Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Зошто Исус кратко пред да умре ги цитирал зборовите на Давид запишани во Псалм 22:1?

Кратко пред да умре, Исус ги кажал зборовите што се запишани во Матеј 27:46 и Марко 15:34: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“ Со тоа Исус го исполнил пророштвото што го запишал псалмистот Давид во Псалм 22:1. Би било погрешно да заклучиме дека Исус ги цитирал овие зборови затоа што бил разочаран од Јехова или затоа што за момент изгубил вера во него. Исус јасно ја имал на ум причината зошто треба да умре и бил спремен да го направи тоа (Мат. 16:21; 20:28). Исто така, тој знаел дека во последните мигови од неговиот живот Јехова ќе треба да ја повлече својата заштита од него (Јов 1:10). Со тоа Јехова дозволил Исус да докаже дека ќе му остане верен без оглед на тоа со колку мачна смрт ќе се соочи (Мар. 14:35, 36).

Тогаш, зошто Исус ги кажал зборовите од овој псалм? Иако не можеме да тврдиме со сигурност, ќе разгледаме неколку можни причини. *

Со тоа што ги цитирал овие зборови, Исус можеби сакал да истакне дека Јехова нема да ја спречи неговата смрт. Исус требало да ја плати откупнината без притоа Јехова да му помага. Тој требало да умре за да ја „вкуси смртта за секого“ (Евр. 2:9).

Со тоа што цитирал неколку зборови од тој псалм, Исус можеби сакал да им помогне на другите да се сетат на целиот псалм. Евреите во тоа време обично учеле напамет многу од псалмите. Кога ќе слушнеле еден стих од некој псалм, автоматски ќе почнеле да размислуваат за целиот тој псалм. Ако го имал ова на ум, тогаш Исус можел да им помогне на своите следбеници со еврејско потекло да се сетат на многуте пророштва во овој псалм во врска со настаните поврзани со неговата смрт (Пс. 22:7, 8, 15, 16, 18, 24). Исто така, тие можеле да се сетат на последните стихови од псалмот во кој Јехова се велича како Цар над целата Земја (Пс. 22:27-31).

Со тоа што ги цитирал овие зборови на Давид, Исус можеби сакал да покаже дека е невин. Пред својата смрт, Исус бил жртва на незаконско судење при што бил обвинет дека е богохулник (Мат. 26:65, 66). Членовите на Судскиот совет се собрале набрзина доцна во ноќта и одржале судење кое не било во склад со законските прописи (Мат. 26:59; Мар. 14:56-59). Со тоа што прашал: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“, Исус можеби сакал да истакне дека не направил ништо со кое би заслужил смртна казна.

Со тоа што ги цитирал зборовите на Давид, Исус можеби сакал да ги потсети другите дека, иако Давид страдал, тоа не значело дека Јехова не е задоволен од него. Прашањето кое го поставил Давид не покажувало дека изгубил вера во Бог. Откако го поставил ова прашање, тој изразил доверба дека Јехова може да ги спаси своите слуги, и Јехова и понатаму бил со него (Пс. 22:23, 24, 27). На сличен начин, иако Исус, „Синот Давидов“, страдал на маченичкиот столб, тоа не значело дека Јехова не е задоволен од него (Мат. 21:9).

Со тоа што ги цитирал овие зборови, Исус можеби ја изразил својата голема тага поради фактот дека Јехова морал да ја повлече својата заштита од него за да може да се докаже дека му е потполно верен. Јехова немал намера неговиот Син да страда и да умре. Но, тоа станало неопходно по побуната на првите луѓе. Исус не направил ништо погрешно, но морало да страда и да умре за да даде одговор на прашањата што ги покренал Сатана и за да ја плати откупнината која била потребна за да се врати назад она што го изгубил Адам (Мар. 8:31; 1. Пет. 2:21-24). Ова можело да се постигне само доколку Јехова за кратко ја повлечел својата заштита од Исус за првпат во неговиот живот.

Со тоа што ги цитирал овие зборови, Исус можеби сакал да им помогне на своите следбеници да размислуваат за причината зошто Јехова дозволил да умре на маченички столб. * Исус знаел дека многумина ќе бидат спрепнати поради тоа што ќе умрел како злосторник на маченички столб (1. Кор. 1:23). Ако ја имале на ум вистинската причина зошто умира на ваков начин, неговите следбеници ќе гледале на него како на Спасител, а не како на злосторник (Гал. 3:13, 14).

Сеедно од која причина го цитирал овој псалм, Исус знаел дека со тоа што ќе умре на маченички столб ќе ја изврши Јеховината волја. Набрзо откако ги кажал тие зборови, тој рекол: „Довршено е!“ (Јован 19:30; Лука 22:37). Тоа што Јехова за кратко ја повлекол заштитата од него му овозможило на Исус во потполност да го исполни сето она за кое бил испратен на Земјата и сето она што било напишано за него во „Мојсеевиот закон, во Пророците и во Псалмите“ (Лука 24:44).

^ пас. 2 Види ги и пасуси 9 и 10 во статијата „Што учиме од последните зборови на Исус?“, која се наоѓа во овој број.

^ пас. 4 Во текот на својата служба, Исус понекогаш давал изјави или поставувал прашања кои не биле одраз на неговите гледишта. Тој го правел тоа за да им даде можност на своите следбеници да си го кажат своето мислење (Мар. 7:24-27; Јован 6:1-5; види во Стражарска кула од 15 октомври 2010, стр. 4-5).