Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 15

Дали си им пример на другите во говорот?

Дали си им пример на другите во говорот?

Биди им пример на верните во говорот (1. ТИМ. 4:12)

ПЕСНА 90 Да се храбриме едни со други!

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Кој ни ја дал способноста да зборуваме?

 СПОСОБНОСТА да зборуваме е дар од нашиот Бог кој многу нѐ сака. Веднаш штом бил создаден, првиот човек, Адам, можел да користи зборови за да комуницира со својот небесен Татко. Освен тоа, тој можел да образува нови зборови, и така да си го збогати речникот. Адам ја користел оваа способност кога добил задача да им даде имиња на сите животни (1. Мој. 2:19). А колку мора да бил радосен кога за првпат зборувал со друго човечко суштество — неговата прекрасна жена, Ева! (1. Мој. 2:22, 23).

2. Како говорот почнал да се користи на погрешен начин, и каква е ситуацијата денес?

2 Набрзо, говорот почнал да се користи на погрешен начин. Сатана Ѓаволот ја излажал Ева, и таа лага водела до тоа луѓето да станат грешни и несовршени (1. Мој. 3:1-4). Адам го искористил говорот на погрешен начин кога ја обвинил Ева, па дури и Јехова, за своите сопствени грешки (1. Мој. 3:12). Каин му кажал лага на Јехова откако го убил својот брат Авел (1. Мој. 4:9). Подоцна, еден потомок на Каин, по име Ламех, составил една песна во која го оправдувал убиството што го извршил, и таа песна, всушност, била одраз на насилството во тоа време (1. Мој. 4:23, 24). А каква е ситуацијата денес? Можеме да забележиме како политички водачи без срам се изразуваат погрдно. Исто така, во повеќето филмови денес се користи непристоен говор. Младите на училиште се изложени на навредлив говор, а и возрасните на работното место. За жал, лошиот говор кој е толку вообичаен денес е само одраз на сѐ пониските морални мерила кои преовладуваат во светот околу нас.

3. За која опасност треба да бидеме свесни, и што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Ако не сме внимателни и премногу се изложуваме на погрден говор, би можело да се случи толку многу да се навикнеме на него што и самите ќе почнеме да го користиме. Се разбира, како христијани, ние сакаме да го радуваме Јехова. Но за да го правиме тоа, не е доволно само да не користиме непристојни зборови. Треба да го користиме говорот на исправен начин, односно на начин со кој ќе го славиме нашиот Бог. Во оваа статија ќе видиме како може да го правиме тоа: 1) во службата, 2) на собраниските состаноци и 3) во нашите секојдневни разговори. Но, најпрво да видиме зошто на Јехова му е важно како го користиме нашиот говор.

НАШИОТ ГОВОР МУ Е ВАЖЕН НА ЈЕХОВА

Што открива твојот говор за она што го имаш во срцето? (Види во пасуси 4-5) d

4. Според Малахија 3:16, зошто на Јехова му е важен нашиот говор?

4 Прочитај Малахија 3:16. Можеш ли да се сетиш на една причина зошто Јехова ќе ги запише во неговата „книга на сеќавањето“ имињата на оние чиј говор покажува дека имаат стравопочит кон него и дека размислуваат за неговото име? Нашиот говор открива што има во нашето срце. Исус рекол: „Устата го зборува она со кое е полно срцето“ (Мат. 12:34). Она за што зборуваме покажува колкава љубов имаме кон Јехова. А тој сака оние што го сакаат него да му се радуваат на животот засекогаш во новиот свет.

5. а) Како нашата служба за Јехова е поврзана со нашиот говор? б) Како што е прикажано на сликата, кои работи треба да ги избегнуваме доколку сакаме да го радуваме Јехова со нашиот говор?

5 Начинот на кој зборуваме може да влијае на тоа дали Јехова ќе ја прифати нашата служба за него (Јак. 1:26). Некои луѓе што не го сакаат Бог зборуваат грубо, нељубезно, се фалат и ги понижуваат другите (2. Тим. 3:1-5). Ние сигурно не сакаме да бидеме како нив. Напротив, од срце сакаме да го радуваме Јехова со нашиот говор. Но, дали тој ќе биде задоволен од нас ако зборуваме љубезно кога сме на состаноци или во служба, а зборуваме грубо и нељубезно со членовите на нашето семејство кога другите не нѐ гледаат? (1. Пет. 3:7).

6. Кој бил резултатот од тоа што Кимберли го користела својот говор на исправен начин?

6 Кога го користиме говорот на исправен начин, им покажуваме на другите дека му служиме на Јехова. Така, тие можат јасно да ја видат разликата „меѓу оној што му служи на Бог и оној што не му служи“ (Мал. 3:18). Во ова се уверила една наша сестра по име Кимберли. b Таа добила задача да работи на некој школски проект со една соученичка. Додека работеле заедно, девојката забележала дека Кимберли се разликува од останатите ученици, бидејќи не кажувала лоши работи за другите, зборувала љубезно и не користела погрден говор. Ова ѝ оставило силен впечаток, и по некое време се согласила да ја проучува Библијата со Кимберли. Јехова сигурно многу се радува кога зборуваме на начин со кој ги привлекуваме луѓето кон вистината!

7. На кој начин си решен да го користиш твојот говор?

7 Сите ние сакаме да зборуваме на начин со кој ќе му носиме слава на Јехова, и кој ќе ни помага да стануваме поблиски со нашите браќа. Затоа, да разгледаме неколку практични работи кои ќе ни помогнат и понатаму да им бидеме пример на другите во говорот.

БИДИ ИМ ПРИМЕР НА ДРУГИТЕ ВО СЛУЖБАТА

Кога зборуваме љубезно со луѓето во службата, му носиме слава на Јехова (Види во пасуси 8-9)

8. Како Исус го користел говорот во службата, и што учиме ние од тоа?

8 Зборувај љубезно и со почит кога некој сака да се расправа со тебе. За време на својата служба, Исус бил лажно обвинет дека е пијаница, ненаситник, дека му служи на Ѓаволот, дека не го држи денот за одмор, па дури и дека е богохулник (Мат. 11:19; 26:65; Лука 11:15; Јован 9:16). Сепак, Исус не возвраќал со груби зборови. Исто како него, и ние никогаш не треба да им враќаме на другите со иста мера (1. Пет. 2:21-23). Се разбира, тоа не е секогаш лесно (Јак. 3:2). Да видиме што може да ни помогне.

9. Што може да ни помогне да внимаваме како зборуваме кога сме во служба?

9 Ако станарот на кој му сведочиш зборува грубо со тебе, труди се да останеш смирен. Еден брат по име Сем вели: „Се трудам да мислам на тоа колку е важно станарот да ја слушне вистината и да имам на ум дека тој може да се смени“. Понекогаш станарот е гневен само затоа што сме дошле во лош момент. Што може да правиме кога ќе наидеме на разлутен станар? Еве што прави една сестра по име Лусија. Кога ќе наиде на некој што е гневен, таа кратко му се моли на Јехова да ѝ помогне да не каже нешто нељубезно, туку да остане смирена и да зборува со почит.

10. Според 1. Тимотеј 4:13, каква цел треба да си поставиме?

10 Научи повешто да поучуваш. Иако бил искусен проповедник, Тимотеј сепак требало да продолжи да ги подобрува своите вештини на поучување. (Прочитај 1. Тимотеј 4:13.) Што може да ни помогне повешто да ги поучуваме другите во службата? Една работа е добрата подготовка. Благодарни сме што имаме различни публикации кои можат да ни помогнат повешто да поучуваме. Корисни информации може да најдеме во брошурата Посвети се на читањето и поучувањето и во делот „Дај сѐ од себе во службата“ во Нашиот живот и служба — работни листови. Дали се трудиш да извлечеш корист од овие публикации? Кога сме добро подготвени, имаме помалку трема и зборуваме со поголема увереност.

11. Што им помогнало на некои христијани повешто да поучуваат?

11 Исто така, може да се подобриме во поучувањето така што ќе учиме од нашите браќа и сестри. Сем, кој го спомнавме претходно, размислува зошто некои од собранието се толку вешти во овој поглед. Тој внимателно слуша како поучуваат тие и потоа се труди да го следи нивниот пример. Една сестра по име Талија обрнува внимание како вештите говорници ја обработуваат темата додека ги изнесуваат своите јавни предавања. Ова ѝ помогнало да научи како во службата да води разговори на теми за кои луѓето обично се интересираат за да можат самите да дојдат до исправни заклучоци.

БИДИ ИМ ПРИМЕР НА ДРУГИТЕ НА СОСТАНОЦИТЕ

Кога пееме од срце на состаноците, го фалиме Јехова (Види во пасуси 12-13)

12. Што не им е лесно на некои да прават?

12 Сите ние може да учествуваме на нашите состаноци така што ќе пееме заедно со другите и ќе даваме добро подготвени коментари (Пс. 22:22). Но, на некои не им е лесно да пеат или да коментираат пред други луѓе. Дали тоа е случај и со тебе? Ако да, од голема помош може да ти биде тоа што ќе дознаеш како некои успеале да ги надминат своите стравови.

13. Што може да ти помогне да пееш од срце на состаноците?

13 Пеј од срце. Најважната причина зошто пееме на нашите состаноци е да го фалиме Јехова. Една сестра по име Сара смета дека не пее добро. Сепак, таа сака да го фали Јехова со песна. Затоа, кога се подготвува за состаноците, Сара се подготвува и за песните. Таа ги вежба песните и размислува како текстот е поврзан со темата за која ќе се зборува на состанокот. Сара вели: „Тоа ми помага повеќе да се концентрирам на зборовите, а помалку на тоа како пеам“.

14. Што може да ти помогне да коментираш на состаноците ако си срамежлив?

14 Редовно давај коментари. Мора да признаеме дека за некои од нас тоа може да биде голем предизвик. Талија, која ја спомнавме претходно, вели: „Страдам од социјална анксиозност. Поради тоа, ме фаќа огромна трема кога треба да коментирам, иако другите не можат да го забележат тоа бидејќи мојот глас остава впечаток дека сум смирена. Затоа, многу ми е тешко да коментирам“. Сепак, тоа не ја спречува Талија да дава коментари. Додека се подготвува за состанок, таа има на ум дека првиот коментар треба да биде краток и дека треба да биде директен одговор на прашањето поврзано со темата која се обработува. Таа додава: „Тоа значи дека сосема е во ред ако мојот коментар е краток, едноставен и ја истакнува главната мисла, бидејќи токму таков одговор очекува братот што ја води точката“.

15. Што треба да имаме на ум во врска со нашите коментари?

15 Понекогаш, дури и оние браќа и сестри кои не се срамежливи се колебаат да коментираат. Зошто? Една сестра по име Џулиет вели: „Понекогаш не коментирам бидејќи се плашам дека моите коментари се премногу едноставни и дека не се доволно добри“. Сепак, не заборавај дека Јехова сака да ги даваме најдобрите коментари што ние можеме да ги дадеме. c Тој многу се радува кога гледа дека сме решени да го славиме на состаноците и дека сме решени да не дозволиме нашите стравови да нѐ спречат да коментираме.

БИДИ ИМ ПРИМЕР НА ДРУГИТЕ ВО СЕКОЈДНЕВНИТЕ РАЗГОВОРИ

16. Каков говор не треба да користиме?

16 Немој да користиш „навредлив говор“ (Еф. 4:31). Како што видовме претходно, христијаните никогаш не треба да користат таков говор. Но, има некои видови говор за кои не е толку очигледно дека се навредливи. На пример, треба да внимаваме да не кажуваме лоши работи за луѓето од други култури или националности. Исто така, никогаш не треба да ги повредуваме другите со зајадливи зборови. Еден брат признава: „Понекогаш кажував саркастични работи за кои мислев дека се само шеги но, всушност, со нив ги повредував другите. Низ годините, жена ми многу ми помогна така што насамо ми укажуваше кога ќе кажев нешто што не беше на место и кога со тоа ќе ја повредев неа или некој друг“.

17. Во склад со Ефешаните 4:29, како може да ги охрабруваме другите?

17 Охрабрувај ги другите со твоите зборови. Имај навика да пофалуваш наместо да критикуваш и да се жалиш. (Прочитај Ефешаните 4:29.) Израелците имале многу работи за кои требало да бидат благодарни. Сепак, тие честопати се жалеле. Ако и ние постојано се жалиме, би можело да ги наведеме и другите да го прават тоа. Не заборавај дека, поради негативниот извештај на десетте извидувачи, сите Израелци почнале да негодуваат против Мојсеј (4. Мој. 13:31 — 14:4). Од друга страна, пофалбата може многу позитивно да влијае врз другите. Благодарение на пофалбите што ги добивала од своите другарки, ќерката на Јефтај сигурно била многу охрабрена и решена да продолжи да ја извршува својата служба (Суд. 11:40). Сара, која ја спомнавме претходно, вели: „Кога ги пофалуваме другите, им помагаме да видат дека Јехова ги сака и дека имаат скапоцена улога во неговата организација“. Затоа, барај прилики искрено да ги пофалуваш браќата и сестрите.

18. Според Псалм 15:1, 2, зошто треба да ја кажуваме вистината, и што е вклучено во тоа?

18 Зборувај ја вистината. Не можеме да му угодиме на Јехова ако не ја зборуваме вистината. Тој ги мрази сите видови лаги (Изр. 6:16, 17). Иако за многу луѓе денес лажењето е нешто најнормално, ние го имаме Јеховиното гледиште. (Прочитај Псалм 15:1, 2.) Се разбира, не само што не сакаме да кажуваме лаги туку и не сакаме намерно да ги наведуваме другите на погрешен заклучок.

Кога еден негативен разговор ќе го свртиме во позитивен правец, го радуваме Јехова (Види во пасус 19)

19. На што друго треба да внимаваме?

19 Немој да озборуваш (Изр. 25:23; 2. Сол. 3:11). Џулиет, која ја спомнавме претходно, објаснува како озборувањето влијае врз неа. Таа вели: „Кога слушам како некој ги озборува другите, тоа многу ме обесхрабрува, и повеќе немам доверба во лицето што озборува. Всушност, од каде да знам дека тоа лице утре нема мене да ме озборува?“ Ако забележиш дека разговорот преминува во озборување, труди се да го свртиш во позитивен правец (Кол. 4:6).

20. Како си решен да го користиш говорот?

20 Бидејќи живееме во свет во кој многу луѓе го користат говорот на погрешен начин, мора да даваме сѐ од себе со нашиот говор да го радуваме Јехова. Да имаме на ум дека говорот е дар од Бог и дека нему му е многу важно како го користиме. Тој ќе нѐ благослови ако се трудиме да го користиме овој дар на исправен начин во службата, на собраниските состаноци и во нашите секојдневни разговори. Кога ќе му биде ставен крај на овој злобен свет, ќе ни биде многу полесно да му носиме слава на Јехова со нашиот говор (Јуда 15). Во меѓувреме, биди решен да го радуваш Јехова со „зборовите на [твојата] уста“ (Пс. 19:14).

ПЕСНА 121 Да развиваме самосовладување

a Јехова ни дал еден прекрасен дар — говорот. За жал, повеќето луѓе не го користат овој дар онака како што сака Јехова. Што може да ни помогне со нашиот говор да ги храбриме другите и да му носиме слава на Јехова во овој свет кој станува сѐ порасипан? Како може да го радуваме Јехова со нашиот говор кога сме во служба, кога присуствуваме на состаноците и кога разговараме со другите? Во оваа статија ќе го добиеме одговорот на овие прашања.

b Некои имиња се сменети.

c Нешто повеќе во врска со коментирањето можеш да прочиташ во статијата „Фали го Јехова во собранието“, која излезе во Стражарска кула од јануари 2019.

d ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат му возвраќа грубо на еден гневен станар; еден брат не пее од срце на состанок; една сестра ги озборува другите.