Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 16

Запознај ги другите и покажувај сочувство

Запознај ги другите и покажувај сочувство

Немојте да судите според надворешноста, туку судете со праведен суд! (ЈОВАН 7:24)

ПЕСНА 101 Да бидеме сложни и единствени

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Кој утешен факт за Јехова ни го открива Библијата?

ДАЛИ би сакал некој да ти суди на темел на бојата на кожата или изгледот на лицето и телото? Веројатно не. Колку е утешно што знаеме дека Јехова не донесува заклучоци за нас на темел на она што е видливо за очите! На пример, кога ги гледал синовите на Јесеј, Самоил не го видел она што го гледал Јехова. Јехова му рекол на овој пророк дека еден од синовите на Јесеј ќе стане цар на Израел. Но, кој од нив? Кога го видел најстариот син, Елијав, Самоил рекол: „Сигурно пред Јехова стои неговиот помазаник!“ Елијав навистина изгледал како цар. Но, Јехова му рекол на Самоил: „Не гледај на неговата надворешност, ниту на неговата висока става, зашто го отфрлив“. Што учиме од ова? Јехова рекол: „Човекот го гледа она што го гледаат очите, а Јехова го гледа она што е во срцето“ (1. Сам. 16:1, 6, 7).

2. Во склад со Јован 7:24, зошто не треба да донесуваме суд за другите според нивната надворешност? Наведи пример.

2 Како несовршени луѓе, сите ние сме склони да донесуваме суд за другите на темел на нивната надворешност. (Прочитај Јован 7:24.) Но, не можеме да дознаеме многу за некого само од она што го гледаме. На пример, дури и еден многу добар и искусен лекар нема да знае сѐ за пациентот само од неговиот надворешен изглед. Мора внимателно да го слуша за да дознае какви симптоми има, како се чувствува или со кои здравствени проблеми се соочувал во минатото. Лекарот можеби ќе сака да биде направена и рендген-снимка за да ги види внатрешните органи. Во спротивно, може да постави погрешна дијагноза. На сличен начин, ние не можеме во потполност да ги разбереме нашите браќа и сестри само ако се задржиме на нивниот надворешен изглед. Мора да се потрудиме да го видиме и она што не се гледа на прв поглед — да видиме какви се однатре. Се разбира, ние не можеме да го читаме срцето, и затоа нема никогаш да ги разбереме другите како што ги разбира Јехова. Сепак, може да дадеме сѐ од себе за да го следиме неговиот пример. Во кој поглед?

3. Во кој поглед библиските извештаи што ќе ги разгледаме ќе ни помогнат да постапуваме како Јехова?

3 Како постапува Јехова со своите слуги? Тој ги слуша. Освен тоа, ги зема предвид нивните околности и нивното минато. И, покажува сочувство кон нив. Да разгледаме како го направил тоа со Јона, Илија, Агара и Лот. Потоа ќе видиме како и ние може да постапуваме на таков начин со нашите браќа и сестри.

СЛУШАЈ ВНИМАТЕЛНО

4. Зошто би можеле да имаме лошо мислење за Јона?

4 Бидејќи ги немаме сите факти, може да мислиме дека Јона бил човек на кого не можеш да се потпреш, па дури и дека бил неверен. Тој добил заповед лично од Јехова да ѝ објави осуда на Ниневија. Но, наместо да го послуша, Јона се качил на брод што одел во спротивна насока за да избега „далеку од Јехова“ (Јона 1:1-3). Дали ти би му дал уште една шанса на Јона да си ја исправи грешката? Веројатно не. Но, Јехова сметал дека овој пророк заслужува втора шанса (Јона 3:1, 2).

5. Што учиме за Јона од неговите зборови запишани во Јона 2:1, 2, 9?

5 Молитвата што ја кажал Јона додека бил во утробата на рибата ни открива каква личност, всушност, бил тој. (Прочитај Јона 2:1, 2, 9.) Оваа молитва на Јона — кој, без сомнение, често се молел — ни помага да не гледаме на него само како на човек што избегал од задачата. Таа покажува дека бил понизен, благодарен и решен да му биде послушен на Јехова. Не е ни чудо што Јехова не се концентрирал на неговите постапки! Напротив, тој ја услишил неговата молитва и продолжил да го користи како пророк.

Ако ги дознаеме фактите, ќе можеме да бидеме посочувствителни (Види во пасус 6) *

6. Зошто вреди внимателно да ги слушаме другите?

6 За да ги слушаме другите внимателно, треба да сме понизни и стрпливи. Вреди да го правиме тоа од најмалку три причини. Прво, нема избрзано да донесуваме погрешни заклучоци за луѓето. Второ, ќе сфатиме како се чувствува нашиот брат и зошто прави нешто, а тоа ќе ни помогне да бидеме посочувствителни. И трето, кога ќе го оставиме да се искаже, можеби ќе си сфати некои работи за себе. Понекогаш и самите не си ги разбираме чувствата додека не ги кажеме наглас (Изр. 20:5). Еден старешина од Азија вели: „Еднаш ми се случи да ѝ кажам нешто на една сестра без прво да ја сослушам. Ѝ реков дека треба да се потруди да дава подобри коментари. Подоцна разбрав дека многу тешко чита и дека воопшто не ѝ е лесно да коментира“. Ова покажува колку е важно секој старешина прво да сослуша за да ги дознае фактите, а потоа да даде совет (Изр. 18:13).

7. Што учиме од начинот на кој Јехова постапил со Илија?

7 На некои браќа и сестри не им е лесно да зборуваат за своите чувства поради нивното минато, менталитет или карактер. Како може да им помогнеме полесно да ни се отворат? Размисли како постапил Јехова со Илија кога овој пророк бегал од Језавела. Поминале многу денови пред Илија да му каже на својот небесен Татко што го мачи. Јехова го сослушал внимателно, а потоа го охрабрил и му доверил една важна задача (1. Цар. 19:1-18). Можеби на нашите браќа и сестри ќе им треба време за да стекнат доверба во нас и да ни се отворат. Но, дури откако ќе ни се искажат, ќе може да разбереме како навистина се чувствуваат. Ако сме стрпливи како Јехова, ќе можеме да ја стекнеме нивната доверба. На крајот, кога ќе бидат спремни да зборуваат за своите чувства, треба внимателно да ги слушаме.

ЗАПОЗНАЈ ГИ БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ

8. Според 1. Мојсеева 16:7-13, како Јехова ѝ помогнал на Агара?

8 Агара, слугинката на Сараја, почнала да постапува неразумно откако му станала жена на Аврам. Кога останала бремена, таа почнала да се однесува без почит кон Сараја, која немала деца. Работите толку многу се влошиле што Сараја ја избркала (1. Мој. 16:4-6). Како несовршени луѓе, би можеле брзо да заклучиме дека Агара била само една пакосна жена која си го добила она што си го заслужила. Но, Јехова не гледал така на неа. Тој ѝ испратил ангел. Кога ја нашол, ангелот ѝ помогнал да си го смени ставот и ја благословил. Агара сфатила дека Јехова цело време ја гледал и дека бил свесен за сѐ што ѝ се случува. Таа му рекла: „Ти си Бог што гледа... оној што ме гледа мене“. (Прочитај 1. Мојсеева 16:7-13.)

9. Што зел Јехова предвид во случајот на Агара?

9 Што гледал Јехова кај Агара? Тој бил свесен за нејзиното потекло и знаел низ што сѐ поминала (Изр. 15:3). Агара била Египќанка која живеела во еврејско домаќинство. Дали понекогаш се чувствувала несакано? Дали ѝ недостигале семејството и родната земја? Освен тоа, таа не му била единствената жена на Аврам. Во минатото, некои верни Божји слуги имале повеќе жени. Но, во почетокот Јехова немал таква намера со бракот (Мат. 19:4-6). Затоа, воопшто не зачудува што во ваквите семејства честопати се јавувале љубомора и огорченост. Иако Јехова не го оправдувал тоа што Агара се однесувала без почит кон Сараја, може да бидеме сигурни дека ги зел предвид нејзиното потекло и нејзините околности.

Запознај ги подобро своите браќа и сестри (Види во пасуси 10-12) *

10. Како може подобро да ги запознаеме нашите браќа и сестри?

10 Можеме да бидеме како Јехова така што ќе се трудиме да ги разбереме нашите браќа и сестри. Затоа, запознај ги подобро. Разговарај со нив пред и по состаноците, одете заедно во служба и, ако е можно, покани ги на гости. Така ќе дознаеш за нив нешто што не го знаеш. На пример, можеби си мислиш дека некоја сестра е недружељубива, а таа е само срамежлива. Можеби мислиш дека некој брат е материјалист а, всушност, тој е многу дарежлив. Или, пак, ќе дознаеш дека некоја сестра со дечиња, која често доцни на состанок, се соочува со противење (Рим. 14:4). Се разбира, не треба да се мешаме „во туѓи работи“ (1. Тим. 5:13). Сепак, добро е да знаеме нешто за нашите браќа и сестри, и за околностите што ги обликувале како личности.

11. Зошто е важно старешините добро да ги познаваат своите браќа и сестри?

11 Особено старешините треба да знаат нешто повеќе за браќата и сестрите за кои имаат одговорност да се грижат. Размисли за примерот на брат Артур, кој служел како покраински надгледник. Заедно со друг старешина, тој посетил една сестра за која си мислеле дека е срамежлива и повлечена. Артур вели: „Таа ни кажа дека маж ѝ починал кратко откако стапиле во брак. Иако имала тежок живот, ги поучила своите две ќерки да го сакаат Јехова и верно да му служат. Исто така ни кажа дека полека го губи видот и дека страда од депресија. И покрај тоа, беше јасно дека сѐ уште многу го сака Јехова и има цврста вера во него. Сфативме дека можеме да научиме многу од нејзиниот добар пример“ (Фил. 2:3). Овој покраински надгледник се угледал на Јехова, кој ги познава своите слуги и ги знае нивните болки (2. Мој. 3:7). Старешините кои добро ги познаваат своите браќа и сестри се во подобра положба да им помогнат.

12. Како на една сестра од Азија ѝ помогнало тоа што подобро се запознала со друга сестра од собранието?

12 Кога подобро ќе се запознаеш со некој соверник кој можеби те нервира, веројатно ќе имаш поголемо разбирање за него. Да разгледаме еден пример. Една сестра која живее во Азија вели: „Во моето собрание има сестра која зборува многу гласно. Си мислев дека е некултурна. Но, кога бев со неа во служба, дознав дека порано продавала риби на пазар заедно со родителите. Морала да биде гласна за да привлече муштерии“. Таа додава: „Сфатив дека мора подобро да ги запознаам браќата и сестрите за да можам да ги разберам“. Точно е дека треба да вложиме труд за подобро да ги запознаеме сохристијаните. Сепак, вреди да го послушаме библискиот совет широко да го отвориме нашето срце бидејќи така ќе бидеме слични на Јехова, кој ги сака сите луѓе (1. Тим. 2:3, 4; 2. Кор. 6:11-13).

ПОКАЖУВАЈ СОЧУВСТВО

13. Според 1. Мојсеева 19:15, 16, што направиле ангелите кога виделе дека Лот одолговлекува, и зошто?

13 Во еден важен момент од својот живот, Лот не ги послушал веднаш јасните упатства од Јехова. Двајца ангели дошле кај него и му кажале да го изведе семејството од Содом. Зошто? Тие му рекле: „Ќе го уништиме ова место“ (1. Мој. 19:12, 13). Кога осамнало, Лот и семејството сѐ уште биле дома. Ангелите повторно го предупредиле, но тој и понатаму одолговлекувал. Би можеле да заклучиме дека Лот не го сфатил сериозно она што му го кажал Јехова, па дури и дека бил непослушен. Но, Бог не се откажал од него. Библијата вели: „Јехова му се смилува“. Затоа, ангелите ги фатиле сите за рака и ги извеле од градот. (Прочитај 1. Мојсеева 19:15, 16.)

14. Зошто можеби Јехова покажал разбирање и сочувство кон Лот?

14 Можеби Јехова покажал разбирање и сочувство кон Лот од повеќе причини. Можно е Лот да не сакал да замине бидејќи се плашел од луѓето надвор од градот. Имало и други опасности. Лот веројатно слушнал дека во блиската долина два цара паднале во јами со земјена смола, односно битумен (1. Мој. 14:8-12). Како сопруг и татко, Лот сигурно бил загрижен за семејството. Освен тоа, тој бил богат човек, и веројатно имал убава куќа во Содом (1. Мој. 13:5, 6). Се разбира, ниту една од овие работи не била изговор за да не го послуша веднаш Бог. Како и да е, Јехова не се концентрирал на грешката на Лот и го сметал за праведен (2. Пет. 2:7, 8).

Ако внимателно ги слушаме другите, ќе знаеме како да покажеме сочувство кон нив (Види во пасуси 15-16) *

15. Што треба да правиме наместо да ги осудуваме другите?

15 Наместо да ги осудуваш или критикуваш постапките на другите, потруди се да разбереш како се чувствуваат. Вероника го направила токму тоа. Таа вели: „Една сестра постојано беше лошо расположена и не се дружеше со никого. Понекогаш се плашев да ѝ пријдам. Но, си помислив: ’Да бев на нејзино место, сигурно ќе ми требаше пријател‘. Затоа решив да ја прашам како се чувствува. Постепено таа ми се отвори и почна да зборува за своите чувства. Сега ја разбирам многу подобро“.

16. Зошто треба да го молиме Јехова да ни помогне да бидеме сочувствителни?

16 Единствената личност која потполно нѐ разбира е Јехова (Изр. 15:11). Затоа, моли го да ти помогне да го видиш кај другите она што го гледа тој, и да знаеш како да покажеш сочувство кон нив. На пример, молитвата ѝ помогнала на Анжела да биде посочувствителна кон една сестра од собранието со која станувало сѐ потешко да се излезе на крај. Анжела вели: „Најлесно ќе беше да почнам да ја критикувам и да ја избегнувам. Но, го молев Јехова да ми помогне да имам разбирање за неа“. Дали Јехова ѝ одговорил на молитвата? Анжела вели: „Бевме во служба и потоа разговаравме со часови. Се трудев сочувствително да ја слушам. Сега ја сакам многу повеќе, и решена сум да ѝ помогнам“.

17. На што треба да бидеме решени?

17 Не можеме да бираме кои браќа и сестри го заслужуваат нашето разбирање и сочувство, а кои не. Сите тие се соочуваат со тешкотии, исто како Јона, Илија, Агара и Лот. Во некои случаи, сами се виновни за своите проблеми. Но, факт е дека сите сме имале некогаш проблеми кои сами сме си ги предизвикале. Затоа, разумно е што Јехова очекува од нас да покажуваме сочувство кон другите (1. Пет. 3:8). Кога сме му послушни, ние го зајакнуваме единството, кое е едно извонредно обележје на нашето меѓународно семејство. Затоа, да бидеме решени да ги слушаме нашите браќа и сестри, да ги запознаеме подобро и да покажуваме сочувство кон нив.

ПЕСНА 87 Да се храбриме на состаноците!

^ пас. 5 Бидејќи сме несовршени, склони сме да донесуваме избрзани заклучоци за луѓето и за нивните мотиви. За разлика од нас, Јехова „го гледа она што е во срцето“ (1. Сам. 16:7). Во оваа статија ќе разгледаме како тој со љубов им помогнал на Јона, Илија, Агара и Лот. А потоа ќе видиме како и ние можеме да постапуваме на сличен начин со нашите браќа и сестри.

^ пас. 52 ОПИС НА СЛИКИТЕ: Еден постар брат се нервира затоа што еден помлад брат доцни на состанок, но подоцна дознава дека задоцнил затоа што имал сообраќајка.

^ пас. 54 ОПИС НА СЛИКИТЕ: Надгледникот на групата за проповедање, кој мислел дека една сестра не е дружељубива, подоцна сфаќа дека таа е само срамежлива и дека не се чувствува пријатно со луѓе кои не ги познава добро.

^ пас. 56 ОПИС НА СЛИКИТЕ: Кога една сестра подобро се запознава со друга сестра, сфаќа дека таа не е ладна и незаинтересирана како што си мислела кога првпат се виделе во салата.