Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 15

Како гледаш на луѓето на твоето подрачје?

Како гледаш на луѓето на твоето подрачје?

Подигнете ги очите и погледнете ги полињата, зрели се за жетва! (ЈОВАН 4:35)

ПЕСНА 64 Радосно да учествуваме во жетвата

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Што сакал да каже Исус со зборовите запишани во Јован 4:35, 36?

ВО ЕДНА прилика, додека бил на пат за Галилеја, Исус поминал низ полиња на кои веројатно растел млад јачмен (Јован 4:3-6). За околу четири месеци, јачменот ќе бил зрел за жетва. Затоа, она што им го кажал на своите ученици можеби звучело чудно. Тој им рекол: „Подигнете ги очите и погледнете ги полињата, зрели се за жетва!“ (Прочитај Јован 4:35, 36.) Што сакал да каже со тоа?

2 Очигледно, Исус зборувал за една симболична жетва — жетва на луѓе. Размисли што се случило кратко пред да ги каже овие зборови. Иако Евреите не сакале да имаат ништо со Самарјаните, Исус ѝ проповедал на една Самарјанка, и таа се заинтересирала за она што го чула. Всушност, токму кога тој им рекол на учениците дека нивите се „зрели за жетва“, една група Самарјани со кои зборувала жената доаѓале кон него за да им каже нешто повеќе (Јован 4:9, 39-42). Во врска со овој извештај, еден библиски истражувач напишал: „Тоа што тие луѓе веднаш дошле кај него покажува дека биле како жито зрело за жетва“.

Што треба да правиме ако мислиме дека нашите симболични полиња се „зрели за жетва“? (Види во пасус 3)

3. Како ќе влијае врз твојата служба тоа што ќе имаш ист став кон луѓето како Исус?

3 Каков став имаш ти кон луѓето на кои им ја проповедаш добрата вест? Дали гледаш на нив како на жито кое е зрело за жетва? Ако да, тогаш тоа ќе влијае врз твојата служба. Во кој поглед? Прво, ќе проповедаш со поголемо чувство на итност. Бидејќи периодот на жетва е краток, нема време за губење. Второ, многу ќе се радуваш додека со сета душа учествуваш во жетвата. Библијата вели: „Се радуваат луѓето во време на жетва“ (Иса. 9:3). И трето, ќе гледаш на секој човек како на некој што може да стане ученик на Христос, и затоа ќе го приспособиш својот пристап на она што го интересира него.

4. Што ќе научиме од апостол Павле во оваа статија?

4 За разлика од своите следбеници, Исус не кренал раце од Самарјаните. Тој сметал дека и тие можат да станат негови ученици. И ние треба да гледаме така на луѓето на нашето подрачје. Апостол Павле ни дал одличен пример во овој поглед. Што може да научиме од него? Во оваа статија ќе видиме дека тој 1) бил запознат со некои од верувањата на луѓето на кои им проповедал, 2) бил прониклив и можел да види што ги интересира и 3) сметал дека можат да станат ученици на Исус.

ВО ШТО ВЕРУВААТ?

5. Зошто Павле можел да ги разбере оние што го слушале во синагогата?

5 Павле често проповедал во еврејските синагоги. На пример, во синагогата во Солун, тој три саботи расправал со Евреите „на темел на Писмата“ (Дела 17:1, 2). На Павле веројатно му било лесно да проповеда таму. Бидејќи бил Евреин, ги разбирал Евреите, и затоа можел да им проповеда со увереност (Дела 26:4, 5; Фил. 3:4, 5).

6. Во кој поглед луѓето на плоштадот во Атина биле поинакви од оние на кои им проповедал Павле во синагогата?

6 Откако противниците го присилиле да побегне од Солун, а потоа и од Верија, Павле пристигнал во Атина. И таму отишол во синагога, каде што расправал со Евреите и со другите луѓе кои го почитувале Бог (Дела 17:17). Но, кога отишол да проповеда на плоштадот, наишол на поинакви луѓе. Меѓу оние што го слушале имало филозофи, како и други не-Евреи кои ја сметале неговата порака за „ново учење“. Тие му рекле: „Ни ги полниш ушите со некакви чудни тврдења“ (Дела 17:18-20).

7. Според Дела 17:22, 23, како Павле го приспособил начинот на кој им проповедал на Грците?

7 Прочитај Дела 17:22, 23. Кога бил во Атина, Павле не им ја пренел својата порака на луѓето од нееврејско потекло на ист начин како на Евреите во синагогата. Веројатно размислувал во што веруваат тие. Внимателно набљудувал околу себе и забележал дека имаат одредени религиозни обичаи. А потоа се обидел да најде нешто заедничко меѓу вистината од Божјата Реч и начинот на кој тие ги почитувале своите богови. Еден библиски истражувач вели: „Како еврејски христијанин, тој бил свесен дека Грците, кои биле пагани, не му служат на вистинскиот Бог на кој му служеле Евреите и христијаните. Сепак, се обидел да им покаже дека Богот што тој го објавувал не им е потполно непознат“. Павле бил спремен да го приспособи својот пристап. Тој им рекол на Атињаните дека пораката што ја пренесувал е од „непознатиот Бог“ за кого имале направено жртвеник и кого на некој начин веќе го почитувале. Иако овие луѓе не ги познавале светите списи, Павле не кренал раце од нив. Наместо тоа, ги гледал како жито кое е зрело за жетва и го приспособил начинот на кој им проповедал.

Исто како апостол Павле, набљудувај околу себе, приспособи го својот пристап и гледај на секој човек како на некој што може да стане ученик на Христос (Види во пасуси 8, 12, 18) *

8. а) Што би можело да ти помогне да сфатиш во што веруваат луѓето на твоето подрачје? б) Како би можел да одговориш ако некој ти каже дека си има своја религија?

8 Исто како Павле, внимателно набљудувај ја околината. Обиди се да забележиш некои работи кои можеби ќе ти помогнат да сфатиш во што веруваат луѓето на подрачјето. Како изгледа куќата? Дали можеш од името, изгледот, облеката или од начинот на кој зборува станарот да одредиш на која религија ѝ припаѓа? Можеби и самиот ќе ти каже дека си има своја религија. Кога некој ѝ го кажува ова на една сестра која служи како специјален пионер, таа вели: „Не сакам да Ви ги наметнувам моите верувања, туку дојдов да поразговараме за...“

9. Кои работи би можеле да ни бидат заеднички со некое религиозно лице?

9 За што би можел да зборуваш со некој што е религиозен? Обиди се да најдеш нешто што ви е заедничко. Можеби и тој верува дека постои само еден Бог, дека Исус е Спасителот на човештвото или дека живееме во тешки времиња на кои наскоро ќе им дојде крајот. Искористи ги ваквите заеднички работи за да ја споделиш со него библиската порака на начин што ќе го заинтересира.

10. Што треба да се потрудиме да дознаеме, и зошто?

10 Имај на ум дека луѓето можеби не веруваат во сето она што го поучува нивната религија. Затоа, дури и да сфатиш на која религија ѝ припаѓа оној со кого разговараш, обиди се да дознаеш во што верува самиот тој. Дејвид, кој служи како специјален пионер во Австралија, вели: „Денес мнозина ги мешаат своите верски убедувања со филозофски идеи“. Доналта од Албанија вели: „Некои што ги среќаваме велат дека си имаат своја религија, но подоцна признаваат дека воопшто не веруваат во Бог“. Еден брат кој служи како мисионер во Аргентина забележал дека некои од оние што тврдат дека веруваат во тројство, всушност, не веруваат дека Таткото, Синот и светиот дух се еден Бог. Тој вели: „Бидејќи го знам ова, многу ми е полесно да најдам нешто заедничко со човекот кому му сведочам“. Затоа, потруди се да дознаеш во што точно веруваат луѓето. Така ќе можеш и ти, исто како Павле, да кажеш: „На сите им бев сѐ“ (1. Кор. 9:19-23).

ШТО ГИ ИНТЕРЕСИРА?

11. Според Дела 14:14-17, како Павле им ја пренел добрата вест на луѓето во Листра на начин што можел да ги заинтересира?

11 Прочитај Дела 14:14-17. Павле сфаќал што ги интересира луѓето кои го слушале и го приспособувал својот пристап. Во една прилика, тој му се обратил на мноштво луѓе во Листра кои не знаеле речиси ништо за светите списи. Затоа, за да им ја пренесе добрата вест, Павле спомнал работи што ним им биле познати — им зборувал за плодоносни времиња и за можноста да му се радуваат на животот. Тој користел зборови и примери што неговите слушатели можеле веднаш да ги разберат.

12. Како би можел да дознаеш за што се интересира некој, и како можеш да го приспособиш својот пристап?

12 Биди прониклив за да можеш да откриеш што ги интересира луѓето на твоето подрачје, и приспособи го својот пристап. Како би можел да дознаеш што го интересира станарот додека се приближуваш кон неговиот дом? Набљудувај внимателно. Можеби тој работи во градината, чита книга, ја поправа колата или прави нешто друго. Ако е соодветно, зошто не започнеш разговор во врска со она што го прави во тој момент? (Јован 4:7). Дури и од неговата облека можеш да дознаеш нешто — можеби од која националност е, со што се занимава или кој му е омилен спортски тим. Еден брат по име Густаво вели: „Почнав разговор со еден 19-годишен дечко кој носеше маица со слика од популарен пејач. Го прашав нешто за тоа, и тој ми кажа зошто тој пејач му се допаѓа. Тој разговор водеше до библиски курс, и сега овој млад човек е наш брат“.

13. Како може да понудиме некому библиски курс на начин што ќе го заинтересира?

13 Кога ќе понудиш некому да ја проучува Библијата, направи го тоа на начин што ќе го заинтересира. Спомни како нему лично ќе му користи она што ќе го научи (Јован 4:13-15). На пример, кога една наша сестра ѝ сведочела на една жена, таа се заинтересирала и ја поканила да влезе внатре. Нашата сестра видела дека на ѕидот виси диплома, и сфатила дека жената е професорка по педагогија. Затоа ѝ рекла дека и ние учествуваме во една образовна програма така што водиме библиски курсеви со луѓето и одржуваме состаноци. Жената се согласила да ја проучува Библијата, отишла на состанок следниот ден и присуствувала на покраински собир што се одржал кратко потоа. По една година, таа се крстила. Прашај се: „Што ги интересира луѓето кои редовно ги посетувам? Можам ли да им понудам да ја проучуваат Библијата на начин што ќе ги заинтересира?“

14. Како можеш да го приспособиш библискиот курс на потребите на интересентот?

14 Кога ќе почнеш да ја проучуваш Библијата со некого, подготвувај се секој пат пред да појдеш кај него имајќи ги на ум неговите околности и интереси. Додека се подготвуваш, одреди кои стихови ќе ги прочитате, кои видеоклипови ќе му ги покажеш и какви споредби ќе користиш за да му ги објасниш библиските вистини. Прашај се: „Што би можело посебно да го интересира и да го допре до срце?“ (Изр. 16:23). Флора, сестра од Албанија која служи како пионер, ја проучувала Библијата со една жена која јасно ѝ кажала дека не може да верува во воскресение. Флора не ѝ вршела притисок. Таа вели: „Си мислев дека најпрво мора подобро да го запознае Јехова, оној што ветува дека ќе има воскресение“. Оттогаш натаму, секогаш кога проучувале, Флора ги истакнувала Јеховината љубов, мудрост и моќ. Подоцна жената поверувала во воскресение, и сега ревносно му служи на Јехова.

ГЛЕДАЈ ПОЗИТИВНО НА СЕКОЈ ЧОВЕК

15. Според Дела 17:16-18, зошто Павле се вознемирил кога бил во Атина, но зошто не кренал раце од Атињаните?

15 Прочитај Дела 17:16-18. Павле не кренал раце од Атињаните, иако нивниот град бил преплавен со идоли, неморал и пагански филозофии. Освен тоа, не се обесхрабрил и покрај тоа што го навредувале. Самиот Павле станал христијанин иако пред тоа бил „хулител, прогонител и дрзок човек“ (1. Тим. 1:13). Исто како што Исус сметал дека Павле можел да стане негов ученик, така и Павле имал доверба дека Атињаните можат да станат ученици на Христос. И навистина бил во право — некои од нив станале христијани (Дела 9:13-15; 17:34).

16-17. Што покажува дека најразлични луѓе можат да станат ученици на Христос? Наведи пример.

16 Во првиот век, луѓе со најразлично потекло станале ученици на Исус. Во своето послание до христијаните кои живееле во грчкиот град Коринт, Павле рекол дека некои браќа од тоа собрание порано биле злосторници или воделе крајно неморален живот. Тој им напишал: „Такви беа некои од вас, но испрани сте“ (1. Кор. 6:9-11). Дали и ти ќе си мислел дека тие луѓе можат да се променат и да станат Христови ученици?

17 Денес многумина се спремни да ги направат потребните промени за да станат ученици на Исус. На пример, Јукина, која служи како специјален пионер во Австралија, се уверила од прва рака дека најразлични луѓе можат да ја прифатат библиската порака. Еднаш, додека била во агенција за недвижности, сретнала една девојка со многу тетоважи, која носела широка и неуредна облека. Јукина вели: „Малку се двоумев, но сепак започнав разговор со неа. Дознав дека толку многу се интересира за Библијата што некои од нејзините тетоважи, всушност, беа стихови од Псалмите!“ Оваа девојка почнала да ја проучува Библијата и да доаѓа на нашите состаноци. *

18. Зошто не треба однапред да донесуваме суд за луѓето?

18 Дали Исус сметал дека симболичните полиња се зрели за жетва затоа што очекувал дека повеќето луѓе ќе станат негови следбеници? Воопшто не. Библијата прорекла дека само малкумина ќе поверуваат во него (Јован 12:37, 38). Освен тоа, Исус можел да ги чита срцата на луѓето и знаел дека повеќето нема да го прифатат она што им го кажувал (Мат. 9:4). Сепак, мислел на оние малкумина што ќе поверувале во него, и ревносно им проповедал на сите. Бидејќи ние не можеме да ги читаме срцата, не смееме однапред да донесуваме суд за некое подрачје или за некој човек. Добро е да мислиме на тоа што еден ден може да биде од нив. Марк, кој служи како мисионер во Буркина Фасо, вели: „Оние што мислам дека ќе напредуваат обично престануваат да проучуваат. Но, тие од кои не очекувам речиси ништо, на крајот одлично напредуваат. Сфатив дека е подобро да оставиме Јеховиниот дух да ги води работите“.

19. Како треба да гледаме на луѓето на нашето подрачје?

19 На прв поглед, може да ни се чини дека на нашето подрачје нема многу луѓе кои се слични на жито зрело за жетва. Сепак, имај го на ум она што Исус им го рекол на своите ученици. Полињата се зрели за жетва. Луѓето можат да се променат и да станат ученици на Христос. Јехова е уверен во тоа, и ги смета таквите лица за „скапоцености“ (Агеј 2:7). Ако ги гледаме другите како што ги гледаат Јехова и Исус, ќе се трудиме да дознаеме во што веруваат и што ги интересира. За нас тие нема да бидат само непознати, туку наши идни браќа и сестри!

ПЕСНА 57 Да проповедаме на најразлични луѓе

^ пас. 5 Како ставот што го имаме кон луѓето на нашето подрачје влијае врз начинот на кој проповедаме и поучуваме? Во оваа статија ќе видиме како гледале Исус и апостол Павле на оние на кои им проповедале. Ќе видиме како можеме да го следиме нивниот пример во овој поглед. Освен тоа, ќе видиме како, слично на Исус и Павле, може да ги земаме предвид верувањата и интересите на луѓето кои ги среќаваме.

^ пас. 17 Во рубриката „Библијата менува животи“ има многу примери за луѓе што направиле промени. Оваа рубрика излегуваше во Стражарска кула до 2017 год. Сега излегува на jw.org®. Оди на ЗА НАС > ИСКУСТВА НА ЈЕХОВИНИ СВЕДОЦИ.

^ пас. 57 ОПИС НА СЛИКАТА: Додека е во служба, една брачна двојка забележува 1) убаво средена куќа со цвеќиња пред вратата; 2) куќа каде што живее семејство со мали деца; 3) куќа која е потполно запуштена; и 4) куќа во која живее некое религиозно лице. Што мислиш, во која куќа најверојатно живее некој што ќе стане ученик на Христос?