Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 16

Продлабочувај го своето ценење за откупнината

Продлабочувај го своето ценење за откупнината

Синот човечки дојде за да го даде својот живот како откупнина за мнозина (МАР. 10:45)

ПЕСНА 18 Благодарни сме за откупнината

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Што е откупнината, и зошто било потребно да се даде?

КОГА згрешил, Адам, кој бил совршен човек, ја изгубил можноста да живее вечно. Освен тоа, им ја одзел таа можност и на своите идни потомци. Немало никакво оправдување за гревот што го направил Адам, бидејќи тој свесно решил да го стори тоа. Но што е со неговите потомци? Тие немаат никаква вина за гревот што го направил (Рим. 5:12, 14). Адам со право заслужил да умре. Но, дали Јехова можел да направи нешто за да им овозможи на неговите потомци да живеат вечно? Да. Кратко откако Адам згрешил, Јехова постепено почнал да открива како ќе ги избави неговите потомци од проклетството на гревот и смртта (1. Мој. 3:15). Во време што го одредил, Јехова го испратил својот Син од небото за „да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Мар. 10:45; Јован 6:51).

2 Што е откупнината? Откупнината за која се зборува во Христијанските грчки списи се однесува на цената што ја платил Исус за да го врати назад она што Адам го изгубил (1. Кор. 15:22). Зошто ова било потребно? Како што се гледа од Мојсеевиот закон, Јеховиното мерило за правда барало да се даде „живот за живот“ (2. Мој. 21:23, 24). Адам го изгубил својот совршен човечки живот. За да се задоволи Божјата правда, Исус го жртвувал својот совршен човечки живот (Рим. 5:17). Така, тој им станал „Вечен Татко“ на сите што покажуваат вера во откупнината (Иса. 9:6; Рим. 3:23, 24).

3. Според Јован 14:31 и 15:13, зошто Исус бил спремен да го жртвува својот совршен човечки живот?

3 Исус спремно го жртвувал својот живот од голема љубов кон својот небесен Татко и кон нас. (Прочитај Јован 14:31; 15:13.) Поттикнат од таа љубов, тој бил решен да остане верен до крај и да ја изврши волјата на својот Татко. Благодарение на тоа, ќе се исполни Јеховината првобитна намера со луѓето и со Земјата. Во оваа статија ќе видиме зошто Бог дозволил Исус толку многу да страда пред да умре. Накратко ќе го разгледаме и примерот на еден библиски писател кој многу ја ценел откупнината. И на крај, ќе видиме како можеме да покажеме дека сме благодарни за откупнината и како можеме да го продлабочиме нашето ценење за жртвата што Јехова и Исус ја дале за нас.

ЗОШТО ЈЕХОВА ДОЗВОЛИЛ ИСУС ДА СТРАДА?

Размислувај за тоа колку многу страдања поднел Исус за да нѐ откупи од гревот и од смртта (Види во пасус 4)

4. Опиши како умрел Исус.

4 Размисли за она што го доживеал Исус во текот на последниот ден од неговиот живот на земјата. Иако можел да повика огромна војска од ангели за да го заштитат, тој дозволил римските војници да го уапсат и немилосрдно да го тепаат (Мат. 26:52-54; Јован 18:3; 19:1). Тие го удирале со камшик кој му го раскинувал месото на грбот. Подоцна го натерале да носи тежок дрвен столб на своите крвави плеќи. Исус почнал да го влече столбот до местото каде што требало да биде погубен, но кратко потоа римските војници му наредиле на еден минувач да го носи наместо него (Мат. 27:32). Кога Исус стигнал на местото каде што ќе бил погубен, војниците со клинови му ги приковале рацете и нозете за столбот. Откако го исправиле столбот, поради тежината на неговото тело, раните од клиновите сѐ повеќе му се проширувале и станувале поболни. Додека пријателите на Исус тагувале и неговата мајка плачела, еврејските поглавари го исмејувале (Лука 23:32-38; Јован 19:25). Од час во час, болките на Исус станувале сѐ понеиздржливи. Поради положбата на неговото тело, срцето и белите дробови му работеле сѐ поотежнато, и сѐ потешко дишел. Пред да го испушти последниот здив, Исус му се помолил на Јехова за последен пат, знаејќи дека му останал верен. Потоа ја наведнал главата и издивнал (Мар. 15:37; Лука 23:46; Јован 10:17, 18; 19:30). Ова навистина било бавна, болна и понижувачка смрт!

5. Што му било најтешко на Исус?

5 За Исус, суровиот начин на кој бил погубен не било најтешкото нешто. Најтешко му било тоа што морал да биде погубен под лажно обвинение дека е богохулник, односно некој што нема почит кон Бог или кон Божјето име (Мат. 26:64-66). Ова толку многу го измачувало што се надевал дека неговиот Татко ќе го поштеди од таквото понижување (Мат. 26:38, 39, 42). Зошто Јехова дозволил неговиот сакан Син да страда и да умре? Да разгледаме три причини.

6. Зошто Исус требало да умре на маченички столб?

6 Прво, Исус требало да биде прикован на столб за да ги ослободи Евреите од едно проклетство (Гал. 3:10, 13). Тие се нашле под проклетство бидејќи ветиле дека ќе се држат за Божјиот закон, но не го правеле тоа. Значи, Евреите заслужувале смрт не само поради тоа што биле потомци на Адам туку и поради тоа што се наоѓале под ова проклетство (Рим. 5:12). Во Законот што Бог им го дал на Израелците стоело дека, ако некој направи грев поради кој заслужува смрт, треба да биде погубен. Во некои случаи, мртвото тело на оној што бил погубен се обесувало на столб, * што покажувало дека тоа лице е проколнато од Бог (5. Мој. 21:22, 23; 27:26). Значи, со тоа што бил прикован на столб, Исус, кој совршено го држел Законот, го зел на себе проклетството на сите кои се наоѓале под Законот. На тој начин им овозможил на Евреите да извлечат корист од неговата жртва и покрај тоа што го отфрлиле.

7. Која е втората причина зошто Бог дозволил неговиот Син да страда?

7 Второ, Бог дозволил неговиот Син да страда со цел да го подготви за неговата идна улога како наш Првосвештеник. Исус на своја кожа почувствувал колку е тешко некој да му остане послушен на Бог кога ќе се најде под многу големи искушенија. Тој бил под огромен притисок, и затоа почнал да го моли Јехова за помош „со силни извици и солзи“. Бидејќи доживеал силни емоционални болки, нема сомнеж дека Исус знае што ни е потребно и дека може да ни дојде на помош кога минуваме низ искушенија. Многу сме му благодарни на Јехова што ни дал Првосвештеник кој е полн со милост и кој може „да сочувствува со нас во нашите слабости“! (Евр. 2:17, 18; 4:14-16; 5:7-10).

8. Која е третата причина зошто Бог дозволил Исус толку многу да страда?

8 Трето, Јехова дозволил Исус толку многу да страда за да се даде одговор на едно важно прашање: Дали е можно човек да му остане верен на Јехова дури и кога се соочува со тешки испити на верата? Сатана вели дека не е можно. Тој тврди дека луѓето му служат на Бог од себични причини. Сатана смета дека тие не го сакаат Јехова, исто како што било случај и со нивниот прататко Адам (Јов 1:9-11; 2:4, 5). Но, Јехова бил уверен дека неговиот Син ќе му остане верен, и затоа дозволил да биде испитан до крајни граници. Со тоа што останал верен, Исус докажал дека Сатана е лажливец.

БИБЛИСКИ ПИСАТЕЛ КОЈ МНОГУ ЈА ЦЕНЕЛ ОТКУПНИНАТА

9. Каков пример ни оставил апостол Јован?

9 Многу христијани се соочиле со противење и со разни други неволји. И покрај тоа, тие продолжиле да проповедаат и му останале верни на Јехова дури и во поодминати години бидејќи нивната вера била зајакната од учењето за откупнината. Размисли за примерот на апостол Јован. Тој истрајно ја проповедал вистината за Христос и за откупнината веројатно повеќе од 60 години. Кога имал речиси 100 години, римските власти сметале дека е толку опасен што го протерале на островот Патмос. Зошто го сметале за опасен? Затоа што зборувал за Бог и сведочел за Исус (Отк. 1:9). Колку голема вера и истрајност имал овој Божји слуга!

10. Како библиските книги што ги напишал Јован покажуваат дека тој бил благодарен за откупнината?

10 Од библиските книги што ги напишал Јован се гледа колку голема љубов имал кон Исус и колку бил благодарен за неговата откупна жртва. Во нив, тој на повеќе од 100 места зборувал за откупнината или за благословите што ги добиваме благодарение на неа. На пример, Јован напишал: „Ако некој и направи грев, имаме помошник кај Таткото — Исус Христос, праведникот“ (1. Јов. 2:1, 2). Освен тоа, Јован истакнал колку е важно христијаните „да сведочат за Исус“ (Отк. 19:10). Очигледно, тој бил многу благодарен за откупнината. Како може ние да покажеме дека сме благодарни за откупнината?

КАКО МОЖЕШ ДА ПОКАЖЕШ БЛАГОДАРНОСТ ЗА ОТКУПНИНАТА?

Ако навистина ја цениме откупнината, ќе се спротивставиме на искушението да направиме грев (Види во пасус 11) *

11. Што може да ни помогне да се спротивставиме на искушението да направиме грев?

11 Спротивстави се на искушението да направиш грев. Ако навистина ја цениме откупнината, нема да си мислиме: „Нема потреба толку многу да се трудам да не направам грев. Можам да згрешам и потоа да го молам Јехова да ми прости“. Наместо тоа, кога ќе се најдеме на искушение да направиме нешто погрешно, треба да си речеме: „Не! Како би можел да го сторам ова после сето она што Јехова и Исус го направиле за мене?“ Освен тоа, треба сесрдно да го молиме Јехова да ни даде сила и да ни помогне да не попуштиме на искушението (Мат. 6:13).

12. Како може да го примениме советот од 1. Јованово 3:16-18?

12 Сакај ги браќата и сестрите. Кога покажуваме љубов кон нив, ние, всушност, покажуваме дека ја цениме откупнината. Зошто го велиме ова? Затоа што Исус го дал својот живот не само за нас туку и за нашите браќа и сестри. Од тоа што спремно умрел за нив се гледа колку многу му се важни. (Прочитај 1. Јованово 3:16-18.) Покажуваме дека ги сакаме нашите браќа и сестри со начинот на кој постапуваме со нив (Еф. 4:29, 31 — 5:2). На пример, им помагаме кога се болни или кога доживуваат тешки неволји, вклучувајќи и природни катастрофи. Но, што треба да правиме ако некој соверник каже или направи нешто со кое ќе нѐ повреди?

13. Зошто треба да простуваме?

13 Дали понекогаш држиш лутина кон некој соверник и ти е тешко да му простиш? (3. Мој. 19:18). Ако да, имај го на ум следниов совет: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого. Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие“ (Кол. 3:13). Секојпат кога им простуваме на нашите браќа и сестри, му покажуваме на нашиот небесен Татко дека навистина сме благодарни за откупнината. Како можеме и понатаму да го продлабочуваме нашето ценење за овој дар од Бог?

КАКО МОЖЕШ ДА ГО ПРОДЛАБОЧУВАШ СВОЕТО ЦЕНЕЊЕ ЗА ОТКУПНИНАТА?

14. Кој е еден начин на кој можеме да го продлабочиме своето ценење за откупнината?

14 Благодари му на Јехова за откупнината. Една сестра по име Џоана, која има 83 години и живее во Индија, вели: „Мислам дека е важно секој ден во моите молитви да ја спомнувам откупнината и да му благодарам на Јехова за неа“. Кога му се молиш на Јехова, кажи му што си згрешил тој ден и моли го да ти прости. Се разбира, ако си направил тежок грев, ќе треба да побараш помош и од старешините. Тие ќе те сослушаат и со љубов ќе ти дадат совет кој се темели на Божјата Реч. Исто така, заедно со тебе ќе го молат Јехова да ти прости за да можеш повторно да имаш близок однос со него (Јак. 5:14-16).

15. Зошто треба да си одвојуваме време да читаме за откупнината и длабоко да размислуваме за неа?

15 Длабоко размислувај за откупнината. Една сестра по име Раџамани, која има 73 години, вели: „Кога читам за страдањата на Исус, очите ми се полнат со солзи“. И ти можеби ќе бидеш трогнат кога ќе размислуваш за тоа колку многу страдал Божјиот Син. Но, колку повеќе размислуваш за жртвата што ја направил Исус, толку повеќе ќе расте твојата љубов кон него и кон неговиот Татко. Зошто да не си поставиш цел длабоко да размислуваш за откупнината така што повеќе ќе проучуваш на оваа тема?

Преку една едноставна прослава, Исус им покажал на своите ученици како да се сеќаваат на неговата жртва. (Види во пасус 16)

16. Како ни користи тоа што ги поучуваме другите за откупнината? (Види ја сликата на насловната страница.)

16 Поучувај ги другите за откупнината. Секојпат кога зборуваме со другите за откупнината, расте нашето ценење за неа. Имаме многу убави публикации и видеоклипови кои ни помагаат да им објасниме на другите зошто Исус умрел за нас. На пример, може да ја користиме лекција 4 од брошурата Добра вест од Бог! Таа има наслов „Кој е Исус Христос?“ Или, може да го користиме поглавје 5 од книгата Што навистина учи Библијата?, со наслов „Откупнината — најголемиот дар од Бог“. Нашето ценење кон откупнината расте и со тоа што секоја година присуствуваме на Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт и со тоа што ревносно ги каниме и другите на овој настан. Колку голема чест ни дал Јехова да ги поучуваме луѓето за неговиот Син!

17. Зошто откупнината е најголемиот дар од Бог за човештвото?

17 Навистина имаме многу причини да го продлабочуваме нашето ценење за откупнината. Благодарение на откупнината, можеме да имаме блиско пријателство со Јехова иако сме несовршени. Благодарение на откупнината, делата на Ѓаволот ќе бидат потполно уништени (1. Јов. 3:8). Благодарение на откупнината, ќе се исполни првобитната намера на Јехова — целата Земја да стане рај. Колку убаво ќе биде кога секој човек ќе го сака Јехова и ќе му служи! Затоа, секој ден да се трудиме да покажуваме дека сме благодарни за откупнината — најголемиот дар од Бог за човештвото!

ПЕСНА 20 Го даде својот Син за нас

^ пас. 5 Зошто Исус умрел на толку суров начин? Во оваа статија ќе го дознаеме одговорот на ова прашање. Таа ќе ни помогне и да го продлабочиме нашето ­ценење за откупнината.

^ пас. 6 Римјаните имале обичај да ги приковуваат или да ги врзуваат за столб злосторниците додека сѐ уште биле живи. Јехова дозволил неговиот Син да биде погубен на таков начин.

^ пас. 55 ОПИС НА СЛИКАТА: Тројца браќа се спротивставуваат на различно искушение — едниот одбива да гледа во непристојни слики, другиот одбива да запали цигара и третиот одбива да прими мито.