Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 19

Како да си ја зајакнеме верата во Јеховиното ветување за еден нов свет?

Како да си ја зајакнеме верата во Јеховиното ветување за еден нов свет?

Зарем Јехова рекол нешто, и не го направил? (4. МОЈ. 23:19)

ПЕСНА 142 Цврсто да се држиме за нашата надеж

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1-2. Што треба да правиме додека чекаме да дојде новиот свет?

 НИЕ сме му многу благодарни на Јехова затоа што ни ветил дека овој злобен свет ќе го замени со еден праведен нов свет (2. Пет. 3:13). Иако не знаеме точно кога тој нов свет ќе стане реалност, доказите покажуваат дека нема да треба уште долго да чекаме (Мат. 24:32-34, 36; Дела 1:7).

2 Во меѓувреме, без разлика колку долго сме во вистината, секој од нас треба да си ја зајакнува верата во тоа ветување. Зошто? Затоа што, без разлика колку ни е силна, таа може да ослабне. Всушност, недостигот на вера апостол Павле го нарекол грев „кој лесно може да нѐ намами во замка“ (Евр. 12:1). За да не дозволиме нашата вера да ослабне, треба редовно да размислуваме за доказите кои потврдуваат дека новиот свет наскоро ќе стане реалност (Евр. 11:1).

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Во оваа статија ќе разгледаме три начини на кои може да си ја зајакнеме нашата вера во Јеховиното ветување за еден нов свет. Тоа може да го направиме така што: 1) длабоко ќе размислуваме за откупнината, 2) ќе размислуваме за моќта на Јехова и 3) ќе одвојуваме време за духовните активности. Потоа ќе видиме како пораката што Јехова му ја дал на Авакум може да ја зајакне нашата вера денес. Но, најпрво да разгледаме некои ситуации низ кои можеби сега минуваме, а за кои ни е потребна силна вера во ветувањето за нов свет.

СИТУАЦИИ ВО КОИ Е ПОТРЕБНА СИЛНА ВЕРА

4. За кои одлуки ни е потребна силна вера?

4 Секој ден носиме одлуки за кои е потребна силна вера. На пример, носиме одлуки во врска со друштвото, забавата, образованието, бракот, децата и вработувањето. Добро е да се прашаме: „Дали моите одлуки покажуваат дека сум уверен дека наскоро ќе му дојде крај на овој свет и дека ќе биде заменет со Божјиот нов свет? Или, пак, врз моите одлуки влијаат луѓето кои сметаат дека смртта е крај на сѐ?“ (Мат. 6:19, 20; Лука 12:16-21). Ќе можеме да носиме најдобри одлуки ако си ја зајакнеме верата дека новиот свет е на самиот праг.

5-6. Зошто ни е потребна силна вера во време на неволја? Наведи пример.

5 Силна вера ни е потребна и за да истраеме во разни неволји. Можеби се соочуваме со прогонство, хронична болест или други тешкотии поради кои може да се обесхрабриме. На почеток, можеби си мислиме дека ќе можеме да се справиме со некоја тешкотија. Но ако таквата ситуација потрае, како што обично се случува, тогаш ќе ни треба силна вера за да истраеме и да продолжиме да му служиме на Јехова со радост (Рим. 12:12; 1. Пет. 1:6, 7).

6 Додека трае некоја тешка ситуација, можеби имаме чувство дека новиот свет никогаш нема да дојде. Дали ова значи дека имаме слаба вера? Не мора да значи. Да разгледаме една споредба. Среде една многу ладна зима, може да ни се чини дека летото никогаш нема да дојде. Но, летото сепак ќе дојде. Слично на тоа, кога сме многу обесхрабрени, може да имаме чувство дека новиот свет никогаш нема да дојде. Но, кога нашата вера е силна, ние знаеме дека Божјите ветувања ќе се исполнат (Пс. 94:3, 14, 15; Евр. 6:17-19). Ако имаме таква доверба, тогаш обожавањето на Јехова и понатаму ќе го ставаме на прво место во животот.

7. Од какво размислување мора да се чуваме?

7 Размисли за уште едно подрачје на кое ни е потребна силна вера — проповедничкото дело. Многу луѓе на кои им проповедаме сметаат дека добрата вест за Божјиот нов свет е премногу добра за да биде вистинита (Мат. 24:14; Езек. 33:32). Никогаш не сакаме да дозволиме нивното сомневање да ја поткопа нашата доверба во ветувањето на Јехова. За да не ни се случи тоа, мора постојано да си ја зајакнуваме верата. Да разгледаме три начини на кои можеме да го правиме тоа.

ДЛАБОКО РАЗМИСЛУВАЈ ЗА ОТКУПНИНАТА

8-9. Како тоа што длабоко ќе размислуваме за откупнината може уште повеќе да ја зајакне нашата вера?

8 Еден начин на кој можеме да си ја зајакнеме верата е така што длабоко ќе размислуваме за откупнината. Откупнината е гаранција дека Божјите ветувања ќе се исполнат. Кога длабоко размислуваме зошто Јехова ја дал откупнината и што бил спремен да направи за да ја обезбеди, ни се зајакнува верата дека Божјето ветување за вечен живот во еден подобар свет сигурно ќе се исполни. Зошто го велиме ова?

9 Што бил спремен Јехова да направи за да ја обезбеди откупнината? Тој го испратил од небото својот првороден Син, кој многу го сакал и му бил најблизок пријател, да се роди како совршен човек на Земјата. Освен тоа, додека бил на Земјата, Исус издржал најразлични тешкотии. На крајот, тој умрел со мачна смрт. Јехова навистина платил висока цена! Нашиот грижлив Бог никогаш не би дозволил неговиот Син да страда и да умре за ние да можеме само кратко време да имаме подобар живот (Јован 3:16; 1. Пет. 1:18, 19). Бидејќи платил толку висока цена, Јехова ќе направи сѐ што е потребно за ние да можеме да живееме вечно во новиот свет.

РАЗМИСЛУВАЈ ЗА МОЌТА НА ЈЕХОВА

10. Според Ефешаните 3:20, што може да направи Јехова?

10 Втор начин на кој може да си ја зајакнеме верата е така што ќе размислуваме за моќта на Јехова. Тој има моќ да го исполни секое свое ветување. Многу луѓе сметаат дека не е можно да се исполни ветувањето за вечен живот во еден нов свет. Но, Јехова честопати ветува работи кои луѓето никогаш не можат да ги направат. Тоа за него е можно бидејќи тој е Семоќен Бог (Јов 42:2; Мар. 10:27). Затоа, не нѐ чуди што тој ветува работи кои ние не можеме ни да си ги замислиме. (Прочитај Ефешаните 3:20.)

11. Наведи пример за едно од необичните ветувања на Бог. (Види ја рамката „ Исполнувањето на некои необични ветувања“.)

11 Размисли за некои навидум невозможни работи што Јехова им ги ветил на луѓето во минатото. Тој им кажал на Авраам и на Сара дека ќе добијат син на стари години (1. Мој. 17:15-17). Исто така, на Авраам му кажал дека на неговите потомци ќе им ја даде ханаанската земја. Во текот на многуте години додека биле робови во Египет, на потомците на Авраам — Израелците — сигурно им се чинело дека тоа ветување нема никогаш да се оствари. Но, сепак се остварило. Подоцна, Јехова ѝ кажал на Елисавета, која била на постара возраст, дека ќе има дете. Исто така, тој ѝ кажал на Марија, која била девица, дека ќе го роди неговиот Син. Со тоа ќе се исполнело едно ветување кое Јехова го дал илјадници години претходно во еденската градина (1. Мој. 3:15).

12. Во што нѐ уверуваат стиховите од Исус Навин 23:14 и Исаија 55:10, 11 во врска со моќта на Јехова?

12 Кога размислуваме за сите ветувања што ги дал Јехова и за тоа како ги исполнил, сфаќаме дека тој има огромна моќ. Така се зајакнува нашата вера во неговото ветување за новиот свет. (Прочитај Исус Навин 23:14; Исаија 55:10, 11.) Таквата вера ни овозможува да им помогнеме на другите да сфатат дека ветениот нов свет не е само сон, не е обична фантазија. Во врска со новото небо и новата земја, самиот Јехова го кажал следново: „Овие зборови се вистинити и верни!“ (Отк. 21:1, 5).

ИСПОЛНИ ГО ТВОЈОТ ЖИВОТ СО ДУХОВНИ АКТИВНОСТИ

СОБРАНИСКИ СОСТАНОЦИ

Како оваа духовна активност може да ти ја зајакне верата? (види во пасус 13)

13. Како можат собраниските состаноци да ни ја зајакнат верата? Објасни.

13 Трет начин на кој можеме да си ја зајакнеме верата е така што ќе одвојуваме време за духовни активности. На пример, размисли како ни користат собраниските состаноци. Ана, која со децении служела во разни видови полновремена служба, вели: „Состаноците ми помагаат мојата вера да остане цврста. Дури и ако говорникот нема баш најдобри способности за поучување или не каже ништо ново, честопати ќе слушнам нешто што ми помага подобро да ја разберам Библијата, а тоа ми ја зајакнува верата“. b Без сомнение, нашата вера се зајакнува и кога на состаноците ги слушаме коментарите на нашите браќа и сестри (Рим. 1:11, 12; 10:17).

СЛУЖБА НА ПРОПОВЕДАЊЕ

Како оваа духовна активност може да ти ја зајакне верата? (види во пасус 14)

14. Како службата на проповедање ни ја зајакнува верата?

14 Нашата вера си ја зајакнуваме и кога учествуваме во службата на проповедање (Евр. 10:23). Барбара, која му служи на Јехова повеќе од 70 години, вели: „Проповедањето отсекогаш ми ја зајакнувало верата. Колку повеќе им кажувам на другите за прекрасните ветувања на Јехова, толку повеќе се зајакнува мојата вера“.

ЛИЧНО ПРОУЧУВАЊЕ

Како оваа духовна активност може да ти ја зајакне верата? (види во пасус 15)

15. Како личното проучување ни ја зајакнува верата? (Види ја и сликата.)

15 Уште една духовна активност која ни ја зајакнува верата е личното проучување. Сузан вели дека многу ѝ помага тоа што си прави план кога ќе проучува. Таа вели: „Во недела ја проучувам статијата од Стражарска кула за следната седмица. Во понеделник и вторник се подготвувам за состанокот Нашиот живот и служба. А останатите денови имам други проекти за лично проучување“. Бидејќи секогаш се држи за својот распоред за проучување, Сузан постојано си ја гради својата вера. Ирена, која со децении служи во главното седиште, вели дека нејзината вера многу се зајакнува кога ги проучува библиските пророштва. Таа вели: „Ме воодушевува тоа што Јеховините пророштва се исполнуваат до најситен детаљ“. c

„БЕЗДРУГО ЌЕ СЕ ИСПОЛНИ“

16. Зошто уверувањето што Јехова му го дал на Авакум важи и за нас денес? (Евреите 10:36, 37).

16 Некои слуги на Јехова веќе долго време го чекаат крајот на овој свет. Од човечка гледна точка можеби изгледа дека исполнувањето на Божјето ветување доцни. Така се чувствувал и пророкот Авакум. Затоа, Јехова го уверил со следниве зборови: „Тоа видение ќе се исполни во времето што е одредено за него. Видението брза кон крајот и нема да излаже. Дури и да се забави, чекај го, зашто бездруго ќе се исполни. Нема да задоцни“ (Авак. 2:3). Дали Бог со овие зборови го зајакнал само Авакум? Или, пак, неговите зборови важат и за нас денес? Под водство на светиот дух, апостол Павле им ги упатил овие зборови на христијаните кои едвај чекаат да дојде новиот свет. (Прочитај Евреите 10:36, 37.) Дури и ако ни се чини дека ветеното избавување од Јехова доцни, можеме да бидеме сигурни дека „бездруго ќе се исполни“ и дека „нема да задоцни“.

17. Како една сестра го применила советот што Јехова му го дал на Авакум?

17 Многу слуги на Јехова го примениле неговиот совет и чекаат веќе со децении. На пример, Луис му служи на Јехова од 1939 год. Таа вели: „Во тоа време си мислев дека Армагедон ќе дојде пред да завршам средно училиште. Но, тоа не се случи. Низ годините, сфатив дека она што ми помага да го чекам исполнувањето на Јеховините ветувања е читањето на библиските извештаи за Ное, Авраам, Јосиф и други, кои долго чекале да ја добијат ветената награда од Јехова. Тоа што постојано бевме во исчекување ни помогна и мене и на многу други да бидеме уверени дека новиот свет е многу близу“. Со ова се согласуваат и многу други долгогодишни слуги на Јехова.

18. Како тоа што ќе го набљудуваме творештвото на Јехова може да ни ја зајакне верата во ветениот нов свет?

18 Точно е дека новиот свет сѐ уште не дошол. Но, размисли за некои од следниве работи — ѕвездите, дрвјата, животните и луѓето. Никој не би се посомневал дека сите овие работи денес постојат, иако едно време не постоеле. Но, тие сега се тука само затоа што Јехова ги создал (1. Мој. 1:1, 26, 27). Нашиот Бог исто така има намера да создаде еден нов свет. Тој сигурно ќе ја оствари таа намера. Во новиот свет, луѓето ќе имаат совршено здравје и вечен живот. Во времето што го одредил Бог, новиот свет ќе стане реалност, исто како што е реалност и универзумот околу нас денес (Иса. 65:17; Отк. 21:3, 4).

19. Како можеш да си ја зајакнеш верата?

19 Во меѓувреме, користи ја секоја можност што ја имаш за да ја зајакнеш својата вера. Секогаш биди благодарен за откупнината. Размислувај за моќта на Јехова. Исполни го твојот живот со духовни активности. Ако го правиш сето ова, ќе бидеш меѓу „оние што поради својата вера и стрпливост го наследуваат она што е ветено“ (Евр. 6:11, 12; Рим. 5:5).

ПЕСНА 139 Се гледаш ли во новиот свет?

a Многу луѓе денес не веруваат во библиското ветување за еден нов свет. Тие мислат дека тоа е само сон, нешто премногу добро за да биде вистинито. Но, ние сме сигурни дека сите ветувања од Јехова ќе се исполнат. Сепак, за нашата вера да не ослабне, мора постојано да ја зајакнуваме. Во оваа статија ќе видиме како можеме да го правиме тоа.

b Некои имиња се сменети.

c Многу статии за библиските пророштва можеш да најдеш во Прирачникот за истражување под темата „Библија“ во делот „Пророштва“. На пример, види ја статијата „Сѐ што прорекува Јехова се исполнува“, која излезе во Стражарска кула од 1 јануари 2008.