Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 32

Нашата љубов сѐ повеќе нека расте

Нашата љубов сѐ повеќе нека расте

Се молам вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да расте (ФИЛ. 1:9)

ПЕСНА 106 Да развиваме љубов!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Кој помогнал да се формира собранието во Филипи?

КОГА апостол Павле, Сила, Лука и Тимотеј пристигнале во римската колонија Филипи, таму нашле многу луѓе кои покажале интерес за добрата вест. Овие четворица ревносни браќа помогнале таму да се формира собрание, и новите браќа и сестри почнале да се состануваат, веројатно во домот на Лидија која била многу гостољубива сестра (Дела 16:40).

2. Со која тешка ситуација се соочило тоа собрание?

2 Новооснованото собрание набрзо се соочило со тешка ситуација. Сатана ги поттикнал непријателите на вистината жестоко да се противат на проповедањето на Павле и неговите соработници. Павле и Сила биле уапсени, истепани со стапови и фрлени в затвор. Откако биле ослободени, тие ги посетиле новите соверници и ги охрабриле. Потоа Павле, Сила и Тимотеј си заминале од градот, а изгледа дека Лука останал таму. Што се случило со новото собрание? Јехова им помогнал со својот дух и тие продолжиле ревносно да му служат (Фил. 2:12). Павле имал добра причина да се гордее со нив!

3. Според Филипјаните 1:9-11, за што се молел Павле?

3 Околу десет години подоцна, Павле му напишал писмо на собранието во Филипи. Додека го читаш тоа писмо, јасно можеш да видиш колку голема љубов имал Павле кон браќата и сестрите. Тој им напишал: „Копнеам по сите вас со љубов каква што има Христос Исус“ (Фил. 1:8). Исто така, им кажал дека се моли за нив. Го молел Јехова да им помогне нивната љубов сѐ повеќе да расте, да можат да проценат што е најважно, да бидат непорочни, да не ги спрепнуваат другите и да продолжат да носат плод на праведноста. И ние денес можеме многу да научиме од овие охрабрувачки зборови на Павле. (Прочитај Филипјаните 1:9-11.) Во оваа статија подетално ќе ги разгледаме овие совети и ќе видиме како можеме да ги примениме.

ШТО ЌЕ НИ ПОМОГНЕ НАШАТА ЉУБОВ СЀ ПОВЕЌЕ ДА РАСТЕ

4. а) Според 1. Јованово 4:9, 10, како Јехова ја покажал својата љубов кон нас? б) Колкава треба да биде нашата љубов кон Бог?

4 Јехова ја покажал својата голема љубов кон нас со тоа што го испратил својот Син на Земјата да умре за нашите гревови. (Прочитај 1. Јованово 4:9, 10.) Таквата несебична љубов од Бог нѐ поттикнува да го сакаме (Рим. 5:8). Колку треба да го сакаме Јехова? Исус одговорил на тоа прашање кога му кажал на еден фарисеј: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“ (Мат. 22:36, 37). Треба да го сакаме Бог со цело срце и таквата љубов треба да расте од ден во ден. Павле им рекол на Филипјаните дека нивната љубов треба „сѐ повеќе и повеќе да расте“. Тогаш како можеме да ја продлабочиме нашата љубов кон Бог?

5. Како може нашата љубов сѐ повеќе да расте?

5 За да го сакаме Бог, мора добро да го познаваме. Библијата вели: „Кој не покажува љубов, не го запознал Бог, зашто Бог е љубов“ (1. Јов. 4:8). Апостол Павле објаснил дека колку повеќе ја дознаваме вистината за Бог и сфаќаме како гледа на работите толку повеќе ќе расте нашата љубов кон Него (Фил. 1:9). Кога почнавме да ја проучуваме Библијата, го засакавме Јехова иако не знаевме многу за него. Со текот на времето, колку повеќе учевме за Јехова толку повеќе се продлабочуваше нашата љубов кон него. Затоа е многу важно редовно да ја проучуваме Божјата Реч и длабоко да размислуваме за неа! (Фил. 2:16).

6. Според 1. Јованово 4:11, 20, 21, на што ќе нѐ поттикне нашата љубов кон Бог?

6 Големата љубов што Бог ја има кон нас ќе нѐ поттикне да ги сакаме и нашите соверници. (Прочитај 1. Јованово 4:11, 20, 21.) Можеби мислиме дека ќе ни биде лесно да ги сакаме браќата и сестрите затоа што му служиме на Јехова и се трудиме да бидеме како него. Исто така, го следиме примерот на Исус кој толку многу нѐ сакал што го дал својот живот за нас. Сепак, понекогаш може да ни биде тешко да ја послушаме заповедта да се сакаме еден со друг. Да го разгледаме примерот на собранието во Филипи.

7. Што учиме од советите што Павле им ги дал на Еводија и Синтихија?

7 Еводија и Синтихија биле ревносни сестри кои во службата соработувале со апостол Павле. Сепак, можеби тие сестри имале некое сериозно несогласување поради кое им се нарушило пријателството. Во писмото што го пратил до собранието во кое служеле Еводија и Синтихија, Павле ги спомнал по име и им дал конкретен совет „да бидат сложни во размислувањето“ (Фил. 4:2, 3). Павле сметал дека треба да му го каже следново и на целото собрание: „Правете сѐ без негодување и препирање“ (Фил. 2:14). Без сомнение, директните совети што ги дал Павле им помогнале на тие верни сестри, но и на целото собрание да ја продлабочуваат меѓусебната љубов.

Зошто треба да се концентрираме на добрите особини на нашите браќа? (Види во пасус 8) *

8. а) Зошто понекогаш може да ни биде многу тешко да ги сакаме браќата и сестрите? б) Што ќе ни помогне да не ни олади љубовта кон соверниците?

8 И нам понекогаш ни е многу тешко да ги сакаме браќата и сестрите бидејќи, слично на Еводија и Синтихија, имаме склоност да се концентрираме на слабостите на другите. Сите правиме грешки секој ден. Ако постојано мислиме на грешките на другите, нашата љубов кон нив ќе олади. На пример, можеби ќе се изнервираме ако некој брат заборави да ни помогне околу чистењето на салата за состаноци. Ако потоа почнеме да размислуваме на сите други грешки што ги направил тој брат, тоа уште повеќе ќе нѐ изнервира и нашата љубов кон него ќе се намали. Доколку се најдеме во слична ситуација, ќе биде добро да размислиме за следниов факт: Јехова ги гледа и нашите и слабостите на нашиот брат. Сепак, и покрај овие слабости, тој сѐ уште го сака нашиот брат, а нѐ сака и нас. Од таа причина, треба да покажуваме љубов како Јехова и да го гледаме доброто во браќата и сестрите. Кога од срце се трудиме да ги сакаме нашите соверници, го зајакнуваме нашето единство (Фил. 2:1, 2).

„ШТО Е НАЈВАЖНО“

9. Кои се некои од најважните работи на кои сакал да укаже Павле во своето писмо до Филипјаните?

9 Под водство на светиот дух, Павле им кажал на христијаните во Филипи да проценат што е најважно (Фил. 1:10). Овој совет важи и за сите нас денес. За Божјите слуги, некои од најважните работи се посветувањето на Јеховиното име, исполнувањето на неговата намера, како и мирот и единството на собранието (Мат. 6:9, 10; Јован 13:35). Ако овие работи ни се на прво место во животот, покажуваме дека го сакаме Јехова.

10. Што мора да правиме за Јехова да нѐ смета за непорочни?

10 Павле исто така рекол дека мора да бидеме непорочни. Ова не значи дека треба да бидеме совршени. Не можеме да бидеме совршени во апсолутна смисла како Јехова Бог. Но Јехова ќе нѐ смета за непорочни ако даваме сѐ од себе за да ја продлабочиме нашата љубов и ако се трудиме да процениме што е најважно. Еден начин на кој ја покажуваме нашата љубов е така што правиме сѐ што можеме за да не ги спрепнеме другите.

11. Зошто не смееме да ги спрепнуваме другите?

11 Советот да не ги спрепнуваме другите е навистина сериозно предупредување. Како би можеле да спрепнеме некого? Преку изборот на забава, изборот на облека, па дури и преку изборот на вработување. Можеби не правиме нешто што Јехова го осудува. Но, ако со некоја наша одлука ја повредиме совеста на некој соверник и со тоа го спрепнеме, тогаш ова е многу сериозна работа. Исус рекол дека подобро би ни било да нѐ фрлат во море со тежок камен околу вратот отколку да спрепнеме некој од неговите овчички! (Мат. 18:6).

12. Што учиме од примерот на еден брачен пар пионери?

12 Забележи на кој начин брачниот пар Мартин и Рената, * кои служат како пионери, ги примениле зборовите на Исус. Во нивното собрание бил брачниот пар Брајан и Сузана, кои се крстиле неодамна. Овие нови соверници пораснале во семејства во кои биле многу строго воспитани и сметале дека Божјите слуги не треба да одат на кино — дури ни за да гледаат филмови кои се прифатливи за христијаните. Затоа биле шокирани кога слушнале дека Мартин и Рената отишле на кино. Откако го дознале тоа, Мартин и Рената решиле да не одат на кино сѐ додека Брајан и Сузана не ја обликуваат својата совест за подобро да разликуваат што е исправно а што погрешно (Евр. 5:14). Со ваквата несебична постапка, Мартин и Рената покажале и со своите зборови и со своите дела дека ги сакаат Брајан и Сузана (Рим. 14:19-21; 1. Јов. 3:18).

13. Како би можеле да наведеме некого да направи грев?

13 Друг начин на кој би можеле да спрепнеме некого е така што ќе го наведеме да направи грев. Како би можело да се случи тоа? Замисли ја следнава ситуација. По долга борба, еден интересент успева да ја победи својата зависност од алкохол. Тој сфаќа дека за него е најдобро никогаш повторно да не пие алкохол. Успева да направи многу промени во својот живот и на крајот се крштава. По некое време, еден брат го поканува на едно дружење, му нуди алкохолен пијалак и добронамерно му вели: „Сега си Божји слуга и го имаш Јеховиниот дух. Еден од плодовите на светиот дух е самосовладувањето. А штом веќе имаш самосовладување, тогаш можеш малку да се напиеш алкохол“. Би било многу тажно доколку новиот брат го послуша тој погрешен совет и повторно стане зависник од алкохол!

14. Како собраниските состаноци ни помагаат да ги применуваме советите од Филипјаните 1:10?

14 Собраниските состаноци ни помагаат на многу начини да ги применуваме советите од Филипјаните 1:10. Како прво, духовната храна што ја добиваме на состаноците ни помага да разбереме што е најважно според Јехова. Второ, дознаваме како да го примениме она што го учиме со цел да бидеме непорочни. И трето, се поттикнуваме „кон љубов и кон добри дела“ (Евр. 10:24, 25). Колку повеќе охрабрување добиваме од нашите браќа и сестри толку повеќе ќе расте нашата љубов кон нив и кон Бог. Ако нашето срце е исполнето со таква љубов, ќе правиме сѐ што можеме за да не ги спрепнуваме нашите соверници.

И ПОНАТАМУ ДА БИДЕМЕ „ПОЛНИ СО ПЛОДОТ НА ПРАВЕДНОСТА“

15. Што значи да бидеме „полни со плодот на праведноста“?

15 Павле сесрдно се молел Филипјаните да бидат „полни со плодот на праведноста“ (Фил. 1:11). Без сомнение, во „плодот на праведноста“ била вклучена нивната љубов кон Јехова и кон неговиот народ. Во тоа било вклучено и да им зборуваат на другите за нивната вера во Исус, како и за прекрасната надеж што ја имале. Во Филипјаните 2:15 е употребена уште една споредба: „Како светлоносци светите во светот“. Ова е соодветна споредба бидејќи Исус ги нарекол своите ученици „светлината на светот“ (Мат. 5:14-16). Исто така, тој им заповедал на своите следбеници да прават ученици и им кажал: „Ќе ми бидете сведоци... сѐ до крајот на земјата“ (Мат. 28:18-20; Дела 1:8). Ние го носиме „плодот на праведноста“ кога ревносно учествуваме во ова многу важно дело.

Додека е во куќен притвор во Рим, Павле го пишува своето писмо до собранието во Филипи. Исто така, тој ја користи секоја прилика за да им сведочи на стражарите кои го чуваат и на луѓето кои го посетуваат (Види во пасус 16)

16. Како од Филипјаните 1:12-14 се гледа дека можеме да светиме како светлоносци дури и во тешки околности? (Види ја сликата на насловната страница.)

16 Без оглед на нашите околности, ние можеме да светиме како светлоносци. Во некои случаи, она што ни изгледа како пречка да ја објавуваме добрата вест, може да се претвори во прилика да проповедаме. На пример, апостол Павле бил во домашен притвор во Рим кога им го напишал писмото на Филипјаните. Но оковите не го спречувале да им проповеда на чуварите и на оние што му доаѓале во посета. Павле ревносно проповедал во такви околности и со тоа ги охрабрил браќата „без страв, [да] ја зборуваат речта Божја“. (Прочитај Филипјаните 1:12-14; 4:22.)

Секогаш да бараме начини да проповедаме во уште поголема мера (Види во пасус 17) *

17. Како некои браќа и сестри успеваат да проповедаат дури и кога тоа е тешко?

17 Многу од нашите браќа и сестри покажуваат иста храброст како Павле. Тие живеат во земји во кои им е забрането да проповедаат јавно или од врата до врата, и затоа наоѓаат други начини за да ја објавуваат добрата вест (Мат. 10:16-20). Во една таква земја, еден покраински надгледник препорачал секој објавител да проповеда на своето „подрачје“, односно на роднините, соседите, соучениците, колегите и познаниците. За две години, бројот на собранијата во таа покраина значително се зголемил. Можеби не живееме во земја во која нашето дело е забрането. Сепак, можеме да извлечеме важна поука од примерот на овие снаодливи браќа и сестри — секогаш да бараме начини да проповедаме во уште поголема мера, уверени дека Јехова ќе ни ја даде потребната сила за да ја надминеме секоја пречка (Фил. 2:13).

18. Што треба да бидеме решени да правиме?

18 Во ова значајно време, да бидеме решени да ги примениме советите што се запишани во писмото на Павле до Филипјаните. Мора да се трудиме да проценуваме што е најважно, да бидеме непорочни, да не ги спрепнуваме другите и да носиме плод на праведноста. Тогаш нашата љубов сѐ повеќе ќе расте и ќе му носиме слава на нашиот грижлив Татко, Јехова.

ПЕСНА 17 „Сакам“

^ пас. 5 Денес, повеќе од кога и да е порано, треба да ја продлабочуваме нашата љубов кон браќата и сестрите. Писмото до Филипјаните ни помага да сфатиме како може нашата љубов сѐ повеќе да расте, дури и кога тоа не е лесно.

^ пас. 12 Имињата се сменети.

^ пас. 55 ОПИС НА СЛИКИТЕ: За време на чистењето на салата за состаноци, еден брат по име Џон, престанува со работата за да поразговара со друг брат и со неговиот син. Ова го нервира Мајкл, братот што чисти со правосмукалката. Тој си вели: „Џон треба да работи, а не да си прави муабет“. Подоцна, Мајкл забележува како Џон љубезно ѝ помага на една постара сестра. Оваа трогателна сцена го потсетува Мајкл да се концентрира на добрите особини што ги има Џон.

^ пас. 59 ОПИС НА СЛИКИТЕ: Во една земја во која Сведоците не можат јавно да проповедаат, еден брат му сведочи на еден познајник без да го привлекува вниманието на другите патници. Подоцна, за време на паузата на своето работно место, братот му сведочи на еден колега.