Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 17

„Ве нарекувам пријатели“

„Ве нарекувам пријатели“

Ве нарекувам пријатели, бидејќи ви објавив сѐ што чув од мојот Татко (ЈОВАН 15:15)

ПЕСНА 13 Исус, нашиот пример

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Како можеш да станеш близок пријател со некого?

ЗА ДА БИДЕШ близок пријател со некого, пред сѐ треба да поминуваш време со него. Додека разговарате и ги споделувате своите мисли и чувства, вие станувате пријатели. Но, не е толку едноставно да стекнеме пријателство со Исус. Зошто?

2. Кој е првиот предизвик со кој се соочуваме?

2 Еден предизвик е што никогаш не сме се сретнале со Исус. Многу христијани во првиот век го имале истиот предизвик. И покрај тоа, апостол Петар рекол: „Иако никогаш не сте го виделе, вие го сакате. Иако сега не го гледате, сепак верувате во него“ (1. Пет. 1:8). Според тоа, можно е да бидеме блиски пријатели со Исус иако никогаш не сме го сретнале.

3. Со кој друг предизвик се соочуваме?

3 Друг предизвик е тоа што не можеме да зборуваме со Исус. Кога се молиме, ние разговараме со Јехова. Иако се молиме во името на Исус, не зборуваме директно со него. Всушност, тој не сака да му се молиме нему. Зошто? Затоа што молитвата е дел од обожавањето, а ние треба да го обожаваме само Јехова (Мат. 4:10). Сепак, можеме да покажеме дека го сакаме Исус.

4. Кој е третиот предизвик со кој се соочуваме, и што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Трет предизвик е тоа што Исус живее на небото, и затоа не можеме да поминуваме време со него. Сепак, може да дознаеме многу за Исус иако не сме во негова близина. Ќе разгледаме четири работи што може да ги направиме за да си го зацврстиме пријателството со него. Но, најпрво да видиме зошто е важно да бидеме блиски пријатели со Христос.

ЗОШТО ТРЕБА ДА СТАНЕМЕ ПРИЈАТЕЛИ СО ИСУС?

5. Зошто мора да бидеме пријатели со Исус? (Види ги и рамките „ За да бидеме пријатели со Јехова, мора да бидеме пријатели со Исус“ и „ Урамнотежено гледиште за улогата на Исус“.)

5 Мора да бидеме пријатели со Исус ако сакаме да имаме добар однос со Јехова. Зошто? Да разгледаме само две причини. Прво, Исус им рекол на своите ученици: „Самиот Татко ве сака бидејќи вие ме сакавте мене“ (Јован 16:27). Исто така рекол: „Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене“ (Јован 14:6). Не можеме да бидеме пријатели со Јехова без да бидеме блиски пријатели со Исус. Тоа би било исто како да се обидуваме да влеземе во некоја просторија без да користиме врата. Исус употребил една слична споредба кога рекол дека тој им е „врата на овците“ (Јован 10:7). И второ, Исус совршено ги одразувал особините на својот Татко. Тој им рекол на учениците: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9). Затоа, еден важен начин како може да го запознаеме Јехова е така што ќе дознаеме нешто повеќе за животот на Исус. Колку подобро го запознаваме Исус, толку повеќе ќе расте и нашата љубов кон него. А со тоа ќе се продлабочува и нашата љубов кон неговиот Татко.

6. Од која друга причина мора да имаме добар однос со Исус? Објасни.

6 Мора да имаме добар однос со Исус ако сакаме Јехова да одговори на нашите молитви. Ова не значи дека треба само механички да го кажеме изразот „во името на Исус“ на крајот на секоја молитва. Мора да сфатиме каква улога има тој кога Јехова одговара на нашите молитви. Исус им рекол на апостолите: „За што и да замолите во мое име, тоа ќе го направам“ (Јован 14:13). Иако Јехова е тој што ги слуша нашите молитви и одговара на нив, тој го овластил Исус да ги спроведува неговите одлуки (Мат. 28:18). Освен тоа, пред да одговори на нашите молитви, Јехова гледа дали ги применуваме советите што ги дал Исус. На пример, Исус рекол: „Ако вие им ги простите на луѓето нивните престапи, и вашиот небесен Татко ќе ви прости вам. Но, ако вие не им ги простите на луѓето нивните престапи, ниту вашиот Татко нема да ви ги прости вам вашите престапи“ (Мат. 6:14, 15). Ова покажува дека, ако сакаме Јехова да одговори на нашите молитви, многу е важно да постапуваме со другите на ист начин како што тој и Исус постапуваат со нас!

7. Кој ќе извлече корист од откупната жртва на Исус?

7 Само оние што се блиски пријатели со Исус ќе извлечат корист од неговата откупна жртва. Од каде го знаеме ова? Исус рекол дека ќе го „даде својот живот за своите пријатели“ (Јован 15:13). Верните Божји слуги кои живееле пред тој да дојде на Земјата ќе мора да учат за него и да го засакаат. Кога ќе бидат воскреснати, дури и праведните слуги на Јехова како што биле Авраам, Сара, Мојсеј, Раав и други, ќе мора да станат пријатели со Исус за да добијат вечен живот (Јован 17:3; Дела 24:15; Евр. 11:8-12, 24-26, 31).

8-9. Според Јован 15:4, 5, што можеме да правиме затоа што сме пријатели со Исус, и зошто ова е важно?

8 Ние се радуваме што можеме да соработуваме со Исус кога ја проповедаме добрата вест за Царството и ги поучуваме луѓето. Тој го правел тоа додека бил на Земјата. А откако се вратил на небото, како глава на собранието, Исус и понатаму го води делото на проповедање и поучување. Тој го гледа и го цени трудот што го вложуваш за да им помогнеш на колку што е можно повеќе луѓе да го запознаат него и неговиот Татко. Всушност, без нивна помош, ние не можеме да го извршиме ова дело. (Прочитај Јован 15:4, 5.)

9 Од Божјата Реч јасно се гледа дека мора да го засакаме Исус и да ја продлабочуваме својата љубов кон него за да го радуваме Јехова. Да разгледаме четири работи што ќе ни помогнат да станеме пријатели со Исус.

КАКО ДА СТАНЕМЕ ДОБРИ ПРИЈАТЕЛИ СО ИСУС

Можеш да станеш пријател со Исус 1) ако го запознаеш подобро, 2) ако размислуваш и постапуваш како него, 3) ако им даваш поддршка на неговите браќа, и 4) ако го поддржуваш сето она што го прави Јеховината организација (Види во пасуси 10-14) *

10. Кој е првиот чекор што треба да го направиме за да станеме пријатели со Исус?

10 1) Запознај го Исус. Може да го направиме ова така што ќе ги читаме библиските книги Матеј, Марко, Лука и Јован. Додека ги читаме библиските извештаи за животот на Исус и размислуваме за тоа како постапувал со луѓето, кај нас расте љубовта и почитта кон него. На пример, тој не се однесувал со своите ученици како да се робови иако бил нивни Господар. Наместо тоа, ги споделувал своите мисли и чувства со нив (Јован 15:15). Исус ја чувствувал нивната болка и плачел со нив (Јован 11:32-36). Дури и неговите противници признавале дека им е пријател на оние што ја прифаќале неговата порака (Мат. 11:19). Кога постапуваме со другите како што тој постапувал со своите ученици, имаме подобри односи со нив и се чувствуваме посреќни. Освен тоа, нашата љубов и ценење кон Исус расте уште повеќе.

11. Кој е вториот чекор што треба да го направиме за да бидеме пријатели со Исус, и зошто е важно тоа?

11 2) Размислувај и постапувај како Исус. Колку подобро разбираме како размислува Исус и колку повеќе и самите размислуваме како него, толку поблиски пријатели ќе бидеме (1. Кор. 2:16). На пример, нему му било поважно да им помага на другите отколку да си угодува себеси (Мат. 20:28; Рим. 15:1-3). Бидејќи имал таков став, тој бил самопожртвуван и спремно простувал. Не се навредувал брзо кога луѓето зборувале лошо за него (Јован 1:46, 47). И не ги „замрзнувал“ другите во сеќавањето, односно не дозволувал нивните поранешни грешки трајно да го утврдат неговото гледиште за нив (1. Тим. 1:12-14). Исус рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:35). Добро е да се прашаш: „Дали го следам примерот на Исус така што правам сѐ што можам за да бидам во добри односи со моите браќа и сестри?“

12. Кој е третиот чекор што треба да го направиме за да бидеме пријатели со Исус?

12 3) Давај им поддршка на Христовите браќа. Исус гледа на она што го правиме за неговите браќа како да го правиме за него лично (Мат. 25:34-40). Главниот начин на кој ги поддржуваме помазаниците е така што даваме сѐ од себе за да проповедаме и да ги поучуваме другите за Царството, во склад со заповедта што ја дал Исус (Мат. 28:19, 20; Дела 10:42). Само со помошта на „другите овци“, Христовите браќа можат да го извршат ова дело кое денес зема огромен замав низ целиот свет (Јован 10:16). Ако и ти припаѓаш на оваа група, секогаш кога учествуваш во проповедањето или поучувањето ја покажуваш својата љубов не само кон помазаните христијани туку и кон Исус.

13. Како можеме да го примениме советот на Исус кој е запишан во Лука 16:9?

13 Можеме да го стекнеме пријателството на Јехова и на Исус така што ќе ги користиме нашите материјални средства за да го поддржуваме делото што тие го водат денес. (Прочитај Лука 16:9.) На пример, можеме да даваме доброволни прилози за нашето меѓународно дело. Тие се користат за да се финансира проповедањето на добрата вест во зафрлени подрачја, за да се градат и одржуваат теократски објекти, и за да им се обезбеди материјална помош на сохристијаните што се погодени од природни катастрофи или други несреќи. Можеме да приложуваме средства за да се покријат трошоците во нашето собрание, а можеме и лично да им даваме на оние што имаат потреба од материјална помош (Изр. 19:17). На овие начини, всушност, ги поддржуваме Христовите браќа.

14. Според Ефешаните 4:15, 16, кој е четвртиот чекор што треба да го направиме за да бидеме пријатели со Исус?

14 4) Поддржувај го сето она што го прави Јеховината организација. Стануваме поблиски со Исус како глава на собранието кога соработуваме со оние што ги поставил да се грижат за нас. (Прочитај Ефешаните 4:15, 16.) На пример, сега се води сметка сите сали за состаноци да се искористат најдобро што може. Од таа причина, некои собранија беа споени со други, и беа направени соодветни промени во собраниските подрачја за проповедање. На ваков начин, организацијата успеа да заштеди многу од доброволните прилози. Но, ова значеше дека одредени браќа и сестри ќе треба да се приспособат на новите околности. Некои објавители, кои со години верно служеа во едно собрание и поради тоа се чувствуваа многу блиски со тие браќа и сестри, беа замолени да служат во друго собрание. Исус сигурно многу се радува кога гледа како тие негови верни ученици спремно ја поддржуваат оваа одлука!

ДА ОСТАНЕМЕ ПРИЈАТЕЛИ СО ИСУС ЗАСЕКОГАШ!

15. Зошто во иднина ќе може да бидеме уште поблиски пријатели со Исус?

15 Оние што се помазани со свет дух имаат надеж дека ќе бидат со Исус засекогаш, и дека ќе владеат заедно со него во Божјето Царство. Тие ќе бидат со Христос во вистинска смисла на зборот — ќе го гледаат, ќе зборуваат со него и ќе поминуваат време заедно (Јован 14:2, 3). Но, тој ќе им покаже љубов и внимание и на оние што имаат надеж за вечен живот на Земјата. Иако нема да го гледаат, тие ќе стануваат сѐ поблиски пријатели со Исус додека му се радуваат на вистинскиот живот кој ќе го имаат благодарение на него и на Јехова (Иса. 9:6, 7).

16. Кои благослови ги имаме благодарение на тоа што сме пријатели со Исус?

16 Кога ја прифаќаме поканата на Исус да станеме негови пријатели, ние добиваме многу благослови. Уште сега ја чувствуваме неговата љубов и помош. Освен тоа, имаме можност да живееме засекогаш. И, најважно од сѐ, ако сме пријатели со Исус, ќе го стекнеме најголемото можно богатство — блиско пријателство со неговиот Татко, Јехова. Навистина е огромна чест да бидеме наречени пријатели на Исус!

ПЕСНА 17 „Сакам“

^ пас. 5 Апостолите поминале неколку години заедно со Исус и станале добри пријатели. Тој сака и ние да бидеме негови пријатели. Сепак, ние се соочуваме со предизвици што апостолите ги немале. Во оваа статија ќе разгледаме некои од тие предизвици, како и неколку предлози што можат да ни помогнат да станеме и да останеме блиски пријатели со Исус.

^ пас. 55 ОПИС НА СЛИКИТЕ: 1) На Семејната вечер, можеме да проучуваме за животот и за службата на Исус. 2) Во собранието треба да се трудиме да бидеме во мир со нашите браќа. 3) Можеме да ги поддржуваме Христовите браќа така што ќе даваме сѐ од себе во службата. 4) Ако има некоја промена во однос на собранијата, треба да соработуваме со одлуките на старешините.