Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 17

Јехова ќе ти помогне кога ќе се појават неочекувани проблеми

Јехова ќе ти помогне кога ќе се појават неочекувани проблеми

Многу неволји има праведникот, но Јехова го избавува од сите нив (ПС. 34:19)

ПЕСНА 44 Молитва на потиштениот

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Во што сме уверени?

 КАКО слуги на Јехова, ние знаеме дека тој нѐ сака и дека ни го посакува најдобриот можен начин на живот (Рим. 8:35-39). Исто така, уверени сме дека, кога ги применуваме библиските начела, тоа секогаш е за наше добро (Иса. 48:17, 18). Но, како треба да реагираме ако неочекувано ни се појават некои проблеми?

2. Со какви проблеми можеби се соочуваме, и што можеби се прашуваме поради тоа?

2 Сите слуги на Јехова се соочуваат со проблеми. На пример, некој член од семејството може со нешто да нѐ разочара. Можеби имаме некој сериозен здравствен проблем поради кој не можеме да правиме онолку колку што би сакале во службата за Јехова. Можеби сме погодени од некоја природна катастрофа. Можеби сме прогонувани поради нашите верувања. Кога имаме вакви неволји, можеби се прашуваме: „Зошто ова ми се случува мене? Дали сум направил нешто погрешно? Дали ова значи дека Јехова не ме благословува?“ Ако и ти некогаш си се чувствувал така, не се обесхрабрувај. И многу други верни слуги на Јехова се бореле со слични чувства (Пс. 22:1, 2; Авак. 1:2, 3).

3. Што можеме да научиме од Псалм 34:19

3 Прочитај Псалм 34:19. Забележи кои две важни мисли се истакнати во овој псалм: 1) праведните луѓе имаат проблеми и 2) Јехова нѐ избавува од нашите неволји. Како нѐ избавува Јехова? Еден начин е така што ни помага да имаме реалистично гледиште за животот во овој свет. Точно е дека Јехова ни ветува дека ќе чувствуваме радост додека му служиме, но не ни ветува дека сега ќе имаме безгрижен живот (Иса. 66:14). Тој нѐ поттикнува да мислиме на нашата иднина — времето кога ќе го добиеме животот на кој Јехова посакува да му се радуваме засекогаш (2. Кор. 4:16-18). Во меѓувреме, тој ни помага да продолжиме да му служиме секој ден (Плач 3:22-24).

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Да разгледаме што можеме да научиме од примерот на некои верни Божји слуги од библиски времиња и од наше време. Како што ќе видиме, може да се соочиме со неочекувани проблеми. Но, ако се потпираме на Јехова, тој секогаш ќе ни помага (Пс. 55:22). Додека ги разгледуваме овие примери, прашај се: „Како би реагирал јас во слична ситуација? Како овие примери ми ја зајакнуваат довербата во Јехова? Кои поуки можам да ги применам во мојот живот?“

ПРИМЕРИ ОД БИБЛИСКО ВРЕМЕ

Цели 20 години, Јехова го благословувал Јаков, кој трудољубиво работел за својот лукав вујко Лаван (види во пасус 5)

5. Какви проблеми имал Јаков поради Лаван? (Види ја сликата на насловната страница.)

5 Слугите на Јехова во библиски времиња се соочувале со неочекувани проблеми. Размисли за Јаков. Неговиот татко му заповедал да се ожени со една од ќерките на Лаван, кој им бил роднина и му служел на Јехова. Освен тоа, татко му го уверил дека Јехова богато ќе го благослови (1. Мој. 28:1-4). Јаков го послушал својот татко. Тој ја напуштил ханаанската земја и тргнал на пат кон домот на Лаван, кој имал две ќерки, Лија и Рахела. Јаков се вљубил во Рахела, помладата ќерка на Лаван, и се согласил да работи седум години за нејзиниот татко за да може да се ожени со неа (1. Мој. 29:18). Но, работите не испаднале онака како што Јаков се надевал. Лаван го изиграл и го оженил со неговата постара ќерка, Лија. Лаван му дозволил на Јаков да се ожени со Рахела една седмица подоцна, но под услов да работи за него уште седум години (1. Мој. 29:25-27). Освен тоа, додека Јаков работел за него, Лаван постапувал нечесно. Всушност, Лаван го искористувал Јаков цели 20 години! (1. Мој. 31:41, 42).

6. Кои други проблеми ги имал Јаков?

6 Јаков имал и други проблеми. Тој имал големо семејство, но неговите синови не се согласувале баш најдобро еден со друг. Тие дури го продале својот сопствен брат, Јосиф, како роб. Симеон и Леви, двајца од синовите на Јаков, му нанеле срам на семејството и на Јеховиното име. Освен тоа, саканата жена на Јаков, Рахела, умрела кога го раѓала нивното второ дете. И бидејќи во земјата завладеал голем глад, Јаков морал на стари години да се пресели во Египет (1. Мој. 34:30; 35:16-19; 37:28; 45:9-11, 28).

7. Како Јехова му покажал на Јаков дека го има неговото одобрување?

7 И покрај сѐ, Јаков никогаш не изгубил вера во Јехова и во неговите ветувања. За возврат, Јехова му покажал дека тој го има неговото одобрување. На пример, и покрај нечесноста на Лаван, Јехова го благословил Јаков во материјален поглед. И замисли колку многу му бил благодарен на Јехова кога повторно го видел својот син Јосиф, за кој долго време мислел дека е мртов! Блиското пријателство со Јехова му помогнало на Јаков успешно да се справи со сите тешкотии (1. Мој. 30:43; 32:9, 10; 46:28-30). Ако и ние секогаш сме блиски со Јехова, ќе можеме успешно да се справиме со проблемите кои ќе се појават неочекувано.

8. Што планирал да направи цар Давид?

8 Цар Давид не можел да го направи сето она што планирал да го направи во службата за Јехова. На пример, Давид многу сакал да му изгради храм на својот Бог. Таа желба му ја кажал на пророкот Натан. На тоа Натан му одговорил: „Направи сѐ што ти лежи на срце, зашто вистинскиот Бог е со тебе“ (1. Лет. 17:1, 2). Можеме само да си замислиме колку тие зборови го охрабриле Давид. Можеби веднаш почнал да прави планови за овој огромен проект.

9. Како реагирал Давид на она што му го кажал Натан?

9 Кратко потоа, Натан се вратил кај Давид и му кажал нешто што го разочарало. Истата ноќ, Јехова му кажал на Натан дека Давид нема да биде тој што ќе го изгради храмот, туку дека тоа ќе го направи еден од неговите синови (1. Лет. 17:3, 4, 11, 12). Како реагирал Давид кога го слушнал ова? Одлучил да го прави она што може — почнал да собира финансиски средства и градежни материјали кои ќе му биле потребни на неговиот син Соломон за изградбата на храмот (1. Лет. 29:1-5).

10. Како Јехова го благословил Давид?

10 Веднаш откако му кажал на Давид дека тој нема да го гради храмот, Јехова склучил сојуз со него. Тој му ветил на Давид дека еден од неговите потомци ќе владее засекогаш (2. Сам. 7:16). Во новиот свет, во текот на илјадагодишното владеење, Давид ќе биде многу радосен кога ќе дознае дека Царот е Исус, еден од неговите потомци. Овој извештај ни помага да сфатиме дека, дури и ако не можеме да го правиме сето она што би сакале во службата за Јехова, нашиот Бог можеби за нас чува други благослови кои не би можеле ни да си ги замислиме.

11. Како христијаните во првиот век биле благословени иако Царството не дошло тогаш кога тие очекувале? (Дела 6:7).

11 Христијаните во првиот век се соочиле со неочекувани предизвици. На пример, тие едвај чекале да дојде Божјето Царство, но не знаеле кога ќе се случи тоа (Дела 1:6, 7). Што направиле? И понатаму биле зафатени со проповедничкото дело. Додека добрата вест се ширела, тие јасно можеле да видат како Јехова го благословува нивниот труд. (Прочитај Дела 6:7.)

12. Што правеле христијаните во првиот век кога имало глад?

12 За време на владеењето на Клавдиј, по целиот свет завладеал глад (Дела 11:28). Христијаните што живееле во тоа време не биле поштедени. Можеш ли да си замислиш колку многу страдале во таа тешка ситуација? Без сомнение, родителите биле загрижени како да обезбедат храна за своето семејство. А како им било на оние млади кои си поставиле за цел да проповедаат во поголема мера? Дали можеби си мислеле дека треба да почекаат гладот да заврши, па потоа да ја зголемат својата служба? Без разлика во какви околности се наоѓале, христијаните се приспособувале. Тие продолжиле да ја вршат службата на оние начини на кои можеле да го прават тоа. И спремно го делеле она што го имале во материјален поглед со своите соверници во Јудеја (Дела 11:29, 30).

13. Какви благослови доживеале христијаните додека траел гладот?

13 Какви благослови доживеале христијаните додека траел гладот? Оние кои добиле храна и други неопходни работи од прва рака виделе како Јехова им помага (Мат. 6:31-33). Тие сигурно се чувствувале уште поблиски со своите браќа и сестри кои им помогнале. А оние кои давале прилози или учествувале во акцијата за помагање на некој друг начин, можеле да ја почувствуваат радоста од давањето (Дела 20:35). Јехова ги благословувал сите нив додека се приспособувале на новите околности.

14. Што им се случило на Варнава и на апостол Павле, и кој бил резултатот? (Дела 14:21, 22).

14 Христијаните во првиот век честопати биле прогонувани, а понекогаш кога најмалку го очекувале тоа. Размисли што им се случило на Варнава и на апостол Павле додека проповедале во околината на Листра. На почеток, луѓето биле љубезни со нив и ги слушале. Но подоцна, под влијание на противниците, некои од истите луѓе кои претходно го слушале Павле, сега го каменувале речиси до смрт (Дела 14:19). Но, Варнава и Павле продолжиле да проповедаат на друго место. Кој бил резултатот? Тие направиле многу ученици, и со своите зборови и со својот пример ги зајакнале браќата и сестрите. (Прочитај Дела 14:21, 22.) Тоа што Павле и Варнава не престанале да проповедаат и покрај тоа што ненадејно се соочиле со прогонство, им користело на многумина. Сѐ додека и ние продолжуваме да го извршуваме делото што Јехова ни го доверил, тој ќе нѐ благословува.

ПРИМЕРИ ОД НАШЕ ВРЕМЕ

15. Што учиш од примерот на брат Мекмилан?

15 Во годините пред 1914 год., Јеховиниот народ имал големи очекувања. Да го разгледаме примерот на брат Александар Мекмилан. Како и многу други во тоа време, брат Мекмилан мислел дека наскоро ќе ја добие својата небесна награда. Во еден говор кој го одржал во септември 1914 год., тој рекол: „Најверојатно, ова е моето последно јавно предавање“. Се разбира, тоа не бил неговиот последен говор. Подоцна, брат Мекмилан напишал: „Можеби некои од нас избрзавме со заклучокот дека веднаш ќе одиме на небото“. Тој додал: „Она што требаше да го правиме е да бидеме и понатаму зафатени во службата за Господарот“. Брат Мекмилан навистина останал зафатен. Тој ревносно проповедал. Имал чест да охрабри многу браќа кои биле во затвор поради својата неутралност. Исто така, продолжил редовно да оди на собраниските состаноци, дури и кога бил многу стар. Како му користело на брат Мекмилан тоа што останал зафатен во службата за Јехова додека ја чекал својата награда? Кратко пред да умре во 1966 год., тој напишал: „Мојата вера денес е појака од кога и да било порано“. Тој е одличен пример за сите нас, особено ако минуваме низ некоја неволја која трае подолго отколку што сме очекувале (Евр. 13:7).

16. Со каков неочекуван проблем се соочиле брат Џенингс и неговата сопруга? (Јаков 4:14).

16 Многу слуги на Јехова се борат со неочекувани здравствени проблеми. Еден таков пример е брат Херберт Џенингс. b Во својата животна приказна раскажал дека заедно со жена му уживале во нивната задача како мисионери во Гана. Но, по некое време, тој се разболел од биполарно растројство. Брат Џенингс цитирал од Јаков 4:14 и својата нова ситуација ја нарекол „утре кое не го очекувавме“. (Прочитај.) Тој напишал: „Соочувајќи се со реалноста, средивме да ја напуштиме Гана и многуте блиски пријатели, и се вративме во Канада [за да се лекувам]“. Јехова им помогнал на брат Џенингс и на неговата сопруга да продолжат верно да му служат и покрај проблемот со кој се соочувале.

17. Како примерот на брат Џенингс им помогнал на многу браќа и сестри?

17 Животната приказна на брат Џенингс, во која тој отворено зборува за својата болест, им помогнала на многу други. Една сестра напишала: „Ништо досега не ме трогнало толку длабоко како оваа статија... Кога прочитав дека и брат Џенингс морал да се откаже од својата доделба поради болеста, почнав поурамнотежено да гледам на мојата ситуација“. Нешто слично напишал и еден брат: „Откако служев десет години како старешина во моето собрание, морав да се откажам од таа служба затоа што се разболев од душевна болест. Толку многу се разочарував што честопати ми беше тешко да ги читам животните приказни... Но, истрајноста на брат Џенингс многу ме охрабри“. Ова нѐ потсетува дека, кога истрајно се бориме со неочекуваните проблеми, можеме да ги охрабриме другите. Дури и ако работите во нашиот живот не испаднат онака како што сме очекувале, ние и понатаму можеме да бидеме пример за вера и истрајност (1. Пет. 5:9).

Ако се потпираме на Јехова, неочекуваните проблеми во животот можат, всушност, уште повеќе да нѐ зближат со него (види во пасус 18)

18. Што учиш од примерот на една вдовица од Нигерија, како што е одглумено на сликата?

18 Многу Јеховини слуги беа погодени од разни катастрофи, меѓу кои беше и пандемијата со КОВИД-19. На пример, една сестра од Нигерија, која е вдовица, останала со многу малку пари и храна. Едно утро, откако го зготвила последниот ориз што го имале, нејзината ќерка ја прашала што ќе јадат потоа. Нашата сестра ѝ кажала на ќерка си дека повеќе немаат ниту пари ниту храна, но дека треба да го следат примерот на вдовицата од Сарепта — да го подготват својот последен оброк и да имаат потполна доверба во Јехова (1. Цар. 17:8-16). Уште пред да почнат да размислуваат што ќе јадат за ручек тој ден, тие добиле пакет со намирници од своите соверници. Во пакетот имало доволно храна за повеќе од две седмици. Сестрата рекла дека не била свесна колку внимателно Јехова ги слушал зборовите што ѝ ги кажала на ќерка си. Нема сомнение дека, кога се потпираме на Јехова, неочекуваните проблеми во нашиот живот можат, всушност, да ни помогнат да станеме уште поблиски со него (1. Пет. 5:6, 7).

19. Со какво прогонство се соочил брат Алексеј Јершов?

19 Во последниве години, многу наши браќа и сестри доживеале прогонство кое можеби не го очекувале. Размисли за брат Алексеј Јершов, кој живее во Русија. Кога брат Јершов се крстил во 1994 год., Јеховините слуги во Русија имале одредена слобода. Но, во наредните години, ситуацијата во Русија се сменила. Во 2020 год., полицијата упаднала во домот на брат Јершов, извршила претрес и запленила голем дел од она што го поседувал. Неколку месеци подоцна, властите покренале обвинение против него. Што е уште полошо, обвиненијата биле на темел на видеоснимки што ги направило едно лице кое повеќе од една година се преправало дека е заинтересирано за Библијата. Какво предавство!

20. Како брат Јершов си го зајакнал своето пријателство со Јехова?

20 Дали од прогонството на брат Јершов произлегло нешто добро? Да. Неговото пријателство со Јехова се зајакнало. Тој вели: „Јас и жена ми уште почесто се молиме заедно. Сфаќам дека не би можел да се изборам со оваа ситуација без помошта од Јехова“. Тој додава: „Личното проучување ми помага да се борам со обесхрабрувањето. Размислувам за верните Божји слуги од минатото. Во Библијата има многу добри примери кои покажуваат колку е важно да останеш смирен и да имаш доверба во Јехова“.

21. Што научивме од оваа статија?

21 Што научивме од оваа статија? Животот во овој свет е несигурен и понекогаш се соочуваме со неочекувани проблеми. И покрај тоа, Јехова секогаш им помага на своите слуги кога тие се потпираат на него. Токму како што пишува во стихот на кој се темели оваа статија — „многу неволји има праведникот, но Јехова го избавува од сите нив“ (Пс. 34:19). Затоа, и понатаму да се трудиме да не се концентрираме на нашите тешкотии, туку на тоа дека Јехова има моќ да ни помогне. Тогаш, како апостол Павле, и ние ќе можеме да кажеме: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“! (Фил. 4:13).

ПЕСНА 38 Тој ќе те зајакне

a Иако во овој свет понекогаш се соочуваме со неочекувани проблеми, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе им помага на своите верни слуги. Како Јехова им помагал на своите слуги во минатото? Како ни помага нам денес? Тоа што ќе разгледаме примери од библиски времиња и од нашево време, ќе ја зајакне нашата увереност дека, ако се потпираме на Јехова, тој ќе ни помага.