Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 33

Воскресението — доказ за Божјата љубов, мудрост и стрпливост

Воскресението — доказ за Божјата љубов, мудрост и стрпливост

Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните (ДЕЛА 24:15)

ПЕСНА 151 Јехова ќе ги повика

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Зошто Јехова го создал животот?

ПРЕД да почне да создава, Јехова бил сам. Но, тој не бил осамен. Не му бил потребен никој за да биде среќен. Сепак, Бог сакал и други да му се радуваат на животот. Поттикнат од љубов, тој почнал да создава (Пс. 36:9; 1. Јов. 4:19).

2. Како се чувствувале Исус и ангелите кога гледале како Јехова ги создава сите други творби?

2 Најпрво Бог го создал својот Син, Исус. Потоа, заедно со него, Јехова ги создал сите други творби, во кои спаѓаат и милиони духовни суштества, односно ангели (Кол. 1:16). Исус многу се радувал што можел да соработува со својот Татко (Изр. 8:30). И сите други Божји синови имале причина да се радуваат. Тие со свои очи гледале како Јехова и неговиот Вешт Градител ги создавале небото и Земјата. Како влијаело ова врз нив? Библијата вели: „Сите Божји синови воскликнуваа од радост“ (Јов 38:7) Без сомнение, тие продолжиле воодушевено да воскликнуваат на секоја нова творба што ја создавал Јехова, вклучувајќи го и неговото последно ремек-дело — човекот (Изр. 8:31). Сите овие созданија биле доказ за Јеховината љубов и мудрост (Пс. 104:24; Рим. 1:20).

3. Според 1. Коринќаните 15:21, 22, каква можност има секој човек благодарение на откупната жртва на Исус?

3 Јехова имал намера луѓето да живеат вечно на прекрасната планета која ја создал за нив. Но, кога Адам и Ева се побуниле против својот грижлив Татко, и тие и сите нивни идни потомци паднале во ропството на гревот и смртта (Рим. 5:12). Што направил Јехова? Тој веднаш кажал како ќе го спаси човечкиот род (1. Мој. 3:15). Јехова одлучил да обезбеди откупнина преку која потомците на Адам и Ева ќе можат да бидат ослободени од гревот и смртта. Со тоа му дал можност на секој човек да избере да му служи и да добие вечен живот (Јован 3:16; Рим. 6:23; прочитај 1. Коринќаните 15:21, 22).

4. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

4 Ветувањето за воскресение кое го дал Бог покренува многу прашања. На пример, како ќе се одвива тоа? Ќе можеме ли да ги препознаеме нашите најмили кога ќе бидат вратени во живот? Зошто воскресението ќе биде извор на радост? И што можеме да научиме за Јеховината љубов, мудрост и стрпливост ако размислуваме за воскресението? Да ги разгледаме овие прашања.

КАКО НАЈВЕРОЈАТНО ЌЕ СЕ ОДВИВА ВОСКРЕСЕНИЕТО?

5. Зошто може да очекуваме дека луѓето ќе воскреснуваат постепено и на организиран начин?

5 Кога Јехова преку својот Син ќе почне да воскреснува милиони луѓе, разумно е да заклучиме дека нема сите да бидат вратени во живот во исто време. Зошто? Затоа што, ако наеднаш се зголеми бројот на луѓе на Земјата, веројатно би дошло до хаос. А Јехова секогаш ги прави работите на организиран и уреден начин. Тој знае дека, за да има траен мир, мора да има ред (1. Кор. 14:33). Јехова Бог покажал мудрост и стрпливост кога заедно со Исус постепено ја подготвувал Земјата за да можат луѓето да живеат на неа. На сличен начин, Исус ќе ги покаже истите особини во текот на своето илјадагодишно владеење. Тој ќе соработува заедно со Божјите слуги што ќе го преживеат Армагедон за да ги подготват сите потребни работи за оние што ќе бидат воскреснати на Земјата.

Оние што ќе го преживеат Армагедон, ќе ги поучуваат воскреснатите за Божјето Царство и за Јеховините барања (Види во пасус 6) *

6. Според Дела 24:15, кои ќе бидат меѓу оние што ќе ги воскресне Јехова?

6 Најважно од сѐ, оние што ќе го преживеат Армагедон ќе треба да ги поучуваат воскреснатите за Божјето Царство и за Јеховините барања. Зошто? Затоа што повеќето од оние што ќе бидат вратени во живот спаѓаат во „неправедните“. (Прочитај Дела 24:15.) Тие ќе мора да направат многу промени за да извлечат корист од Христовата откупна жртва и да живеат засекогаш. Замисли колку голем труд ќе биде потребен за да се поучат милиони луѓе кои не знаат ништо за Јехова! Дали ќе го поучуваме секој од нив поединечно, слично како што денес ја проучуваме Библијата со заинтересираните? Дали оние што ќе воскреснат ќе бидат дел од собранија, и дали ќе бидат обучени како да ги поучуваат другите што ќе воскреснат по нив? Ќе мора да чекаме и да видиме. Сепак, знаеме дека до крајот на Христовото илјадагодишно владење „земјата ќе биде полна со знаење за Јехова“ (Иса. 11:9). Иако во текот на тие илјада години нѐ чека многу работа, сѐ што ќе правиме ќе ни биде извор на неизмерна радост!

7. Зошто Божјите слуги сочувствително ќе ги поучуваат воскреснатите?

7 Во текот на Христовото илјадагодишно владеење, како слуги на Јехова, сите ние ќе мора и понатаму да правиме промени за да го радуваме. Затоа, ќе имаме разбирање за воскреснатите и сочувствително ќе им помагаме да се борат со своите грешни склоности и да живеат според Јеховините мерила (1. Пет. 3:8). Кога ќе видат дека Божјите слуги се понизни и дека и самите се трудат да работат „на своето спасение“, воскреснатите ќе сакаат да го слават Јехова заедно со нив (Фил. 2:12).

ЌЕ МОЖЕМЕ ЛИ ДА ГИ ПРЕПОЗНАЕМЕ ОНИЕ ШТО ЌЕ ВОСКРЕСНАТ?

8. Зошто може да заклучиме дека оние што ќе ги пречекаат воскреснатите ќе можат да ги препознаат своите најмили?

8 Има неколку причини поради кои може да заклучиме дека оние што ќе ги пречекаат воскреснатите ќе можат да ги препознаат своите најмили. На пример, ако ги земеме предвид воскресенијата кои се спомнати во Библијата, се чини дека Јехова ќе ги воскресне луѓето такви какви што биле кратко пред да умрат. Тие ќе изгледаат исто, и ќе зборуваат и ќе размислуваат на ист начин. Сети се дека Исус ја споредил смртта со спиење, а воскресението со будење од сон (Мат. 9:18, 24; Јован 11:11-13). Кога некој ќе стане од спиење, тој изгледа и зборува исто како пред тоа, и не го губи памтењето. Размисли за примерот на Лазар. Бидејќи бил мртов четири дена, неговото тело почнало да се распаѓа. Сепак, кога Исус го воскреснал, неговите сестри веднаш го познале, а очигледно и Лазар се сеќавал на нив (Јован 11:38-44; 12:1, 2).

9. Зошто воскреснатите нема веднаш да бидат совршени?

9 Јехова ветува дека никој од оние што ќе живее во рајот над кој ќе владее Христос нема да каже: „Болен сум“ (Иса. 33:24; Рим. 6:7). Според тоа, оние што ќе се вратат во живот ќе имаат здраво тело. Сепак, нема веднаш да бидат совршени. Во спротивно, нивното семејство и нивните пријатели можеби нема да ги препознаат. Изгледа дека сите луѓе постепено ќе напредуваат кон совршенство во текот на Христовото илјадагодишно владеење. Дури на крајот на тие илјада години, Исус ќе му го предаде Царството на својот Татко. Дотогаш, тоа во потполност ќе ја изврши својата задача, што значи и дека ќе ги доведе луѓето до совршенство (1. Кор. 15:24-28; Отк. 20:1-3).

ЗОШТО ВОСКРЕСЕНИЕТО ЌЕ БИДЕ ИЗВОР НА РАДОСТ?

10. Како ќе се чувствуваш кога ќе започне воскресението?

10 Замисли си како ќе се чувствуваш кога ќе ги пречекаш своите најмили. Дали ќе скокаш од радост или, пак, можеби ќе плачеш од радост? Дали ќе бидеш толку среќен што ќе му пееш фалби на Јехова? Едно е сигурно — срцето ќе ти се прелева од љубов кон твојот грижлив Татко и кон неговиот сакан Син затоа што овозможиле да има воскресение. Тоа навистина е несебичен и прекрасен дар!

11. Според зборовите на Исус запишани во Јован 5:28, 29, што ќе се случи со оние кои ќе живеат во склад со Божјите праведни мерила?

11 И воскреснатите сигурно ќе бидат многу радосни кога ќе почнат да ги прават потребните промени и да живеат според Божјите праведни мерила. Оние што ќе го сторат тоа ќе имаат можност да живеат засекогаш. Но, на оние што ќе се побунат против Бог нема да им биде дозволено да го нарушат мирот во рајот (Иса. 65:20; прочитај Јован 5:28, 29).

12. Во кој поглед Јехова ќе ги благослови сите што ќе живеат на Земјата?

12 Под власта на Царството, сите Божји слуги ќе се уверат во вистинитоста на она што го пишува во Изреки 10:22: „Благословот од Јехова збогатува, и Бог не задава никаква болка притоа“. Со помош на Божјиот свет дух, тие ќе се збогатуваат во духовен поглед, односно ќе стануваат сѐ послични на Христос и ќе напредуваат кон совршенство (Јован 13:15-17; Еф. 4:23, 24). Секој ден ќе имаат сѐ поголема сила, и ќе стануваат подобри личности. Тогаш животот навистина ќе биде прекрасен! (Јов 33:25). Но, како тоа што ќе размислуваш за воскресението може да ти користи уште денес?

БИДИ БЛАГОДАРЕН ЗА ЈЕХОВИНАТА ЉУБОВ

13. Во склад со Псалм 139:1-4, како воскресението ќе покаже дека Јехова многу добро го познава секого од нас?

13 Како што веќе видовме, кога ќе ги воскресне луѓето, Јехова ќе им го врати сеќавањето и истите карактерни црти што ги имале пред да починат. Замисли што значи тоа. Јехова толку многу те сака што ги забележува и ги памти сите твои мисли, чувства, зборови и постапки. Според тоа, ако треба да те воскресне, ќе може лесно да ти ги врати спомените, ставовите и карактерните црти. Цар Давид бил свесен дека Јехова многу добро го познава секој човек. (Прочитај Псалм 139:1-4.) Како влијае врз нас тоа што знаеме дека Јехова добро нѐ познава?

14. Како треба да влијае врз нас тоа што знаеме дека Јехова многу добро нѐ познава?

14 Не треба да нѐ загрижува тоа што знаеме дека Јехова толку добро нѐ познава. Зошто? Не заборавај дека тој многу нѐ сака. Секој од нас е посебен и скапоцен во негови очи. Тој памти сѐ што сме доживеале во животот и знае зошто сме такви какви што сме. Колку утешно! Никогаш не треба да мислиме дека сме сами. Јехова е покрај нас секој ден, секој миг, и прави сѐ за да ни помага (2. Лет. 16:9).

БИДИ БЛАГОДАРЕН ЗА ЈЕХОВИНАТА МУДРОСТ

15. Како воскресението покажува дека Јехова е мудар?

15 Стравот од смртта е моќно оружје. Оние што се под власта на Сатана го користат таквиот страв за да ги присилат луѓето да ги предадат своите пријатели или да се одречат од своите уверувања. Но, ова оружје е немоќно против нас. Ние знаеме дека, ако нашите непријатели нѐ убијат, Јехова ќе нѐ врати во живот (Отк. 2:10). Уверени сме дека никој и ништо нѐ може да нѐ одвои од него (Рим. 8:35-39). Каква извонредна мудрост покажал Јехова со тоа што ни дал надеж за воскресение! Така го разоружал Сатана, одземајќи му едно од најмоќните оружја, а нас нѐ вооружил со огромна храброст.

Дали со своите одлуки покажуваме доверба дека Јехова ќе се грижи за нашите материјални потреби? (Види во пасус 16) *

16. Кои прашања е добро да си ги поставиме, и како одговорот ќе ти помогне да сфатиш колкава доверба имаш во Јехова?

16 Ако оние што го мразат Јехова ти се заканат дека ќе те убијат, ќе имаш ли доверба дека тој ќе те воскресне? Од каде можеш да знаеш дали ќе имаш таква доверба во тој момент? Прашај се: „Дали со секојдневните одлуки уште сега покажувам дека имам доверба во Јехова?“ (Лука 16:10). „Дали со мојот начин на живот покажувам дека сум цврсто уверен во неговото ветување дека ќе се грижи за моите материјални потреби ако го ставам Царството на прво место?“ (Мат. 6:31-33). Ако можеш да одговориш потврдно на овие прашања, тогаш покажуваш дека имаш доверба во Јехова, и ќе можеш да ја пребродиш која и да било неволја на која ќе наидеш (Изр. 3:5, 6).

БИДИ БЛАГОДАРЕН ЗА ЈЕХОВИНАТА СТРПЛИВОСТ

17. а) Како воскресението покажува дека Јехова е стрплив? б) Како може да покажеме дека сме благодарни за Јеховината стрпливост?

17 Јехова веќе го одредил денот и часот кога ќе му стави крај на овој стар свет (Мат. 24:36). Тој нема да изгуби трпение и да дејствува пред да дојде тоа време. Иако копнее да ги воскресне мртвите, Бог е стрплив (Јов 14:14, 15). Тој чека да дојде вистинското време за да ги врати во живот (Јован 5:28). Имаме добри причини да бидеме благодарни за неговата стрпливост. Размисли за следново: Бидејќи Јехова е стрплив, многу луѓе — во кои спаѓаме и ние — имале време „да дојдат до покајание“ (2. Пет. 3:9). Јехова сака да им даде прилика на што е можно повеќе луѓе да живеат вечно. Затоа, да покажеме дека сме благодарни за неговата стрпливост. Како? Така што ќе даваме сѐ од себе за да ги најдеме оние што гледаат исправно на вечниот живот, и да им помогнеме да го засакаат Јехова и да му служат (Дела 13:48). На тој начин, и тие ќе извлечат корист од Јеховината стрпливост.

18. Зошто треба да бидеме стрпливи со другите?

18 Јехова стрпливо ќе чека да поминат илјада години за да станеме совршени. Сѐ дотогаш, тој е спремен да ни простува кога ќе згрешиме. Затоа и ние треба да го бараме доброто кај другите и да бидеме стрпливи со нив. Да го разгледаме примерот на една сестра, чиј сопруг почнал да добива напади на паника и престанал да оди на состаноци. Таа вели: „Ми беше многу тешко. Животот наеднаш ни се смени од корен, и повеќе не можевме да ги оствариме нашите планови за иднината“. Сепак, за сето тоа време, оваа сестра стрпливо се грижела за својот маж. Се потпирала на Јехова, и никогаш не се откажала. Слично на Бог, таа не мислела само на проблемот, туку се трудела да ги гледа убавите работи кај својот сопруг. Оваа сестра вели: „Маж ми има прекрасни особини и прави сѐ што може за постепено да закрепне“. Многу е важно да бидеме стрпливи со нашите најблиски, како и со нашите соверници кои се трудат да се справат со големи тешкотии.

19. На што треба да бидеме решени?

19 Исус и ангелите многу се радувале кога била создадена Земјата. Но, замисли колку ќе бидат среќни кога целата планета ќе биде полна со совршени луѓе кои го сакаат Јехова и му служат. Замисли и колку ќе се радуваат оние што се откупени од Земјата за да владеат со Христос од небото кога ќе видат колкава корист ќе имаат луѓето од сето она што тие го направиле за нив (Отк. 4:4, 9-11; 5:9, 10). И замисли каков ќе биде животот кога солзите радосници ќе ги заменат солзите што денес се предизвикани од болка, и кога болестите, тагата и смртта ќе ги снема засекогаш (Отк. 21:4). Дотогаш, биди решен да го следиш примерот на нашиот мудар и стрплив Татко кој многу нѐ сака. Така ќе можеш да останеш радосен сеедно со какви маки се соочуваш (Јак. 1:2-4). Навистина сме многу благодарни што Јехова ветил дека „ќе ги воскресне и праведните и неправедните“! (Дела 24:15).

ПЕСНА 141 Животот — чудесен Божји дар

^ пас. 5 Јехова е мудар и стрплив Татко, кој е полн со љубов. Овие негови особини се гледаат од начинот на кој ги создал сите свои творби, како и од неговото ветување за воскресение. Во оваа статија ќе разгледаме некои прашања во врска со воскресението, и ќе видеме како може да покажеме благодарност за Јеховината љубов, мудрост и стрпливост.

^ пас. 59 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден Индијанец, кој умрел пред неколку стотици години, е воскреснат во текот на Христовото илјадагодишно владеење. Еден брат кој го преживеал Армагедон со задоволство го поучува овој воскреснат човек за тоа како може да извлече корист од откупната жртва на Христос.

^ пас. 61 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат му кажува на работодавачот дека неколку дена во седмицата нема да може да работи прекувремено. Му објаснува дека тие вечери ги одвојува за христијански активности. Но, спремен е да работи прекувремено ако понекогаш има итна потреба.