Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 17

Јехова навистина те сака!

Јехова навистина те сака!

Јехова им покажува лојална љубов на своите слуги (1. ЦАР. 8:23, фус.)

ПЕСНА 108 Божјата верна љубов

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

Нашиот небесен Татко му покажува лојална љубов на секого од нас (Види во пасус 1)

1. Што забележува Јехова кај своите слуги?

ЈЕХОВА им покажува лојална љубов на своите слуги (1. Цар. 8:23, фус.). Зарем ова не нѐ исполнува со радост? Јехова ги забележува нашите добри особини, гледа какви личности би можеле да станеме во иднина и ни помага да се зближиме со него. Ако му останеме верни, тој ќе ни биде близок пријател засекогаш (Јован 6:44).

2. Зошто на некои им е тешко да веруваат дека Јехова ги сака?

2 Некој можеби ќе рече: „Знам дека Јехова ги сака своите слуги како група. Но, како можам да бидам сигурен дека Јехова ме сака мене лично?“ Зошто некој би можел да си го поставува ова прашање? Оксана, * на која ѝ се случиле многу лоши работи како дете, вели: „Бев многу среќна кога се крстив, и започнав со пионерска служба. Но, по 15 години, почнаа да ми се навраќаат болните спомени од минатото. Почнав да си мислам дека Јехова веќе не е задоволен од мене и дека не заслужувам да ме сака“. Една пионерка по име Џули, која исто така имала тешко детство, вели: „Му го заветував животот на Јехова затоа што сакав да го радувам. Но, бев убедена дека тој никогаш не би можел да ме сака“.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Можеби и ти, како овие две сестри, многу го сакаш Јехова, но се сомневаш дека тој те сака тебе. Зошто е важно да бидеш уверен дека навистина си скапоцен за него? И, што може да ти помогне ако те измачува мислата дека Јехова не те сака? Да го разгледаме одговорот на овие прашања.

ОПАСНО Е ДА СЕ СОМНЕВАМЕ ДЕКА ЈЕХОВА НЀ САКА

4. Зошто е опасно да се сомневаме дека Јехова нѐ сака?

4 Ако сме уверени дека Јехова нѐ сака и нѐ поддржува, ќе бидеме мотивирани да му служиме најдобро што можеме, дури и кога ќе се соочиме со тешкотии. Но, ако се сомневаме дека Бог нѐ сака, ќе ослаби нашата сила (Изр. 24:10). А доколку се обесхрабриме и почнеме да мислиме дека не сме му важни на Бог, ќе ни биде потешко да се спротивставиме на нападите од Сатана (Еф. 6:16).

5. Како влијаело врз некои браќа и сестри тоа што се сомневале дека Бог ги сака?

5 На некои верни христијани од нашево време им ослабнала верата поради тоа што почнале да се сомневаат дека Јехова ги сака. Еден старешина по име Џејмс вели: „Иако служев во Бетел и се радував што можев да помагам во собрание на друг јазик, се прашував дали Јехова навистина е задоволен од мене и од она што го правам за него. Во еден момент дури почнав да се сомневам дали Јехова ги слуша моите молитви“. Ева, која исто така е во полновремена служба, вели: „Тоа што ќе почнеш да се сомневаш дека Јехова те сака е исто толку опасно како да си фатен во вртлог кој те влече сѐ подлабоко. Сомнежите можат да ти ја намалат желбата да учествуваш во духовните активности и да ти ја одземат радоста во службата за Јехова“. Мајкл, кој е општ пионер и старешина, вели: „Ако не веруваш дека Бог те сака, ќе почнеш да се оддалечуваш од него“.

6. Што треба да правиме ако почнеме да мислиме дека Бог не нѐ сака?

6 Овие примери покажуваат колку голема штета во духовен поглед може да ни нанесе ваквото негативно размислување. Што треба да правиме ако ни се појават сомнежи дека Бог не нѐ сака? Мора веднаш да ги отфрлиме! Моли го Јехова да ти помогне да ги замениш „немирните мисли“ со „мирот Божји“, кој ќе ги чува твоето срце и твојот ум (Пс. 139:23; Фил. 4:6, 7). И не заборавај, ти не си единствениот кој се бори со такви негативни мисли. Тоа е случај и со други верни браќа и сестри. Дури и некои Божји слуги од минатото се измачувале со слични чувства. Да видиме што може да научиме од примерот на апостол Павле.

ШТО УЧИМЕ ОД ПРИМЕРОТ НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ

7. Какви проблеми имал Павле?

7 Дали понекогаш имаш чувство дека си преоптоварен со многу обврски и дека не можеш да стигнеш сите да ги завршиш? Ако да, сигурно нема да ти биде тешко да сфатиш како се чувствувал апостол Павле. Тој бил притиснат од грижи не само за едно собрание туку „за сите собранија“ (2. Кор. 11:23-28). Дали имаш некои хронични здравствени проблеми кои ти ја одземаат радоста? Павле постојано се измачувал со „трн во телото“, најверојатно некој здравствен проблем, и посакувал Јехова да му го отстрани (2. Кор. 12:7-10). Дали понекогаш си обесхрабрен поради твоите слабости? И Павле одвреме-навреме бил обесхрабрен. Тој за себе рекол дека е „беден човек“ затоа што постојано водел борба со своите слабости (Рим. 7:21-24).

8. Што му помогнало на Павле да продолжи да му служи на Јехова и покрај тешкотиите?

8 И покрај тоа што се соочил со разни тешкотии, Павле продолжил да му служи на Јехова. Што му давало сила? Иако бил свесен за своите слабости, тој имал силна вера во откупнината. Знаел за ветувањето што го дал Исус дека секој што има вера во него може да има вечен живот (Јован 3:16, Рим. 6:23). Павле навистина бил меѓу оние што покажувале вера во откупнината. Тој бил уверен дека Јехова е спремен да им прости дури и на оние што направиле сериозни гревови, но искрено се каат (Пс. 86:5).

9. Што учиме од зборовите на Павле запишани во Галатите 2:20?

9 Исто така, Павле бил уверен дека откупнината е доказ за Божјата огромна љубов кон него. (Прочитај Галатите 2:20.) Забележи ги утешните зборови на крајот од стихот. Тој рекол: „Синот Божји... ме сакаше и се предаде себеси за мене“. Павле не мислел дека е толку лош што Бог не би можел да го сака. Тој не си велел: „Не ми е тешко да видам зошто Јехова ги сака моите браќа, но не е можно да ме сака мене“. Напротив, Павле им напишал на христијаните во Рим: „Христос умре за нас уште додека бевме грешници“ (Рим. 5:8). Навистина, ништо не може да го спречи Бог да нѐ сака!

10. Што учиме од Римјаните 8:38, 39?

10 Прочитај Римјаните 8:38, 39. Павле бил потполно уверен дека Бог чувствува неизмерна љубов кон нас. Тој напишал дека ништо „не може да нѐ одвои од Божјата љубов“. Павле знаел колку бил стрплив Јехова со Израелците и колкава милост им покажувал. Сето она што Павле го кажал за Божјата љубов би можеле да го сумираме во една реченица: „Штом Јехова го испратил својот Син да умре за мене, зарем имам причина да се сомневам во неговата љубов?“ (Рим. 8:32).

На Бог му е важно што правиме сега и што ќе правиме во иднина, а не му се важни грешките што сме ги правеле во минатото (Види во пасус 11) *

11. Зошто Павле бил уверен дека Бог го сака и покрај тоа што правел гревови како оние што се спомнати во 1. Тимотеј 1:12-15?

11 Прочитај 1. Тимотеј 1:12-15. Веројатно, Павле понекогаш се измачувал поради лошите работи што ги правел пред да стане христијанин. Воопшто не нѐ изненадува што за себе рекол дека е „најголемиот грешник“. Пред да ја дознае вистината, Павле немилосрдно ги прогонувал христијаните од еден во друг град, ставајќи некои од нив во затвор. А кога им се судело на некои христијани, тој дури го давал својот глас да бидат погубени (Дела 26:10, 11). Можеш ли да си замислиш како се чувствувал тој доколку сретнал некој млад христијанин чии родители биле погубени со негово одобрување? На Павле му било жал за грешките што ги правел, но знаел дека не може да го смени минатото. Тој верувал дека Христос умрел за него, и со увереност напишал: „Преку Божјата незаслужена доброта јас сум она што сум“ (1. Кор. 15:3, 10). Која е поуката за секој од нас? Треба да веруваш дека Христос умрел за тебе и дека ти овозможил да имаш близок однос со Јехова (Дела 3:19). На Бог му е важно што правиме сега и што ќе правиме во иднина, а не му се важни грешките што сме ги правеле во минатото, без разлика дали во тоа време сме биле Јеховини сведоци или не (Иса. 1:18).

12. Како 1. Јованово 3:19, 20 може да ни помогне ако мислиме дека сме безвредни или дека не заслужуваме некој да нѐ сака?

12 Кога размислуваш за тоа дека Исус умрел за да ти бидат простени гревовите, можеби си велиш: „Јас не го заслужувам тоа“. Зошто би можел да се чувствуваш така? Нашето несовршено и измамливо срце може да нѐ наведе да мислиме дека сме безвредни или дека не заслужуваме некој да нѐ сака. (Прочитај 1. Јованово 3:19, 20.) Во таков случај, треба да имаме на ум дека „Бог е поголем од нашето срце“. Колку и да се силни нашите негативни чувства, тие не се посилни од Јеховината љубов кон нас и од неговата желба да ни прости. Многу е важно да се увериме во ова. За да имаме јасна слика како Јехова нѐ гледа, треба редовно да ја проучуваме неговата Реч, често да се молиме и редовно да се дружиме со браќата и сестрите. Зошто овие работи се толку важни?

КАКО МОЖАТ ДА НИ ПОМОГНАТ ПРОУЧУВАЊЕТО НА БИБЛИЈАТА, МОЛИТВАТА И СОВЕРНИЦИТЕ

13. Како може да ни помогне проучувањето на Божјата Реч? (Види ја и рамката „ Како им помага Божјата Реч“.)

13 Проучувај ја Божјата Реч секој ден. Така ќе можеш уште подобро да го запознаеш Јехова и да видиш колку убави особини има и колку многу те сака. Тоа што секој ден ќе прочиташ нешто од Библијата и потоа длабоко ќе размислуваш може да ти помогне да ги исправиш своите ставови и да се ослободиш од негативните чувства (2. Тим. 3:16). Така ќе можеш пореално да гледаш на работите. Еден старешина по име Кевин, кој се борел со чувства на безвредност, вели: „Тоа што го читав Псалм 103 и длабоко размислував за него ми помогна да го исправам своето размислување и да сфатам како Јехова гледа на мене“. Ева, која беше спомната претходно, вели: „На крајот од денот, си одвојувам време да размислувам што е она што навистина му е важно на Јехова. Тоа ми дава внатрешен мир и ми ја зајакнува верата“.

14. Како може да ни помогне молитвата?

14 Моли се често (1. Сол. 5:17). За да изградиме цврсто пријателство со некое лице, неопходно е да имаме редовна и искрена комуникација. Истото важи и за нашето пријателство со Јехова. Кога во молитва му кажуваме како се чувствуваме, за што размислуваме и какви грижи имаме, покажуваме дека имаме доверба во него и дека знаеме колку многу нѐ сака (Пс. 94:17-19; 1. Јов. 5:14, 15). Џули, која беше спомната претходно, вели: „Кога се молам, не му кажувам на Јехова само за она што сум го правела тој ден, туку ги споделувам со него моите најдлабоки мисли и чувства. Тоа ми помогна да почнам да гледам на Јехова како на Татко кој многу ги сака своите деца, а не како на директор на една голема фирма“. (Види ја рамката „ Дали си ја прочитал?“)

15. Како Јехова покажува дека се грижи за нас?

15 Дружи се со соверниците; тие се дар од Јехова (Јак. 1:17). Нашиот небесен Татко покажал дека се грижи за нас така што ни дал духовно семејство од браќа и сестри кои нѐ сакаат „во секое време“ (Изр. 17:17). Во своето писмо до Колошаните, Павле спомнал некои христијани кои му помагале и го зајакнувале (Кол. 4:10, 11). Дури и на Исус му била потребна поддршката од неговите пријатели — и ангели и луѓе. Тој несомнено бил благодарен за нивната помош (Лука 22:28, 43).

16. Како можат браќата и сестрите да ни помогнат да бидеме поблиски со Јехова?

16 Дали бараш и дали прифаќаш помош од браќата и сестрите во собранието? Тоа што ќе ги споделиме нашите грижи со некој зрел христијанин не значи дека сме духовно слаби. Напротив, тоа може да нѐ заштити. Џејмс, кој беше спомнат претходно, вели: „Добрите пријателства со зрели христијани ми се како јаже за спасување. Ваквите пријатели многу ми значат бидејќи, кога ќе ме преплават негативни чувства, тие внимателно ме слушаат и ме потсетуваат дека ме сакаат. Всушност, преку нив можам да ја видам Јеховината љубов и грижа кон мене“. Навистина, многу е важно да градиме блиски пријателства со нашите браќа и сестри!

ОСТАНИ ВО ЈЕХОВИНАТА ЉУБОВ

17-18. Кого треба да слушаме, и зошто?

17 Сатана сака да се откажеме од борбата да постапуваме исправно. Негова цел е да нѐ натера да мислиме дека Јехова не нѐ сака и дека не сме доволно добри за да нѐ спаси. Но, како што видовме, тоа е чиста лага.

18 Јехова те сака бидејќи си скапоцен во негови очи. Ако си му послушен, тој никогаш нема да престане да те сака. Исто како Исус, засекогаш ќе останеш во неговата љубов (Јован 15:10). Затоа, немој да го слушаш Сатана, ниту твоето измамливо срце. Слушај го Јехова, кој го бара доброто во секого од нас. Биди уверен дека тој им покажува лојална љубов на своите слуги, а во нив спаѓаш и ти!

ПЕСНА 141 Животот — чудесен Божји дар

^ пас. 5 На некои браќа и сестри им е тешко да веруваат дека Јехова ги сака. Во оваа статија ќе видиме зошто можеме да бидеме уверени дека секој од нас како поединец е скапоцен за Јехова. Исто така, ќе разгледаме што може да правиме доколку се сомневаме дека Јехова нѐ сака.

^ пас. 2 Некои имиња се сменети.

^ пас. 67 ОПИС НА СЛИКАТА: Пред да ја дознае вистината, Павле ги прогонувал христијаните и мнозина од нив ставил во затвор. Откако поверувал дека Исус умрел за него, тој се сменил и ги охрабрувал своите браќа и сестри. Меѓу нив можеби имало и некои чии роднини тој ги прогонувал.