СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 15
Што учиме од чудата на Исус?
Минуваше низ земјата, правејќи добро и лекувајќи (ДЕЛА 10:38)
ПЕСНА 13 Исус, нашиот пример
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1. Опиши го настанот кога Исус го направил своето прво чудо.
ЗАМИСЛИ СИ дека е есен 29 год. од н.е., кога Исус започнал со својата служба. Тој и неговата мајка, Марија, како и неколку негови ученици, се поканети на свадба во Кана — едно село кое се наоѓа северно од Назарет, родното место на Исус. Марија, која е близок пријател со семејството на младоженците, помага околу послужувањето на гостите. Но, во текот на свадбата се појавува еден проблем кој би можел многу да ги посрами младоженците и нивното семејство — снемува вино. b Можеби бројот на гостите е поголем од очекуваното. Марија брзо оди кај нејзиниот син и му вели: „Немаат вино“ (Јован 2:1-3). Што прави Исус? Нешто несекојдневно — со чудо ја претвора водата во квалитетно вино (Јован 2:9, 10).
2-3. а) Како Исус ја користел својата моќ да прави чуда? б) Како ќе ни користи тоа што ќе ги разгледаме чудата на Исус?
2 Исус направил и многу други чуда за време на својата служба. c Својата моќ да прави чуда, Исус ја користел за да им помогне на десетици илјади луѓе. На пример, само во две од своите чуда — при што во едното нахранил 5.000 мажи, а во другото 4.000 мажи — вкупно можеби нахранил повеќе од 27.000 луѓе, ако ги вклучиме жените и децата кои исто така биле присутни (Мат. 14:15-21; 15:32-38). И во двете прилики, Исус излекувал и многу болни (Мат. 14:14; 15:30, 31). Замисли колку биле воодушевени сите тие луѓе кои Исус со чудо ги излекувал и ги нахранил!
3 Ние денес можеме многу да научиме од чудата на Исус. Во оваа статија ќе разгледаме неколку важни поуки од овие чуда кои ќе ни ја зајакнат верата. Потоа ќе видиме како можеме да го следиме примерот на Исус, кој покажувал понизност и сочувство додека правел чуда.
ПОУКИ ЗА ЈЕХОВА И ЗА ИСУС
4. За кого можеме да извлечеме важни поуки од чудата на Исус?
4 Од чудата на Исус можеме да научиме некои важни работи не само за него туку и за неговиот Татко. Всушност, Исус можел да прави чуда затоа што Јехова му давал сила за тоа. Во Дела 10:38 пишува: „Бог го помаза [Исус] со свет дух и сила, а тој минуваше низ земјата, правејќи добро и лекувајќи ги сите кои Ѓаволот ги угнетуваше, зашто Бог беше со него“. Исто така, имај на ум дека во сите негови зборови и постапки, вклучувајќи ги и чудата што ги направил, Исус совршено ги одразувал чувствата на својот Татко, како и неговиот начин на размислување (Јован 14:9). Да видиме кои три поуки можеме да ги извлечеме од чудата на Исус.
5. Што го поттикнало Исус да прави чуда? (Матеј 20:30-34).
5 Прво, Исус и неговиот Татко многу нѐ сакаат. Додека бил на Земјата, својата голема љубов кон луѓето Исус ја покажал така што ја користел својата моќ да прави чуда со цел да им ги олесни страдањата. Во една прилика, двајца слепи мажи го молеле да им помогне. (Прочитај Матеј 20:30-34.) Забележи дека Исус ги излекувал бидејќи му паднало жал. Грчкиот глагол што во овој стих е преведен со „му падна жал“ е сроден со зборот „утроба“ и укажува на силните емоции што ги чувствуваме длабоко во себе. Таквото длабоко сочувство, што е еден израз на љубов, исто така го поттикнало Исус да нахрани едно мноштво луѓе кои биле гладни и да излечи еден лепрозен човек (Мат. 15:32; Мар. 1:41). Може да бидеме сигурни дека Јехова — нашиот Бог кој има длабоко сочувство — и неговиот Син многу нѐ сакаат и чувствуваат болка кога ние страдаме (Лука 1:78; 1. Пет. 5:7). Тие сигурно едвај чекаат да ги отстранат сите проблеми што го измачуваат човештвото.
6. Каква моќ му дал Бог на Исус?
6 Второ, Бог му дал на Исус моќ да ги отстрани сите проблеми на човештвото. Со чудата што ги направил, Исус докажал дека може да ги реши сите проблеми кои ние самите никогаш не би можеле да ги решиме. На пример, тој има моќ да го отстрани коренот на проблемите што го измачуваат човештвото — наследениот грев и неговите последици, вклучувајќи ги болестите и смртта (Мат. 9:1-6; Рим. 5:12, 18, 19). Чудата што ги правел Исус докажале дека тој може да излекува „секаква болест“, па дури и да ги воскресне мртвите (Мат. 4:23; Јован 11:43, 44). Исто така, тој има моќ да смири силни бури и да ги ослободи луѓето од штетното влијание на демоните (Мар. 4:37-39; Лука 8:2). Колку е утешно тоа што знаеме дека Јехова му дал толку голема моќ на својот Син!
7-8. а) Во што нѐ уверуваат чудата на Исус? б) Кое чудо едвај чекаш да го видиш во новиот свет?
7 Трето, може да бидеме потполно уверени дека ќе се исполнат ветувањата за благословите што Божјето Царство ќе ги донесе во иднина. Чудата што ги правел Исус додека бил на Земјата покажуваат што ќе прави во многу поголема мера како небесен Цар на Божјето Царство. Размисли што ќе доживееме наскоро под власта на Христос. Ќе имаме совршено здравје бидејќи тој ќе ги отстрани сите болести и секој вид немоќ поради кои луѓето страдаат (Иса. 33:24; 35:5, 6; Отк. 21:3, 4). Никој нема да гладува, ниту ќе мора да ги трпи разорните последици од природните катастрофи (Иса. 25:6; Мар. 4:41). Ќе чувствуваме голема радост кога ќе воскреснат нашите блиски кои умреле (Јован 5:28, 29). Кое чудо едвај чекаш да го видиш во новиот свет?
8 Кога правел чуда, Исус покажувал голема понизност и длабоко сочувство — особини што и ние треба да ги покажуваме. Сега ќе разгледаме два примера. Најпрво ќе го разгледаме извештајот за свадбата во Кана.
ПОУКА ЗА ПОНИЗНОСТ
9. Што направил Исус на свадбата во Кана? (Јован 2:6-10).
9 Прочитај Јован 2:6-10. Кога на свадбената гозба снемало вино, дали Исус морал да стори нешто? Не. Никаде во Библијата нема пророштво дека Месијата со чудо ќе направи вино. Замисли како би се чувствувал ти доколку на твојата свадба снема пијалак. На Исус сигурно му паднало жал за семејството, особено за младоженците, и не сакал да бидат посрамени. Затоа го направил чудото што го спомнавме на почетокот од статијата. Тој претворил околу 390 литри вода во квалитетно вино. Зошто направил толку голема количина вино? Можеби за да им остане вино на младоженците и за наредниот период, а би можеле дури и да го продадат и да земат пари за тоа. Младоженците сигурно биле многу благодарни за она што Исус го направил за нив.
10. Кои се неколку важни детали во извештајот што е запишан во Јован поглавје 2? (Види ја и сликата.)
10 Да разгледаме неколку важни детали во извештајот што е запишан во Јован поглавје 2. Дали забележа дека Исус не бил тој што ги наполнил ќуповите со вода? Бидејќи не сакал да привлече внимание кон себеси, тој им рекол на послужителите да ги наполнат ќуповите (стихови 6, 7). А откако ја претворил водата во вино, Исус не бил тој што нацрпил од виното и му го однел на управителот на масата. Напротив, Исус им рекол на послужителите да го сторат тоа (стих 8). Тој сигурно не држел чаша вино во рацете фалејќи се пред гостите: „Пробајте од виното кое штотуку го направив!“
11. Што можеме да научиме од чудото на Исус кога претворил вода во вино?
11 Што можеме да научиме од чудото на Исус кога претворил вода во вино? Учиме дека треба да бидеме понизни. Исус не се фалел со чудото што го направил. Всушност, Исус никогаш не се фалел со она што го правел. Напротив, тој понизно и секогаш одново му ја припишувал сета слава на својот Татко (Јован 5:19, 30; 8:28). Ако го следиме примерот на Исус така што ќе имаме понизно гледиште за себеси, нема да се фалиме со она што го правиме. Без разлика што сме постигнале во службата за Јехова, нема да се фалиме со себеси, туку со прекрасниот Бог на кој имаме чест да му служиме (Ерем. 9:23, 24). Нему треба да му ја припишеме сета заслуга. Всушност, ние ништо не би можеле да постигнеме без помошта од Јехова (1. Кор. 1:26-31).
12. На кој друг начин можеме да бидеме понизни како Исус? Наведи пример.
12 Размисли за уште еден начин на кој можеме да бидеме понизни како Исус. Замисли ја следнава ситуација: Еден старешина одвојува многу време за да му помогне на еден млад слуга-помошник да го подготви своето прво јавно предавање. Како резултат на тоа, младиот брат одржува еден охрабрувачки говор во кој ужива целото собрание. По состанокот, еден брат доаѓа кај старешината и му вели: „Брат тој и тој одржа навистина убав говор, зарем не?“ Дали старешината треба да каже: „Да, но јас многу му помогнав“? Или треба понизно да каже: „Да, навистина одржа убав говор. Се гордеам со него“? Ако сме понизни, нема да си ја припишуваме заслугата за добрите работи што ги правиме за другите. Ние сме задоволни бидејќи знаеме дека Јехова го гледа и го цени она што го правиме. (Спореди со Матеј 6:2-4; Евр. 13:16.) Без сомнение, ние го радуваме Јехова со тоа што сме понизни по примерот на Исус (1. Пет. 5:6).
ПОУКА ЗА СОЧУВСТВО
13. Што видел Исус во близина на градот Наин, и што направил? (Лука 7:11-15).
13 Прочитај Лука 7:11-15. Замисли еден настан кој се случил околу две години откако Исус почнал со својата служба. Тој бил на пат кон Наин, еден галилејски град во близина на Сунам, каде што 900 години пред тоа пророкот Елисеј го воскреснал синот на една жена (2. Цар. 4:32-37). Кога се приближил до градската порта, Исус видел една погребна поворка како излегува од градот. Тоа бил еден многу тажен настан бидејќи на една вдовица ѝ починало единственото дете. Но, ужалената мајка не била сама — со неа било едно големо мноштво луѓе од градот. Исус ја запрел поворката и направил нешто извонредно за мајката — го воскреснал нејзиниот син. Ова е прво од трите воскресенија што ги направил Исус, а се запишани во евангелијата.
14. Кои важни детали се запишани во извештајот од Лука поглавје 7? (Види ја и сликата.)
14 Да разгледаме неколку важни детали во извештајот што е запишан во Лука поглавје 7. Дали забележа дека Исус прво ја здогледал ужалената мајка, а потоа се сожалил на неа (стих 13)? Значи, глетката што ја видел — расплаканата мајка која оди пред мртвото тело на својот син — му го исполнило срцето со тага. Исус не само што чувствувал жал за мајката, туку и покажал сочувство кон неа. Тој ѝ се обратил, без сомнение со топлина во гласот, велејќи: „Не плачи“. Потоа презел нешто за да ѝ помогне. Тој го воскреснал момчето и го предал на мајка му (стихови 14, 15).
15. Што учиме од чудото на Исус кога го воскреснал синот на вдовицата?
15 Што учиме од чудото на Исус кога го воскреснал синот на вдовицата? Учиме дека треба да покажуваме сочувство кон оние што се ужалени. Се разбира, ние не можеме да ги воскреснеме мртвите како што правел Исус. Но, исто како него, можеме да развиваме сочувство за ужалените со тоа што внимателно ќе набљудуваме. Можеме да преземеме иницијатива и да покажеме сочувство така што со нашите зборови и постапки ќе сториме сѐ што можеме за да им помогнеме и да ги утешиме d (Изр. 17:17; 2. Кор. 1:3, 4; 1. Пет. 3:8). Дури и едноставните зборови и некој мал љубезен гест можат многу да им значат.
16. Што учиш од она што го доживеала една мајка на која ѝ починала ќерката, како што е одглумено и на сликата?
16 Да разгледаме еден пример. Пред неколку години, додека се пеела песната на еден собраниски состанок, една сестра забележала дека една мајка плаче. Песната била за надежта во воскресение, а на таа мајка неодамна ѝ починала ќерката. Бидејќи го знаела тоа, сестрата веднаш отишла до мајката, ја прегрнала и пеела со неа до крајот на песната. Подоцна, мајката го рекла следново: „Почувствував голема љубов кон браќата и сестрите“. Таа била многу благодарна што отишла на состанокот. „Нашата помош е таму, во салата за состаноци“, рекла таа. Можеме да бидеме сигурни дека Јехова ги забележува и ги цени дури и најмалите работи што ги правиме за да покажеме сочувство кон ужалените кои се „со скршен дух“ (Пс. 34:18).
МАТЕРИЈАЛ ЗА ПРОУЧУВАЊЕ ШТО ЌЕ НИ ЈА ЗАЈАКНЕ ВЕРАТА
17. Што научивме од оваа статија?
17 Можеме да бидеме многу охрабрени ако ги проучуваме извештаите за чудата на Исус кои се запишани во евангелијата. Од нив учиме дека Јехова и Исус многу нѐ сакаат, дека Исус има моќ да ги реши сите проблеми на човештвото и дека може да имаме доверба дека прекрасните ветувања за иднината ќе се исполнат наскоро, кога Божјето Царство ќе владее на Земјата. Додека ги проучуваме тие извештаи, може длабоко да размислуваме за тоа како би можеле да ги покажуваме особините на Исус. Би можеле да си поставиме за цел да ги проучуваме и другите чуда на Исус во текот на личното проучување или на Семејната вечер. Потруди се да најдеш скапоцени поуки, а потоа сподели го со другите она што си го научил. Тоа може да води до многу охрабрувачки разговори (Рим. 1:11, 12).
18. Што ќе разгледаме во следната статија?
18 Кон крајот на својата служба, Исус го направил своето трето и последно воскресение што е запишано во Библијата. Но, ова воскресение било поинакво од претходните бидејќи тој воскреснал еден близок пријател кој бил мртов веќе четири дена. Кои поуки можеме да ги извлечеме од тоа чудо, и како можеме да си ја зајакнеме верата во надежта за воскресение? Овие прашања ќе ги разгледаме во следната статија.
ПЕСНА 20 Го даде својот Син за нас
a Многу е возбудливо да читаме за чудата што ги правел Исус. На пример, тој смирил една силна бура, лекувал болни и воскреснувал мртви. Овие извештаи не се запишани во Библијата затоа што се многу интересни, туку за да извлечеме поука од нив. Додека ги разгледуваме, ќе научиме многу работи за Јехова и за Исус, и ќе видиме кои особини треба да ги развиваме.
b Еден библиски изучувач објаснува: „На Блискиот Исток гостољубивоста била света должност, и домаќинот морал да се погрижи гостите да имаат повеќе од она што им е потребно. Вистинската гостољубивост, особено за време на една свадба, подразбирала домаќинот да понуди изобилство храна и пијалаци“.
c Во евангелијата се запишани повеќе од 30 чуда на Исус. Освен тоа, тој понекогаш правел чуда кои се водат како едно, а всушност опфаќаат многу поединечни чуда. На пример, во една прилика кај него дошол „целиот град“ и тој излекувал мнозина болни (Мар. 1:32-34).
d Повеќе предлози за тоа што можеш да кажеш или да направиш за да ги утешиш оние што се ужалени има во статијата „Теши ги ужалените како што правел Исус“, која излезе во Стражарска кула од 1 ноември 2010.
e ОПИС НА СЛИКАТА: Додека младоженците и нивните гости уживаат во убаво вино, Исус стои во позадина.