Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 14

Напад од северот!

Напад од северот!

Против мојата земја дојде народ (ЈОИЛ 1:6)

ПЕСНА 95 Светлината свети сѐ посилно

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. На кој начин брат Расел и неговите соработници ја истражувале Библијата, и зошто тој начин бил делотворен?

ПРЕД повеќе од еден век, брат Чарлс Расел и неговите соработници — една мала група луѓе кои исто така ја истражувале Божјата Реч — почнале да се состануваат за да видат што учи самата Библија за Јехова Бог, за Исус Христос, за состојбата на мртвите и за откупнината. Проучувале на едноставен начин. Најпрво некој поставувал прашање, а потоа групата го разгледувала секој стих поврзан со таа тема. На крајот го запишувале заклучокот до кој ќе дошле. Со Јеховин благослов, тие искрени христијани откриле многу од основните библиски вистини што до ден-денес се скапоцени за нас.

2. Зошто понекогаш може да дојдеме до погрешен заклучок кога се трудиме да разбереме некое библиско пророштво?

2 Но, тие истражувачи на Библијата наскоро сфатиле дека е многу потешко точно да се разбере библиско пророштво отколку основно библиско учење. Зошто? Една причина е што честопати најдобро го разбираме значењето на библиските пророштва дури кога ќе почнат да се исполнуваат или откако веќе се исполниле. Но, има и друга причина. За точно да разбереме некое пророштво, обично мора да го земеме предвид контекстот. Ако се концентрираме само на еден аспект од пророштвото без да ги земеме предвид другите аспекти, може да дојдеме до погрешен заклучок. Очигледно ова беше случај со едно пророштво од книгата на Јоил. Да го разгледаме и да видиме зошто има потреба од промена во нашето разбирање на ова пророштво.

3-4. Како го објаснувавме досега пророштвото од Јоил 2:7-9?

3 Прочитај Јоил 2:7-9. Јоил прорекол дека израелската земја ќе биде уништена од наезда на скакулци. Тој претскажал дека тие ненаситни инсекти, со лавовски заби и вилици, ќе изедат сѐ пред себе! (Јоил 1:4, 6). Со години го применувавме ова пророштво на начинот на кој Јеховиниот народ, како незапирлив рој од скакулци, го извршува своето проповедничко дело. Сметавме дека нашето проповедање претставува вистинско измачување за „земјата“, односно за луѓето кои се под силно влијание на верските водачи. *

4 Ако го читаме само Јоил 2:7-9, ова објаснување на пророштвото звучи логично. Но, ако го земеме предвид целиот контекст, гледаме дека има потреба од поинакво објаснување. Да разгледаме четири причини за оваа промена во нашето разбирање.

ЧЕТИРИ ПРИЧИНИ ЗА ПРОМЕНА ВО РАЗБИРАЊЕТО

5-6. Кое прашање се поставува кога го читаме а) Јоил 2:20? б) Јоил 2:25?

5 Прво, забележи какво ветување дал Јехова во врска со наездата на скакулци: „Оној од север [скакулците] ќе го протерам далеку од вас“ (Јоил 2:20). Ако скакулците ги претставуваат Јеховините сведоци кои послушно ја извршуваат заповедта на Исус да проповедаат и да ги поучуваат луѓето, зошто Јехова би сакал да ги протера? (Езек. 33:7-9; Мат. 28:19, 20). Јасно е дека тој немал намера да ги протера своите верни слуги, туку некој што е непријател на неговиот народ.

6 Како втора причина, да ги разгледаме зборовите од Јоил 2:25. Таму Јехова вели: „Ќе ви ги надоместам годините што ги изедоа скакулецот, младиот бескрилен скакулец, лебарката и гасеницата“. Забележи дека Јехова ветил дека ќе ја надомести штетата што ја направиле „скакулците“. Ако тие ги претставуваат оние што проповедаат за Царството, ова би значело дека нивната порака причинува штета. Но, како е можно тоа? Тие пренесуваат една животоважна порака која, всушност, може да наведе некои лоши луѓе да се покаат (Езек. 33:8, 19). Тоа не би било штета туку вистински благослов за нив!

7. До кој заклучок нѐ води тоа што во Јоил 2:28, 29 се користи зборот „потоа“?

7 Прочитај Јоил 2:28, 29. Да ја разгледаме третата причина — редоследот по кој се одвиваат настаните спомнати во пророштвото. Јехова рекол: „Потоа ќе излеам од својот дух“. Со други зборови, тој ветил дека ќе го излее својот дух откако „скакулците“ ќе ја завршат својата задача. Ако „скакулците“ се тие што проповедаат за Божјето Царство, зошто Јехова би го излеал својот дух врз нив откако ќе завршат со сведочењето? Факт е дека без помошта од неговиот моќен свет дух, тие не би можеле со децении да проповедаат, и покрај сето противење и забрани на нивното дело.

Брат Џозеф Ратерфорд и други помазани Божји слуги кои предводеле во делото смело ги објавувале Божјите осуди над овој злобен свет. (Види во пасус 8)

8. Кого го претставуваат скакулците од Откровение 9:1-11? (Види ја сликата на насловната страница.)

8 Прочитај Откровение 9:1-11. Да ја разгледаме и четвртата причина. Досега наездата на скакулци за која зборува Јоил ја поврзувавме со нашето проповедање бидејќи има едно слично пророштво во книгата Откровение. Во него се опишани роеви од скакулци кои имаат човечки лица и носат „нешто како златни круни“ на главите (Отк. 9:7). Во текот на пет месеци — колку што просечно живее еден скакулец — тие ги измачуваат „луѓето [Божјите непријатели] кои го немаат Божјиот печат на своите чела“ (Отк. 9:4, 5). Овој опис навистина одговара на Јеховините помазани слуги. Тие смело ги објавуваат Божјите осуди против овој злобен свет, а тоа воопшто не им е пријатно на сите што го поддржуваат.

9. Кои значајни разлики постојат меѓу скакулците од пророштвото на Јоил и оние што ги опишал Јован?

9 Точно е дека има сличности меѓу пророштвото од Откровение и пророштвото што го запишал Јоил. Но, меѓу нив постојат и значајни разлики. На пример, во пророштвото на Јоил, скакулците ги уништуваат растенијата (Јоил 1:4, 6, 7). Но, во видението на Јован, на скакулците им е „заповедано да не им наштетат на земните растенија“ (Отк. 9:4). Скакулците што ги видел Јоил дошле од север (Јоил 2:20). Но, оние што ги видел Јован излегле од бездна (Отк. 9:2, 3). Скакулците што ги видел Јоил биле протерани. Но, оние што се спомнати во Откровение не се протерани туку им е дозволено да ја завршат својата задача. Ништо во Библијата не покажува дека Јехова не бил задоволен од нив. (Види ја рамката „ Пророштва за скакулците — слични, а сепак различни“.)

10. Кој пример од Библијата покажува дека некој симбол може да има различно значење во различни контексти?

10 Значајните разлики меѓу овие две пророштва водат до заклучок дека тие не се поврзани. Ова значи дека скакулците што ги опишал Јоил не се истите скакулци спомнати во книгата Откровение. Во Библијата, некој симбол може да има различно значење во различен контекст. На пример, во Откровение 5:5, Исус е наречен „лавот од Јудиното племе“, а во 1. Петрово 5:8, Ѓаволот е опишан како „разрикан лав“. Четирите причини што ги разгледавме покажуваат дека пророштвото на Јоил мора да има друго значење. Кое е тоа?

ШТО ЗНАЧИ ПРОРОШТВОТО?

11. На кој начин Јоил 1:6 и 2:1, 8, 11 ни помагаат да разбереме кого го претставуваат скакулците?

11 Ако повнимателно го разгледаме контекстот во кој е дадено пророштвото на Јоил, ќе видиме дека тој, всушност, претскажал еден воен напад (Јоил 1:6; 2:1, 8, 11). Јехова рекол дека ќе употреби „голема војска“ (вавилонските војници) за да ги казни непослушните Израелци (Јоил 2:25). Јоил со право ја нарекува вавилонската војска „оној од север“ бидејќи таа го нападнала Израел од северната страна (Јоил 2:20). Таа војска е споредена со организиран рој скакулци. Во врска со нив, Јоил вели: „Како силен човек на својата патека, [војниците] продолжуваат напред... Навалуваат во градот. Трчаат на ѕидот. Се качуваат на куќите. Влегуваат како крадци низ прозорците“ (Јоил 2:8, 9). Можеш ли да си го претставиш ова? Насекаде има војници. Никој нема каде да се скрие. Нема спас од мечот на Вавилонците!

12. Како се исполнило пророштвото за скакулците што го дал Јоил?

12 Како рој од скакулци, Вавилонците (или Халдејците) го нападнале Ерусалим во 607 год. пр.н.е. Библијата вели: „Халдејскиот цар, кој ги погуби со меч нивните младичи... не се смилува ни на младич ни на девојка, ни на старец ни на немоќен. [Бог] сѐ му предаде в раце. И го запали домот на вистинскиот Бог и ги урна ѕидиштата на Ерусалим. Сите утврдени дворци ги изгоре во оган, а и сите скапоцености во нив, и така уништи сѐ“ (2. Лет. 36:17, 19). Откако Вавилонците ја нападнале и ја уништиле земјата, за неа можело да се каже: „Ова е пустош, без луѓе и без стока. Предадена е во рацете на Халдејците“ (Ерем. 32:43).

13. Што значат зборовите запишани во Еремија 16:16, 18?

13 Околу 200 години откако Јоил го дал своето пророштво, Јехова го употребил Еремија да претскаже уште нешто за овој напад. Бог рекол дека непријателите темелно ќе ја пребараат целата земја за да ги најдат сите Израелци кои правеле зло, и дека ќе ги заробат. „’Еве, ќе испратам многу рибари‘, вели Јехова, ’кои ќе ги ловат. Потоа ќе испратам многу ловци, и тие ќе ги ловат по сите планини, и по сите ридови, и по сите камени стрмнини... Ќе им платам во полна мера за нивниот престап и за нивниот грев‘“. Непокајничките Израелци немало да можат да се скријат никаде од Вавилонците — ни во морињата ни во шумите (Ерем. 16:16, 18).

ОБНОВА

14. Кога се исполниле зборовите од Јоил 2:28, 29?

14 Јоил има и добра вест! Земјата повторно ќе биде плодна (Јоил 2:23-26). Во иднина, Јехова ќе обезбеди духовна храна во изобилство. Тој рекол: „Ќе излеам од својот дух на најразлични луѓе, и вашите синови и ќерки ќе пророкуваат... Дури и на слугите и на слугинките ќе излеам од својот дух“ (Јоил 2:28, 29). Но, Јехова не го излеал својот дух веднаш штом Израелците се вратиле од Вавилон во својата родна земја. Тоа се случило шест века подоцна, на Педесетница 33 год. од н.е. Од каде знаеме?

15. Според Дела 2:16, 17, како се изразил Петар кога го цитирал Јоил 2:28, и што покажува тоа?

15 Под водство на Божјиот дух, апостол Петар го применил Јоил 2:28, 29 на еден посебен настан што се случил на таа Педесетница. Тоа утро, во околу девет часот, светиот дух бил излеан на чудотворен начин врз една група Христови ученици, и тие почнале да зборуваат „за величествените Божји дела“ (Дела 2:11). Бог го водел Петар да употреби малку поинакви зборови кога го цитирал пророштвото на Јоил. (Прочитај Дела 2:16, 17.) Забележи дека, наместо да почне со зборот „потоа“, кој го употребил Јоил, Петар рекол „во последните денови“. Во овој контекст, изразот „последните денови“ се однесува на периодот пред да бидат уништени Ерусалим и храмот. Во тоа време, Божјиот дух бил излеан „на најразлични луѓе“. Ова покажува дека поминало прилично долго време пред да се исполни пророштвото на Јоил.

16. Какво влијание имал Божјиот дух врз проповедничкото дело во првиот век, и како влијае врз проповедањето денес?

16 Откако Бог го излеал својот дух врз христијаните во првиот век, проповедничкото дело зело голем замав, и со текот на времето се проширило низ целиот свет. До 61 год. од н.е., кога го напишал своето послание до Колошаните, апостол Павле можел да каже дека добрата вест се проповеда „меѓу сите суштества под небото“ (Кол. 1:23). Во негово време, ова се однесувало на сите делови од светот до кои можело да се патува. Со помош на Јеховиниот моќен свет дух, денес проповедничкото дело се врши во уште поголеми размери — сѐ „до крајот на земјата“! (Дела 13:47; види ја рамката „ Ќе излеам од својот дух“).

ШТО Е СМЕНЕТО ВО НАШЕТО РАЗБИРАЊЕ?

17. Што е сменето во нашето разбирање на пророштвото за скакулците кое го дал Јоил?

17 Значи, што е сменето? Сега поточно го разбираме пророштвото од Јоил 2:7-9. Едноставно кажано, овие стихови не се однесуваат на нашето ревносно проповедање, туку на нападот на вавилонската војска врз Ерусалим во 607 год. пр.н.е.

18. Што не е сменето во врска со Јеховиниот народ?

18 Што не е сменето? Јеховиниот народ и понатаму ја проповеда добрата вест насекаде, и тоа на секој можен начин (Мат. 24:14). Никаква забрана од властите не може да нѐ спречи да ѝ бидеме послушни на заповедта да проповедаме. Со Јеховин благослов, ние сме позафатени во ова дело од кога и да било порано така што храбро им ја пренесуваме на другите добрата вест за Царството! Понизно бараме од Јехова да ни дава водство и да ни помага да ги разбереме библиските пророштва, уверени дека кога ќе дојде време за тоа, тој ќе нѐ упати „во сета вистина“! (Јован 16:13).

ПЕСНА 97 Божјата Реч за нас значи живот

^ пас. 5 Со години сметавме дека пророштвото запишано во Јоил, поглавја 1 и 2, се однесува на проповедањето што го извршуваме денес. Сепак, има четири причини поради кои треба да направиме промена во нашето разбирање на овој дел од пророштвото на Јоил. Кои се тие причини?

^ пас. 3 На пример, види ја статијата „Творештвото — огледало на Јеховината мудрост“ во Стражарска кула од 15 април 2009, пас. 14-16.