Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Решен сум да не дозволам да ми „ослабат рацете“

Решен сум да не дозволам да ми „ослабат рацете“

МНОГУ млади тука во Бетел ми се обраќаат со „тато“ или со „чичко Максим“. И тоа ми се допаѓа бидејќи имам 89 години. На ваквите изрази на наклоност гледам како на награда од Јехова за мојата 72-годишна полновремена служба. На темел на моето искуство во службата за Бог, од сѐ срце им го давам следново уверување на овие млади браќа и сестри: „Вашите дела ќе бидат наградени — ако не ви ослабат рацете“ (2. Лет. 15:7).

МОЕТО СЕМЕЈСТВО

Моите родители се преселиле од Украина во Канада. Тие се населиле во градот Росбурн, во областа Манитоба. Мајка ми роди осум машки и осум женски деца, а немаше близнаци. Јас бев 14-ти по ред. Татко ми ја сакаше Библијата и ни читаше од неа секое утро во неделите. Но за религијата сметаше дека е само средство за заработка на пари и затоа честопати на шега ќе кажеше: „Баш се прашувам кој му плаќал на Исус за тоа што проповедал и поучувал?“

Со текот на времето, четири мои браќа и четири мои сестри ја прифатија вистината. Сестра ми Роуз служеше како пионер сѐ до својата смрт. Дури и во последните денови од својот живот сите ги поттикнуваше да бидат послушни на Божјата Реч, велејќи: „Сакам да ве видам во новиот свет“. Брат ми Тед, кој беше постар од мене, пред да ја прифати вистината проповедаше за пеколот. Секоја недела наутро држеше проповед на радио. Тој неуморно и со голем жар им кажуваше на своите слушатели дека грешниците вечно ќе горат во пеколот. Но подоцна, верно и ревносно му служеше на Јехова.

КАКО ПОЧНАВ СО ПОЛНОВРЕМЕНА СЛУЖБА

Еден ден во јуни 1944 год., кога се вратив дома од училиште, на масата во трпезаријата најдов една брошурка со наслов Претстојната обнова на светот. * Ја прочитав првата страница, па втората и потоа не можев да престанам со читање. Кога ја прочитав цела брошурка, бев цврсто решен да му служам на Јехова исто како Исус.

Како се најде брошурката на нашата маса? Стив, еден од моите постари браќа, ми кажа дека кај нас дошле двајца мажи кои продавале книги и брошурки. Тој рече: „Ја купив бидејќи беше многу ефтина“. Тие луѓе повторно дојдоа следната недела. Ни кажаа дека се Јеховини сведоци и дека разговараат со другите на темел на Библијата. Нам ни се допаѓаше тоа бидејќи родителите нѐ поучија да ја почитуваме Божјата Реч. Тие луѓе ни кажаа и дека Јеховините сведоци наскоро ќе имаат конгрес во Винипег, градот каде што живееше сестра ми Елси. Јас решив да одам на тој конгрес.

За да стигнам до Винипег возев со мојот велосипед околу 320 километри. Патем застанав во градот Келвуд, каде што живееја двајцата Сведоци кои претходно нѐ посетија. Додека бев кај нив, присуствував на еден состанок и тогаш за првпат видов едно собрание. Освен тоа, сфатив дека сите, и млади и стари, треба да проповедаат од куќа до куќа, како што правел Исус.

Во Винипег се сретнав со мојот постар брат Џек, кој допатувал од северниот дел на Онтарио за да присуствува на конгресот. На првиот ден од конгресот еден брат извести дека ќе има крштавање. Јас и Џек одлучивме да се крстиме на тој конгрес. И двајцата бевме решени да почнеме да служиме како пионери колку што е можно поскоро по нашето крштавање. Џек стана пионер веднаш по конгресот, а јас морав да се вратам на училиште бидејќи имав 16 години. Но следната година и јас почнав со таа служба.

НАУЧИВ МНОГУ ОД ПИОНЕРСКАТА СЛУЖБА

Почнав да служам како пионер со Стен Николсон во Сарис, едно гратче во областа Манитоба. Набрзо сфатив дека не е секогаш лесно да служиш како пионер. Имавме сѐ помалку пари, но не престанувавме да проповедаме. Еднаш, откако цел ден бевме во служба, се вративме дома многу гладни и без ниту една пара во џебот. Ама пред вратата нѐ очекуваше прекрасно изненадување — голема ќеса полна со храна! До ден-денес не знаеме кој ја оставил таму. Таа вечер царски се најадовме. Тоа навистина беше многу убава награда за тоа што не дозволивме да ни ослабат рацете! На крајот од тој месец се мерев колку сум тежок и сфатив дека никогаш во животот не сум имал повеќе килограми.

Неколку месеци подоцна, нѐ испратија да служиме во гратчето Гилберт Плеинс, на околу 240 километри северно од Сарис. Во тоа време, секое собрание имаше една голема табела на бината на која беше прикажана активноста на собранието во службата на проповедање за секој месец. Еден месец, кога активноста во службата беше послаба, јас одржав говор во собранието за да нагласам дека браќата и сестрите треба повеќе да се трудат. По состанокот, една постара пионерка, чиј сопруг не беше Сведок, со солзи во очите ми рече: „Се трудев, но едноставно не можев да направам повеќе“. Тогаш и јас се расплакав, и ѝ се извинив.

Како што беше случај и со мене, младите ревносни браќа можат лесно да направат такви грешки и потоа да се разочараат од себе. Но сфатив дека наместо да дозволиш грешките да те обесхрабрат, треба да научиш нешто од нив и да продолжиш понатаму. Ако продолжиш верно да му служиш на Бог, тој ќе те награди.

БИТКАТА ВО КВЕБЕК

Кога имав 21 година, присуствував на 14-тиот клас на Школата Гилеад, кој дипломираше во февруари 1950 год. За мене тоа беше голема чест! Околу една четвртина од класот беше испратена да служи во областа Квебек (Канада), во која се зборува француски. Таму Сведоците доживуваа силно прогонство. Јас бев испратен во Вал-д‘Ор, гратче кое се наоѓа во подрачје со наоѓалишта на злато. Еден ден, заедно со група браќа и сестри отидовме да проповедаме во соседното село Вал-Сенвил. Локалниот свештеник ни се закани дека ќе бидеме истепани ако веднаш не си заминеме од селото. Поради неговата закана поднесов тужба, и така случајот заврши на суд. На крај, свештеникот мораше да плати парична казна.

Овој и голем број други слични инциденти станаа дел од судскиот случај познат како „Битката во Квебек“. Областа Квебек беше под силно влијание на Римокатоличката црква повеќе од 300 години. Свештениците и нивните политички сојузници ги прогонуваа Јеховините сведоци. Тоа беше тешко време. Но, иако бевме малку на број, не дозволивме да ни ослабат рацете. Искрените жители на Квебек позитивно реагираа на добрата вест. Имав можност да проучувам со повеќе лица кои ја прифатија вистината. Меѓу нив беше и едно семејство од десет члена. Целото семејство почна да му служи на Јехова. Нивната храброст поттикна и други да ја напуштат Католичката црква. Продолживме да проповедаме, и со текот на времето ја добивме битката!

ОБУКА ЗА БРАЌАТА НА НИВНИ ЈАЗИК

Во 1956 год. ме испратија да служам на Хаити. Повеќето нови мисионери таму се мачеа да научат француски, но луѓето ги слушаа. Мисионерот Стенли Богус го кажа следново: „Бевме воодушевени што луѓето правеа сѐ што можат за да ни помогнат да го изразиме на нивниот јазик она што сакавме да им го кажеме“. Во почетокот ми користеше тоа што имав учено француски во Квебек. Но, наскоро сфативме дека повеќето локални браќа зборуваат само хаитски креолски. Затоа, за да можеме ние мисионерите подобро да ја извршуваме нашата служба, моравме да го научиме локалниот јазик. Го сторивме тоа, и нашиот труд беше награден.

За да можеме уште повеќе да им помагаме на браќата, Водечкото тело одобри списанието Стражарска кула и други публикации да се преведуваат на хаитски креолски. Присутноста на состаноците нагло порасна низ целата земја. Во 1950 год., на Хаити имаше 99 објавители, но до средината на 1960 год., тој број порасна на повеќе од 800 објавители! Некаде во тоа време ме испратија да служам во Бетел. Во 1961 год. имав чест да бидам еден од инструкторите на Школата за именувани браќа. Им дадовме обука на 40 браќа кои служеа како собраниски старешини, а некои од нив беа и специјални пионери. На конгресот во јануари 1962 год., ги поттикнавме духовно зрелите локални браќа да ја зголемат својата служба, и некои од нив беа именувани за специјални пионери. Овој потег беше направен во вистински момент, бидејќи кратко потоа започна прогонство.

На 23 јануари 1962 год., веднаш по конгресот, јас и мисионерот Ендру Дамико бевме уапсени во подружницата, а резервите од списанието Разбудете се! од 8 јануари 1962 год. (на француски) беа запленети. Во една статија од Разбудете се! беа цитирани француски весници во кои пишуваше дека жителите на Хаити се занимаваат со вуду (облик на спиритизам). На некои не им се допаѓаше таа изјава и тврдеа дека ние во подружницата сме ја напишале статијата. Неколку седмици подоцна мисионерите беа протерани од земјата. * Но обучените локални браќа продолжија одлично да ја извршуваат својата служба. Многу се радувам што тие браќа покажаа голема истрајност и што многу напредуваа во духовен поглед. Тие сега дури го имаат и Светото писмо — превод Нов свет на хаитски креолски. Во тоа време можевме само да сонуваме за такво нешто.

ГРАДЕЖНИ ПРОЕКТИ ВО ЦЕНТРАЛНОАФРИКАНСКАТА РЕПУБЛИКА

Откако служев на Хаити, бев испратен како мисионер во Централноафриканската Република. Подоцна имав чест да служам таму како патувачки надгледник, а потоа и како надгледник на подружницата.

Во тоа време, многу наши сали за состаноци беа доста едноставни. Научив како да собирам слама и како со неа да правам покрив на салите. На минувачите им беше многу интересно додека ме гледаа како се мачам да го научам овој нов занает. Но, тоа ги поттикна браќата повеќе да се вклучат во изградбата и одржувањето на нивните сали за состаноци. Верските водачи ни се потсмеваа бидејќи нивните цркви имаа лимени покриви за разлика од нашите. Но и покрај тоа ние продолживме да ги покриваме нашите сали со едноставни сламени покриви. Потсмевањето запре кога главниот град Банги го погоди голема бура. Таа го откорна лимениот покрив на една црква и го фрли на главната улица. А сламените покриви на нашите сали останаа. За да може делото за Царството подобро да се надгледува, изградивме нова подружница и мисионерски дом за само пет месеци.

СЕ ОЖЕНИВ ЗА ЕДНА РЕВНОСНА ПИОНЕРКА

На нашата венчавка

Во 1976 год. нашето проповедничко дело во Централноафриканската Република беше забрането, и затоа јас бев префрлен во Нџамена, главниот град на соседната земја Чад. Но не беше сѐ така лошо — таму ја запознав Хепи, една ревносна сестра од Камерун која служеше како специјален пионер. Се венчавме на 1 април 1978 год. Истиот месец избувна граѓанска војна и, како многумина други, пребегавме на југот од земјата. Кога завршија борбите, се вративме и видовме дека нашиот дом бил користен како главен штаб на една вооружена група. Ја немаше целата наша литература, како и свадбениот фустан на Хепи и подароците од свадбата. Но не дозволивме да ни ослабат рацете. Бевме среќни што и двајцата бевме живи и здрави, и едвај чекавме да продолжиме со нашата служба.

По околу две години, забраната во Централноафриканската Република беше укината. Се вративме таму и служевме во патувачкото дело. Наш дом беше едно комбе во кое имаше кревет на расклопување, буре што собираше 200 литри вода, фрижидер на плин и плинско решо. Воопшто не беше лесно да се патува во таа земја. На едно патување бевме запрени од полицијата на повеќе од 117 контролни пунктови.

Температурата честопати достигнуваше до 50 Целзиусови степени. На собирите понекогаш беше тешко да најдеме доволно вода за крштавање. Затоа браќата копаа во пресушените речни корита и малку по малку успеваа да соберат доволна количина вода за крштавање, кое честопати се извршуваше во буре.

НАШАТА СЛУЖБА ВО ДРУГИ АФРИКАНСКИ ЗЕМЈИ

Во 1980 год. бевме испратени во Нигерија. Таму две и пол години помагавме во подготовките за изградба на новата подружница. Браќата купија едно двокатно складиште кое требаше да се расклопи и потоа да се постави на нашето земјиште. Едно утро се качив прилично високо на објектот за да помогнам околу расклопувањето. Некаде кон пладне почнав да се симнувам по истиот пат по кој се качував. Но поради промените што беа направени со расклопувањето одеднаш немав на што да згазнам и паднав од објектот. На прв поглед изгледаше дека сум многу повреден. Но откако ме прегледа и ги виде рендгенските снимки, лекарот ѝ кажа на Хепи да не се секира бидејќи ќе бидам подобро за една-две седмици.

Со „јавен транспорт“, на пат кон еден собир

Во 1986 год. се преселивме во Брегот на Слоновата Коска, каде што служевме во патувачкото дело. Со таа служба продолживме и во соседната држава Буркина Фасо. Никогаш не помислував дека со години подоцна Буркина некое време ќе биде наш дом.

Додека бевме во патувачкото дело, наш дом беше едно комбе

Канада ја напуштив во 1956 год., но 47 години подоцна, во 2003 год., повторно се вратив таму. Овојпат бев заедно со Хепи и почнавме да служиме во Бетел. Иако имавме канадско државјанство, чувствувавме дека Африка е наш дом.

Водам библиски курс во Буркина Фасо

Потоа, во 2007 год., кога имав 79 години, на наше големо задоволство, повторно заминавме за Африка. Бевме испратени во Буркина Фасо, каде што помагав како член на Одборот на земјата. Бетелската канцеларија подоцна беше претворена во преведувачка канцеларија за која почна да се грижи подружницата во Бенин. А во август 2013 год. бевме испратени да служиме во Бетелот во Бенин.

Со Хепи додека служевме во подружницата во Бенин

И покрај моите здравствени ограничувања, службата на проповедање сѐ уште ми лежи на срце. Во последниве три години, благодарение на помошта од старешините и големата поддршка од мојата сопруга, се крстија Жедеон и Фрежис, двајца од интересентите со кои ја проучував Библијата. Тие сега ревносно му служат на Јехова.

Во меѓувреме, јас и жена ми бевме префрлени во подружницата во Јужноафриканската Република, каде што бетелското семејство многу убаво се грижи за моето здравје. Ова е седмата земја во Африка каде што имам чест да служам. Во октомври 2017 год. добивме прекрасен благослов — присуствувавме на свеченото отворање на главното седиште во Ворвик (САД). Тоа беше навистина незаборавен настан!

Во Годишникот за 1994, на страница 225, пишува: „Сите оние што со години истрајуваат во службата ги поттикнуваме: ’Бидете храбри и нека не ви ослабат рацете, зашто вашите дела ќе бидат наградени‘“ (2. Лет. 15:7). Јас и Хепи сме решени да живееме според овие зборови и да ги поттикнуваме и другите да го прават истото.

^ пас. 9 Издадена од Јеховините сведоци во 1944 год. Повеќе не се печати.

^ пас. 23 Повеќе детали има во Годишникот на Јеховините сведоци за 1994, страници 148-150 (англ.).