Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 14

Дали се трудиш потполно да ја извршиш службата за Бог?

Дали се трудиш потполно да ја извршиш службата за Бог?

Проповедај ја добрата вест, потполно изврши ја својата служба (2. ТИМ. 4:5)

ПЕСНА 57 Да проповедаме на најразлични луѓе

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

По своето воскресение, Исус се сретнал со своите ученици и им заповедал: „Одете и правете ученици“ (Види во пасус 1)

1. Што сакаат да прават сите Божји слуги, и зошто? (Види ја сликата на насловната страница.)

ИСУС ХРИСТОС им заповедал на своите следбеници: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи“ (Мат. 28:19). Сите верни Божји слуги сакаат да научат како можат потполно да ја извршат службата што им е доверена (2. Тим. 4:5). Навистина, ниту една друга активност во животот не е поважна, повредна и поитна од тоа да проповедаме и да ги поучуваме луѓето за Бог. Меѓутоа, може да ни биде тешко да посветиме на службата онолку време колку што би сакале.

2. Со какви тешкотии се соочуваме додека ја извршуваме нашата служба?

2 Во нашиот живот има и други важни активности за кои ни се потребни време и сила. Можеби мора да работиме многу часови за да ги обезбедиме основните животни потреби за нас и за нашето семејство. Можеби имаме и други семејни одговорности или, пак, се бориме со некоја болест, со депресија или со проблемите што ги носи староста. Како можеме потполно да ја извршиме нашата служба и покрај таквите тешкотии?

3. Што можеме да заклучиме од Исусовите зборови запишани во Матеј 13:23?

3 Ако поради нашите околности не можеме да посветиме во службата онолку време колку што би сакале, не треба да се обесхрабруваме. Исус знаел дека нема сите да бидат во можност подеднакво да даваат плод во службата за Бог. (Прочитај Матеј 13:23.) Јехова многу го цени сето она што го правиме во службата сѐ додека го даваме нашето најдобро (Евр. 6:10-12). Од друга страна, можеби сметаме дека нашите околности ни дозволуваат да правиме нешто повеќе. Во оваа статија ќе разгледаме како може службата за Бог да ја ставиме на прво место во животот, како да си го поедноставиме животот и како подобро да проповедаме и поучуваме. Прво, да видиме што значи потполно да ја извршиме нашата служба.

4. Што значи потполно да ја извршиме нашата служба?

4 Едноставно кажано, за потполно да ја извршиме нашата служба, треба да проповедаме и да поучуваме во што е можно поголема мера. Но, не е важно само колку време посветуваме на таа активност. На Јехова му е важно и од кои мотиви го правиме тоа. Ние со сета душа учествуваме во службата * бидејќи го сакаме Јехова и ги сакаме нашите ближни (Мар. 12:30, 31; Кол. 3:23). Да му служиме на Бог со сета душа значи да ја вршиме службата најдобро што можеме во склад со нашите способности и сили. Ако ја цениме честа да проповедаме, ќе се трудиме да им ја пренесеме добрата вест на колку што е можно повеќе луѓе.

5-6. Наведи пример за тоа што значи службата да ни биде на прво место во животот и покрај многуте обврски што ги имаме.

5 Замисли еден млад човек кој ужива да свири гитара. Тој свири секогаш кога има прилика. Со текот на времето, наоѓа работа во едно кафуле, каде што свири гитара за време на викендите. Сепак, бидејќи не заработува доволно за своите потреби, се вработува во продавница каде што работи на каса од понеделник до петок. Иако поголемиот дел од времето го минува во продавницата, музиката му е во срцето. Тој многу сака да стане вешт гитарист и тоа да му стане професија. Иако во моментот околностите не му го дозволуваат тоа, ужива во секоја прилика кога може да свири гитара, без разлика колку кратко трае.

6 Слично на ова, можеби не си во можност да учествуваш во службата на проповедање онолку колку што би сакал. Сепак, тоа е она што најмногу сакаш да го правиш. Затоа се трудиш подобро да ја проповедаш добрата вест и така да допреш до срцата на луѓето. Но, поради многуте обврски, можеби се прашуваш како можеш да ја ставиш службата на прво место во животот.

КАКО МОЖЕШ ДА ЈА СТАВИШ СЛУЖБАТА НА ПРВО МЕСТО ВО ЖИВОТОТ

7. Каков став имал Исус кон службата за Бог?

7 Исус ни оставил најдобар пример за тоа каков став треба да имаме кон службата. Најважно во животот му било да зборува со луѓето за Божјето Царство (Јован 4:34, 35). Пропешачил стотици километри за да им проповеда на колку што е можно повеќе луѓе. Ја користел секоја прилика за да зборува со луѓето во нивните домови и на јавни места. Целиот живот на Исус се вртел околу службата за Бог.

8. Како можеме да покажеме ист став кон службата како Исус?

8 Ние го следиме примерот на Исус така што се трудиме да создаваме прилики за сведочење секаде и секогаш кога тоа е можно. Спремни сме да ја жртвуваме нашата удобност за да проповедаме (Мар. 6:31-34; 1. Пет. 2:21). Некои во собранието се во можност да служат како специјални, општи или помошни пионери. Некои научиле друг јазик или се преселиле на подрачје каде што има поголема потреба од објавители. Меѓутоа, голем дел од проповедањето го вршат објавители кои не можат да служат на такви начини, но прават сѐ што можат во службата за Бог. Како и да е, Јехова не очекува од нас повеќе од она што можеме да го дадеме. Тој сака сите ние со радост да ја објавуваме „славната добра вест на среќниот Бог“ (1. Тим. 1:11; 5. Мој. 30:11).

9. а) Како Павле го ставил проповедањето на прво место во животот и покрај тоа што морал да работи за да се издржува? б) Според Дела 28:16, 30, 31, каков став имал Павле кон службата за Бог?

9 Апостол Павле ни оставил добар пример со тоа што службата на проповедање му била најважната активност во животот. Кога бил во Коринт, за време на своето второ мисионерско патување, немал доволно пари и затоа морал да користи дел од времето за да изработува шатори. Но, на Павле ова не му било на прво место во животот. Тој го работел овој занает за да се издржува во службата и за да може да им ја објавува добрата вест на Коринќаните „без никаква наплата“ (2. Кор. 11:7). Иако морал да работи за да се издржува, за Павле службата за Бог и понатаму била најважна во животот, и проповедал секоја сабота. Откако околностите му се промениле на подобро, тој можел потполно да му се посвети „на проповедањето на речта, сведочејќи им на Евреите дека Исус навистина е Христос“ (Дела 18:3-5; 2. Кор. 11:9). Подоцна, тој две години бил во куќен притвор во Рим. Сепак, им сведочел на сите што доаѓале кај него, а пишувал и писма. (Прочитај Дела 28:16, 30, 31.) Павле бил решен да не дозволи ништо да го спречи да ја извршува својата служба. Тој напишал: „Бидејќи оваа служба ја имаме според милосрдието што ни е покажано, не се откажуваме“ (2. Кор. 4:1). Иако и ние мора да одвојуваме дел од времето за да работиме, сепак, по примерот на Павле, можеме да ја ставиме службата за Бог на прво место во животот.

Има многу начини на кои можеме потполно да ја извршиме својата служба (Види во пасуси 10-11)

10-11. Како може потполно да ја извршиме нашата служба ако имаме здравствени проблеми?

10 Ако поради старост или некоја болест не можеме да проповедаме од врата до врата онолку колку што би сакале, можеме да проповедаме на други начини. Христијаните во првиот век проповедале насекаде. Тие ја користеле секоја прилика да зборуваат со луѓето за вистината — проповедале од куќа до куќа, на јавни места и неформално (Дела 17:17; 20:20). Ако не можеме многу да пешачиме, можеме да седиме на јавни места и да им сведочиме на минувачите. Или би можеле да сведочиме неформално, преку писма или преку телефон. На многу објавители кои се ограничени поради здравствени или други проблеми им носи голема радост и задоволство тоа што проповедаат на овие начини.

11 И покрај здравствените проблеми, ти можеш потполно да ја извршиш својата служба. Размисли повторно за апостол Павле. Тој рекол: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Фил. 4:13). На Павле му била потребна таа сила кога се разболел на едно од своите мисионерски патувања. Од Библијата дознаваме дека токму поради тоа што бил болен му се укажала прилика да им проповеда на Галатите (Гал. 4:13). Слично на тоа, твоите здравствени проблеми можат да ти дадат прилика да им ја објавиш добрата вест на другите како, на пример, на лекарите, медицинските сестри и другите што ти пружаат нега. Многу од тие луѓе се на работа кога објавителите одат кај нив на врата за да им сведочат.

КАКО МОЖЕШ ДА ВОДИШ ЕДНОСТАВЕН ЖИВОТ

12. Што значи окото да ни биде едноставно?

12 Исус рекол: „Светилка на телото е окото. Значи, ако окото ти е сосредоточено само на една работа [или „едноставно“], целото тело ќе ти биде светло“ (Мат. 6:22, фус.). Што сакал Исус да каже со тоа? Дека треба да водиме едноставен живот, да бидеме сконцентрирани на една цел и да не дозволиме ништо да ни го одвлече вниманието од неа. Исус ни оставил пример со тоа што бил целосно посветен на службата, а ги поучувал и своите ученици да останат сконцентрирани на службата за Јехова и на Божјето Царство. Ние го следиме примерот на Исус така што проповедањето ни е најважна активност во животот (Мат. 6:33).

13. Кој е еден начин на кој можеме да ја ставиме службата на прво место во животот?

13 Еден начин на кој можеме да ја ставиме службата на прво место е така што ќе си го поедноставиме животот. Тоа ќе ни овозможи да имаме повеќе време за да им помагаме на другите да го запознаат и да го засакаат Јехова. * На пример, дали би можеле да направиме некои промени во работното време за да можеме повеќе да проповедаме во текот на работните денови? Дали би можеле да скратиме дел од времето што го трошиме за рекреација?

14. Какви промени направиле Илајас и неговата сопруга за да можат да посветат повеќе време на службата за Бог?

14 Еден старешина по име Илајас и неговата сопруга го направиле токму тоа. Тој објаснува: „Сакавме да правиме повеќе во службата, но во тоа време не можевме да бидеме пионери. Сепак, моравме да почнеме од негде. Затоа направивме помали промени кои ни овозможија да посветиме повеќе време за проповедање. На пример, ги намаливме нашите трошоци, го скративме времето што го користевме за рекреација и ги замоливме работодавачите да ни го сменат работното време. Благодарение на сето ова, можевме да сведочиме во вечерните часови, да водиме повеќе библиски курсеви, па дури можевме два пати месечно да одиме во служба во текот на работните денови. Тоа ни донесе голема радост!“

КАКО ПОДОБРО ДА ПРОПОВЕДАМЕ И ДА ПОУЧУВАМЕ

Ако го применуваме она што го учиме на состанокот Нашиот живот и служба, постојано ќе се подобруваме во проповедањето и поучувањето (Види во пасуси 15-16) *

15. Во склад со 1. Тимотеј 4:13, 15, на кој друг начин можеме потполно да ја извршиме службата за Бог?

15 Друг начин на кој можеме потполно да ја извршиме службата за Бог е така што ќе се трудиме подобро да проповедаме. Луѓето во некои професии мора редовно да добиваат обука за да го зголемат своето знаење и да ги подобрат своите вештини. Истото важи и за објавителите на Божјето Царство. Ние треба постојано да учиме како подобро да ја извршуваме нашата служба (Изр. 1:5; прочитај 1. Тимотеј 4:13, 15).

16. Како можеме повешто да ја проповедаме добрата вест? (Види ја и рамката „ Цели кои ќе ми помогнат потполно да ја извршам мојата служба“.)

16 Според тоа, што ќе ни помогне постојано да се подобруваме во начинот на кој ја извршуваме службата за Бог? Тоа што тесно ќе ги следиме упатствата што ги добиваме на состанокот Нашиот живот и служба. На овој состанок добиваме многу корисни совети кои ни помагаат повешто да ја проповедаме добрата вест. На пример, кога претседавачот им дава совети на оние што имаат задача на состанокот, можеме да чуеме корисни информации кои можат да ни помогнат подобро да ја извршуваме нашата служба. Тие совети можеме да ги примениме следниот пат кога ќе проповедаме. Исто така, би можеле да побараме помош од надгледникот на нашата група за проповедање или да одиме со него во служба. Освен тоа, може да одиме во служба со некој поискусен објавител, пионер или со покраинскиот надгледник. А доколку научиме подобро да ги користиме нашите главни публикации за служба, уште повеќе ќе уживаме во проповедањето и поучувањето.

17. Како ќе се чувствуваме ако се трудиме потполно да ја извршиме нашата служба?

17 За нас е голема чест што Јехова ни дозволува да бидеме негови соработници! (1. Кор. 3:9). Ако се трудиме да процениме што е најважно и ако службата за Бог ни е на прво место во животот, со радост ќе му служиме на Јехова (Фил. 1:10; Пс. 100:2). Како слуга на Јехова, можеш да бидеш сигурен дека тој ќе ти дава сила да ја извршиш својата служба и покрај тешкотиите и ограничувањата со кои се соочуваш (2. Кор. 4:1, 7; 6:4). Без разлика дали околностите ти дозволуваат да поминуваш малку или многу време во службата на проповедање, можеш да имаш „причина за задоволство“ ако го правиш тоа со сета душа (Гал. 6:4). Кога се трудиш потполно да ја извршиш својата служба, покажуваш љубов кон Јехова и кон ближните. „Правејќи го тоа ќе се спасиш и себеси и оние што те слушаат“ (1. Тим. 4:16).

ПЕСНА 58 Да ги бараме кротките!

^ пас. 5 Исус ни заповедал да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство и да им помагаме на другите да станат негови ученици. Во оваа статија ќе видиме како можеме потполно да ја извршиме нашата служба дури и ако се соочуваме со големи тешкотии. Исто така, ќе дознаеме како можеме подобро да проповедаме и како службата може да ни носи поголема радост.

^ пас. 4 ПОЈАСНУВАЊЕ: Службата за Јехова, меѓу другото, вклучува проповедање и поучување, изградба и одржување на објектите на нашата организација, како и акции за помош при катастрофи (2. Кор. 5:18, 19; 8:4).

^ пас. 13 Види ги седумте чекори кои се наведени во рамката „Како да си го поедноставиш животот?“, во Стражарска кула од јули 2016, страница 10.

^ пас. 64 ОПИС НА СЛИКИТЕ: За време на состанокот Нашиот живот и служба, една сестра прикажува повторна посета. Потоа, додека претседавачот дава совет, таа си прави белешки во брошурата Читање и поучување. За време на викендот, во службата на проповедање таа го применува она што го научила на состанокот.