Именувани браќа — учете од Тимотеј
МИНАТАТА година, илјадници браќа низ целиот свет беа именувани како старешини и слуга-помошници. Ако и ти си еден од овие драги браќа, сигурно се радуваш на твојата нова задача во организацијата.
Се разбира, можеби до одредена мера си загрижен или несигурен во себе. Еден млад старешина по име Џејсон вели: „Кога бев именуван за старешина, се чувствував преплавен од многуте нови обврски“. Мојсеј и Еремија сметале дека не се доволно способни за новите задачи што ги добиле од Јехова (2. Мој. 4:10; Ерем. 1:6). Ако и ти минуваш низ слични чувства, како би можел да се справиш со нив и да продолжиш духовно да напредуваш? Да го разгледаме примерот на христијанскиот ученик Тимотеј (Дела 16:1-3).
СЛЕДИ ГО ПРИМЕРОТ НА ТИМОТЕЈ
Тимотеј веројатно имал околу 20 години кога апостол Павле го поканил да му биде соработник. Во почетокот, бидејќи бил млад, Тимотеј можеби немал доволно самодоверба и можеби се колебал да ја извршува својата нова задача (1. Тим. 4:11, 12; 2. Тим. 1:1, 2, 7). Сепак, по неколку децении, Павле можел да му го каже следново на собранието во Филипи: „Се надевам дека, ако му биде по волја на Господарот Исус, наскоро ќе ви го испратам Тимотеј... Зашто, немам никој друг како него“ (Фил. 2:19, 20).
Што му помогнало на Тимотеј да стане толку добар старешина? Да разгледаме шест работи кои можеме да ги научиме од неговиот пример.
1. Вистински се грижел за луѓето. На браќата во Филипи, Павле им го кажал следново за Тимотеј: „Немам никој друг како него, кој вистински би се грижел за вашата благосостојба“ (Фил. 2:20). Тимотеј сакал да им помага на другите да се зближат со Јехова, и правел сѐ што можел во тој поглед.
Немој да бидеш како некој шофер на автобус кому му е поважно да стигне навреме на секоја автобуска станица отколку да ги собере патниците. Вилијам, кој служи како старешина повеќе од 20 години, им го дава овој совет на новите именувани браќа: „Сакајте ги своите браќа. Не треба да ви биде најважно да ги организирате собраниските активности, туку со љубов да им помагате на браќата и сестрите“.
2. Духовните работи му биле на прво место. Кога го споредил Тимотеј со другите, Павле рекол: „Сите други се грижат само за себе, а не за она што му припаѓа на Христос Исус“ (Фил. 2:21). Павле забележал дека браќата во Рим, од каде што го пишувал писмото, биле преокупирани со своите лични работи. Тие до одредена мера се штеделе, односно не биле самопожртвувани. Но не и Тимотеј! Кога ќе му се укажела можност да ја проповеда добрата вест, тој покажувал ист став како Исаија, кој рекол: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ (Иса. 6:8).
Како да најдеш рамнотежа меѓу личните и духовните обврски? Прво, подреди ги обврските по важност. Павле ни дал совет да процениме што е најважно (Фил. 1:10). Најважно нека ти биде она што му е најважно на Бог. Второ, поедностави ги работите. Не си ги троши времето и силата на неважни активности. Павле го поттикнал Тимотеј: „Бегај од желбите на младоста, а тежнеј кон праведност, вера, љубов, мир“ (2. Тим. 2:22).
3. Трудољубиво ги извршувал теократските активности. Павле ги потсетил Филипјаните: „Вие знаете како каков се докажа тој, дека, како дете со татко, робуваше со мене во ширењето на добрата вест“ (Фил. 2:22). Тимотеј не бил мрзлив. Тој трудољубиво му помагал на Павле, и ова уште повеќе ги зближило еден со друг.
Во Божјата организација постојано има работа. Теократските активности носат големо задоволство и нѐ зближуваат со нашите браќа и сестри. Затоа, постави си за цел секогаш да бидеш зафатен „во делото на Господарот“ (1. Кор. 15:58).
4. Го применувал она што го учел. Павле му пишал на Тимотеј: „Добро ги запозна моето учење, мојот начин на живот, мојата животна цел, мојата вера, мојата долготрпеливост, мојата љубов, мојата истрајност“ (2. Тим. 3:10). Бидејќи го применувал она што го учел, Тимотеј добил поголеми одговорности (1. Кор. 4:17).
Дали имаш зрел пријател кој може да ти помага во духовен поглед? Ако не, би можел ли да најдеш? Том, кој со години служи како старешина, се сеќава: „Еден искусен старешина се спријатели со мене и добро ме поучуваше за многу работи. Постојано барав совети од него и ги применував. Ова многу ми ја зајакна самодовербата“.
5. Не престанувал да учи. Павле го поттикнал Тимотеј: „Вежбај да му бидеш оддаден на Бог“ (1. Тим. 4:7). Еден спортист обично има тренер, но мора и самиот да вежба. Павле му напишал на Тимотеј: „Посвети се на јавното читање, на поттикнувањето, на поучувањето... Размислувај за тоа, сиот посвети се на тоа, за твојот напредок да им биде видлив на сите“ (1. Тим. 4:13-15).
Труди се постојано да ги подобруваш своите вештини. Длабоко проучувај и биди во тек со најновите упатства од организацијата. Не биди претерано самоуверен, можеби така што ќе си мислиш дека благодарение на твоето големо искуство можеш да се справиш со секоја ситуација без претходно добро да истражуваш. По примерот на Тимотеј, „добро внимавај како живееш и како поучуваш“ (1. Тим. 4:16).
6. Се потпирал на Јеховиниот дух. Имајќи ја на ум службата на Тимотеј, Павле го потсетил: „Ова богатство што ти е доверено чувај го со помош на светиот дух, кој престојува во нас“ (2. Тим. 1:14). За да го зачува тоа богатство, односно истрајно и со ценење да ја извршува својата служба, Тимотеј морал да се потпира на Божјиот дух.
Доналд, кој со децении служи како старешина, рекол: „Именуваните браќа мора да го ценат својот однос со Бог. На оние што го прават тоа, ’силата им се обновува‘. Ако се молат за свет дух и ако ги развиваат неговите плодови, ќе бидат голем благослов за своите браќа“ (Пс. 84:7; 1. Пет. 4:11).
ЦЕНИ ЈА СВОЈАТА СЛУЖБА
Навистина е охрабрувачки што толку многу нови именувани браќа како тебе, духовно напредуваат. Џејсон, кој веќе го спомнавме, вели: „Откако почнав да служам како старешина, научив многу и стекнав поголема самодоверба. Сега уживам во мојата задача и ја сметам за голема чест!“
Ќе му дозволиш ли на Јехова и понатаму да те користи? Постави си за цел да учиш од Тимотеј. Така и ти ќе бидеш благослов за Божјиот народ.