Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 14

Во сѐ да одиме по стапките на Исус

Во сѐ да одиме по стапките на Исус

Христос страдаше за вас и ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки (1. ПЕТ. 2:21)

ПЕСНА 13 Исус, нашиот пример

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

Исус зад себе оставил стапки по кои треба да одиме (Види во пасуси 1-2)

1-2. Која споредба ни помага да го разбереме она што е запишано во 1. Петрово 2:21?

ЗАМИСЛИ дека си дел од една група која се движи низ еден опасен и пуст предел, прекриен со снег. Пред вас оди еден искусен водич. Како што чекори, остава зад себе траги во мекиот снег. Во еден момент, водичот исчезнува од вашиот видик. Но, не дозволувате да ве фати паника. Едноставно, вие продолжувате да ги следите стапките на водичот најдобро што можете.

2 Во некоја смисла, ние, како вистински христијани, се движиме низ еден опасен и пуст предел — овој злобен свет. Но, не сме сами, Јехова ни дал совршен водич — неговиот Син, Исус Христос, чии стапки може да ги следиме (1. Пет. 2:21). Според еден библиски изучувач, во овој стих Петар го споредува Исус со водич. Исто како што еден водич остава траги зад себе, така и Исус оставил стапки кои може да ги следиме. Во оваа статија ќе го разгледаме одговорот на овие три прашања: Што значи да одиме по стапките на Исус? Зошто е важно да го правиме тоа? И како може да ги следиме неговите стапки?

ШТО ЗНАЧИ ДА ОДИМЕ ПО СТАПКИТЕ НА ИСУС?

3. Што значи да одиме по нечии стапки?

3 Што значи да одиме по нечии стапки? Во Библијата зборовите „оди“ и „чекори“ понекогаш укажуваат на тоа што прави некој во својот живот (1. Мој. 6:9; Пс. 44:18). Начинот на живот што го води едно лице може да се спореди со стапки што ги остава зад себе. Според тоа, да одиме по нечии стапки значи да се угледаме на тоа лице, односно да го следиме неговиот пример.

4. Што значи да одиме по стапките на Исус?

4 Тогаш, што значи да одиме по стапките на Исус? Едноставно кажано, тоа значи да го следиме неговиот пример. Во стихот на кој се темели оваа статија, апостол Петар зборувал за добриот пример што ни го оставил Исус кога се соочил со страдања. Меѓутоа, има и многу други начини на кои може да го следиме неговиот пример (1. Пет. 2:18-25). Всушност, Исус со целиот свој живот, и со зборовите и со постапките, ни оставил пример кој треба да го следиме.

5. Дали несовршените луѓе можат да го следат совршениот пример на Исус? Објасни.

5 Како несовршени луѓе, дали е можно да го следиме примерот на Исус? Да, можно е. Петар нѐ поттикнал да одиме во сѐ по стапките на Исус, но тој не рекол дека тоа треба да го правиме совршено. Важно е да се трудиме да ги следиме неговите стапки најдобро што можеме како несовршени луѓе. Така ќе покажеме дека сме послушни на советот запишан во 1. Јованово 2:6, каде што стои дека треба да живееме онака како што живеел и Исус.

ЗОШТО Е ВАЖНО ДА ОДИМЕ ПО СТАПКИТЕ НА ИСУС?

6-7. Зошто можеме да кажеме дека, ако одиме по стапките на Исус, ќе станеме поблиски со Јехова?

6 Ако одиме по стапките на Исус, ќе станеме поблиски со Јехова. Зошто го велиме ова? Прво, Исус ни оставил извонреден пример за тоа како да живееме за да го радуваме Бог (Јован 8:29). Значи, со тоа што ќе одиме по стапките на Исус, ќе го радуваме Јехова. И можеме да бидеме уверени дека нашиот небесен Татко ќе се зближи со нас доколку даваме сѐ од себе за да бидеме негови пријатели (Јак. 4:8).

7 Второ, Исус совршено го следел примерот на својот Татко, и затоа можел да каже: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9). Ние можеме да ги покажуваме особините на Исус и да постапуваме со другите онака како што постапувал тој. На пример, тој покажал сочувство кон еден лепрозен човек, кон една жена која имала сериозна болест и кон оние на кои им починал некој близок (Мар. 1:40, 41; 5:25-34; Јован 11:33-35). Кога го следиме примерот на Исус, ние, всушност, го следиме и примерот на Јехова. А колку послични сме на Јехова, толку поцврсто ќе биде нашето пријателство со него.

8. Објасни зошто тоа што ќе одиме по стапките на Исус ќе ни помогне да го победиме светот.

8 Ако одиме по стапките на Исус, нема да дозволиме овој злобен свет да ни го одвлече вниманието од службата за Јехова. Во последната ноќ од својот живот на земјата, Исус можел да каже: „Јас го победив светот“ (Јован 16:33). Со тоа сакал да каже дека не дозволил врз него да влијаат ставовите, целите и постапките на луѓето од светот. Исус никогаш не изгубил од вид која е главната причина зошто бил испратен на земјата — да го посвети Јеховиното име. А како е со нас? Во овој свет има многу работи кои би можеле да ни го одвлечат вниманието од службата за Јехова. Но, ако и нам, исто како на Исус, најважно во животот ни е да ја вршиме Јеховината волја, и ние ќе го победиме светот (1. Јов. 5:5).

9. Што треба да правиме за да останеме на патот кој води во вечен живот?

9 Ако одиме по стапките на Исус, ќе добиеме вечен живот. Кога еден млад богат човек го прашал Исус што треба да прави за да добие вечен живот, тој му одговорил: „Оди по мене“ (Мат. 19:16-21). На некои Евреи кои не верувале дека тој е Месијата, Исус им кажал: „Моите овци... одат по мене. Јас им давам вечен живот“ (Јован 10:24-29). На Никодим, кој бил член на Судскиот совет и кој сакал да дознае нешто повеќе за неговите учења, Исус му рекол дека оние што покажуваат вера во него, ќе добијат вечен живот (Јован 3:16). Покажуваме вера во Исус така што живееме според неговите учења и постапуваме онака како што постапувал тој. Ако го правиме тоа, ќе останеме на патот кој води во вечен живот (Мат. 7:14).

КАКО МОЖЕ ВО СЀ ДА ОДИМЕ ПО СТАПКИТЕ НА ИСУС?

10. Што значи добро да го запознаеме Исус? (Јован 17:3).

10 За да можеме во сѐ да одиме по стапките на Исус, треба добро да го запознаеме. (Прочитај Јован 17:3.) Грчкиот израз што е преведен со „треба добро да те запознаат“ може да се преведе и со „треба да те запознаваат“, што укажува на трајно дејство. Треба сѐ подобро да го запознаваме Исус, односно да учиме за неговите особини, гледишта и мерила. Без разлика колку долго сме во вистината, треба да продолжиме да ги запознаваме Јехова и неговиот Син.

11. Што содржат четирите евангелија?

11 За да ни помогне да го запознаеме неговиот Син, Јехова се погрижил во неговата Реч да бидат запишани четирите евангелија. Во нив се зборува за животот и за службата на Исус. Од нив дознаваме што кажувал, што правел и како се чувствувал Исус. Овие четири книги ни помагаат подобро да видиме каков пример ни оставил тој (Евр. 12:3). Во нив, на некој начин, како да се наоѓаат стапките што Исус ги оставил зад себе. Значи, со тоа што ќе ги проучуваме евангелијата, ќе можеме сѐ подобро да го запознаваме Исус. Така ќе можеме во сѐ да одиме по неговите стапки.

12. Како можеме да извлечеме потполна корист од евангелијата?

12 За да извлечеме потполна корист од евангелијата, не е доволно само да ги читаме. Мора и да си одвоиме време за да ги проучуваме и длабоко да размислуваме за нив. (Спореди Исус Навин 1:8, фуснота.) Да разгледаме два предлози кои можат да ни помогнат длабоко да размислуваме за евангелијата и да го применуваме она што го читаме во нив.

13. Како би можел да си ги оживееш настаните од евангелијата?

13 Прво, додека читаш нешто од евангелијата, оживеј си ги настаните. Користи ја својата фантазија за да си го претставиш настанот, како и самиот да си таму. Што гледаш? Што слушаш? Обиди се да разбереш како се чувствуваат ликовите за кои читаш. За да успееш во тоа, истражувај во публикациите од Јеховината организација. Разгледај го контекстот, односно што се случило пред и по настанот за кој читаш. Дознај повеќе информации за луѓето и за местата кои се спомнати во извештајот. Спореди го она што го проучуваш со паралелен извештај од друго евангелие. Понекогаш во некое евангелие се спомнува некој интересен детаљ што го нема во другите евангелија.

14-15. Што може да ни помогне да го примениме во својот живот она што го учиме од евангелијата?

14 Второ, размислувај какви поуки можеш да извлечеш од извештајот. Откако ќе дознаеш некои работи за Исус, треба да се трудиш да ги примениш во својот живот (Јован 13:17). Затоа, кога проучуваш нешто од евангелијата, прашај се: „Што можам да применам од ова во мојот живот? Како можам да го искористам овој извештај за да му помогнам некому?“ Обиди се да се сетиш на некој што го познаваш и потоа, на љубезен и тактичен начин, сподели го со него она што си го научил.

15 Да видиме еден пример како би можеле да ги примениме овие два предлози. Ќе го разгледаме извештајот за сиромашната вдовица која Исус ја забележал во храмот.

СИРОМАШНАТА ВДОВИЦА ВО ХРАМОТ

16. Опиши го настанот кој е запишан во Марко 12:41.

16 Оживеј си го настанот. (Прочитај Марко 12:41.) Замисли си дека е 11 нисан 33 год. од н.е. — остануваат уште неколку дена пред Исус да биде погубен. Тој се наоѓа во храмот и поголемиот дел од денот го поминал поучувајќи ги другите. Но, верските водачи му се противеле. Некои од нив го оспориле неговиот авторитет, а други му поставувале прашања на кои мислеле дека нема да може да им одговори (Мар. 11:27-33; 12:13-34). Но, сега Исус се наоѓа во друг дел од храмот. Најверојатно во делот кој е наречен дворот за жените. Оттука тој може да ги види садовите за прилози кои се наоѓаат наоколу покрај ѕидовите од дворот. Исус седнува и почнува да ги набљудува луѓето кои ставаат прилози во нив. Тој гледа мнозина богати луѓе како пуштаат многу пари. Можеби е доволно близу за да го слушне силниот звук од нивните пари додека паѓаат во садовите.

17. Што направила сиромашната вдовица спомната во Марко 12:42?

17 Прочитај Марко 12:42. По некое време, Исус здогледува една „сиромашна вдовица“ (Лука 21:2). Животот воопшто не ѝ е лесен, едвај врзува крај со крај. Сепак, таа оди до еден од садовите за прилози и незабележливо пушта две мали парички, кои едвај се слушаат додека паѓаат внатре. Исус знае колку пари ставила — две лепти, најмалите парички кои се користеле во тоа време. Со нив не можело да се купи дури ниту едно врапче, кое било една од најевтините птици што се продавале за храна.

18. Според Марко 12:43, 44, што рекол Исус за прилогот на вдовицата?

18 Прочитај Марко 12:43, 44. Исус е восхитен од оваа вдовица. Затоа ги вика учениците кај себе, им ја покажува вдовицата и им вели: „Оваа сиромашна вдовица пушти повеќе од сите“. А потоа додава: „Тие [особено богатите] пуштија од својот вишок, а таа од својата немаштија пушти сѐ што имаше за живот“. Со тоа што ги пуштила последните пари кои ги имала тој ден, оваа вдовица покажала доверба дека Јехова ќе се грижи за неа (Пс. 26:3).

Исто како Исус, пофалувај ги оние што му го даваат на Јехова своето најдобро (Види во пасуси 19-20) *

19. Која важна поука можеме да ја извлечеме од она што го кажал Исус за сиромашната вдовица?

19 Размисли кои поуки можеш да ги извлечеш од овој извештај. Прашај се: „Што можам да научам од она што Исус го кажал за сиромашната вдовица?“ Размисли за нејзината ситуација. Нема сомнеж дека таа сакала да даде повеќе за Јехова. Сепак, оваа вдовица му го дала на Јехова она што можела да му го даде, своето најдобро. И, Исус знаел дека нејзиниот прилог е скапоцен за неговиот Татко. Од ова можеме да извлечеме една важна поука: Јехова се радува кога му го даваме нашето најдобро, кога му служиме со сето срце и со сета душа (Мат. 22:37; Кол. 3:23). Тој е задоволен од нас кога гледа дека правиме сѐ што можеме! Ова се однесува и на времето и силата што ги трошиме на духовните активности, во што спаѓаат и службата на проповедање и состаноците.

20. Како можеш со она што го научи од извештајот за вдовицата да им помогнеш на другите? Наведи пример.

20 Како можеш со она што го научи од извештајот за вдовицата да им помогнеш на другите? Размисли кои соверници би можел да ги охрабриш така што ќе им кажеш дека Јехова се радува поради она што го прават за него. На пример, дали познаваш некоја постара сестра која можеби се обвинува или се чувствува бескорисно затоа што поради слабото здравје повеќе не може да прави во службата онолку колку што правела порано? Дали познаваш некој брат кој е обесхрабрен затоа што поради тешка хронична болест не може да оди на секој состанок? Помогни им на таквите лица така што ќе им кажеш нешто што ќе ги зајакне (Еф. 4:29). Сподели ја со нив охрабрувачката поука од извештајот за сиромашната вдовица. Со твоите утешни зборови можеш да ги увериш дека Јехова се радува кога му го даваме најдоброто (Изр. 15:23; 1. Сол. 5:11). Кога ги пофалуваш другите затоа што му го даваат своето најдобро на Јехова, сеедно колку малку изгледа тоа, ти одиш по стапките на Исус.

21. Што си решен да правиш?

21 Многу сме благодарни што во евангелијата се запишани толку многу детали за животот на Исус кои ни помагаат да го следиме неговиот пример, односно во сѐ да одиме по неговите стапки. Дали би можел да си поставиш за цел да ги проучуваш евангелијата во текот на твоето лично проучување или за време на Семејната вечер? Како што видовме, за да извлечеме потполна корист од таквото проучување, треба да си ги оживееме настаните и да размислиме какви поуки можеме да извлечеме од нив. Освен што треба да постапуваме онака како што постапувал Исус, треба да обрнеме внимание и на неговите зборови. Во следната статија ќе видиме што можеме да научиме од последните зборови кои Исус ги кажал пред да умре.

ПЕСНА 15 Слави го Јеховиниот првороден Син!

^ пас. 5 Како вистински христијани, треба во сѐ да одиме по стапките на Исус. Што се „стапките“ на Исус кои треба да ги следиме? Тоа ќе го дознаеме во оваа статија. А ќе видиме и зошто е важно во сѐ да одиме по неговите стапки и како може да го правиме тоа.

^ пас. 60 ОПИС НА СЛИКАТА: Откако размислувала за она што Исус го кажал за сиромашната вдовица, една сестра пофалува постара сестра за нејзината служба која ја врши со сета душа.