалим, каде што се наоѓало водечкото тело (Дела 8:14; 15:2). Христијаните во Јудеја им проповедале за Христос на луѓе кои веќе верувале во еден Бог. Но светиот дух го водел Павле да им проповеда на Грците, на Римјаните и на други кои обожавале многу богови (Гал. 2:7-9; 1. Тим. 2:7).

17 Павле патувал низ подрачјето на денешна Турција, како и во Грција и Италија. Тој им проповедал на не-Евреите кои живееле во тие места, и таму основал христијански собранија. Животот на новообратените христијани не бил лесен. Тие биле прогонувани од своите сонародници и затоа им било потребно охрабрување (1. Сол. 2:14). Околу 50 год. од н.е., Павле му напишал охрабрувачко писмо на новооснованото собрание во Солун. Во него стои: „Секогаш му благодариме на Бог за сите вас кога ве спомнуваме во своите молитви, зашто непрестајно ги имаме на ум вашите дела поттикнати од вера и вашиот труд поттикнат од љубов и вашата истрајност“ (1. Сол. 1:2, 3). Исто така, тој ги поттикнал да се зајакнуваат еден со друг, кога рекол: „Тешете се меѓусебно и изградувајте се еден со друг“ (1. Сол. 5:11).

ВОДЕЧКОТО ТЕЛО ДАВА ОХРАБРУВАЊЕ

18. Како водечкото тело во првиот век го охрабрило Филип?

18 Во првиот век, водечкото тело било извор на охрабрување за сите браќа, вклучувајќи ги и оние што предводеле во собранијата. Кога Филип им проповедал на Самарјаните, браќата од водечкото тело му дале целосна поддршка. Тие испратиле двајца свои членови, Петар и Јован, да се молат за новите христијани да добијат свет дух (Дела 8:5, 14-17). Филип и тие нови браќа и сестри сигурно биле многу охрабрени од поддршката што ја добиле од водечкото тело!

19. Како се чувствувале христијаните кога го прочитале писмото од водечкото тело?

19 Подоцна, водечкото тело требало да донесе важна одлука дали христијаните кои не биле Евреи мора да се обрежуваат како што било пропишано со Мојсеевиот закон (Дела 15:1, 2). Откако се молеле за свет дух и потоа разговарале на темел на Писмото, членовите на водечкото тело одлучиле дека обрежувањето повеќе не е потребно. Потоа напишале писмо во кое ја објасниле својата одлука и испратиле претставници кои го однеле писмото во собранијата. Кога го прочитале ова охрабрувачко писмо, христијаните многу се израдувале (Дела 15:27-32).

20. а) Кои се некои начини на кои Водечкото тело нѐ охрабрува сите нас денес? б) На кое прашање ќе добиеме одговор во следната статија?

20 Денес, Водечкото тело на Јеховините сведоци ги охрабрува членовите на бетелските семејства, другите специјални полновремени слуги и целото братство. Резултатот е ист како и во првиот век — таквото охрабрување ни причинува голема радост! Освен тоа, во 2015 год. Водечкото тело ја објави брошурата Врати се кај Јехова, која се покажа како голем извор на охрабрување за многумина низ целиот свет. Но дали само браќата кои предводат треба да ги охрабруваат другите? Одговорот ќе го дознаеме во следната статија.