Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 33

„Оние што те слушаат“ ќе се спасат

„Оние што те слушаат“ ќе се спасат

Добро внимавај како живееш и како поучуваш. Истрај во тоа, зашто, правејќи го тоа ќе се спасиш и себеси и оние што те слушаат (1. ТИМ. 4:16)

ПЕСНА 67 Итно е!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што посакуваме за членовите на нашето семејство?

„УШТЕ од моментот кога ја дознав вистината, сакав сите во моето семејство да бидат со мене во рајот“, вели една сестра по име Паулина. * „Особено сакав мојот сопруг Вејн, и нашето синче да почнат да му служат на Јехова“. Дали некои членови од твоето семејство сѐ уште не се Јеховини сведоци? Исто како Паулина, веројатно и ти сакаш твоите најблиски да почнат да му служат на Јехова заедно со тебе.

2. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

2 Не можеме да ги тераме членовите на семејството да ја прифатат добрата вест, но можеме да им помогнеме да бидат поспремни да ја слушаат таа порака (2. Тим. 3:14, 15). Зошто треба да им сведочиме на најблиските? Зошто треба да покажеме разбирање за нивните чувства? Што можеме да направиме за да им помогнеме да го засакаат Јехова како што го сакаме ние? И како можат сите браќа и сестри во нашето собрание да ни помогнат во тоа?

ЗОШТО ДА ИМ СВЕДОЧИМЕ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СЕМЕЈСТВОТО?

3. Според 2. Петрово 3:9, зошто треба да им сведочиме на членовите на семејството?

3 Наскоро, Јехова ќе му стави крај на овој свет. Ќе преживеат само оние што исправно гледаат на вечниот живот (Дела 13:48). Ние трошиме многу време и сила за да им проповедаме на непознати луѓе, па затоа е природно да сакаме и нашите најблиски да му служат на Јехова заедно со нас. Нашиот грижлив Татко Јехова, „не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание“. (Прочитај 2. Петрово 3:9.)

4. Која грешка можеби ја правиме кога им сведочиме на најблиските?

4 Не треба да заборавиме дека пораката за спасение можеме да ја пренесеме на исправен и на погрешен начин. Кога им сведочиме на непознати се трудиме да бидеме тактични, но кога им проповедаме на најблиските можеби сме премногу директни.

5. Што треба да имаме на ум пред да почнеме да им сведочиме на членовите на семејството?

5 Кога ќе помислат на своите први обиди да им сведочат на членовите на семејството, многумина од нас можеби жалат поради начинот на кој го правеле тоа и посакуваат да постапеле поинаку. Апостол Павле ги советувал христијаните: „Вашиот збор секогаш нека биде пријатен, зачинет со сол, да знаете секому да му одговорите како што треба“ (Кол. 4:5, 6). Добро е да го имаме на ум овој совет кога разговараме со најблиските. Во спротивно, би можеле да ги навредиме наместо да им помогнеме да нѐ слушаат.

КАКО МОЖЕМЕ ДА ИМ ПОМОГНЕМЕ НА НАЈБЛИСКИТЕ?

На членовите на семејството можеш да им дадеш најдобро сведоштво со своето однесување и со тоа што ќе покажеш разбирање за нивните чувства (Види во пасуси 6-8) *

6-7. Дај пример кој покажува зошто е важно Божјите слуги да покажуваат разбирање за нивните брачни другари кои не му служат на Јехова?

6 Покажи разбирање за нивните чувства. Паулина, која ја спомнавме претходно, вели: „На почетокот сакав да зборувам со маж ми само за Бог и за Библијата. Речиси никогаш не разговаравме за секојдневни работи“. Но Вејн, сопругот на Паулина, не знаел многу за Библијата и не можел да разбере за што му зборува таа. Му се чинело дека постојано мислела на својата религија. Се плашел дека е заведена од некоја опасна секта.

7 Паулина признава дека еден период поминувала многу време со браќата и сестрите — на состаноци, во служба на проповедање и на дружење. Таа вели: „Понекогаш, кога Вејн ќе се вратеше од работа, се чувствуваше осамено бидејќи немаше никој дома“. Сосема е разбирливо што Вејн сакал жена му и син му да поминуваат повеќе време со него. Тој не ги познавал новите пријатели на жена му, и му се чинело дека тие ѝ станале поважни од него. Поради тоа, Вејн ѝ се заканил на Паулина со развод. Што мислиш, на кои начини Паулина можела да покаже повеќе разбирање за својот сопруг?

8. Според 1. Петрово 3:1, 2, што може да остави најголем впечаток врз членовите на семејството?

8 Дај добро сведоштво со своето однесување. Честопати, нашите постапки оставаат поголем впечаток од нашите зборови. (Прочитај 1. Петрово 3:1, 2.) Паулина со текот на времето го сфатила овој факт. Таа вели: „Знаев дека Вејн многу нѐ сака и дека, всушност, нема намера да се разведе од мене. Но неговата закана ме натера да сфатам дека мора да почнам да ги правам работите онака како што сака Јехова. Наместо само да зборувам, требаше да дадам добар пример со моето однесување“. Паулина повеќе не го терала Вејн да зборуваат за Библијата, и почнале да разговараат за секојдневни работи. Вејн видел дека таа станала помирољубива и дека нивниот син станал пољубезен и попослушен (Изр. 31:18, 27, 28). Кога Вејн забележал колку добро влијаат поуките од Библијата врз неговото семејство, бил поспремен да дознае повеќе за пораката од Божјата Реч (1. Кор. 7:12-14, 16).

9. Зошто не треба да престанеме да им помагаме на најблиските?

9 Не престанувај да им помагаш на најблиските да ја прифатат вистината. Јехова ни дава добар пример за тоа. Тој постојано им дава на луѓето можност да ја прифатат добрата вест и да добијат вечен живот (2. Лет. 36:15). И апостол Павле го поттикнал Тимотеј истрајно да им помага на другите. Зошто? Бидејќи на тој начин ќе се спасел и себеси и оние што го слушале (1. Тим. 4:16). Ние ги сакаме членовите на семејството, и затоа би сакале да ја дознаат вистината од Божјата Реч. Зборовите и постапките на Паулина со текот на времето имале добро влијание врз нејзиното семејство. Таа сега се радува што му служи на Јехова заедно со својот маж — двајцата се пионери, а Вејн служи и како старешина.

10. Зошто треба да бидеме стрпливи?

10 Биди стрплив. Кога сме решиле да му бидеме послушни на Бог, сме направиле промени во нашиот живот и во нашите верувања. На членовите на нашето семејство може да им биде тешко да ги прифатат тие промени. Честопати, првата работа што ја забележуваат е дека повеќе не славиме празници и не учествуваме во политички активности. Во почетокот, некои роднини можеби ни се лутат (Мат. 10:35, 36). Но не треба да кренеме раце од нив. Ако престанеме да им помагаме да ги разберат нашите верувања, со тоа, всушност, сме ги осудиле како недостојни да добијат вечен живот. Јехова не ни дал задача да судиме — таа одговорност му ја доверил на Исус (Јован 5:22). Ако сме стрпливи, некои од најблиските можеби со текот на времето ќе бидат поспремни да ја слушаат добрата вест. (Види ја рамката „ Користи ја нашата интернет-страница за да сведочиш“.)

11-13. Што учиш од начинот на кој Алиса постапувала со своите родители?

11 Биди цврст но тактичен (Изр. 15:2). Да го разгледаме примерот на Алиса. Таа дознала за Јехова додека живеела далеку од своите родители кои не верувале во Бог и биле активно вклучени во политика. Алиса сфатила дека треба што е можно поскоро да им каже за убавите работи што ги учи. Таа вели: „Колку повеќе одложуваш да им кажеш на другите за своите нови верувања, толку повознемирени ќе бидат поради тоа“. Алиса се обидувала да најде теми кои би ги интересирале нејзините родители. Потоа им пишувала писма во кои им кажувала што вели Библијата за некоја од тие теми како, на пример, за љубовта, и ги прашувала што мислат во врска со тоа (1. Кор. 13:1-13). Им кажувала дека е благодарна за тоа што убаво ја воспитале и што се грижеле за неа. Исто така, им испраќала подароци. Кога ги посетувала, правела сѐ што можела за да ѝ помогне на мајка ѝ околу домашните обврски. Сепак, во почетокот родителите на Алиса не биле многу среќни кога таа им кажала за своите нови верувања.

12 Кога била дома со родителите, Алиса се држела за својот распоред за читање на Библијата. Таа вели: „Ова ѝ помогна на мајка ми да разбере колку ми е важна Библијата“. Во меѓувреме, татко ѝ одлучил да дознае нешто повеќе за Божјата Реч за да разбере зошто ќерка му ги сменила своите верувања. Исто така, сакал да најде грешки во Библијата. Алиса вели: „Му дадов Библија во која му напишав една убава порака“. Каков бил резултатот? Татко ѝ на Алиса не нашол грешки во Божјата Реч туку, напротив, бил длабоко трогнат од она што го прочитал во неа.

13 Треба да бидеме цврсти но тактични, дури и кога се соочуваме со испити на верата (1. Кор. 4:12б). На пример, Алиса се соочила со противење од мајка ѝ. Таа вели: „Кога се крстив, мајка ми ми рече дека не ја сакам“. Како реагирала Алиса? „Не избегнував да зборувам за моите нови верувања, туку со почит објаснив дека одлучив да бидам Јеховин сведок и дека ќе останам на својата одлука. Се обидов да ја уверам мајка ми дека многу ја сакам. И двете се расплакавме, а јас потоа ѝ зготвив убаво јадење. Оттогаш мајка ми почна да сфаќа дека Библијата ми помага да бидам подобра личност“.

14. Зошто никогаш не треба да попуштиме на притисокот да престанеме да му служиме на Јехова?

14 Можеби на некои од твоето семејство ќе им треба време за потполно да сфатат колку ни е важно да му служиме на Јехова. На пример, кога Алиса решила да служи како пионер наместо да се посвети на кариерата што ѝ ја избрале нејзините родители, мајка ѝ повторно се расплакала. Но Алиса останала цврста. Таа вели: „Ако дозволиш да те убедат да смениш некоја одлука, членовите на семејството веројатно ќе се обидат да влијаат и врз други твои одлуки. Но ако си љубезен, а сепак цврст, некои од нив можеби ќе бидат поспремни да те слушаат кога им сведочиш“. Токму тоа ѝ се случило на Алиса. Сега нејзините родители се пионери, а татко ѝ служи и како старешина.

КАКО МОЖАТ ДА ПОМОГНАТ ДРУГИТЕ ВО СОБРАНИЕТО

Како може собранието да им помогне на нашите најблиски кои не се Сведоци? (Види во пасуси 15-16) *

15. Според Матеј 5:14-16 и 1. Петрово 2:12, како можеме со нашите добри дела да им помогнеме на најблиските?

15 Јехова ги привлекува луѓето кон себе со помош на добрите дела кои ги прават неговите слуги. (Прочитај Матеј 5:14-16; 1. Петрово 2:12.) Ако твојот брачен другар не е Јеховин сведок, дали веќе си го запознал со некого од твоето собрание? Паулина, која ја спомнавме претходно, канела браќа и сестри на гости за да може нејзиниот маж Вејн подобро да ги запознае. Тој се сеќава како еден брат му помогнал да сфати какви навистина се Јеховините сведоци. Вејн вели: „Братот зеде слободен ден од работа само за да гледаме спортски натпревар. Тогаш си помислив: ’Па овој бил нормален!‘“

16. Зошто треба да ги каниме членовите на семејството да дојдат на нашите состаноци?

16 Еден многу добар начин да им помогнеме на најблиските е да ги поканиме да дојдат со нас на собраниски состанок (1. Кор. 14:24, 25). Првиот состанок на кој присуствувал Вејн бил Спомен-свеченоста бидејќи се одржувал навечер и програмата била релативно кратка. Тој вели: „Не разбрав многу работи од говорот, но бев воодушевен од луѓето. Тие ми приоѓаа, срдечно се ракуваа со мене и ми изразуваа добредојде. Можев да видам дека се добри луѓе“. Еден брачен пар, Филип и Симона, особено ѝ помагале на Паулина така што се грижеле околу нејзиниот син за време на состаноците и кога оделе во служба на проповедање. Затоа, кога одлучил да дознае нешто повеќе за верувањата на Паулина, Вејн го замолил Филип да ја проучува Библијата со него.

17. а) За што не треба да се обвинуваме? б) Од која причина не треба да престанеме да им помагаме на најблиските?

17 Се надеваме дека сите членови на нашето семејство ќе ја прифатат вистината за Јехова и ќе почнат да му служат заедно со нас. Но, и покрај сите обиди да им помогнеме на најблиските да станат Божји слуги, тие можеби нема го сторат тоа. Во тој случај, не треба да се обвинуваме себеси за нивната одлука. Всушност, не можеме да присилиме никого да ги прифати нашите верувања. Сепак, кога членовите на твоето семејство ќе видат колку си среќен затоа што му служиш на Јехова, тоа можеби позитивно ќе влијае врз нив. Моли се за нив. Тактично разговарај со нив. Не престанувај да им помагаш! (Дела 20:20). Биди уверен дека Јехова ќе го благослови твојот труд. И, ако твоите најблиски одлучат да те слушаат, ќе бидат спасени!

ПЕСНА 57 Да проповедаме на најразлични луѓе

^ пас. 5 Ние сакаме членовите на нашето семејство да го запознаат Јехова и да почнат да му служат, но тие самите мора да одлучат дали ќе го сторат тоа. Во оваа статија ќе видиме што можеме да направиме за да им олесниме на нашите најблиски да нѐ слушаат кога им зборуваме за библиската вистина.

^ пас. 1 Некои имиња се сменети. Иако во оваа статија се зборува за членови на семејството кои сѐ уште не му служат на Јехова, истите начела важат и за нашите роднини.

^ пас. 53 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден млад брат му помага на својот татко, кој не е Сведок, да ја поправи колата. Во соодветно време му покажува видеоклип од jw.org®.

^ пас. 55 ОПИС НА СЛИКИТЕ: Една сестра внимателно слуша додека нејзиниот маж, кој не е Сведок, зборува за својот напорен ден. Подоцна таа ужива во рекреација со семејството.

^ пас. 57 ОПИС НА СЛИКИТЕ: Сестрата поканила на гости некои браќа и сестри од собранието. Тие се трудат подобро да го запознаат нејзиниот маж. По некое време, маж ѝ присуствува на Спомен-свеченоста заедно со неа.