Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Млади, дали си поставувате духовни цели?

Млади, дали си поставувате духовни цели?

Довери му ги своите дела на Јехова, и твоите планови ќе успеат (ИЗР. 16:3, фус.)

ПЕСНИ: 135, 144

1-3. а) Во каква ситуација се наоѓаат сите млади, и со што може тоа да се спореди? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Што ќе им помогне на нашите млади да носат мудри одлуки?

ЗАМИСЛИ дека планираш да одиш на некој значаен настан во далечен град. За да стигнеш таму, мора да патуваш со автобус. Доаѓаш на автобуската станица и во почетокот си малку збунет бидејќи станицата е голема и во неа има многу луѓе и автобуси. Но, ти знаеш каде точно сакаш да одиш и кој автобус ќе те одведе таму. Се разбира дека нема да се качиш на кој и да било автобус, бидејќи знаеш дека би можел да отидеш во погрешен правец.

2 Животот е како патување, а младите се како луѓето на автобуската станица. Понекогаш тие се збунети од многуте одлуки и можности кои стојат пред нив. Но, ако точно знаат каде сакаат да одат, полесно ќе донесат исправни одлуки. Веројатно се прашуваш: „По кој пат да тргнам?“

3 Оваа статија ќе ви помогне да го најдете одговорот на тоа прашање и ќе ве поттикне најважно да ви биде да го радувате Јехова. Тоа значи да го вклучите Јехова во секоја ваша одлука како, на пример, какво образование или работа да изберете, дали да стапите во брак и дали да имате деца. Исто така, треба да си поставувате духовни цели. Ако Јехова постојано ви е на прво место, можете да бидете сигурни дека тој ќе ве благословува и ќе ви помогне да успеете во животот. (Прочитај Изреки 16:3.)

ЗОШТО ТРЕБА ДА СИ ПОСТАВУВАШ ДУХОВНИ ЦЕЛИ?

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Добро е да се поставуваат духовни цели. Зошто? Ќе разгледаме три причини. Првата и втората ќе ти помогнат да сфатиш дека, кога се трудиш да ги оствариш тие цели, уште повеќе се зближуваш со Јехова. Третата причина ќе покаже зошто е добро да си поставуваш духовни цели уште како млад.

5. Која е најважната причина зошто треба да си поставуваме духовни цели?

5 Најважната причина зошто треба да си поставуваме духовни цели е тоа што така можеме да му покажеме на Јехова колку сме благодарни за љубовта што ни ја покажува и за сѐ што прави за нас. Еден псалмист рекол: „Добро е да ти се изразува благодарност тебе, Јехова... Зашто, ти ме веселиш, Јехова, со своите дела, поради делата на твоите раце радосно воскликнувам“ (Пс. 92:1, 4). Размисли што сѐ ти дал Јехова: живот, можност да го запознаеш, Библијата, собранието и прекрасна надеж за вечен живот во рај. Со тоа што си поставуваш духовни цели, му покажуваш на Јехова дека си му благодарен за овие благослови, и стануваш поблизок со него.

6. а) Како духовните цели влијаат врз нашиот однос со Јехова? б) Кои цели би можел да си ги поставиш додека си млад?

6 Втората причина зошто треба да си поставуваме духовни цели е тоа што, кога се трудиме да ги оствариме, си стекнуваме добро име кај Јехова. Ова уште повеќе нѐ зближува со него. Апостол Павле ветил: „Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (Евр. 6:10). Никогаш не си премлад за да си поставиш цели. На пример, Кристина на 10 години одлучила редовно да ги чита животните приказни на верни браќа и сестри. Тоби на 12 години си поставил цел да ја прочита целата Библија пред да се крсти. Максим имал 11, а сестра му Ноеми имала 10 години кога се крстиле. И двајцата си поставиле цел да служат во Бетел. За да не ја заборават својата цел, ја ставиле молбата за бетелска служба на еден ѕид во нивниот дом. А како е со тебе? Дали си размислил кои цели можеш да си ги поставиш? (Прочитај Филипјаните 1:10, 11.)

7, 8. а) Како тоа што ќе си поставуваш цели ќе ти помогне да носиш добри одлуки? б) Зошто една тинејџерка одлучила да не оди на факултет?

7 Која е третата причина зошто треба да си поставувате духовни цели, особено додека сте млади? Пред вас стојат многу одлуки. Меѓу другото, треба да одлучите какво образование и каква работа да изберете. Секоја од овие одлуки во животот може да ја споредиме со раскрсница. Ако знаеш каде сакаш да стигнеш, полесно ќе одлучиш по кој пат да одиш. Слично на тоа, ако си поставуваш цели, полесно ќе ти биде да донесеш мудри одлуки. Во Библијата пишува: „Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“ (Изр. 21:5, фус.). Колку порано си го испланираш животот така што ќе си поставиш добри цели, толку порано ќе ги жнееш благословите од твоите одлуки. Ова било случај со Дамарис која требало да донесе важна одлука во своите тинејџерски години.

8 Дамарис завршила средно училиште со одличен успех, и можела да добие стипендија за да оди на правен факултет. Но наместо тоа, избрала да работи со скратено работно време во банка. Зошто? Таа вели: „Уште кога бев мала, решив да служам како пионер. Тоа значеше дека ќе треба да работам со скратено работно време. Да бев дипломиран правник, ќе можев да заработувам многу, ама ќе ми беше многу потешко да најдам работа со скратено работно време“. Дамарис служи како пионер веќе 20 години. Дали смета дека си поставила исправна цел и дека донела мудра одлука како тинејџерка? Таа вели: „На моето работно место во банката контактирам со многу правници. Тие го работат она што ќе го работев и јас доколку отидев на правен факултет. Но многумина од нив не се задоволни од својата работа. Мојата одлука да служам како пионер ме поштеди од разочарувањата што ги носи световната кариера и ми овозможи многу години со радост да му служам на Јехова“.

9. Зошто нашите млади заслужуваат пофалба?

9 Илјадници млади низ целиот свет заслужуваат голема пофалба бидејќи најважни им се пријателството со Јехова и духовните цели. Таквите млади наоѓаат задоволство во животот, а во исто време учат да го следат водството од Јехова на секое поле, во што спаѓа изборот на образование и вработување, како и семејниот живот. Соломон рекол: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце... На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Изр. 3:5, 6). Драги млади, Јехова многу ве сака! Вие сте скапоцени за него, и затоа тој ќе ве штити, ќе ве води и ќе ве благословува.

ДОБРО ПОДГОТВИ СЕ ЗА ДА СВЕДОЧИШ ЗА ЈЕХОВА

10. а) Зошто проповедањето мора да ни биде една од најважните работи? б) Како можеме уште подобро да проповедаме?

10 Ако ти е најважно да го радуваш Јехова, ќе сакаш да им зборуваш на другите за него. Исус рекол дека, пред да дојде крајот, „најпрво мора да се проповеда добрата вест“ (Мар. 13:10). Бидејќи проповедничкото дело е многу итно, тоа треба да ни биде меѓу најважните работи во животот. Можеш ли да си поставиш за цел почесто да проповедаш? Би можел ли да служиш како пионер? Но што ако не уживаш многу во проповедањето? И како би можел подобро да им сведочиш на другите? Две работи ќе ти помогнат во тоа: добро подготвувај се и не се откажувај. Можеби ќе се изненадиш колку многу задоволство ќе најдеш во проповедањето.

Како можеш да се подготвиш за да дадеш добро сведоштво за Јехова? (Види во пасуси 11-12)

11, 12. а) Како можеш да се подготвиш за да им сведочиш на другите за Јехова? б) Како еден млад брат ја искористил можноста да сведочи на училиште?

11 Би можел да почнеш така што ќе се подготвиш за да одговориш на прашањата кои обично ги поставуваат соучениците, како на пример: „Зошто веруваш во Бог?“ На нашата интернет-страница jw.org има статии кои можат да ти помогнат да подготвиш одговор на тоа прашање. Ако одиш на БИБЛИСКИ УЧЕЊА > ТИНЕЈЏЕРИ, ќе најдеш работен лист со наслов „Зошто верувам во Бог?“ Следи ги чекорите на тој работен лист за да го подготвиш твојот одговор. Во него има три библиски стиха што можеш да ги користиш: Евреите 3:4, Римјаните 1:20 и Псалм 139:14. Со помош на овој и други работни листови, можеш да подготвиш одговор и на многу други прашања. (Прочитај 1. Петрово 3:15.)

12 Кажи им на соучениците дека можат и самите да истражуваат на страницата jw.org. Токму тоа го направил Лука. На еден час се зборувало за различни религии. Лука забележал дека во учебникот имало неточни информации за Јеховините сведоци. Иако имал трема, Лука ја прашал наставничката дали може да им објасни на соучениците зошто тие информации не се точни. Таа му дозволила, и така имал можност да ја покаже нашата интернет-страница пред целиот клас. За домашна задача, наставничката им рекла сите да го гледаат видеоклипот Победи ги насилниците без тупаници. Лука бил пресреќен што успеал да даде добро сведоштво.

13. Зошто не треба да се откажеме од нашите цели кога ќе се појават тешкотии?

13 Кога ќе се соочиш со тешкотии, не се обесхрабрувај — продолжи да ги остваруваш своите цели (2. Тим. 4:2). Пример за тоа е Катерина. Таа имала 17 години кога си поставила за цел да им проповеда на сите колеги на работа. Еден од нив ја навредил неколку пати. Но таа не ја заборавила својата цел. Еден друг колега, по име Ханс, бил воодушевен од нејзиното добро однесување. Затоа почнал да ги чита нашите публикации, да ја проучува Библијата, а на крајот и се крстил. Катерина не знаела за тоа бидејќи дотогаш веќе се преселила. Затоа многу се изненадила кога, 13 години подоцна, додека била на собраниски состанок со семејството, чула дека говорникот ќе биде Ханс! Таа била пресреќна што не се откажала од целта да им проповеда на своите колеги.

НЕ ГИ ЗАБОРАВАЈ СВОИТЕ ЦЕЛИ

14, 15. а) Што треба да имаш на ум кога другите ти вршат притисок да постапуваш неисправно? б) Како можеш да се спротивставиш на притисокот од другите?

14 Како што видовме досега, на младите треба да им биде најважно да го радуваат Јехова и да ги остваруваат своите духовни цели. Но, на многу твои врсници најважно им е да се забавуваат, и веројатно ќе те поттикнуваат и ти да го правиш истото. Кога-тогаш ќе треба да им покажеш на другите дека си цврсто решен да се држиш за одлуките што си ги донел. Не дозволувај поради притисокот од другите да ги заборавиш твоите цели. Да се потсетиме на споредбата со автобуската станица. Дали би се качил на кој и да било автобус само затоа што луѓето во него добро се забавуваат? Се разбира дека не!

15 Според тоа, што ќе ти помогне да заземеш цврст став кога другите ти вршат притисок да бидеш како нив? Избегнувај ги ситуациите во кои би можел лесно да попуштиш на притисокот (Изр. 22:3). Мисли на болните последици што ќе ги трпиш ако постапуваш неисправно (Гал. 6:7). Освен тоа, понизноста ќе ти помогне спремно да прифаќаш предлози од родителите и од духовно зрелите браќа и сестри. (Прочитај 1. Петрово 5:5, 6.)

16. Како искуството на Кристоф покажува зошто е важно да бидеме понизни?

16 Да го разгледаме примерот на Кристоф. Кратко по своето крштавање, тој почнал редовно да вежба во еден фитнес центар. Некои други млади од тој центар го поканиле да се зачлени во нивниот спортски клуб. Тој разговарал со еден старешина во врска со тоа. Старешината му рекол да размисли за можните опасности, како што е опасноста да развие желба да биде подобар од другите. Сепак, Кристоф решил да се зачлени во спортскиот клуб. Но со текот на времето забележал дека тој спорт е насилен, па дури и опасен. Затоа повторно разговарал со старешините, и тие му дале библиски совет. Кристоф вели: „Јехова ми даде добри советници, и јас ги послушав, иако за тоа ми требаше некое време“. Понизноста му помогнала на Кристоф да го прифати добриот совет. Дали и ти си доволно понизен за да прифатиш совет?

17, 18. а) Што им посакува Јехова на младите денес? б) Млади, што може да ви помогне да не зажалите за своите одлуки подоцна во животот? Наведи еден пример.

17 Библијата вели: „Радувај се, момче [или девојко], во младоста своја, и нека те весели срцето во деновите на младоста“ (Проп. 11:9). Јехова сака вие младите да бидете среќни. Во оваа статија видовме дека еден начин да успеете во тоа е да не ги заборавите своите духовни цели и да го вклучите Јехова во сите свои планови. Колку порано го правите тоа во животот, толку побрзо ќе почувствувате како Јехова ве води, ве штити и ве благословува. Размислувајте за сите мудри совети што ви ги дава преку неговата Реч, и послушајте ги следниве зборови: „Сеќавај се на својот Величествен Творец во деновите на младоста своја“ (Проп. 12:1).

18 Младоста брзо поминува. За жал, многумина се каат што си поставиле погрешни цели или што немале никакви цели додека биле млади. Но, ако постојано ги имате на ум своите духовни цели, ќе бидете среќни и задоволни подоцна во животот. Ова е случај со Мирјана, која како тинејџерка била многу талентирана за спорт. Дури била поканета да учествува на Зимските олимписки игри, но таа ја одбила поканата бидејќи решила да почне со полновремена служба. Оттогаш поминале 30 години, а Мирјана сѐ уште е во полновремена служба заедно со својот сопруг. Таа вели дека луѓето кои сакаат слава, углед, моќ и богатство никогаш не се вистински среќни, и дека најдобрите цели се да му служиме на Бог и да им помагаме на луѓето да го запознаат.

19. Зошто е добро младите да си поставуваат духовни цели?

19 Вие млади навистина заслужувате голема пофалба бидејќи Јехова ви е на прво место во животот и покрај тешкотиите со кои се соочувате. Си поставувате духовни цели, и за вас проповедничкото дело е едно од најважните работи во животот. Исто така, не дозволувате светот да ве наведе да заборавите на вашите цели. Можете да бидете уверени дека вашиот труд не е залуден. Браќата и сестрите ве сакаат и ве поддржуваат. Затоа, и понатаму потпирајте се на Јехова и вашите планови ќе успеат.