Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 31

Ние не се откажуваме

Ние не се откажуваме

Затоа не се откажуваме (2. КОР. 4:16)

ПЕСНА 128 Да бидеме истрајни!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. На што ги потсетил Павле христијаните?

ХРИСТИЈАНИТЕ учествуваат во трка за живот. Без разлика дали сега сме ја започнале трката или, пак, веќе со години трчаме, треба да продолжиме сѐ додека не стигнеме до целта. Советот што Павле им го дал на христијаните во Филипи може да нѐ поттикне да ја завршиме трката. Кога го добиле писмото од Павле, некои членови на тоа собрание веќе со години му служеле на Јехова. Тие добро ја трчале трката, но Павле ги потсетил дека треба да продолжат да трчаат со истрајност. Тој сакал тие и понатаму да го следат неговиот пример и да продолжат да трчаат кон целта (Фил. 3:14).

2. Зошто бил соодветен советот што Павле им го дал на Филипјаните?

2 Советот што Павле им го дал на Филипјаните бил соодветен. Жителите на Филипи им се противеле на тамошните браќа уште од основањето на собранието. Сѐ започнало во 50 год. од н.е., кога Павле и Сила го послушале повикот што им го упатил Бог да прејдат во Македонија и отишле во Филипи да ја проповедаат добрата вест (Дела 16:9). Таму ја сретнале Лидија, која го слушала тоа што го зборувал Павле. Јехова ѝ го отворил срцето и таа ја прифатила добрата вест (Дела 16:14). Набрзо се крстила заедно со нејзините домашни. Но, Ѓаволот веднаш почнал да прави проблеми. Жителите на Филипи ги одвлечкале Павле и Сила пред градските управители и лажно ги обвиниле дека го вознемируваат градот. Како резултат на тоа, Павле и Сила биле истепани и фрлени в затвор, а подоцна биле замолени да го напуштат градот (Дела 16:16-40). Дали тие се откажале? Во никој случај! А што направиле браќата и сестрите од новоформираното собрание? И тие истрајале! Без сомнение, тие биле многу охрабрени од добриот пример на Павле и Сила.

3. Што сфатил Павле, и кои прашања ќе ги разгледаме?

3 Павле бил решен да не се откаже (2. Кор. 4:16). Но тој знаел дека, за да може да ја истрча трката до крајот, ќе мора да мисли на целта. Што можеме да научиме од примерот на Павле? Кои примери од наше време покажуваат дека можеме да истраеме и покрај проблемите? И како може нашата надеж за иднината да ни ја зајакне решеноста никогаш да не се откажеме? Во оваа статија ќе ги разгледаме овие прашања.

КАКО НИ КОРИСТИ ПРИМЕРОТ НА ПАВЛЕ

4. Како Павле останал зафатен во службата за Јехова без оглед на своите околности?

4 Размисли во какви околности бил Павле кога им го напишал писмото на Филипјаните. Тој бил во домашен притвор во Рим. Затоа не можел да излегува за да проповеда. Сепак, тој ревносно им сведочел на оние што доаѓале да го посетат и им пишувал писма на разни собранија. И денес, многу Божји слуги не можат да излезат од дома поради старост или болест. Но тие ја користат секоја прилика да им ја објавуваат добрата вест на оние што доаѓаат кај нив. Исто така, тие пишуваат охрабрувачки писма со кои им сведочат на луѓето кои не можеме да ги најдеме дома.

5. Според она што го напишал во Филипјаните 3:12-14, што му помогнало на Павле да не ја изгуби од вид својата цел?

5 Павле не дозволил ниту добрите ниту лошите работи кои ги правел во минатото да му го одвлечат вниманието од службата за Јехова. Всушност, тој рекол дека е многу важно да го заборави она што е зад него за да може да го дофати она што е пред него, односно успешно да ја заврши трката. (Прочитај Филипјаните 3:12-14.) Кои биле некои од работите што можеле да му го одвлечат вниманието на Павле? Како прво, тој бил многу успешен во јудаизмот. Сепак, на тој успех гледал како на обично ѓубре (Фил. 3:3-8). Како второ, иако можеби чувствувал вина затоа што претходно ги прогонувал христијаните, Павле не дозволил тоа да го спречи да му служи на Јехова. И трето, тој не мислел дека веќе направил доволно за Јехова. Павле постигнал многу во службата за Бог и покрај тоа што бил затворан, тепан, каменуван, неколку пати доживеал бродолом и честопати немал доволно храна и облека (2. Кор. 11:23-27). Но, без оглед на тоа колку многу направил во службата за Бог и колку многу страдања поднел, Павле знаел дека мора да продолжи со трката. Истото важи и за нас.

6. Кои се некои од работите што треба да ги оставиме зад нас?

6 Како можеме да го следиме примерот на Павле и да го заборавиме она што е зад нас? Некои од нас можеби се борат со чувства на вина поради поранешните гревови. Ако тоа е случај и со тебе, тогаш во текот на своето лично проучување би можел да истражуваш повеќе за откупната жртва на Исус. Тоа што ќе проучуваме и размислуваме за таа длабока тема, и ќе се молиме подобро да ја разбереме важноста на откупнината, ќе ни помогне да бидеме поуверени дека Јехова веќе ни ги простил нашите гревови. Ова многу ќе нѐ охрабри и може во голема мера да ни го намали непотребното чувство на вина. Можеби дури и ќе престанеме да се обвинуваме за работите што сме ги направиле во минатото. Да разгледаме уште една работа што можеме да ја научиме од Павле. Можеби сме се откажале од успешна кариера за да правиме повеќе за Јехова. Ако е така, дали би можеле да го заборавиме она што е зад нас така што нема да копнееме по материјалните удобности кои сме можеле да ги имаме? (4. Мој. 11:4-6; Проп. 7:10). Во она што е зад нас можат да спаѓаат и работите што сме ги постигнале во службата за Јехова или испитите на верата во кои сме истрајале. Се разбира, тоа што ќе размислуваме за благословите што сме ги добиле од нашиот небесен Татко и за помошта што ни ја пружал низ годините може уште повеќе да нѐ зближи со него. Но, никогаш не сакаме да си мислиме дека сме направиле доволно и дека повеќе не треба да се напрегаме во службата за Бог (1. Кор. 15:58).

Во трката за живот, мора да внимаваме ништо да не ни го одвлече вниманието од нашата цел (Види во пасус 7)

7. Според 1. Коринќаните 9:24-27, што ни е потребно за да можеме успешно да ја завршиме трката за живот? Наведи пример.

7 Павле добро ги разбрал следниве зборови на Исус: „Силно напрегајте се“ (Лука 13:23, 24). Павле знаел дека, исто како Исус, мора да се напрега сѐ до самиот крај. Затоа, животот на христијаните го споредил со трка. (Прочитај 1. Коринќаните 9:24-27.) Еден тркач останува сконцентриран на целта и не дозволува ништо да му го одвлече вниманието. На пример, учесниците во една маратонска трка можеби минуваат покрај продавници и други работи што можат да им го одвлечат вниманието. Што мислиш, дали некој тркач би застанал да ги разгледа излозите на продавниците? Ако сака успешно да ја заврши трката, не би го сторил тоа. Во трката за живот, и ние мора да внимаваме ништо да не ни го одвлече вниманието. Ако сме сконцентрирани на нашата цел и ако силно се напрегаме како што правел Павле, ќе ја добиеме наградата!

КАКО ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА МУ СЛУЖИМЕ НА ЈЕХОВА И ПОКРАЈ ПРОБЛЕМИТЕ

8. Кои три проблеми ќе ги разгледаме?

8 Сега да разгледаме три работи кои би можеле да нѐ обесхрабрат, односно да нѐ успорат во нашата трка. Тоа се неисполнетите очекувања, нарушеното здравје и проблемите кои траат долго време. Може многу да научиме од другите кои истрајале во вакви ситуации (Фил. 3:17).

9. Како можат неисполнетите очекувања да влијаат врз нас?

9 Неисполнети очекувања. Сосема е природно да ги посакуваме добрите работи што ги ветил Јехова. Токму така се чувствувал и пророкот Авакум. Тој кажал дека многу сака Јехова да му стави крај на злото што го гледал во Јуда. Но, Јехова му рекол да чека (Авак. 2:3). Од друга страна, ако долго чекаме да се исполни нешто што го посакуваме, тоа може да ја задуши нашата ревност. Дури би можеле и да се обесхрабриме (Изр. 13:12). Ова се случило на почетокот од 20-от век. Во тоа време, голем број помазани христијани очекувале дека ќе ја добијат својата небесна награда во 1914 год. Бидејќи тоа не се случило, како верните Божји слуги се справиле со нивните неисполнети очекувања?

Во 1914 год., очекувањата на Ројал и Перл Спац не се исполниле, но тие продолжиле со децении верно да му служат на Бог (Види во пасус 10)

10. Како еден брачен пар се справил со неисполнетите очекувања?

10 Да го разгледаме примерот на двајца верни Божји слуги кои се соочиле со таков проблем. Брат Ројал Спац се крстил во 1908 год. на 20-годишна возраст. Тој бил уверен дека наскоро ќе ја добие својата небесна награда. Затоа, кога во 1911 год. ѝ понудил брак на својата идна сопруга Перл, тој ѝ го кажал следново: „Ти знаеш што ќе се случи во 1914. Ако сакаш да стапиме во брак, треба да го сториме тоа што поскоро!“ Дали брат и сестра Спац се откажале од трката за живот кога не ја добиле својата небесна награда во 1914 год.? Не, бидејќи најважно им било верно да му служат на Јехова, а не да одат на небото. Тие биле решени со истрајност да ја трчаат трката. И навистина, Ројал и Перл продолжиле верно да му служат на Јехова со децении, сѐ до крајот на својот живот на Земјата. Без сомнение, едвај чекаш да видиш како Јехова ќе го оправда своето име и своето право да владее, и како ќе ги исполни своите ветувања. Можеш да бидеш уверен дека овие работи ќе се случат во времето што го одредил Јехова. Сѐ дотогаш, да останеме зафатени во службата за нашиот Бог, и никогаш да не дозволиме неисполнетите очекувања да нѐ обесхрабрат и да нѐ успорат во трката за живот.

Дури и на стари години, Артур Сикорд сакал да му го дава најдоброто на Јехова (Види во пасус 11)

11-12. Зошто можеме да продолжиме верно да му служиме на Јехова дури и кога ни опаѓа физичката сила? Наведи пример.

11 Нарушено здравје. На учесниците во една дословна трка им треба многу сила за трчање. Но ти не треба да бидеш физички силен за да продолжиш да си ја зајакнуваш верата во Јехова и со уште поголема ревност да му служиш. Всушност, многумина на кои им опаднала физичката сила сѐ уште се цврсто решени да му го даваат најдоброто на Бог (2. Кор. 4:16). Таков пример е Артур Сикорд, * еден постар брат кој имал нарушено здравје. Еден ден, една медицинска сестра дошла кај него за да му пружи нега. Таа го погледнала и сочувствително рекла: „Брат Сикорд, ти многу си направил во службата за Јехова“. Иако имал 88 години и во Бетел служел веќе 55 години, Артур не живеел во минатото. Тој ја погледнал во очи, се насмевнал и рекол: „Не е важно што сме направиле досега. Важно е што ќе правиме отсега па натаму“.

12 Можеби и ти му служиш на Јехова многу години, но сега, поради нарушено здравје, не можеш да правиш онолку колку што си правел порано. Сепак, не се обесхрабрувај. Биди уверен дека Јехова многу ја цени службата што со цело срце си ја вршел во минатото (Евр. 6:10). И не заборавај дека нашата љубов кон Јехова не се мери со тоа колку правиме во неговата служба. Напротив, длабочината на нашата љубов кон Бог ја покажуваме со тоа што продолжуваме со радост да му служиме онолку колку што можеме (Кол. 3:23). Јехова ги разбира нашите ограничувања и не очекува од нас повеќе отколку што можеме да направиме (Мар. 12:43, 44).

Анатолиј и Лидија Мелник истрајно и верно му служеле на Бог и покрај многуте тешкотии (Види во пасус 13)

13. Како искуството на Анатолиј и Лидија нѐ поттикнува да продолжиме да му служиме на Јехова дури и ако имаме многу проблеми?

13 Проблеми кои траат долго време. Некои браќа и сестри со децении истрајно му служат на Јехова и покрај многуте тешкотии и прогонства. На пример, Анатолиј Мелник * имал само 12 години кога татко му бил уапсен, затворен и прогонет во Сибир — повеќе од 7.000 километри далеку од неговото семејство кое живеело во Молдавија. Една година подоцна, Анатолиј, мајка му, дедо му и баба му биле исто така прогонети во Сибир. По некое време имале можност да одат на состаноци во друго село, но за да стигнат таму морале да пешачат 30 километри по снег, на температури под нулата. Подоцна, Анатолиј поминал три години во затвор, далеку од сопругата Лидија и нивната едногодишна ќеркичка. И покрај долгогодишните тешкотии, тој и неговото семејство продолжиле верно да му служат на Јехова. Сега Анатолиј има 82 години и служи како член на Одборот на една подружница во централна Азија. По примерот на Анатолиј и Лидија, да продолжиме верно и истрајно да му служиме на Јехова како што сме правеле во минатото (Гал. 6:9).

ПОСТОЈАНО ДА МИСЛИМЕ НА НАШАТА ПРЕКРАСНА НАДЕЖ

14. Што сфатил Павле дека треба да прави за да стигне до целта?

14 Павле бил уверен дека ќе ја доврши трката и ќе стигне до целта. Како помазан христијанин, тој се надевал дека ќе ја добие „наградата на небесниот позив Божји“. Но, Павле сфатил дека, за да ја оствари таа цел, мора истрајно да трча во трката за живот (Фил. 3:14). Тој им дал на Филипјаните интересна споредба за да им помогне да мислат на нивната цел.

15. Како Павле ја употребил споредбата за граѓанство за да ги поттикне Филипјаните истрајно да трчаат во трката за живот?

15 Павле ги потсетил Филипјаните дека нивното „граѓанство е на небесата“ (Фил. 3:20). Зошто било важно да го имаат тоа на ум? Во тие денови, римското граѓанство било многу ценето. * Но, граѓанството на помазаните христијани е многу подобро бидејќи носи многу повеќе привилегии. Римското граѓанство ни оддалеку не можело да се спореди со тоа! Од таа причина, Павле ги поттикнал Филипјаните: „Живејте живот достоен на добрата вест за Христос“ (Фил. 1:27). Изразот „живејте живот“ во овој стих значи „однесувајте се како граѓани“. Помазаните христијани денес даваат добар пример со тоа што истрајно трчаат кон својата цел — вечниот живот на небото.

16. Без разлика дали имаме надеж да живееме на небото или на Земјата, што мора и понатаму да правиме во склад со Филипјаните 4:6, 7?

16 Сеедно дали имаме надеж да живееме вечно на небото или во рај на Земјата, мора да продолжиме истрајно да трчаме кон таа цел. Без оглед на нашите околности, не смееме да гледаме на она што е зад нас, ниту да дозволиме нешто да нѐ спречи да му служиме на Јехова (Фил. 3:16). Можеби веќе долго време чекаме да се исполнат Јеховините ветувања, или можеби повеќе не сме млади и силни како порано. Можеби со години трпиме тешкотии и прогонства. Без оглед во каква ситуација се наоѓаме, не треба да бидеме загрижени за ништо. Наместо тоа, да му ги изнесеме нашите барања на Бог, и тој ќе ни даде мир каков што не можеме ни да си замислиме. (Прочитај Филипјаните 4:6, 7.)

17. Што ќе разгледаме во следната статија?

17 Слично како што еден тркач силно се напрега во последните моменти од трката, да останеме сконцентрирани на целта — да ја завршиме трката за живот. Затоа, колку што ни дозволуваат силите и околностите, да се напрегаме и со истрајност да ја трчаме трката имајќи ги на ум прекрасните работи што ни претстојат. Што треба да правиме за да успееме во тоа? Следната статија ќе ни помогне да си поставиме исправни цели и да утврдиме што треба да ни биде на прво место во животот (Фил. 1:9, 10).

ПЕСНА 79 Да ги учиме да бидат непоколебливи

^ пас. 5 Без оглед колку долго му служиме на Јехова, ние сакаме духовно да растеме и да му го даваме најдоброто на Јехова. Апостол Павле ги поттикнал соверниците да не се откажуваат од тоа! Кога го читаме писмото што тој им го напишал на Филипјаните, се чувствуваме поттикнати да истраеме во нашата трка за живот. Оваа статија ќе ни помогне да го примениме советот на Павле.

^ пас. 11 Животната приказна на брат Артур Сикорд излезе во Стражарска кула од 15 јуни 1965 (англ.).

^ пас. 13 Види ја животната приказна на брат Мелник со наслов „Поучен од мали нозе да го сакам Бог“, која излезе во Разбудете се! од 8 февруари 2005.

^ пас. 15 Бидејќи Филипи бил римска колонија, неговите жители имале некој вид римско граѓанство. Затоа тамошните браќа можеле да ја разберат споредбата што ја употребил Павле.