Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Во ревидираното англиско издание од 2013 на Светото писмо — превод Нов свет, зборовите од Псалм 144:12-15 се применуваат на Божјиот народ. Во претходниот превод, овие стихови се применуваа на злобните туѓинци спомнати во стих 11. Зошто беше направена оваа промена?

Хебрејскиот текст може да се преведе и на двата начина. Но, ревидираниот текст се темели на следниве фактори:

  1. Промените во преводот имаат лексичка и граматичка основа. Поврзаноста меѓу Псалм 144:12-15 и претходните стихови зависи од значењето на првиот хебрејски збор од стих 12 — зборот ашер, кој може да се преведе на неколку начини. Еден начин на кој може да се разбере овој збор дозволува стих 12 да гласи: „Тие велат: ’Нашите синови се како млади билки‘“. Во овој случај, благословите наведени во стиховите 12 до 14 би се однесувале на злобните туѓинци спомнати во претходните стихови. Но, зборот ашер може да укажува и на резултат, односно на последица, и може да се преведе со „тогаш“. Во изданието од 2013 на англиски, овој стих е преведен со: „Тогаш нашите синови ќе бидат како млади билки“.

  2. Ревидираниот текст добро се вклопува со останатиот дел од овој Псалм. Според нашето сегашно разбирање, благословите за кои се зборува во стихови 12-14 се однесуваат на праведните — оние што бараат да бидат ослободени и избавени од рацете на туѓинците (стих 11). Оваа промена влијае и врз стих 15, каде што сега се дадени две слични мисли. Со други зборови, „народот“ кој двапати се спомнува во овој стих се однесува на иста група — „народот чиј Бог е Јехова!“ Не треба да заборавиме и дека изворниот хебрејски текст немал интерпункциски знаци, како на пример наводници. Затоа, преведувачите морале сами да одлучат кое е исправното значење, земајќи го предвид поетскиот стил на хебрејски, како и контекстот и паралелните библиски стихови.

  3. Ревидираниот текст е во склад со други библиски стихови во кои е дадено ветување дека Бог ќе ги благослови своите верни слуги. Со новиот превод на зборот ашер, сега псалмот јасно ја одразува надежта на Давид дека, откако Бог ќе ги спаси Израелците од своите непријатели, Тој ќе му даде на својот народ среќа и многу благослови (3. Мој. 26:9, 10; 5. Мој. 7:13; Пс. 128:1-6). На пример, во 5. Мојсеева 28:4 стои: „Ќе биде благословен плодот на твојата утроба, плодот на твојата земја и плодот на твојата стока, младенчето од твојата крупна стока и младенчето од твојата ситна стока“. И навистина, додека владеел Соломон, синот на Давид, народот доживеал невиден мир и благосостојба. Што е уште поважно, некои аспекти од владеењето на Соломон укажуваат на владеењето на Месијата (1. Цар. 4:20, 21; Пс. 72:1-20).

Значи, промената во преводот на Псалм 144 не е промена во разбирањето на библиските учења. Меѓутоа, сега целиот Псалм уште појасно ја одразува надежта што Јеховините слуги ја имале отсекогаш — дека Бог ќе ги уништи злобните, и дека потоа ќе ги благослови праведните со мир и благосостојба (Пс. 37:10, 11).