Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Служи му на Јехова, Богот на слободата

Служи му на Јехова, Богот на слободата

Каде што е Јеховиниот дух, таму е слободата (2. КОР. 3:17)

ПЕСНИ: 49, 73

1, 2. а) Зошто луѓето во времето на апостол Павле честопати размислувале за ропството и за слободата? б) За кого рекол Павле дека е изворот на вистинска слобода?

ПРВИТЕ христијани живееле во Римското Царство, каде што луѓето се гордееле со законите, правниот систем и слободата што ја имале. Сепак, Римското Царство ја стекнало својата моќ и слава главно благодарение на напорната работа на робовите. Во еден период, речиси секој трет жител на Римското Царство бил роб. Без сомнение, обичните луѓе, вклучувајќи ги и христијаните, честопати размислувале за ропството и за слободата.

2 Во своите писма, апостол Павле често пишувал за слободата. Но, за разлика од многу луѓе во тоа време, тој не се обидувал да ги реши проблемите на тогашниот свет. Наместо тоа, Павле и неговите соверници вложувале голем труд за да им ја пренесат на луѓето добрата вест за Божјето Царство и да им помогнат да разберат колку е скапоцена откупната жртва на Исус Христос. Павле им кажал на своите браќа кој е изворот на вистинска слобода. Тој напишал: „Јехова е Дух, а каде што е Јеховиниот дух, таму е слободата“ (2. Кор. 3:17).

3, 4. а) За што зборувал Павле во стиховите пред 2. Коринќаните 3:17? б) Што мора да правиме за да ја имаме слободата што ја дава Јехова?

3 Во своето второ писмо до Коринќаните, Павле спомнал што се случило кога Мојсеј се симнал од планината Синај откако разговарал со Јеховин ангел. Библијата вели дека од лицето на Мојсеј зрачело светлина. Народот многу се исплашил кога го видел тоа, па затоа Мојсеј си го покрил лицето со превез (2. Мој. 34:29, 30, 33; 2. Кор. 3:7, 13). Павле објаснил: „Но кога некој ќе му се обрати на Јехова, превезот се отстранува“ (2. Кор. 3:16). Што сакал да каже Павле со тоа?

4 Од претходната статија дознавме дека единствено Јехова, Творецот на сѐ, има апсолутна, неограничена слобода. Според тоа, логично е да се заклучи дека слободата е таму „каде што е Јеховиниот дух“. Но Павле рекол дека, ако сакаме да ја имаме оваа слобода, мора да му се обратиме на Јехова, односно да станеме блиски со него. Израелците во пустината гледале на работите од човечка, а не од Јеховина гледна точка. Во симболична смисла, како да имале превез врз умот и срцето. Слободата која штотуку ја добиле сакале да ја искористат за да ги задоволат своите себични желби (Евр. 3:8-10).

5. а) Каква слобода дава Јеховиниот дух? б) Од каде знаеме дека слободата што ја дава Јехова може да ја има дури и некој што е роб или затвореник? в) На кои прашања треба до добиеме одговор?

5 Слободата што ја дава Јеховиниот дух е поголема од слободата од дословното ропство, и далеку ја надминува слободата што можат да ја дадат луѓето. Јеховиниот дух може да нѐ ослободи од ропството на гревот и смртта, и од ропството на лажната религија и нејзините обичаи (Рим. 6:23; 8:2). Тоа навистина е прекрасна слобода! Таква слобода може да има дури и некој што е роб или затвореник (1. Мој. 39:20-23). Ова било случај со браќата Харолд Кинг и Хорст Хеншел, кои минале многу години во затвор поради својата вера. Нивните искуства можеш да ги најдеш на онлајн-телевизијата JW Broadcasting. (Види под ИНТЕРВЈУА И ЖИВОТНИ ПРИКАЗНИ > ИСТРАЈНОСТ ВО ИСКУШЕНИЈА.) Сега да разгледаме две прашања: Како можеме да покажеме дека ја цениме нашата слобода? Како можеме мудро да ја користиме оваа слобода?

СЛОБОДАТА ШТО ЈА ДАВА БОГ Е МНОГУ СКАПОЦЕНА

6. Како Израелците покажале дека не се благодарни за слободата што им ја дал Јехова?

6 Кога ќе добиеме некој скапоцен подарок, сакаме да му изразиме благодарност на оној што ни го дал. Сепак, Израелците не биле благодарни за слободата што ја добиле од Јехова. Само неколку месеци откако биле ослободени од Египет, тие почнале да копнеат по храната што ја имале таму и да се жалат на храната што им ја давал Јехова. Дури посакувале да се вратат во Египет! Замисли си — рибите, краставиците, лубениците, празот, кромидот и лукот им биле поважни од слободата што им ја дал Јехова за да можат да го обожаваат! Не е ни чудо што Јехова многу се разгневил на нив (4. Мој. 11:5, 6, 10; 14:3, 4). Ова е навистина важна поука за нас.

7. Како Павле самиот го применил советот што го дал во 2. Коринќаните 6:1, и како можеме да го следиме неговиот пример?

7 Апостол Павле ги предупредил христијаните да не изгубат ценење за слободата што Јехова ни ја дал преку својот Син, Исус Христос. (Прочитај 2. Коринќаните 6:1.) Како несовршен човек, Павле им робувал на гревот и на смртта, и затоа му било многу тешко и го измачувала совеста. Сепак, тој рекол: „Му благодарам на Бог преку Исус Христос, нашиот Господар!“ Зошто го рекол тоа? Павле објаснил: „Зашто, законот на тој дух, кој дава живот во единство со Христос Исус, те ослободи од законот на гревот и смртта“ (Рим. 7:24, 25; 8:2). Исто како Павле, никогаш не треба да заборавиме дека Јехова нѐ ослободил од ропството на гревот и смртта. Благодарение на откупнината, ние можеме да му служиме на нашиот Бог со чиста совест, а тоа ни носи голема радост и задоволство (Пс. 40:8).

Дали ја користиш својата слобода за да му служиш на Јехова или за да го правиш она што ти го сакаш? (Види во пасуси 8-10)

8, 9. а) Какво предупредување дал апостол Петар во врска со тоа како да ја користиме нашата слобода? б) Како некој би можел да ја злоупотреби својата слобода?

8 Меѓутоа, не е доволно само да кажеме дека сме му благодарни на Јехова. Треба и да внимаваме да не ја злоупотребиме нашата скапоцена слобода. На пример, апостол Петар предупредил да не ја користиме слободата како изговор за да правиме лоши работи. (Прочитај 1. Петрово 2:16.) Ова предупредување нѐ потсетува на она што им се случило на Израелците во пустината. Истото важи и за нас денес — а можеби дури и повеќе. Сатана и неговиот свет ни нудат многу привлечни работи во поглед на облеката, јадењето, пиењето и забавата. Досетливите стручњаци за реклами прикажуваат убави луѓе за да нѐ убедат да купуваме работи кои не ни се вистински потребни. Многу лесно може да ни се случи да бидеме измамени од овој свет и да ја злоупотребиме нашата слобода.

9 Советот на апостол Петар може да се примени и на поважни работи во животот, како што е изборот на образование или вработување. На пример, младите денес се под голем притисок да стекнат високо образование. Многумина им кажуваат дека високото образование им гарантира добро платена и угледна работа. Можеби им покажуваат статистички податоци кои навидум докажуваат дека оние што имаат факултет заработуваат повеќе отколку оние што имаат само средно училиште. Затоа, младите кои стојат пред одлука на што да го посветат својот живот можеби сметаат дека високото образование е вистинскиот избор за нив. Но што треба да имаат на ум тие и нивните родители?

10. Што не треба да заборавиме кога носиме одлуки за лични работи?

10 Некои можеби мислат дека, кога станува збор за вакви лични работи, можат да донесат каква и да било одлука сѐ додека совеста им го дозволува тоа. Можеби ги имаат на ум зборовите на Павле: „Зошто мојата слобода да биде судена од туѓа совест?“ (1. Кор. 10:29). Иако имаме слобода да донесуваме одлуки за нашето образование и вработување, не треба да заборавиме дека нашата слобода има граници и дека сите наши одлуки носат последици. Токму затоа Павле рекол: „Сѐ е дозволено, но не е сѐ корисно. Сѐ е дозволено, но сѐ не изградува“ (1. Кор. 10:23). Ова ни помага да сфатиме дека, кога носиме одлуки за лични работи, нашите желби не се најважни.

МУДРО ЈА КОРИСТИМЕ СЛОБОДАТА КОГА МУ СЛУЖИМЕ НА ЈЕХОВА

11. Од која причина нѐ ослободил Јехова?

11 Кога го дал предупредувањето да не ја злоупотребуваме нашата слобода, Петар рекол и дека исправно ќе ја користиме ако сме „Божји робови“. Јехова нѐ ослободил од гревот и смртта преку Исус со цел да го користиме нашиот живот за да му служиме.

12. Каков пример ни дале Ное и неговото семејство?

12 Најдобар начин да ја користиме нашата слобода е целосно да се посветиме на духовните активности. Ова ќе ни помогне да не се преокупираме со световните цели и личните желби (Гал. 5:16). Размисли што направиле Ное и неговото семејство. Иако живееле меѓу насилни и неморални луѓе, тие не го следеле нивниот начин на живот. Како успеале во тоа? Ное и неговото семејство биле зафатени со задачата што им ја дал Јехова — ја граделе арката, собирале храна за себе и за животните, и ги предупредувале другите дека ќе има потоп. Во Библијата пишува: „Ное направи сѐ така како што му беше заповедал Бог. Токму така направи“ (1. Мој. 6:22). Благодарение на тоа, Ное и неговото семејство го преживеале крајот на тогашниот свет (Евр. 11:7).

13. Каква заповед ни дал Јехова?

13 Што ни заповедал Јехова да правиме денес? Како ученици на Исус, ние знаеме дека Бог ни заповедал да проповедаме. (Прочитај Лука 4:18, 19.) Сатана им ги заслепил умовите на повеќето луѓе и тие не сфаќаат дека се робови на лажната религија, на материјалните работи и на политичкиот систем (2. Кор. 4:4). Исто како Исус, и ние имаме чест да им помагаме на другите да го запознаат и да му служат на Јехова, Богот на слободата (Мат. 28:19, 20). Проповедањето не е лесна задача. Во некои места, луѓето не сакаат да го запознаат Бог, а некои дури и се лутат кога им проповедаме. И покрај тоа, секој од нас треба да се праша: „Можам ли да ја користам мојата слобода за да правам повеќе во службата за Јехова?“

14, 15. Што решиле да прават многу Јеховини слуги? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

14 Многу е охрабрувачки тоа што голем број слуги на Јехова сфаќаат дека крајот на овој свет е многу близу и затоа решиле да си го поедностават животот за да почнат со пионерска служба (1. Кор. 9:19, 23). Некои од нив служат како пионери во нивното место, а други се селат онаму каде што има поголема потреба од објавители. Во последните пет години, над 250.000 браќа и сестри почнале со пионерска служба, и сега има повеќе од 1.100.000 општи пионери. Навистина е прекрасно тоа што многумина ја користат својата слобода за да му служат на Јехова на ваков начин! (Пс. 110:3).

15 Што им помогнало на овие браќа и сестри мудро да ја користат слободата? Размисли за Џон и Џудит, кои во изминатите 30 години служеле во неколку земји. Тие објаснуваат дека, кога почнала да се одржува Школата за пионери во 1977 год., пионерите биле поттикнати да се преселат за да служат онаму каде што има поголема потреба. За да ја остварат таа цел, Џон и Џудит морале да водат едноставен живот. Затоа Џон честопати ја менувал својата работа. По некое време се преселиле во друга земја за да проповедаат таму. Но морале да научат нов јазик, да се приспособат на нова култура и клима, и да надминат други тешкотии. Што им помогнало во тоа? Му се молеле на Јехова и се потпирале на него. Што мислат за годините кои ги поминале во овој вид служба за Јехова? Џон вели: „Бев зафатен со најдобрата активност што постои. Сега Јехова ми е уште пореален, како вистински татко кој со љубов се грижи за мене. Освен тоа, многу подобро го разбирам значењето на зборовите од Јаков 4:8: ’Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам‘. Го најдов она што го барав — вистинска смисла во животот“.

16. Како илјадници браќа и сестри ја користат својата слобода?

16 За разлика од Џон и Џудит, некои можат да служат полновремено само краток период. Многумина од нив ја искористиле оваа можност за да служат како доброволци во градежни проекти на нашата организација низ целиот свет. На пример, околу 27.000 браќа и сестри помагаа во изградбата на светското седиште во Ворвик (САД). Некои дојдоа на две седмици, некои на неколку месеци, а други на година или повеќе. Многу од овие браќа и сестри направија големи жртви за да служат во Ворвик. Тие ни даваат прекрасен пример како можеме да ја користиме нашата слобода за да го славиме Јехова, Богот на слободата.

17. Каква прекрасна иднина нѐ очекува ако мудро ја користиме слободата што ни ја дал Јехова?

17 Многу сме благодарни што сме го запознале Јехова и што ја имаме слободата која тој им ја дава на своите слуги. Затоа, со нашите одлуки да покажеме дека ја цениме оваа слобода. Наместо да ја злоупотребуваме, да се трудиме да ја користиме така што ќе му служиме на Јехова во колку што е можно поголема мера. На тој начин ќе ги добиеме благословите кои Јехова ветил дека ќе ги излее кога ќе се оствари следново пророштво: „Самото создание ќе биде ослободено од робувањето на распадливоста и... ќе ја добие славната слобода на Божјите деца“ (Рим. 8:21).