Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Патот до вистинска слобода

Патот до вистинска слобода

Ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни (ЈОВАН 8:36)

ПЕСНИ: 54, 36

1, 2. а) Што прават луѓето за да бидат слободни? б) Каков е резултатот од нивните обиди?

ДЕНЕС често се зборува за еднаквост и слобода. Многу луѓе посакуваат свет без неправди, предрасуди и сиромаштија. Други се борат за слобода на говорот, слобода на изборот и правото сами да одлучуваат како ќе живеат. Ова покажува дека луѓето низ целиот свет сакаат да бидат слободни.

2 За да ја остварат таквата слобода, многу од нив организираат протести и револуции. Но дали навистина го добиле тоа што го сакаат? Не. Напротив, ова им донело уште поголеми страдања, па дури и смрт. Сето ова ја потврдува вистинитоста на зборовите на цар Соломон кои се запишани во Проповедник 8:9: „Човек владее над човек на негова штета“.

3. Што можеме да правиме за да бидеме вистински среќни и задоволни?

3 Од Библијата дознаваме како можеме да бидеме вистински среќни и задоволни. Ученикот Јаков напишал: „Оној што ќе се задлабочи во совршениот закон на слободата и ќе се прилепи до него... ќе биде среќен“ (Јак. 1:25). Јехова, кој го дал совршениот закон, најдобро знае што ни е потребно за да бидеме потполно среќни и задоволни. На Адам и на Ева, тој им дал вистинска слобода и сѐ друго што им било потребно за да бидат среќни.

КОГА ЛУЃЕТО БИЛЕ ВИСТИНСКИ СЛОБОДНИ

4. Каква слобода имале Адам и Ева? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

4 Кога ги читаме првите две поглавја од 1. Мојсеева, сфаќаме дека Адам и Ева имале слобода за која луѓето денес можат само да сонуваат. Тие имале сѐ што им било потребно, од ништо не се плашеле и никој не постапувал неправедно со нив. Не се грижеле дали ќе имаат храна, дали ќе најдат работа, дали ќе се разболат и дали ќе умрат (1. Мој. 1:27-29; 2:8, 9, 15). Но дали нивната слобода била неограничена? Да видиме.

5. Што е потребно за сите луѓе да имаат слобода?

5 Многу луѓе мислат дека се вистински слободни ако можат да прават што сакаат без оглед на последиците. Една енциклопедија вели дека да бидеш слободен значи „да можеш да носиш одлуки и да ги спроведуваш“ (The World Book Encyclopedia). Меѓутоа, во неа исто така пишува дека луѓето се слободни ако државата не им наметнува неправедни, непотребни и неразумни ограничувања. Ова значи дека, за да можат сите да имаат слобода, мора да постојат некакви граници. Но кој има право да одреди кои ограничувања се праведни, неопходни и разумни?

6. а) Зошто само Јехова има апсолутна слобода? б) Каква слобода имаат луѓето, и зошто?

6 Важно е да имаме на ум дека само Јехова Бог има апсолутна, неограничена слобода. Зошто? Бидејќи тој создал сѐ и е Севишен Владетел на универзумот (1. Тим. 1:17; Отк. 4:11). Цар Давид со прекрасни зборови ја опишува возвишената положба на Јехова. (Прочитај 1. Летописи 29:11, 12.) За разлика од него, сите суштества на небото и на Земјата имаат ограничена слобода. Јехова Бог сака да разбереме дека само тој има право да одреди кои ограничувања се праведни, неопходни и разумни. Всушност, тој уште од самиот почеток им поставил одредени граници на луѓето.

7. Кои работи ни причинуваат задоволство иако мора да ги правиме?

7 Иако Адам и Ева имале голема слобода, таа сепак имала граници. Некои од тие граници им биле вродени. На пример, за да останат живи, тие морале да дишат, да јадат и да спијат. Дали тоа значи дека не биле слободни? Не. Всушност, Јехова се погрижил во тие работи да најдат радост и задоволство (Пс. 104:14, 15; Проп. 3:12, 13). На сите ни е убаво кога дишеме чист воздух, кога ја јадеме омилената храна и кога добро ќе се наспиеме. Овие работи не ги доживуваме како товар или ограничување. Без сомнение, така било и со Адам и Ева.

8. Која конкретна заповед им ја дал Бог на Адам и Ева, и зошто?

8 Јехова им дал на Адам и Ева конкретна заповед — да имаат деца, да ја наполнат Земјата и да се грижат за неа (1. Мој. 1:28). Дали таа заповед им ја ограничувала слободата? Се разбира дека не! Тоа им дало можност да ја извршат Божјата намера, односно да ја претворат целата Земја во рај, каде што ќе можат вечно да живеат заедно со своите совршени деца (Иса. 45:18). Денес, ако некој реши да не стапи во брак или да нема деца, со тоа не покажува непослушност кон Бог. Од друга страна, некои стапуваат во брак и имаат деца и покрај тешкотиите што ги носат тие одлуки (1. Кор. 7:36-38). Зошто? Бидејќи во нормални околности тие работи им носат на луѓето радост и задоволство (Пс. 127:3). Доколку му биле послушни на Јехова, Адам и Ева ќе можеле во сета вечност да се радуваат на бракот и на семејниот живот.

КАКО БИЛА ИЗГУБЕНА ВИСТИНСКАТА СЛОБОДА

9. Зошто Божјата заповед од 1. Мојсеева 2:17 не била неправедна, непотребна и неразумна?

9 Јехова им дал на Адам и Ева уште една заповед, и јасно им кажал што ќе се случи ако не ја послушаат. Тој рекол: „Од дрвото на спознанието на доброто и злото не смееш да јадеш, зашто во оној ден кога ќе каснеш од него, сигурно ќе умреш“ (1. Мој. 2:17). Дали таа заповед била неправедна, непотребна или неразумна? Дали им ја ограничувала слободата на Адам и Ева? Воопшто не. Всушност, многу библиски изучувачи мислат дека Божјата заповед била многу логична и разумна. Според еден од нив, таа заповед нѐ води до заклучокот „дека само Бог знае што е добро за луѓето и само Бог знае што не е добро за нив. За да им биде добро, луѓето мора да имаат доверба во Бог и да му бидат послушни. Ако не му бидат послушни, тие ќе мора сами да одлучуваат што е добро а што не“. Тоа би било преголем товар за луѓето.

Одлуката на Адам и Ева водела до катастрофа! (Види во пасуси 9-12)

10. Зошто може да се каже дека не е исто да имаме слободна волја и да имаме право да одредуваме што е добро, а што зло?

10 Некои луѓе можеби мислат дека Јехова му ја ускратил слободната волја на Адам. Но, тие не сфаќаат дека слободната волја, односно правото да одлучуваме што да правиме, не е иста со правото да одредуваме што е добро, а што зло. Адам и Ева имале слобода да одлучат дали ќе го послушаат Бог или не. Но само Јехова го има правото да одреди што е добро, а што зло. „Дрвото на спознанието на доброто и злото“ ги потсетувало Адам и Ева на тој факт (1. Мој. 2:9). Мора да признаеме дека не знаеме секогаш каков ќе биде исходот од нашите одлуки. Токму затоа честопати се случува некој да донесе одлука со најдобри намери, но на крајот да доживее страдање, катастрофа или трагедија (Изр. 14:12). Ова потврдува дека луѓето се ограничени во она што можат да го направат. Преку заповедта што им ја дал на Адам и Ева, Јехова ги поучил дека мора да му бидат послушни за да имаат вистинска слобода. Што одлучиле Адам и Ева?

11, 12. Зошто одлуката на Адам и Ева имала катастрофални последици? Наведи пример.

11 За жал, Адам и Ева одлучиле да не го послушаат Јехова. Ева решила да го послуша Сатана кога ѝ ветил: „Ќе ви се отворат очите, па ќе станете како Бог и ќе знаете што е добро, а што зло“ (1. Мој. 3:5). Дали одлуката на Адам и Ева им донела поголема слобода, како што им кажал Сатана? Секако дека не. Всушност, последиците од нивната одлука биле катастрофални (1. Мој. 3:16-19). Зошто? Бидејќи Јехова не им дал на луѓето слобода самите да одредуваат што е добро, а што зло. (Прочитај Еремија 10:23.)

12 Ова може да се спореди со пилот што управува со авион. За да може безбедно да пристигне на својата дестинација, тој обично следи однапред одредена патека. Притоа го користи системот за навигација во авионот и комуницира со контролорите на летање. Но ако пилотот не ги следи упатствата и лета каде што сака, би можело да има катастрофални последици. Слично на овој пилот, Адам и Ева сакале да ги прават работите по свое. Тие го отфрлиле водството од Бог. Со каков резултат? Катастрофален! Нивната одлука им донела грев и смрт ним и на сите нивни потомци (Рим. 5:12). Адам и Ева не добиле повеќе слобода со тоа што се обиделе самите да одлучат што е добро, а што зло. Напротив, ја изгубиле вистинската слобода што им ја дал Јехова.

КАКО МОЖЕ ДА ДОБИЕМЕ ВИСТИНСКА СЛОБОДА

13, 14. Како можеме да добиеме вистинска слобода?

13 Некои луѓе си мислат дека ќе бидат најсреќни ако имаат неограничена слобода. Но дали е така? Точно е дека слободата има многу предности. Сепак, се плашиме дури и да замислиме каков би бил светот кога секој би правел што сака. Во една енциклопедија пишува дека законите на секое организирано општество се сложени бидејќи мораат да ја штитат и во исто време да ја ограничуваат слободата на луѓето (The World Book Encyclopedia). Ова не е секогаш лесно. Токму затоа постојат безброј закони, како и толку многу правници и судии кои се потребни за да ги објаснат и да ги применат тие закони.

14 Исус Христос објаснил како можеме да имаме вистинска слобода. Тој рекол: „Ако останете во моите зборови, навистина сте мои ученици, и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31, 32). Според тоа, за да добиеме вистинска слобода, треба да направиме две работи. Прво, треба да ја прифатиме вистината за која поучувал Исус. Второ, треба да станеме негови ученици. На тој начин ќе бидеме вистински слободни. Но слободни од што? Исус рекол: „Секој што прави грев, роб му е на гревот... Ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни“ (Јован 8:34, 36).

15. Во која смисла Исус ќе ни даде вистинска слобода?

15 Јасно е дека слободата што Исус им ја ветил на своите ученици е многу подобра од слободата што ја посакуваат повеќето луѓе денес. Кога Исус рекол: „Ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни“, тој мислел на ослободување од ропството на гревот — најголемото ропство што човештвото го доживеало. Во која смисла сме робови на гревот? Гревот нѐ тера да правиме лоши работи. Тој може и да нѐ спречи да го правиме она што е исправно или да го даваме нашето најдобро. Поради тоа жнееме разочарување, болка, страдање и на крајот смрт (Рим. 6:23). Апостол Павле на своја кожа почувствувал колкава болка носи ропството на гревот. (Прочитај Римјаните 7:21-25.) Дури откако гревот потполно ќе биде остранет, ќе имаме вистинска слобода каква што имале Адам и Ева.

16. Кога ќе бидеме вистински слободни?

16 Тоа што Исус рекол: „Ако останете во моите зборови“, покажува дека, ако сакаме тој да нѐ ослободи, треба да преземеме одредени чекори. Кои чекори? Како вистински христијани, ние сме се одрекле од себеси и сме ги прифатиле границите што ги поставил Исус за своите следбеници (Мат. 16:24). Токму како што ветил Исус, ќе бидеме вистински слободни во иднина, кога врз нас ќе бидат излеани сите благослови од неговата откупна жртва.

17. а) Како можеме да бидеме вистински среќни и исполнети? б) Што ќе дознаеме во следната статија?

17 За да бидеме вистински среќни и исполнети, мора да живееме како ученици на Исус и да бидеме послушни на неговите учења. Ако го правиме тоа, со текот на времето ќе бидеме потполно ослободени од ропството на гревот и смртта. (Прочитај Римјаните 8:1, 2, 20, 21.) Во следната статија ќе дознаеме како мудро да ја користиме слободата што ја имаме сега, за да можеме во сета вечност да му носиме слава на Јехова, Богот на вистинската слобода.